fbpx

Општина Центар продолжува со мораториумот, одлуката на Уставен суд беспредметна

Со 16 гласови „ЗA“ и 6 „ВОЗДРЖАНИ“, Советот на општина Центар на вонредна седница изгласа одлука за начинот на применување на деталните урбанистички планови. Со оваа одлука се прекинуваат сите постапки кои се доставени преку електронскиот систем „е-дозволи“ и се однесуваат на издавање одобренија за градба, доградба и реконструкција во 29-те детални урбанистички планови за кои претходно имаше мораториум за градење.

Сите отпочнати постапки пред 27.12.2017 г. (тоа е денот кога беше донесен мораториумот) и постапките за кои претходно се издадени одобренија за градење, ќе може да се реализираат и по денешната одлука.

Според градоначалникот Саша Богдановиќ, по чиј предлог денеска одлучуваше Советот на општина Центар, со овој чин одлуката на Уставниот суд станува беспреметна затоа што локалната власт најде начин како да продолжи со ревидирање на спорните ДУП-ови.

Јана Белчева, претседателката на Советот на о. Центар вели дека со денешната одлука, општината се обврза дека ќе ги спроведува само оние ДУП-ови кои не се во спротивност со ГУП на Град Скопје од 2012 г.

Денешната одлука следува по временото запирање на мораториумот од страна на Уставниот суд до конечно изјаснување дали општината имала уставно и законско право да донесе ваква одлука за мораториум. Ова значи дека Деталните урбанистички планови кои се во спротивност со Генералниот урбанистички план на Град Скопје нема да се спроведуваат додека не се ревидираат од општината. Спорните 29 ДУП-ови се во спротивност со ГУП на Град Скопје, односно не се усогласени и биле усвоени пред да биде усвоен ГУП како највисок акт за урбанистичкото планирање.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Петрушевска Снимател: Борис Каевски Монтажа: Ристо Душковски

Види повеќе за темата:

Градежниците преку Уставен суд бараат укинување на мораториумот во општина Центар

Одлуката на Уставниот не го штити јавниот, туку приватниот интерес

Што значи мораториум на градење во општина Центар?

Градоначалникот Саша Богдановиќ објаснуваше зошто се издаваат одобренија за градење сред мораториум во општина Центар

На мораториумот во општина Центар му недостасуваат наводници

Тагови: