fbpx

Скандинавија може да нѝ завидува на новините во администрацијата

За државата – професионализирање на партиската администрација, за познавачите – уште една безидејна реформа. По 30 години, нов обид да се стави во погон секторот кој три децении служеше за вдомување на „своите“. Министерството за информатичко општество и администрација подготви нацрт-закон за административните службеници. Според достапната содржина, на удар е „кремот“ според хиерархиската поставеност. Статистиките на министерството велат дека 450 луѓе се водат како Б1 категорија или:

- раководител на одделение, - помошник раководител на сектор, - раководител на сектор, - државен советник.

За нив нема место во реформата која треба да се продаде како европска. Нацрт-законот предвидува дека луѓето кои по правило требало да потрошат околу две децении од кариерата за да стигнат до оваа позиција, сега со наполнети 55 години ќе треба да изберат едно од трите решенија:

  • Пензионирање
  • Еднократно обесштетување или плаќање отпремнина
  • Ставање на трансфер листа и прераспределба на вработениот на подолно ниво според систематизацијата согласно неговите квалитети.

Министерството се уште анализира како ќе им го најде крајот на оние што нема да сакаат да заминат во пензија или да им биде исплатена отпремнина. За нив се уште се утврдуваат модалитети за распоредување.

Не е позната ниту сумата која ќе им биде предложена како пензија и како отпремнина на овие 450 луѓе кои работат на „критичното“ Б1 ниво. Од Министерството - предлагач велат дека допрва Министерството за финансии ќе прави пресметка. „Младите пензионери“ со 55 годишна возраст нема да имаат полн стаж и затоа е дискутабилно која ќе биде сумата која ќе ја добиваат како месечен надомест.

Skandinavija moze da ni zaviduva na novinite vo administracijata 1Три децении администрацијата се користи како место за „вдомување“ на партиски војници

МИОА ги чека забелешките на Антикорупциска комисија, но оттаму велат дека ваквата „чистка“ се коси со Законот за работни односи. На средбата со министерот Јетон Шаќири и Вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, антикорупционерот Нури Бајрами потенцирал оти вака дефинираната мерка звучи како бенифициран стаж или пак технолошки вишок, но и за двете постојат други правила како и под кои услови се изведуваат.

Skandinavija moze da ni zaviduva na novinite vo administracijata 2„По мене ова нема да се дозволи, бар од наша страна, ќе укажеме дека не е законски и се коси со сите начела, особено со Законот за работни односи. Тие не можат да имаат таков третман, некој ги создал и не можеш да ги истераш едноставно од работа бидејќи ако тие се постават по МЕРИТ системот, тоа е една вредна категорија на луѓе, еден добар потенцијал, но за жал има институции кои државните советници од една претходна власт ги оставаат на страна ќе назначат други државни советници, и никој не знае што прават тие што се во институцијата, а земаат плата. Ова не може да се премолчи и да се чисти на ваков начин.“

Не само што нема да го подобри квалитетот на работењето, туку ваквата реформа е скандалозна и само како предлог, вели универзитетскиот професор Борче Давитковски. Се сомнева дека ваквата мерка може да служи само за ослободување на административците со различно политичко убедување од она на власта.

Skandinavija moze da ni zaviduva na novinite vo administracijata 3„Јас колку што го видов законот на ЕНЕР нема врска со Европска Унија. Ова претпоставувам ќе задоволи нечии партиски интереси. И после согласно европски стандарди, па ќе ни се смее Европа. Ова буквално ќе ни речат – дали сте вие луди? Дали сте нормални? Или да земете во судството, судиите кои имаат над 55 години да им речете ај ќе ги пензионираме!“

Повластен однос и скратено работно време

Друга новина предвидена од Министерството за информатичко општество и администрација е скратено работно време за администрацијата, од 40 на 36 работни часа. Тоа значи во петок, наместо до 16, администрацијата да стави клуч во 12 часот.

„Полното работно време на административните службеници изнесува 36 часа неделно, односно осум часа дневно од понеделник до четврток и 4 часа дневно во петок, доколку со закон и/или колективен договор поинаку не е утврдено“ - се вели во членот 55 од предлог-законот за административните службеници.

Предлогот предизвика низа реакции во јавноста. Министерот Јетон Шаќири истакна дека не гледа причина зошто не би бил прифатлив ваквиот предлог. Тој вели дека предлогот се базира на искуството на повеќе земји во светот. Целта, според него, била да се трансформира администрацијата во мала, ефикасна, задоволна, лесно достапна на граѓаните и сервисно ориентирана.

Со предложениот закон, се менува и оценувањето на административните службеници. Административниот службеник кој ќе добие оценка дека „особено се истакнува” или „се истакнува“ ќе биде награден со признание, до пет слободни денови или специјализирана обука. На оној пак, што ќе биде оценет со „делумно задоволува“ ќе му биде изречена опомена и ќе добие ментор. Ако повторно биде опоменат, платата ќе му биде намалена еден месец за 5%.

Две децении декларативна заложба за реформи

Од осамостојувањето, ова е трет обид да се донесат закони кои се однесуваат на државната и на јавната администрација.

Првиот закон се донесе во 2001 година под името Закон за државни службеници. Една деценија овој закон не опфаќаше над 80% од луѓето кои беа вработени во други сектори. Содржината се однесуваше исклучиво на вработените во администрација кои се водеа како државни службеници.

Во 2010 година се донесе Закон за јавни службеници, кој претрпе две измени и никогаш не се имплементираше како што треба. Во овој закон една од новините беше соодветната и правична застапеност. Оваа постапка во сите институции служи како злоупотреба до денес. Заради задоволување на законот, кандидати наеднаш од Македонци стануваат Албанци и обратно, само за да го добијат работното место. Контрола нема бидејќи речиси сите институции се прогласуваат за ненадлежни. Единствен начин да се воведе ред во ова е проверката од страна на Комисијата за селекција која ќе ја провери веродостојноста на документацијата. При злоупотребата сите се повикуваат на уставното право секој кандидат да се изјасни како што се чувствува.

Во 2014 година се дојде до идеја да се донесат нов Закон за административни службеници и Закон за вработените во јавниот сектор. Предлогот требаше да ги опфати сите јавни и државни службеници во еден закон, а другите вработени во јавниот сектор распределени во зависност од природата на институциите со поинакви звања. Со овој закон се предвидуваше намалување до 50% до 2015 година и 10% до 2019 година преку празни и непополнети места во сооднос со предвидените средства. Но оваа мерка никогаш не се имплементираше според предвиденото. Новина во овој закон беше и оценувањето на администрацијата која што остави впечаток дека со процесот се бави сама со себе.

Превработеност и партизација

Превработеноста и партизираноста на администрацијата е проблемот кој се наметнува како дел од дефиницијата за оваа гранка кај нас. Наместо да се намали бројот на административци, тој постојано се зголемува, со што се оптоварува државниот буџет.

Од вкупниот број вработени, лани 19.594 лица биле вработени во Армијата, Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и во Управата за финансиска полиција.

Барања од ЕУ и искуства од светот

Реформите во администрацијата се повторуваат во секој годишен извештај од Европската комисија. Во последниот за 2020 година стои:

„Северна Македонија е умерено подготвена во реформата на својата јавна администрација. Постигнат е одреден напредок во финализирањето на хоризонталната функционална ревизија на државната администрација. Важно е ревизијата да биде усвоена од Владата. Северна Македонија во моментов ја разгледува законодавната рамка за управување со човечки ресурси преку ревизија на Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавните служби и воведува нов Закон за врвни менаџерски услуги. Новата рамка треба да го подобри управувањето со човечките ресурси во администрацијата и ќе придонесе за обезбедување на подобра почит за вработувања, унапредувања и отпуштања засновани на заслуги, вклучително и на високо ниво на менаџмент.“

Skandinavija moze da ni zaviduva na novinite vo administracijata 4Партиите што во изминативе децении се менуваа во Владата не покажаа волја за вистинска реформа на администрацијата

Професорот Давитковски вели дека реформите во администрацијата не смеат да бидат брзи и непромислени. Тој вели дека во секоја сериозна држава тоа е болно и се случува со децении.

„Вистинска реформа се прави многу сериозно! На пример, на Англичаните, на почетокот од XX век до 1915 година, 15 години правеа реформа. После 80 години, владата на Тачер направи вистинска реформа, приватизираа јавни претпријатија итн. Почнаа да внесуваат менаџерски норми во управувањето со јавниот сектор, каде што беше незамисливо, бирократија си е бирократија. Сега како вие да земете менаџерски форми на управување да внесете. Ја направи вистинската реформа Тачер, но на Конзервативците им требаа 20 години да се вратат на власт. Зашто промените се болни! Зашто многу луѓе остануваат и без работа. Но тоа ја крена Англија! Кога влезе во ЕУ веќе стана рамноправна со Германија и со Франција! Го подигнаа нивото на развој на државата и на задоволство на граѓаните!“, вели Давитковски.

Тој учествувал во сите законски решенија и реформи на администрацијата во државата и тврди дека во 30 години, Македонија немала Влада која има политичка волја да спроведе вистински реформи и да го подобри квалитетот на администрацијата.

 

Оваа Содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинар: Катерина Топалова нимател: Влатко Џикоски Монтажер: Ристо Душковски

Тагови: