Лажните вести не се најголемиот непријател на новинарството. Најголемиот непријател е мрзливото новинарство – препишувачко, без независна проверка на фактите, со глумење балансираност, неодговорно и некомпетентно. Лошото, мрзливо новинарство ја уништува способноста на слободните медиуми и ја поткопува довербата на јавноста во седмата сила.
Во време на пандемија на коронавирус, медиумската писменост е исто толку важна за здравјето како и миењето раце.
Како да читаш паметно? Просто е:
- Не читај само наслови
- Провери кој медиум објавил
- Провери го датумот кога е објавено
- Има ли текстот автор?
- Провери кои извори се користени
- Дали фотографијата е автентична?
- Провери дали и други известуваат на темата и спореди
- Не го читај само тоа што сакаш да го чуеш
- Размисли пред да го споделиш на Фејсбук
По правило, „раце треба да се мијат“ секојпат кога ќе видиш наслов во стилот:
„ГИ ЗАТВОРИ ГРАНИЦИТЕ И ГО ЗАПАЛИ ИНТЕРНЕТОТ“;
„НЕМА ДА ВИ СЕ ВЕРУВА ШТО НАПРАВИ: ЕВЕ КОЈА ДРЖАВА ИМА НАЈМНОГУ ПОЧИНАТИ ОД КОРОНАВИРУСОТ“;
„КОРОНАВИРУС!? ПОГЛЕДНЕТЕ КОГО РАСПЛАКА КАРАНТИНОТ!“
Стварно, живееме во време на „пост-вистина“ или „алтернативна вистина“ и лажни вести, и дури и кај нас политичарите почнаа да го користат терминот „лажна вест“ заради дискредитација на новинарството. Ама, верувам сите знаеме дека лажните вести не се најголемиот непријател на новинарството. Најголемиот непријател е мрзливото новинарство – препишувачко, без независна проверка на фактите, со глумење балансираност, неодговорно и некомпетентно. Лошото, мрзливо новинарство ја уништува способноста на слободните медиуми и ја поткопува довербата на јавноста во седмата сила.
Тој медиумски квазибаланс, мотивиран од опортунистичко одбивање да се преземе професионалната одговорност, е најголемиот злотвор кој најмногу придонесе вредноста на борците за слобода да се изедначи со онаа на борците против слобода.
Општествена одговорност сега мора да преземат и агрегаторите на вести, кои овозможуваат ширење на супстандардна содржина, па и на лажни вести.
Слобода за плукање по се и сешто
Кога сега мислам за слободата на медиумите, повторно ме мачи истото прашање за кое пишував во 2009: Слобода за што?
Вистинското прашање не е дали и колку се медиумите слободни, туку за што се слободни? Дали се слободни да плукаат по сè и сешто, а најмногу по ривалите на своите газди? Или се слободни да мислат со своја глава, да поставуваат разумни и логични прашања и упорно да инсистираат на одговори, дури и тогаш кога премиерот и министрите, па и газдите сметаат дека „не е сега време за тоа“?
Дали новинарскиот еснаф е слободен да ги компромитира професионалните стандарди и професионалната одговорност заради лични кариеристички побуди? Или е слободен проактивно да ги штити работните и професионалните права на новинарите и во однос на власта и особено во однос на работодавците?
Дали новинарите кај нас сакаат да бидат слободни да мислат, пред сè, на професионалните стандарди за објективност и вистина?
Посткомунистичката транзиција во Македонија ги дилетантизира сите професии, а тоа најмногу се гледа во новинарството. Медиумите се дилетантизирани и инструментализирани во борбата меѓу политичките партии и меѓу посткомунистичките газди.
„Најпогубно за новинарството денес е што секој поголем бизнисмен има свој медиум, секој среден бизнисмен има свој новинар, а зад секој од нив стои некоја партија“, забележа луцидно покојниот карикатурист Делчо Михајлов уште на почетокот на 2000-те.
А дилетантизирањето на голема врата отвори простор за корупција, без оглед дали е финансиска или политичка. Последица на тоа е сеирџискиот, дилетантски и скандализирачки однос на медиумите кон нашата реалност.
Професионални новинари наспроти човек-портали
Сега, основно за медиумската писменост е да се прави разлика меѓу професионалните редакции (и дигитални и во секој друг медиум) во кои се вработени професионални новинари и уредници кои произведуваат оригинална и проверена содржина, наспроти човек-порталите кои ја крадат и препишуваат содржината произведена од професионалните редакции.
Македонија има нерегулирана интернет медиумска сфера, ширењето лажни, пристрасни, копи-пејст и пропагандни содржини е редовно. Точните вести се проголтани од лажните вести. Во времево на „пост-вистина“ единствен начин да се ограничи влијанието на лажните вести е да се прошири просторот за професионалните редакции како веродостојни извори на вести.
Мора да најдеме начин како да ја кажеме вистината, а не само да известуваме за фактите.
Затоа, сега клучно пред сè е да се зајакне медиумската писменост на новинарите, а најдобар начин за тоа е да се зајакне капацитетот на уредниците, особено во дигиталните редакции – уредниците НЕ ЗНААТ дека треба да има проверка на фактите и дека треба да се избегнуваат кликбејт наслови (наслови што мамат/привлекуваат кликови) во опремата на текстовите. Исто така, клучно е и да се зајакне капацитетот за основна проверка на фактите на речиси сите новинари кои работат во кој било медиум, особено во дигиталните редакции.
Но најважно од сè, а не сум сигурна дека тоа ќе биде можно во следниве 5 години, е да се осигура независност на клучните членови на редакцијата, без оглед на моменталната политичка и економска состојба во Македонија.
А тоа, сепак, е единствениот начин да се создаде нова кредибилна општествена средина која ќе произведува квалификувана, непристрасна информација базирана на факти.
Автор: Марина Костова
Марина Костова е меѓу најреномираните филмски критичари и наградувани новинари во Македонија. Таа е заменичка-главен уредник и членка на основачкиот состав на Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК (www.sdk.mk). Добитничка е на највисоката државна награда за новинарство и публицистика „Мито Хаџивасилев-Јасмин“.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.