fbpx

Скопските општини станаа „поголеми“ од македонската армија

За 370 лица се зголемил бројот на вработени во десетте скопски општини и нивните институции во периодот 2016-2018 година со што вкупниот број вработени на крајот на минатата година изнесувал 7.659 лица. Извесно е дека оваа бројка ќе расте и годинава со оглед на новите огласи за вработување. Дополнително, повеќето од нив секоја година одвојуваат сѐ повеќе средства за привремени вработувања. Ваквите трендови придонесоа во скопските општини да се создаде „војска“ која е побројна отколку АРМ. Институтот за комуникациски студии истражуваше како се финансира оваа „скопска армија“

Skopskite opstini stanaa pogolemi od makedonskata armija 7

Континуиран пораст на вработените лица има во десетте скопски општини во изминативе неколку години, а доколку се земат предвид распишаните огласи за вработување јасно е дека овој тренд продолжи и годинава. Истовремено, речиси кај сите општини во главниот град има зголемување на буџетските расходи за привремени вработувања. Со оглед на тоа што вработувањата во општините продолжуваат иако дел од нив поради недомаќинско работење во претходниот период натрупаа огромни долгови, кои потоа мораа да се санираат со директна финансиска инјекција од државната каса, истражувавме колку пари се трошат за да се платат вработените и како се обезбедуваат овие средства.

Во оваа група се општините: Центар, Карпош, Кисела Вода, Бутел, Ѓорче Петров, Гази Баба, Аеродром, Чаир, Сарај и Шуто Оризари. Заклучно со 2018 година овие 10 единици на локалната самоуправа се јавуваат како основачи на 97 институции од јавен сектор. Во нив, според податоците од Годишниот извештај од регистарот на вработените во јавниот сектор, биле вработени 6.776 лица, кои заедно со вработените во општинските администрации, чиј број изнесувал 883, сочинувале бројка од вкупно 7.659 вработени лица. Колку за споредба, во македонската армија на крајот од 2018 година имало 7.211 вработени.

Во 2016 година вкупната бројка на вработени во скопските општини и нивните институции била 7.289 лица. Математиката покажува дека во периодот 2016-2018 година бројот на вработените се зголемил за 370 лица.

Skopskite opstini stanaa pogolemi od makedonskata armija 1

Во однос на бројот на вработени на 1.000 жители, просечниот број на вработени во општинските администрации на оваа група изнесувал 1.74 лица, додека просекот на вкупно вработени (локална самоуправа и сите институции) изнесувал 15.11 лица.

Општина Карпош имала најмногу вработени во општинската администрација и тоа 2.68 на 1.000 жители, додека најмалку имало во општина Шуто Оризари со 0.82 вработени на 1.000 жители. Од друга страна, најмногу вкупно вработени во администрацијата на локалната самоуправа и во институциите чиј основач е општината на 1.000 жители имала општина Центар и тоа 18.94, а најмалку се во општина Ѓорче Петров – 10.98 вработени на 1.000 жители.

На превработеноста во општините укажаа и дел од условно кажано новите градоначалници веднаш откако дојде до промена на власта на последните локални избори. Имено, градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев во ноември, 2017  година соопшти дека голем број од вработените немаат ниту каде да седат и дека пренатрупаност има во сите сектори.

Сепак, како и во другите општини, така и во општина Карпош и за време на неговиот мандат има тренд на зголемување на вкупниот број вработени.

Нови огласи за вработување и во 2019 година

Речиси сите скопски општини имаат нови вработувања и во 2019 година. Само во текот на ноември Агенцијата за администрација објави оглас за вработување на 10 државни службеници во општина Карпош каде се бараат кандидати за раководители, советници, соработници и виши соработници. Овој месец беше распишан оглас за вработување на 8 државни службеници во Општина Центар во кој се бараа кандидати за раководители, виши соработници, референти и соработници. Претходно, во август, годинава беше објавен оглас за вработување на 24 државни службеници во истата општина во кој се бараа различни профили работници. Во јули, Агенцијата за администрација објави оглас за вработување на 18 државни службеници во општина Бутел, а огласи за вработување имаше и за општина Аеродром и Кисела Вода.

