Мораториумот во Општина Центар нѝ даде можност да земеме здив и да разгледаме што сѐ се изградило во изминативе 20 години. И има што да видиме: четири целосно нови плоштади, дваесетина јавни и уште стотици станбени објекти, мостови, фонтани, споменици, катни гаражи и што уште не.
Не се гради само во Центар, туку и надвор од него. Чаир, Карпош, Аеродром, Кисела Вода... каде и да се свртиме, Скопје расте со „брзина на светлината“.
Зарем ваков урбан развој не би требало да значи дека работите одат на подобро? Поголем град обично резултира и со повеќе разновидност, повеќе настани, подобра економија и животен стандард, нешто налик на главните градови од Западот.
Но, без разлика колку многу го градиме, Скопје никако да се преобрази во пристојно место за живеење. Токму спротивното, како што расте, градот толку повеќе се згуснува, се испревртува и се заплеткува, ни ги „јаде“ парковите и полека нѐ задушува. Се чини дека некаде ја имаме згрешено равенката за западна метропола.
Очигледен пример за непочитувања на урбанистичките правила е Дебар Маало, каде што на местата на некогашните двокатни куќи се градат повеќекатни станбени објекти
Од утопија до апсурд
Последниот пат оваа равенка се обидоа да ја решат урбанистите од минатиот век, кога во 1965 година го кроеја дотогаш најрадикалниот и најмодерниот план на Скопје. Се предвидуваше зголемување на популацијата од 190.000 на 700 000 жители, и тоа со пари донирани од целиот свет, односно со туѓи пари. Па така, питата почна да се дели: големи парцели, широки улици, јавни простори и по нешто кај некого в џеб... Големи паркови, мегакомплекси и уште нешто во некој друг џеб.
И банката се потроши, а овие утописки идеи се изведоа делумно. Кога можноста ја снема, останавме со три четвртини изграден град, а последниот дел остана како аманет за следните генерации.
Две децении подоцна, скопјани повторно се фатија за работа, да ја довршат равенката во стилот на новото време. Се направи нов план, со којшто се предвидуваше пополнување на празнините и зголемување на процентот на изграденост, но повторно не го добивме посакуваниот резултат.
Време беше за „трета мајка“. Во раните 2000-ти имавме економски развој и силна централна власт којашто најави дека конечно ќе го „европеизира“ Скопје. Имаа и визија и расположени инвеститори, само што нивната визија испадна апсурдна, а инвеститорите прилично сомнителни.
По земјотресот од 1963 година, Скопје постојано е изложено на нови „урбанистички потреси“
Денес сѐ уште сме во екот на овој трет бран модерна урбанизација на градот. Иако големиот проект заврши, се исцртаа толку многу нови маркички што работата продолжи да си врви по природниот тек на градежната индустрија и интересите на приватните инвеститори. Така некако стигнавме до оваа точка, кога на секој чекор се готват некои нови висококатници или трговски центри.
Јавниот пред приватниот интерес
Но како може да ѝ се спротивставиме на неквалитетната урбана експанзија и да си го вратиме градот на правилната патека? Едноставно, треба да го практикуваме истото што и сите опортунисти го правеа во изминатиот период: добро да се запознаеме со процесот на урбанистичко планирање, но за разлика од нив, да го користиме во јавна полза.
Затоа, во пресрет на локалните избори закажани за 2021 година, добро е да се знае како се планира развојот на нашиот главен град.
Главни актери кои имаат удел во овој процес:
- Градот Скопје
- Неговите десет општини: Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари.
- Министерството за транспорт и врски
- Министерството за животна средина и просторно планирање
Работата на овие институции е регулирана од два главни законски акти:
- Законот за просторно и урбанистичко планирање, од 10.2.2020
- Правилникот за урбанистичко планирање, од 18.9.2020
Главната алатка на урбанизмот се урбанистичките планови
Урбанистички план е јавен документ со кој се уредува организацијата, намената, формата и начинот на употребата на просторот и земјиштето, како и просторните и функционалните услови за изградба и употреба на планираните градби
Закон за урбанистичко планирање, член 2/53
Овие планови се хиерархиски подредени и имаат посебни постапки на донесување.
Шематски приказ на постапката за носење на нови детални урбанистички планови
При разгледување на овој систем од закони и правила, воочуваме дека е тој во суштина логичен и нужен за да се заштити јавниот интерес.
Извадок од Законот за урбанистичко планирање, 2020 / стр. 6, член 5
Проблемот на Скопје не лежи во лошата легислатива, туку во нејзината (не)имплементација: недовршувањето на ГУП од 1965, ниската регулација на градежната индустрија и делувањето спротивно на законите во последните децении. Ова се нашите грешки во равенката за западна метропола.
Скопје веќе нема простор за грешки. Тоа секој ден јасно ни го покажува нивото на загаденост на воздухот. За да спречиме влошување на веќе алармантната ситуација, мора да ја адресираме моменталната состојба на урбаното планирање на градот, која се темели врз неколку клучни проблеми.
За нив прочитајте повеќе во продолжението што ќе се објави во петок (27.11.2020).
Оваа содржина е изработена за онлајн платформата „Само прашај“ на Институтот за комуникациси студии во соработка со веб-страницата „Македонска АРХитектура“ (МАРХ) во рамките на проектот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство со поддршка на Британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада.
Автор: Ноеми Чаусидис Соработници: Љубен Трајаноски, Мартин Ефремовски, Мартина Штериова Фотографија: Борис Јурмовски, Филип Конески Лектура: Татјана Б. Ефтимоска