fbpx

Од око ќе се мери колку е отровен воздухот и оваа зима

Владата каска со реализацијата на мерките предвидени во „Планот за чист воздух“, а најдобар показател за тоа е фактот дека во моментов отровните ПМ10 честички се мерат само на 5 од вкупно 18 мерни станици од Државниот мониторинг на квалитетот на воздухот, додека најопасните канцерогени честички ПМ2,5 се мерат само со еден од вкупно пет мерачи. Со оглед на тоа што замената на еден инструмент поради процедурите може да потрае неколку месеци, голема е веројатноста дека и претстојните есенски и зимски месеци според степенот на кашлање и присуството на непријатна миризба ќе треба да погодуваме колкаво е аерозагадувањето.

При презентацијата на планот во ноември, минатата година од Владата наведоа дека имаме најзагаден воздух во Европа поради кој годишно се трошат 300 милиони евра за лекување на граѓаните. Тогаш, оттаму најавија целосна замена на сите инструменти во мерните станици во текот на 2019 и на 2020 година. Но, досега не е заменет ниту еден, а граѓаните, активистите и еколошките организации со месеци реагираат дека државните мерачи на ПМ10 еден по еден се гаснат.

- Мерните станици се основа без која не може да знаеме колку е загаден воздухот. Ако нема податоци, тогаш не може ниту да се реагира, како загадувањето да не постои. Преземањето на мерки е поврзано со нив. Каква било анализа и статистика не е возможна без овие податоци. Загадувањето од индустриски капацитет или од друг извор во одреден временски интервал може да се детектира преку пиковите на мерните инструменти. Ако не работат, нема детекција, нема загадување - вели Татјана Чакулев од О2 Иницијатива.

Предвреме умираат по 3.060 лица годишно

Загадувањето со право предизвикува голема загриженост и страв затоа што според податоците на Европската агенција за околина (ЕЕА) и Светската здравствена организација во Македонија секоја година предвреме умираат по 3.060 лица од изложеноста на ПМ2,5. Новите бројки, кои се полоши од претходните на Светска банка за 1.350 предвремени смртни случаи годишно беа објавени овој јануари во заедничкиот ревизорски извештај на Европскиот суд за ревизија за квалитетот на воздухот во 15 држави. Според оваа ревизија, мониторингот на воздухот не обезбедува комплетни и релевантни податоци, а на Македонија ѝ се препорачува „да воведе интегриран систем што ќе овозможи сеопфатна и непречена размена на податоци“. Документот нотира дека со години се превземаат одредени мерки за да се намали аерозагадувањето, но нема никакви резултати, пред се затоа што Македонија не подлежи на санкции од ЕУ за непочитување на политиките за квалитет на воздухот, а нема ниту национални или локални казни. Ова претставува ризик за способноста на Владата да ги постигне поставените цели за надминување на загадувањето и спречување на нови извори.

Прагот на алармирање на ПМ10 оваа сезона ќе се смета за надминат кога два дена по ред среднодневната концентрација ќе надмине 188 микрограми на метар кубен воздух, а во Скопје оваа вредност треба да е надмината на најмалку две мерни станици. Во минатата сезона без мерачите во Лисиче и Гази Баба во Скопје прагот за аларм беше надминат само еднаш.

Од Министерството за животна средина велат дека дел од инструментите за мерење на ПМ10 честичките се сервисираат, а инструментите за станиците Лисиче и Гази Баба кои не работат од лани ќе се заменат со нови до крајот на октомври. Оттаму објаснуваат дека инструментите за ПМ10 и ПМ2,5 честичките од станиците Битола 2, Куманово, Тетово и од мобилната станица во Ѓорче Петров се испратени во акредитирана лабораторија во Австрија на редовна двогодишна калибрација и кога ќе заврши овој процес ќе бидат инсталирани.

- Инструментите за ПМ10 од Битола 1, Кичево, Гостивар и Кавадарци се сервисирани и калибрирани и сега се во фаза на тестирање бидејќи кај сите се забележани осцилации на измерените концентрации кои се поврзуваат со нивната осетливост на атмосферските влијанија, како промена на температура, влажност, атмосферски притисок. Тоа се должи на староста на самите инструменти чија година на производство е 2004-та и на радиоактивниот извор вграден во нив, кој има оптимално време на користење во работен режим од 10 години. Во зависност од тоа дали тестирањето ќе биде задоволително или не, овие инструменти или ќе бидат вклучени во системот или ќе мора да се заменат со нови - велат од Министерството.

Пред неколку недели Министерството купи автоматски анализатор и софтвер за ПМ10, за кои велат дека се наменети за станицата Гази Баба, а купија и резервни делови за  анализаторите на азотни оксиди со кои ќе се поправат сите расипани инструменти. Според мониторинг-системот моментно азотните оксиди не се мерат во станиците Центар, Битола1, Кичево и Кочани.

- Интензивно работиме на замената на застарените инструменти. Набавка на една нова станица и замена на инструменти од станицата Битола 1 се планирани во 2019 и 2020 година во рамките на проект финсиран од ИПА-програмата за прекугранична соработка со Грција. Исто така, замена на застарените инструменти е планирана и со проектот што се спроведува со финансиска поддршка на Шведската меѓународна агенција за развој и соработка, како и со ИПА 2-програмата, финансирана од ЕУ, со реализација од 2020 до 2022 година. Исто така, се планира акредитација на калибрационата лабораторија за квалитет на воздухот, каде што се врши калибрација на инструментите со цел да се добиваат валидни и веродостојни податоци - објаснуваат од Министерството.

Не станува збор за мерење на други аерозагадувачи

За редовно мерење на другите аерозагдувачи како тешки метали, диоскини, бензопирени итн. засега не станува збор, но одговорните најавуваат набавка и на нови уреди за земање на примероци од воздух за мерење на ПМ10, од чии употребени филтри ќе го утврдуваат составот на честичките, односно со дополнителна хемиска анализа ќе може да се утврди концентрацијата на тешки метали и полициклични ароматични јаглеводороди.

Во врска со проширување на мониторингот онаму каде нема државни станици надлежните планираат да постават во Охрид, Прилеп, Штип и Гевгелија, но не прецизираат ништо повеќе освен дека ова е препорачано уште од 2005 година. За следење на воздухот во помалите урбани средини ќе се користи мобилна станица во период од една година.

Сите инструменти во станиците ги одржуваат, сервисираат и калибрираат двајца сервис-инжинери, кои на секои две седмици ги менуваат потрошните материјали. Од вкупниот буџет на Министерството за мониторинг и заштита од аерозагадување за оваа година се издвоени 5,2 отсто, односно 28,7 милиони денари (468 илјади евра).

За мониторингот не се одвојуваат доволно пари, што го забележува и меѓународната ревизија заради што, како што се наведува „нема редовно одржување, не се купуваат резервни делови, не се набавува лабораториска опрема и реагенси, не се спроведува лабораториска акредитација, ниту обука на персоналот“. Самиот систем е оценет како некомплетен, односно „не покажува емисии од стационирани извори, од мобилни извори, нема податоци за квалитет на воздухот од индивидуални извори, ниту податоци од регистерот на аерозагадувачи“. Како позитивен пример се наведува системот во Естонија чии граѓани освен информации за емисиите на загадувачки материи, во реално време добиваат податоци за емисиите на јаглерод диоксид и за концентрациите на поленот и тоа во детаљи според видот на растенијата.

Од Министерството, пак, велат дека нашиот мониторинг-систем се вклопува во современите текови и барања за следења на квалитетот на амбиентниот воздух, кои се одредени во европското законодавство, а поставените инструменти функционираат согласно референтните методи пропишани во националното законодавство кое  е усогласено со европските директиви. Македонија е дел и од новиот систем за известување на граѓаните во Европа, (European Air Quality Index), кој се применува од ноември 2017 година, каде во реално време се отчитуваат податоците од мерењата од 40 европски земји.

Владина помош само за скопски општини со исправни мерни станици

Владата ќе додели опрема за зазеленување на градинки, училишта и здравствени објекти само на ние општини во Скопје кои ќе докажат дека имаат високо загадување со ПМ10 и ПМ2,5. Пред неколку дена Владата објави јавен повик до скопските општини што трае до 15 август „за реализација на средствата утврдени со Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година“. Во дел од оваа програма се предвидени мерки за намалување на аерозагадувањето преку уредување на урбани зелени површини.

Во повикот е наведено дека „право на учество имаат општините на територија на градот Скопје, кои имаат високо ниво на аерозагадување, односно висока концентрација на ПМ10 и ПМ2,5, согласно податоците од мерните станици на Државниот автоматски мониторинг систем за 2018 година“. Според ова, половина од скопските општини, односно Кисела Вода, Чаир, Шуто Оризари, Сарај и Ѓорче Петров немаат право да учествуваат затоа што немаат мерни станици, иако и нивните жители се во истата Скопска Котлина и го дишат истиот воздух. На телефонскиот број што е наведен во повикот за контакт со владините служби, никој не се јавува веќе втор ден.

Владата ги повикува заинтересираните општини да достават податоци колку градинки, основни и средни училишта и здравствени објекти немаат зелени урбани површини или имаат потреба од нивно уредување, како и бројот на деца што ги посетуваат образовните уставови. Општините ќе ги оценува комисија и тоа според големината на зелената површина за уредување, бројот на деца и разработениот преглед на објектите. За зазеленување во програмата се предвидени вкупно 11,5 милиони денари (187 илјади евра), но според јавниот повик општините нема да добијат пари, туку „поддршката ќе се врши од предвидените средства, преку доделување опрема во согласност со дел IV, точка 2.“ Во овој дел од програмата, инаку, се предвидни за трошење вкупно 110,5 милиони денари, (1,8 милион евра), односно најголем дел од планираните 2 милиони евра за реализирање на владиниот План за чист воздух. Парите се наменети првенствено за замена на постоечните нееколошки системи за греење во домаќинствата, градинките, училиштата и здравствените и административните објекти, за енергетска ефикасност и за зелени урбани површини.

Јовановски: Најисплатливо е да купат помодерни станици

Државниот мониторинг има вкупно 93 инструменти распоредени на 18 мерни станици, а моментно се расипани 31 инструмент. Според Горјан Јовановски, автор на мобилната апликација „Мој воздух“ проблемите со мерните инструменти потекнуваат оттаму што се дотраени, стари и скапи за одржување.

- Не можам да гарантирам за нивниот квалитет, но како и со секој друг тип на инструмент, колку е постар толку е поподложен на грешки. Со помош на калибрација тоа се отстранува, но сепак гледаме колку често се расипуваат тие мерни инструменти, што кажува за нивниот животен век - вели Јовановски.

Тој решението го гледа во комплетна замена на мерните станици со помодерни.

- Тие сигурно ќе се поевтини и поодржливи, а верувам дека во подолг период ќе се исплати инвестицијата, наместо да даваме големи пари за поправка на старите. Секако за ова може да помогнат и приватните компании, посебно големите, кои се сè повеќе заинтересирани да се вклучат во зелена акција низ државата - вели Јовановски.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинарка: Соња Христовска Угриновска Фотограф: Томислав Георгиев

Види повеќе:

Тагови: