fbpx

Мали хидроелектрани, огромни штети по природната средина

Речиси сите реки на Балканот, вклучувајќи ги и македонските се на удар на хидро-енергетското лоби кое по секоја цена сака да гради големи и мали хидроцентрали, дури и во заштитени подрачја прогласени за национални паркови и дом на голем број ендемски и загрозени видови животни и растенија. Станува збор за изградба на околу 3.000 хидроелектрични централи во земјите од поранешна Југославија, Албанија, Бугарија и Грција во наредните години, од кои 91 отсто се мали хидроелектрични централи кои имаат незначителен придонес кон вкупното производство на струја. Доколку се оствари овој план ќе има катастрофални последици по биодиверзитетот во овие подрачја кој е уникатен во Европа. Имено, во балканските реки живеат 69 видови риба кои ги нема на ниту едно друго место во светот, а дури 40 отсто од загрозените слатководни школки и полжави во Европа можат да се најдат во овие слатководни системи. Ова го покажува студијата „Еко-Мастерплан за Балканските реки“ подготвена од фондацијата „Еуронатур“ („Euronatur“) и невладината организација „Ривервоч“ („Riverwatch“)  во која предмет на научно истражување од аспект на биодиверзитетот и хидроморфологијата била мрежа на реките на Балканот во должина од 80.000 километри.

Речиси и да нема река на Балканот на која не е изградена или не се планира изградба на големи и мали хидроелектрични централи

Според резултатите од истражувањето, дури 61.000 километри или 76 отсто од реките на Балканот имаат огромна еколошка вредност и затоа не смее да се дозволи да бидат експлоатирани за производство на струја.

Сепак, на овие реки е планирана изградба на 630 средни или големи хидроелектрични централи со капацитет поголем од 1 мегават и околу 2.000 таканаречени мали хидроелектрични централи. Во нашата земја се планирани 400 вакви капацитети, исто колку и во Албанија и во Србија. Голем број од нив се лоцирани во заштитени национални паркови и предели кои се недопрено природно богатство од непроценливо значење.

Балканскиот полуостров е една од жешките точки за изградба на хидроенергетски капацитети

Под притисок да ги исполнат зацртаните цели од ЕУ за производство на енергија од обновливи извори, владите во земјите од поранешна Југославија, Бугарија, Албанија и Грција често излегуваат во пресрет на ова хидро-енергетско лоби и креираат стратегии, закони и механизми во корист на инвеститорите при тоа занемарувајќи ги негативните ефекти што ваквите проекти ги предизвикуваат по животната средина. Таков е примерот и со нашата земја каде што во стратегиите за развој на енергетиката и обновливите извори на енергија и студиите за мали хидроелектрични централи се поттикнува изградба на вакви капацитети.

Истовремено, тие во јавноста се претставуваат како капацитети за производство на еколошки чиста енергија што според „Еуронатур“ и „Ривервоч“ е ноторна лага бидејќи нивната изградба носи несогледливи последици по биодиверзитетот односно изчезнување на ендемски видови животни и растенија. Всушност станува збор за инвестиции од кои имаат полза само инвеститорите. Студиите покажуваат дека планираните хидроенергетски капацитети на Балканот лесно може да бидат заменети со други видови на извори за обновлива енергија како што се сончевите електрани и ветерниците, кои се еколошки најчисти и не предизвикуваат штета по природната средина. Станува збор за непотрошни ресурси со кои изобилува ова подрачје, но кои не се толку привлечни за инвеститорите бидејќи технологијата за нивното искористување сѐ уште е поскапа отколку онаа за искористување на хидропотенцијалот.

Краток анимиран приказ на Еко-Мастерпланот за Балканските реки Извор: Balкanrivers.net

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Владимир Николоски Насловна фотографија преземена од: commons.wikimedia.org

Тагови: