fbpx

Не можеме да очекуваме врвни резултати ако најдобрите спортисти немаат ниту минимални услови

  • Олимпијците тренираат во училишни сали и тоа во ограничени термини, пливачите кандидати за олимписки игри и државни прваци и рекордери треба да плаќаат влез на базен, атлетичарите немаат ниту еден пристоен и точно направен тартан на стадион.
  • Дејан Георгиевски, кој стана синоним за македонскиот олимпизам и натаму се бори со супстандардните услови за тренинзи, а со истите проблеми се соочи и овогодишната олимпиjка Милијана Рељиќ.
  • Одењето на Олимписки игри со вајлд-карти, но и нефункционалноста и инертноста на Македонскиот олимписки комитет како главни проблеми ги посочува и Шабан Трстена, носител на два медали.
  • Министерот за спорт Борко Ристовски најавува помош и обезбедување услови, како и тоа на ОИ да одат спортисти со А норми.

Во училишна сала, без ладење на екстремни летни горештини и без греење во зима – во вакви услови тренира единствениот носител на олимписки медал во Македонија, „сребрениот“ од Олимписките игри во Токио,  Дејан Георгиевски. Со тренинзи во салата на локалното училиште во скопската населба Бутел, Дејан успеа да обезбеди олимписка норма и да освои сребрен медал. Но, потоа тој се врати во истите услови за тренирање. „Ништо не е сменето“, скромно вели Георгиевски, во разговор за „Само прашај“. Но не е променет ниту неговиот сон, еден ден, олимпијците во земјава да се подготвуваат во специјализиран олимписки центар.

Приказната за најуспешниот македонски спортист во индивидуалните спортови е прототип за спортот во земјава. Дејан, кој стана синоним за македонскиот олимпизам и натаму се бори со супстандардните услови за тренинзи. Медалот од Токио не му донел буквално никаква суштинска промена во однос на тоа што земјава му овозможува за да продолжи да го освојува спортскиот свет.

Не можеме да очекуваме врвни резултати ако најдобрите спортисти немаат ниту минимални услови
И по четири години од медалот нема промена во условите во кои тренира Дејан Георгиевски

„Се наоѓаме во училишна сала која ние можеме да ја користиме само по училишната настава. Значи, јас не можам да дојдам наутро да тренирам, бидејќи нели салава е за дечињата да имаат физично. Не може ние да ги прекинуваме за да имаме тренинзи. Еве можам да кажам за таекводно, нека видат од соседството како е. Нека видат во Србија, во Хрватска, бидејќи условите си го кажуваат своето. Србија на последните четири Олимписки игри има медали од таеквондо, така беше и овој пат сега во Париз. Имам информации дека од следната година ќе почне да се гради олимписки центар тука во Бутел што можеби е малку задоцнето, бидејќи олимпискиот циклус за Игрите во Лос Анџелес веќе почнува. Би требало тоа да биде брзо, за да биде точно пред Олимписките игри во Лос Анџелес. Но, условите треба да бидат подобри и за сите останати, не зборувам само за мене“, вели Георгиевски.

Дејан вели дека и пред Олимписките игри во Токио, условите биле исти како и сега. Се присетува дека дури и тогашниот директор на Агенцијата за млади и спорт по Игрите во Токио го намалил за речиси половина буџетот на неговата федерација.

„Пред Олимписките игри во Токио, најмногу сум им благодарен на мојот клуб, таеквондо клубот ‘Бутел’ и на Македонската таекводно федерација која е предводена од Борче Костовски кој е и мој тренер, бидејќи тие правеа сè за јас како спортист да не се почувствувам дека нешто ми недостасува, да не почувствувам дека сум запоставен, да бидам на исто ниво како останатите спортисти што се од целиот свет. По Олимписките игри сè си остана исто. Од тогашната влада имавме ветување дека ќе изградат специјален таекводно олимписки центар, секако тоа не се случи“, вели Георгиевски, додавајќи дека единствено од каде што добива олимписка стипендија е Олимпискиот комитет, која е наменска за натпревари, за подготовки, и за патувања.

Сепак, вели дека и со овие услови стигнале до Токио, успеале да донесат медал и затоа продолжуваат понатаму.

Сличен е случајот и со младата таекдвондистка Милијана Рељиќ, која стигна до игрите во Париз единствено со помош на тренерот. Во однос на условите за тренинзи и волјата и упорноста на нејзиниот тренер таа има идентична приказна како и Георгиевски. Рељиќ направи подвиг во Париз, победувајќи ја двојната олимписка шампионка во првото коло и имаше најдобар настап од сите наши претставници на Игрите.

Но, зад овие резултати стои приказната која Рељиќ ја раскажа подоцна – дека во пресрет на патувањето, не можела да ја користи ниту училишната сала во која вообичаено тренира, бидејќи немало кој да ѝ отклучи, зашто училиштето во летниот период не работи попладне. По бурната реакција на нејзиниот тренер Александар Ефтимов која го привлече вниманието на јавноста и по многуте напори, Рељиќ доби пристап во салата во која има специјализираната опрема за таеквондо вредна илјадници евра.

„Тоа е проблем веќе секое лето, затоа што училиштето за време на летниот период не работи и хигиеничарките што се во тој период во училиштето, работат само прва смена и не сакаа да доаѓаат и втора смена, иако им кажавме дека се подготвуваме за Олимписки игри, дека тренерот беше подготвен да плаќа посебно, само да ни дадат клуч за да ја користиме салата час и половина до два. Ништо повеќе не баравме. Но, тие не се согласуваа, па подоцна тренерот успеа некако да издејствува и успеавме да ја земеме салата. Но, вие не може да се подготвувате само еден месец пред олимпијадата и да направите врвни резултати. Тука во прашање се многу години каде што треба да се вложува, напорни тренинзи, многу натпревари, но пред Олимпијадата имавме специјални подготовки, имав подготовки две недели во Грција, бев исто така две недели во Чешка и финалните подготовки ги направивме тука, 15 дена пред Олимписките игри.  Тоа го финансираше мојот тренер, сè од негови лични средства. До сега јас немав  никакви поддршка од Македонскиот олимписки комитет, тие пред Олимписките игри ни дадоа еднократна финансиска помош од 100 илјади денари. Јас немав никакви други примања оваа година ниту од една институција, ниту спонзор, но се надевам дека сега по Олимписките игри, со тој резултат, ќе има поголема финансиска помош“, објаснува македонската олимпијка.

Нова инфраструктура и дополнителни пари за врвните спортисти

Покрај Рељиќ и Георгиевски, во скромната македонска експедиција во Париз имавме уште четири спортисти - пливачот Никола Ѓуретановиќ, борачот Владимир Егоров, џудистот Еди Шерифовски, Анастасија Мојсовска и атлетичарот Дарио Ивановски.

Треба ли Македонија да очекува врвни резултати ако и на најдобрите спортисти не им обезбедува ниту минимални услови? Ако олимпијците тренираат во училишни сали и тоа во ограничени термини, ако пливачите кандидати за олимписки игри и државни прваци и рекордери треба да плаќаат влез на базен, ако атлетичарите немаат ниту еден пристоен и точно направен тартан на стадион. Со новата власт, досегашната Агенција за млади и спорт прерасна во Министерство, а новиот министер, инаку и самиот долгогодишен спортист, Борко Ристовски ветува дека наскоро Македонија ќе добие олимписки центар за боречки вештини.

„Во план е  да се гради олимписки центар за боречки вештини во општина Бутел, тоа е планирано за следната фискална година и мислам дека најдоцна до февруари, март ќе почне со изградба, доколку биде во ред проектната документација која ја чекаме од Општина Бутел. Почнуваме во што повеќе спортови да инвестираме за нормално да бараме резултати од сите чинители и спортисти, клубови и федерации кои добиваат финансиска поддршка. Верувајте, дека имаме план како да го развиеме спортот, не зависи развивањето на спортот од Министерството, да не се разбереме погрешно. Меѓутоа Министерството за спорт треба да биде тука за да создаде услови за да се развива спортот. Ние ќе направиме сè што е во наша моќ да создаземе услови максимални за да може да бараме подобри резултати од сите“, најавува министерот Ристовски.

Тој во интервју за Рес публика најавува и други промени кои треба да го стават во прв план вложувањето во спортот.

Условите во кои тренира Георгиевски не се опишуваат со зборови

Но, лошите услови не го одвраќаат Дејан Георгиевски. Неговото мото е дека сепак од какви било услови, може да се дојде до врвен резултат, со истрајнсот и знаење на тимот со кој работиш.

„Тоа не треба да ги спречува спортистите, бидејќи ние ако чекаме да бидат условите на врвно ниво, спортот ќе треба да ни стои во место. Ние сме докажале дека и со вакви услови може да се стигне до олимписки медал, пред сè да се освои олимписка норма, бидејќи можеби е потешко да освоите олимписка норма отколку медал, имајќи предвид дека за олимписка норма треба да поминете пеколни четири години каде што се собираат поени. За да соберете поени треба да одите на што повеќе натпревари, да земете што повеќе медали, а олимпискиот медал се освојува во само еден ден, бидејќи сите борби се во еден ден. Така што, не треба децата да не почнуваат со спорт или да престануваат со спорт, бидејќи нема добри услови. Треба да почнат, треба да носат успеси и да ја подигнат свеста и кај народот и кај тие луѓе што влијаат на некои ситуации за да може да направат подеднакви услови за сите, да биде онака како што треба“, порачува Георгиевски.

Дополнителен проблем годинава е што спортистите не ги добија ниту ваучерите кои им следуваат според законот. Претходната влада донесе законски измени со кои ваучерите кои се извор на финасирање на спортистите треба директно да им бидат исплаќани. Но, додека поминаа законските измени, влеговме во предизборие, се промени власта, па дојде ребалнсот на Буџетот и досега, еве, по изминати осум месеци од годината, спортистите не ги добиваат парите кои законски им следуваат. Министерот Ристовски вели ветува дека спортистите ќе ги добијат ваучерите до крајот на септември, а олимпијците кои беа во Париз ќе добијат дополнителна финансиска помош.

„Прво треба Oлимпискиот комитет да даде финансиска поддршка на сите оние коишто настапуваат на Олимписките игри, а Министерството за спорт или државата треба да биде само еден бек-ап или додадена вредност на сето тоа. Меѓутоа, сите знаеме во каква ситуација е Олимпискиот комитет. Тие со некоја нивна игра се обидуваат топката да ја префрлат кај нас. Она што е важно да се напомене е дека Министерството за спорт направи законски измени коишто се однесуваат на доделување на тие ваучери, таканаречениот ваучер-систем, Ја скративме постапката од претходните 90 дена, ние ја скративме сега, мислам дека на 14 дена или ќе биде 14 дена, што е огромен плус. Тоа значи дека до крајот на септември сите би требало да ја добијат финансиската помош од државата што им следува. Според мене има уште една важна измена. Како дополнување на тоа, направивме нов систем на вреднување на вистинските спортски чинители во спортот во Македонија. За тие 85 милиони денари кои постоеја и во минатото, но никој не знае каде се трошеа, никој не виде никаков бенифит ниту некаков отчет, ние направивме еден нов критериум за тоа како и кој ќе добива пари, односно како ќе ги добиваат тие средства. Тоа значи дека веќе за десетина дена, првиот чекор е, покрај оние 10 милиони евра, уште 85 милиони денари ќе бидат поделени за врвен спорт“, вели Ристовски.

Без олимписка норма нема медал

Токму на зголемување на финансиската поддршка се надеваат и Дејан Георгиевски и Милијана Рељиќ. Велат, сите сакаат резултати, но тоа не е можно без финансиска поддршка од државата и со вложување во условите.

„Треба да се смени. Буџетот пред сè да биде многу поголем, бидејќи навистина ние од 365 дена, 300 не сме дома. Цело време има патувања, подготовки, кампови, натпревари. Тоа чини многу, така што за ние да отидеме на еден натпревар, не мислиме на патот и на борбите, туку мислиме на уште милион други работи во позадина, како ќе се обезбедат средства. Тренерите наместо да бидат опуштени, да се фокусираат на борбите, на спортистите, тие треба да се мислат на милион други работи во позадина, иако тоа многу од луѓето не го гледаат. Еве еден пример. Ние требаше да одиме на Европско првенство во Манчестер што чини многу. Требаше да одиме четворица спортисти и двајца тренери и нас од Агенција за млади и спорт ни префрлаат, не знам 500 евра. Буквално со тие пари не можеме еден билет да купиме. Ние после толку години освоивме олимписки медал, единствен сребрен медал во историјата на Македонија и мислам дека заслужуваме да се изгради еден олимписки центар. Ете има информации дека следната година ќе почне да се гради. Но, досега требаше да биде, не требаше да се чека да поминат четири години од медалот, па да се почне со некоја таква работа, бидејќи цел олимписки циклус помина во исти услови како што беа и пред Токио“, објаснува Георгиевски.

Последните Олиписки игри и резултатите на нашите претставници повторно, како и на другите олимпијади ја разбрануваа јавноста. Како и во сè и за тоа јавноста се подели во два спротивни табора - едниот со апсолутна и безусловна поддршка за спортистите, особено младите како пливачот Никола Ѓуретановиќ,  и другиот според кој треба да престанеме да се задоволуваме со малку.

За олимпјиците веќе не е важно само да учествуваат туку и да носат медали

Но, како тоа го гледаат спортистите? Каде ги правиме грешките околу Олиписките игри од кои во 34 години имаме еден медал?

„Мислам дека грешката е во тоа што повеќето сега отидоа со вајлд-карти“, вели Георгиевски, објаснувајќи дека треба да се фокусираме да има што повеќе норми или барем да бидеме блиску до освојување норма.

„Сепак, јас не сум јас аналитичар па да зборувам од друг аспект, туку сум го поминал тој процес и знам како е тоа. Ако не отидете со олимписка норма, не е можно да земете медал, бидејќи тоа се покажало и во историјата на олимпизмот дека никогаш до сега не се случило некој што е со валјд-карта да освои медал. Така што, кога ќе освоите олимписка норма, вие автоматски сте медалист од европско, светско првенство, медитерански игри и кога ќе стигнете на Олимпијада веќе можете да се вмешате во борбите за медал. Ако отидете со вајлд-карта, како што беа повеќето сега, да бидеме реални, не треба да се очекува никаков медал“, објаснува Георгиевски.

Трстена: Учеството на олимписки игри не е успех

Одењето на Олимписки игри со вајлд-карти, но и нефункционалноста и инертноста на Македонскиот олимписки комитет како главни проблеми ги посочува и Шабан Трстена, осовјувачот на два медали од Олимписки игри во борење од Лос Анџелес во 1984 и од Сеул во 1988 година. Малку или практично ништо не се работи, вели Трстена за „Само прашај“.

Трстена: Одговорноста за неуспехот е кај МОК

„Проблемот е во менталитетот и во погрешниот пристап. Конечно по 33 години треба да престанеме да се лажеме и да ги лажеме луѓето. Учеството на олимписки игри не е успех. Треба и јавноста и медиумите да престанат да прават херои од спортистите кои завршуваат последни на Олимписките игри. Ги лажеме децата, тоа не е успех ниту пак со таков пристап може да направиме големи спортисти и резултати. За да се биде успешен на олимписки игри, треба претходно да се имаат големи резултати. Јас пред да одам во Лос Анџелес имав европски и светски титули. Исто како и Дејан Георгиевски. Тој отиде со европска титула и не е случајно што освои медал во Токио. Што правиме ние, еве Олимпискиот комитет, конкретно, 34 години? ‘Канцерот’ на овој неуспех е токму таму. Сите порнешени држави од Југославија, сега се самостојни држави, сите имаат медали. Дури и Косово, која 12 години е држава, а на три  Олимпијади има пет медали. Тука треба да видиме зошто ние не можеме. Грешката е дека не се работи, само се радуваме со патриотизам, а не се работи ништо. Мора да се промени сè комплетно, мора да дојде некој што ја сака оваа нација, што ја сака оваа држава. Зашто сите отидоа напред, само ние стоиме во место. Олимпискот комтет не треба да чека од федерциите да кажат кој да оди на олимписи игри, туку треба постојано да следи, да преземе иницијатива, зошто знаеме што се случува. Во федерациите да има анимозитет кон некој спортист, па се случуваат неправди“, вели Трстена.

Поинаква стратегија, односно инсистирање на тоа олимпијците да имаат норми најавува и министерот Ристовски. Тој смета дека тоа е клучно за учество на олимписките игри, а дека државата треба да овозможи услови за тоа.

Ристовски: Ќе се потрудиме на ОИ да одат спортисти со А норми

„Ќе бараме резултати на европските и на светските првенства, а потоа ќе финансираме програми и за олимписки години и навистина ќе се потрудиме на ОИ да одат спортисти со А норми. Од наша страна ние ќе се потрудиме да ги направиме и да ги обезбедиме сите идеални услови за да можат да се развиваат младите спортисти. Но, сепак, на крајот останува на матичните федерации да ја спроведат таа стратегија која за брзо време ќе биде промовирана од Министерството за спорт. Ние сме тука да им овозможиме услови, да ги контролираме средствата да бидат вложувани во спортисти кои се навистина талентирани, а се останато останува на федерациите. Министерството за спорт ќе финансира програми кои ќе бидат исклучително базирани на успех и на резултати“, најавува министерот за спорт.

Олимписките игри во Париз веќе се историја, почнат е новиот циклус за пласман на следните игри, во Лос Анџелс во 2028 година. Мила Рељиќ и Дејан Георгиевски, но и многу други македонски спортисти уште од оваа есен ќе влезат во системот преку кој ќе треба да обезбедат норми. Претходно, многу веројатно исти или многу слични теми ќе бидат актуелни и околу Зимските олимписки игри во 2026 година во Италија.

Македонија не е земја која може да гледа до врвот на листата освоени медали каде во Париз гордот стојат САД со дури 126 освоени медали, но дефинитвно е земја која треба да се сврти околу себе, во земјите од регионот, па да си ги постави за цел нивните достигнувања на Олимписките игри. Нашиот најмлад сосед Косово освои два медала, Албанија исто така, Бугарија седум, од кои три златни медали, Србија пет меали од кои три златни, Хрватска освои седум меѓу кои две злата, Грција има вкупно осум одличја. Македонија засега останува на едниот сребрен од Токио и жолчни расправи во кои најголеми жртви се спортистите.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Ѓуровски

Снимател и фото: Наке Батев

Монтажа: Ристо Душковски