fbpx

Македонски државјанства на „распродажба“

Македонија најверојатно е единствената земја во светот што ќе доделува државјанства на лица кои пред повеќе од дваесет години „стапнале“ на нејзина територија, а истовремено го ограничува правото македонски државјани да станат лица коишто со години живеат тука.

На крајот на јули, пратениците го изгласаа новиот закон за државјанство со кој се нудат бројни поволности за да станете државјанин на Македонија во следните три години.

Услови утврдени во измените на Законот за државјанство на Република Македонија

ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ Член 7

Во рок од три години од денот на влегувањето во сила на овој закон на државјанин на друга република на поранешната СФРЈ и државјанин на поранешна СФРЈ кои до 8 септември 1991 година, односно до времето на прогласување на независноста на Република Македонија живееле на територијата на Република Македонија, се стекнува со државјанство на Република Северна Македонија по сила на овој закон, доколку поднесат барање до надлежен орган и кон барањето приложат најмалку еден од следниве документи во оригинал или копија заверена на нотар издаден од орган или правен субјект во Република Македонија во периодот утврден во овој став и тоа:

  1. извод од матичната книга на родени;
  2. доказ за завршено учебна година (свидетелство, уверение или диплома);
  3. доказ за заснован работен однос со М1 / М2 образец;
  4. работничка книшка;
  5. доказ за платен данок согласно законските регулативи кои во тој период важеле во Република Македонија,односно доказ за платен: - данок од личен доход на работниците; - данок од личен доход од вршење земјоделска дејност; -данок од личен доход од самостојно вршење на стопанска и професионална дејност; -данок од надоместок од авторски права, патенти и технички унапредувања; -данок на приходи од имот и имотни права; - данок на имот и - данок на наследство и подарок;
  6. одлуката на даночниот обврзник од страна на Управата за јавни приходи;
  7. доказ за платена сметка за следниве услуги: - електрична енергија, - греење, - вода, -телефонски услуги;
  8. патна исправа (пасош) издадена од поранешната СФРЈ или РМ;
  9. лична карта издадена од поранешната СФРЈ или РМ;
  10. лична карта за странци;
  11. здравствена книшка;
  12. извештај, потврда, отпусно писмо или друг документ со кој се докажува извршено лекување во јавни здравствени установи во Република Македонија;
  13. поседовен или имотен лист на име на барателот;
  14. штедна книшка за депонирање на заштеди во банка (правно лице) основана од Република Македонија согласно закон;
  15. други докази издадени од надлежни државни
  16. сведителствата кои се издадени од 1991 до 1998 година за лицата родени од 1984 година до 1991 година.
 

Доколку исполнувате еден од овие 16 услови, тогаш вие сте потенцијален добитник на македонско државјанство. Предлагачите велат дека со измените на законот треба да се реши статусот на луѓето од поранешните југословенски републики кои до денот на прогласување на независноста живееле во земјава. Тие ќе треба да добијат државјанство во рок од три години по стапувањето во сила на законот. Според нивните проценки, станува збор за околу 1.000 лица.

Според професорот по административно право и јавната администрација, Борче Давитковски  овој закон претставува распродажба на државниот авторитет. Тој учествувал во пишувањето на првиот закон за државјанство во 1992 година. Смета дека за 1.000 луѓе не смее да се менува закон, особено доколку актуелната легислатива дава можност за решавање на статусот на овие лица. За него овие 16 точки претставуваат нестандардни услови со кои ги напуштаме сите конвенции.

Borche Davitkovski„Ако се работи за жители на Македонија кои потекнуваат од СФРЈ, тогаш и во првиот закон од 1992 и во вториот, мислам 1998 година, секаде во преодни и завршни одредби се овозможува на многу лесен начин тие поранешни жители, државјани на поранешните југословенски републики и покраини, под олеснителни услови можеа да се стекнат со македонско државјанство. Прво беше за 500 долари, а потоа го сведоа да се добие за 50 долари. Значи решението го имавме и го имаме! Ако се кажува сега да се поднесат до 1991 година услови, лекарско уверение, дали учел школо во Македонија, тоа значи дека 30 години се поминати, тој човек ако бил дете сега веќе е возрасен човек, ако бил возрасен човек тој веќе е за пензија. Едноставно се поставува прашање зошто одиме на ваков начин да бидеме уникатни во светот?“, вели Давитковски.

Упатува на дефиницијата за државјанство, дека преку државјанството се врши утврдување на субјективитетот на физичките лица, при што физичкото лице може да биде страна во граѓанско-правните односи. Согласно со македонското право, државјанството ја претставува правната врска меѓу лицата и државата, без притоа да го означи етничкото потекло на лицата.

„Државјанството е посебен правен однос меѓу државата и странецот, оној кој што сака да има ваков документ. Тоа е право на државата дали некого ќе го прими. И тој кога ќе се стекне со државјанство тој ги има сите права на домашен граѓанин“, вели професорот.

Кои беа условите за добивање државјанство по осамостојувањето?

Првото законско решение за државјанство кај нас е донесено 1992 година.  Во него стои дека државјаните од СФРЈ кои пријавиле живеалиште во Македонија, можат да побараат државјанство доколку престојувале на територијата најмалку 15 години.

Makedonski drzavjanstva na rasprodazba 2

Извор: Службен весник на РМ бр. 67 од 1992г.

„Државјаните на другите републики во поранешната СФРЈ и државјаните на поранешна СФРЈ кои имаат пријавено живеалиште на територијата на Република Македонија, можат да стекнат државјанство на Република Македонија ако во рок од една година по влегувањето во сила на овој закон поднесат барање, доколку имаат постојан извор на средства, се полнолетни и до поднесувањето на барањето законски престојувале на територијата на Република Македонија, најмалку 15 години.“, се вели во првичниот закон. Новото законско решение не го бара овој услов.

Како другите земји го решиле проблемот по распаѓањето на СФРЈ?

По распаѓањето на СФРЈ, секоја земја направила посебни услови за граѓаните кои останале без државјанство да можат да го решат проблемот.
Србија Граѓанин на Република Србија, во смисла на овој закон, се смета и за државјанин на СФРЈ кој на 27 февруари 2005 година има државјанство на друга република на поранешна СФРЈ, односно државјанство на друга држава формирана на територијата на поранешна СФРЈ и регистриран престој во Република Србија најмалку девет години.
Црна Гора  Граѓанин на Република поранешна СФРЈ, кој регистрирал престој во Црна Гора пред 3 јуни 2006 година, може да добие црногорско државјанство со прием, доколку: 1) нема државјанство на друга држава или ако е ослободен од државјанството на друга држава; 2) престојува непрекинато 10 години во Црна Гора, има обезбедено сместување и приходи, го познава црногорскиот јазик, не е закана за безбедноста на земјата
Словенија 

Лицето кое, на 23.12.1990 година, имало регистрирано постојано живеалиште во Република Словенија, или живее постојано во Словенија од тој датум, ќе се смета за државјанин на Република Словенија, под услов да стекнал државјанство на која било друга република на поранешната СФРЈ до 21.12.1950 година.

Извори: https://www.paragraf.rs/propisi/zakon_o_drzavljanstvu_republike_srbije.html; https://www.paragraf.me/propisi-crnegore/zakon-o-crnogorskom-drzavljanstvu.html; https://www.legislationline.org/download/id/6579/file/Slovenia_Citizenship_Act_1991_am2002_eng.pdf

Искуства од регионот, од Европа и од светот

Во секоја држава, правилата за натурализација или преродување се строго дефинирани, бидејќи со стекнување на државјанство, лицето ги добива сите права како и останатите граѓани на таа земја. Речиси во сите земји има 7-8 услови од кои најважен е престојот, како и познавање на јазикот на таа земја.

На пример во САД бараат познавање на американската историја. Тие автоматски доделуваат државјанство на лицата кои ќе се родат на нивна територија, без да треба да исполнуваат други услови. Ваков е примерот кај уште 29 земји во светот кои доделуваат автоматски државјанство на сите кои ќе се родат на нивната територија. Тоа се: Антигва и Барбуда, Аргентина, Барбадос, Белизе, Бразил, Канада, Чад, Чиле, Куба, Доминиканска Република, Еквадор, Ел Салвадор, Фиџи, Гренада, Гватемала, Гвајана, Хондурас, Јамајка, Лесото, Мексико, Пакистан, Панама, Парагвај, Перу, Свети Кристофер и Невис, Света Луција, Свети Винсент и Гренадини, Уругвај и Венецуела.

 Makedonski drzavjanstva na rasprodazba 3

Извор: Deutsche Welle

Сепак, кај овие земји тоа е условено со исполнување на дополнителни критериуми како на пример, едниот родител мора да биде државјанин на земјата или со дозволен престој. Земји како Австралија, Колумбија и Ирска доделуваат условено државјанство според раѓање.

Поинаку е на пример во Германија и Кина, кои го следат принципот на потекло, латински – jus sanguinis.

Германско државјанство не се стекнува врз основа на раѓање на германска територија, туку врз основа на потеклото на родителите. Во 2000 година, Германија малку го олесни доделувањето на државјанство. Сега, децата на родители странци во Германија може да побараат државјанство според раѓање ако барем едниот родител имал најмалку три години постојан престој и во Германија живеел најмалку осум години.

На територијата на Европската Унија ситуацијата во прилична мерка се разликува од земја до земја.

Makedonski drzavjanstva na rasprodazba 5 Pariz

Наместо правилото за државјанство по раѓање, Франција во 1993 година одлучи да направи промена и секој полнолетен граѓанин на 18 години поднесува барање за француско државјанство. Извор: freepik.com

Многу земји имаат направено промена на нивните закони со цел да се усложни патот до добивање на државјанство. Пример за тоа е Франција, каде до 1993 година важеше правилото за државјанство по раѓање. Сега децата мора да поднесат барање за француско државјанство кога ќе наполнат 18 години, наместо како претходно тоа да го добиваат по раѓање како што беше порано.

Picture of city of London

Во 1983 година Велика Британија одлучи да направи промени во критериумите за доделување државјанство, сега се бара најмалку едниот родител да има легален престој во земјата. Извор: freepik.com

Велика Британија во 1983 година ги промени критериумите за доделување државјанство, со кои сега се бара најмалку едниот родител да има легален престој во земјата. Индија и Малта пак целосно го укинаат доделувањето на државјанство по раѓање.

Професорот Борче Давитковски вели дека ова се стандардни услови кои се дел од различни конвенции. Смета дека промената на законското решение за добивање државјанство кај нас е спротивна на сите меѓународни конвенции.

„Мислам дека прво не требаше да биде со европско знаменце бидејќи од Европа нема ништо. Доколку добиеме датум за преговори, една од забелешките што прво Европа ќе ни ги даде е да го измениме законот и да ги земеме европските и светските стандарди, односно стандардите на ОН и на ЕУ, конвенциите да бидат имплементирани во законот. Тие веќе се имплементирани во постоечките закони што ги имаме. Ова што сега е ставено е за рипли, тоа никаде во светот, такви услови за исполнување, дури како продавање на коњи, три сведока, како што се продаваат коњи на ад пазар што се вели. Тоа не може да биде!“, вели професорот Давитковски.

Брза постапка без јавна расправа

Од Здружението на млади правници уште пред донесување на законот алармираа дека содржината ги испушта најранливите категории-лицата без државјанство кои се околу 1000 на број и кои и по 30 години ќе останат со нерешен статус. Побараа јавна расправа, но не добија никаков одговор од Собранието.

Zoran Drangovski

„Нашата организација работи со две категории на лица: лицата кои што се без државјанство и лицата кои што се во ризик од без државјанство. Имаме голем број на наши сограѓани кои што не биле запишани, нивните раѓања не биле запишани во матичната книга, и тие се околу 700 што биле пријавени на јавниот повик на државата и претпоставка е доколку овие луѓе добијат извод од матична книга на родени врз основа на нивното потекло и потеклото на нивните роднини тие ќе можат веднаш да добијат државјанство. Додека пак категоријата на лица кои што не се запишани, односно немаат македонско државјанство, а нивните родители имале државјанство на СФРЈ или на некоја од земјите кои што произлегоа од СФРЈ, според нашите неофицијални податоци тие се околу 300 лица кои што регулираат престој по основ на странци. Така што овие 300 лица треба да поминат шест години за тие да може да аплицираат за државјанство доколку ги исполнуваат сите претходно наведени услови“, вели Зоран Дранговски од Здружението за млади правници.

Тој се сомнева во намерите на предлагачите според кои донесувањето на измените на законот се за да им се помогне на сите кои немаат документи во државата.

„Доколку навистина целта е да се реши проблемот на бездржавјанство, ние бараме да се донесе законско решение со кое што сите лица кои што живеат на територија на Македонија денес, а немаат државјанство на ниту една земја, односно се апатриди, лица без државјанство, веднаш да добијат државјанство на Република Северна Македонија. Се друго што би било како законско решение, може да има други причини, други основи, меѓутоа не е основата за да се реши проблемот на бездржавјанството во Македонија“, завршува Дранговски.

  Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии. Новинарка: Катерина Топалова Снимател: Зоран Догов, Слаѓан Милошевски Монтажер: Борче Крстевски

Тагови: