м-р Весна Попоска
Четирите предложени амандмани треба да им го оневозможат лускузот кој го имаа сите досегашни влади, на сите идни влади - спорот за името да им биде изговор за несовесно работење, корупција и системски пропусти.
Во екот на расправата за четирите уставни амандмани кои произлегоа од Преспанскиот договор, многу поважно e да се сублимираат реалните разлики што тие ги имплицираат отколку умот да се одржи буден како резултат на национал-шовинистичката врева која ја дигна главната опозициска партија и нејзината опозициска фракција. На крајот од денот сепак ќе излезе дека било – многу врева за ништо! Освен, се разбира, обид за спасување на сопствената кожа во име на националниот интерес на неколку политички „ветрушки“, на кои таквото однесување им стана олимписка дисциплина.
Наместо замена на зборот „Македонија“, вметнување на придавката „северна“
Централната промена во проектираните уставни измени, е триест и третиот амандман, кој вели дека „Во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во член 36.“ Членот 36, пак, се однесува на правата на борците од народноослободителните војни на Македонија, и ваквото решение е логично во историски и временски контекст. Веројатно би бил помалку трауматичен еден поинаков пристап во формулацијата на овој амандман, имено, наместо да бара замена на зборот „Македонија“, да бара вметнување на придавката „северна“ секаде пред името на државата освен во членот 36.
Вметнувањето на било каква придавка е исклучок, а не правило во меѓународното право, но не е правен преседан. Многу идентитетски и политички конфликти биле надминати на сличен начин. Таков е, на пример, случајот со Ирска и Северна Ирска. Иако конфликтот со грчката страна е сериозно апсурден и асиметричен, поради евидентните разлики во културата, јазикот и традицијата, тој предизвикува последици кои се реални, далекусежни и опасни по опстанокот на земјата. Она што забораваат да го спомнат од собраниската говорница доскорешните носители на власта, е дека оваа земја во Обединетите нации постои единствено како „бивша југословенска“, а за закопаните преговарачки позиции и тесниот маневарски простор, можеме да им се заблагодариме токму ним и на нивниот задграничен комитет во Будимпешта. Географската одредница не го одредува идентитетот, туку просторот: впрочем, на оние кои на сет глас пееја на комитски вечери дека „има уште два-три дела за да биде цела“, придавката „северна“ би требало да им импонира - па зараем има поголемо признание за вистиноста во нивниот националистички занес од ова?!
Второто признание за успешноста на договорот е фактот дека грчката влада може да падне поради него. Националистите од другата страна на границата се многу погласни од нашите. Признавањето на јазикот и тенденцијата тој наскоро да стане официјален јазик на Европската Унија, ќе го забетонира неговиот меѓународно-правен статус и неговата посебност.
Третото признание за договорот доаѓа од меѓународната заедница: со него се постапува по резолуциите на Советот за безбедност 817 (1993) и 845 (1993). Договорот е резултат не само на политичката волја на двете страни туку и на механизмите за мирно решавање на споровите на ООН, и тоа е факт кој треба да се истакне, а не да се злоупотреби за сеење страв преку исфрлање тези дека Советот за безбедност ќе одлучува за него, бидејќи тој нема таква надлежност и улога.
Извор: vecer.press
Во Преамбулата да се додаде и Преспанскиот договор
Амандманот 34 се однесува на Преамбулата и гласи: „Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија зборовите „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“, по зборот „година“ се додаваат зборовите „и на Охридскиот рамковен договор“, а се бришат зборовите „одлучија да“. Две поенти се важни во однос на овој предлог-амандман: првата е дека без оглед дали во Преамбулата (која не претставува нормативна материја) ќе се спомнат одлуките на АСНОМ или само Прогласот на првото заседание, нивното постоење е историски факт кој не може да се надмине. Тие постојат и ќе постојат независно од тоа каде се споменати. Поважно е нивната содржина, а пред се` антифашистичкиот дух да бидат интегрирани во учебниците и одбележувањето на празниците. Втората поента е, дека доколку се менува преамбулата со додавање на Охридскиот рамковен договор, со што веќе се менува нејзиниот темпорален моментум, по Охридскиот рамковен договор треба да се додаде и Преспанскиот договор како алма матер на предложените уставни измени. Факт е дека сите историски промени се непопуларни во времето во кое се донесени, но за десет или дваесет години, и Преспанскиот договор ќе се гледа во поинакво светло од денешното.
Амандманот 35 вели дека „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“ со што се дополнува членот 3 од Уставот, кој се однесува на територијалниот интегритет. Почитувањето на територијалниот интегритет и политичката независност на сите држави, не само на соседните, е препознаена когентна (задолжителна) норма на меѓународното право, интегрирана во Повелбата на ООН, Завршниот акт од Хелсинки, Декларацијата за пријателски односи и други меѓународни документи. Во превод, овој амандман „та бил та не бил“ – не значи ништо што веќе не е постоечка обврска.
Амандманот 36 вели дека „Републиката го штити, гарантира и негува историското и културното наследство на македонскиот народ. Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината. Републиката се грижи за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.“ Со овој амандман се заменува членот 49 од Уставот на Република Македонија кој гласи: „Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив. Републиката се грижи за културните, економските и социјалните права на граѓаните на Републиката во странство“.
Настрана што Амандманот 36 е малку чудно формулиран и се повторува во еден дел со претходниот амандман, ова не значи дека државата се откажува од малцинствата, бидејќи повторно, тоа е материја која ја уредува меѓународното право, а просторот кој ѝ е оставен на матичната држава е секако многу ограничен. Исто како и претходниот амандман, не значи ништо што веќе не е постоечка обврска или веќе регулирана материја на повисоко ниво. Од друга страна, пак, тоа што досега беше ескплицитно наведено како уставна обврска, не им помогна нешто многу на малцинствата во соседните земји за унапредување на нивната положба - освен ако се бројат гласачите од Пустец донесени во Скопје.
Спорот за името не смее веќе да биде изговор
Четирите предложени амандмани треба да донесат една многу поголема промена, која не ја заговараат дури ни имплицитно: да им го оневозможат лускузот кој го имаа сите досегашни влади, на сите идни влади - спорот за името да им биде изговор за несовесно работење, корупција и системски пропусти. Конечно, сите министри, директори и останатите функционери ќе мора да се вратат дома и да ги засукаат ракавите (почнувајќи од премиерот, кој ќе мора да воспостави повисоки стандарди, политичка и морална одговорност и мерит систем за своите соработници). Кога еднаш ќе се затвори вратата која влече назад, може да се оди само напред.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите вo оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.