Skopskite opstini stanaa pogolemi od makedonskata armija 2 Skopskite opstini stanaa pogolemi od makedonskata armija 3

Освен што побараа нови вработувања преку огласи, дел од општините, за кои се достапни податоци ги зголемија и предвидените буџетски средства за привремени вработувања во 2019 година. Тие се „посебна приказна“ поради недоволната транспаретност на општините во однос на објавување податоци за бројот на вработени преку договор на дело, но и поради тоа што некои општини воопшто ги немаат објавено новите буџети. Така, зголемување на предвидените пари за оваа намена годинава може да се забележи кај општините Аеродром, Бутел, Кисела Вода и Чаир. Сепак, рекордер во буџетски расходи наменети за привремени вработувања е општина Карпош со предвидени 58 милиони денари за годинава, што е помалку во однос на претходната година кога оваа буџетска ставка изнесувала 63 милиони денари.

Буџетски расходи за привремени вработувања/денари

2018 год. 2019 год.
Општина Аеродром 8.970.000 19.350.000
Општина Бутел 20.420.000 22.500.000
Општина Гази баба 14.480.000 12.000.000
Општина Центар 22.000.000 9.000.000
Општина Карпош 63.000.000 58.000.000
Општина Кисела Вода 24.230.000 29.984.458
Општина Чаир 2.000.000 6.500.000

Инаку, дека привремените вработувања се редовна практика на општините покажуваат и склучените договори со приватните агенции за привремени вработувања. Така, општина Гази Баба по распишаниот тендер за набавка на услуги за привремено вработување склучи договор со агенцијата за привремени вработувања „Еси времено вработување“. Вредноста на склучениот договор со вклучен ДДВ е 7.488.999 денари или околу 121.000 евра. Општина Ѓорче Петров по распишаниот тендер за набавка на услуги за привремени вработувања склучи договор со агенцијата за привремени вработувања „Анторис“ од Скопје. Вредноста на склучениот договор со вклучен ДДВ е 12.000.000 денари или околу 195.000 евра. Општина Аеродром по распишаниот тендер за набавка на услуги од приватна агенција за вработување за потребите на општината склучи договор со агенцијата за привремени вработувања „Партнер“. Вредноста на склучениот договор со вклучен ДДВ е 5.338.900 денари или околу 86.000 евра.

{loadposition sk-opst}

За вработувањата на неопределено време и за привремените вработувања разбирливо плаќаат граѓаните и компаниите преку давачките кои директно се слеваат во општинските каси, но и преку државниот буџет. Според законската регулатива извори на финансирање на општината се: сопствени извори на приходи (локални даноци, локални такси и локални надоместоци, приходи од сопственост на општината, самопридонес, парични казни, донации и други приходи утврдени со закон), дотации на средства од буџетот на државата и од буџетите на фондовите и задолжувањето. Имено, општините земаат 3 отсто од персоналниот данок на доход на лични примања од плати од физички лица наплатен во општината во која се пријавени со постојано живеалиште и престојувалиште, како и 100 отсто од персоналниот данок на доход од физички лица кои се занимаваат со занаетчиска дејност, регистрирани согласно со Законот за занаетчиска дејност, на чие подрачје се регистрирани за вршење на дејност.  Тие земаат и 4,5 отсто од вкупно наплатениот данок на додадена вредност остварен во претходната фискална година.

Skopskite opstini stanaa pogolemi od makedonskata armija 8

Сепак, анализата на буџетите кај скопските општини покажува дека освен дотациите од буџетот, кај даночните приходи доминираат таканаречените даноци од специфични услуги меѓу кои се и надоместоците за комуналии односно уредување на градежно земјиште. Тоа го отвора прашањето дали општините во трка по приходи сѐ почесто им излегуваат во пресрет на инвеститорите и агресивно поттикнуваат изградба на нови згради и други објекти наместо да го заштитат јавниот интерес и да обезбедат повеќе зеленило и јавен простор за граѓаните.

Skopskite opstini stanaa pogolemi od makedonskata armija 4

Од друга страна, расходната страна на буџетите на општините покажува дека кај повеќето од нив третина од вкупните пари во текот на една година се трошат за плати и надоместоци за вработените, што само ја потврдува лошата структура на буџетите на локалната самоуправа. Кај сите скопски општини без исклучок во периодот 2017-2018 има пораст на средствата наменети за плати и надоместоци, а слична е состојбата и во буџетите за 2019 година.

Skopskite opstini stanaa pogolemi od makedonskata armija 5Skopskite opstini stanaa pogolemi od makedonskata armija 6

Пораст на расходите за плати имаше и во услови на огромна презадолженост кај некои од општините.  Владата во октомври, минатата година го усвои  законското решение со кое на општините им се ставија на располагање 3 милијарди денари за покривање на заостанатите долгови. Со тоа, секоја општина доби неповратни средства за да покрие 51 отсто од пријавените обврски. Тоа значи дека граѓаните преку државниот буџет покрија половина од вкупните долговите на Аеродром (6.280.387 денари), Бутел (3.111.099 денари), Гази Баба (140.344.585 денари), Ѓорче Петров (2.979.417 денари), Карпош (486.927.773 денари), Кисела Вода (127.027.735 денари), Сарај (92.974.614 денари)  Центар (3.266.280 денари), Чаир (138.505.129 денари) и Шуто Оризари (1.704.440 денари).

Поради лошото менаџирање на буџетите актуелната Владата воведе измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа со кои ги ограничи општините и наложи дека „сопствените приходи на основниот буџет на општината може да се планираат со пораст од најмногу 10 отсто од просечно остварените приходи во последните три години“.

Во Град Скопје и градските инстутиции лани 8.026 вработени, бројката ќе расте

Во Град Скопје и во 38. институции основани од Градот на крајот на 2018 година работеле 8.026 лица. Од нив во градската администрација работеле 615 лица, а 7.144 биле вработени во институциите.

Во 2016 година вкупниот број вработени во Градот Скопје и во 37. институции на градот изнесувал 7.695 лица, од кои во општинска администрација биле ангажирани 664 лица, а останатите 7.031 лице работеле во институциите основани од Градот.

Пресметката покажува дека бројот на вработени во Град Скопје и градските институции во периодот 2016-2018 година се зголемил за 331 лице.

Слично како и во скопските општини, за очекување е дека оваа бројка ќе се зголеми со оглед на тоа што Агенцијата за администрација за потребите на Град Скопје во јануари годинава распиша оглас за вработување на 25 службеници, а оглас за вработување имаше и овој месец во кој се бараа кандидати за 21 отворено работно место.

Потребна е сериозна работа за промени во децентрализацијата

За ваквите трендови поразговаравме со Весна Гарванлиева Андонова, постар економист во Центарот за економски анализи каде подолг период се занимаваат со оваа проблематика.

Во однос на прашањето дали е потребна поголема контрола во однос на вработувањата во овие општини посебно ако се земе предвид дека дел нив беа потонати во долгови кои потоа беа покривани од државниот буџет, таа вели дека ЦЕА излегол со свој став по однос на задолжувањето на централната власт за обврските на ЕЛС.

„Сѐ уште сметаме дека ваквиот инструмент води кон  натамошно еродирање на правната држава, одржување на заробеноста на државата, синдикализирање на трошоците од неодговорно работење на избрани и именувани функционери. Сметаме дека беше потребна да се направи соодветна анализа за состојбата, причините, структурата, финансиските и економските ефекти од неплатените обврски од страна на ЕЛС и да ја детектира одговорноста. Вработувањата во јавниот сектор вклучително и ЕЛС, како и расходите беше потврдено во изминатите периоди дека се зголемуваат значително пред избори и се корелирани со изборните циклуси. Истовремено ефикасноста на јавната администрација во земјава е на релативно ниско ниво за што во знаен број на извештаи и анализи истото беше поткрепено па оттука и Стратегијата за реформа во јавната администрација и потребата од нејзина доследна и навремена имплементација“, вели Гарванлиева Андонова.

На прашањето какви се сознанијата на ЦЕА во однос на начинот на кои се трошат парите од општинските каси за нови вработувања, ако при тоа се земе предвид дека општините не се многу транспаретни и не објавуваат податоци за бројот и структурата на вработените, таа вели дека транспарентноста во делот на буџетскиот процес кај ЕЛС во Македонија во изминатиот период има генерално подобрување меѓутоа индикативно е селективната транспарентност односно варијабилност на степенот на транспарентност од период до период.

„Општо земено се додека не е пропишано со одреден регулатива да одреден податок/информација/документ треба да се објавува, ЕЛС не го објавуваат, односно проактивната транспарентност е на ниско ниво па така и во однос на вработувањата а уште повеќе во делот на привремени вработувања кои во буџетите се дел од стоки и услуги. Тековните буџети во кои спаѓаат трошоците за плати и надоместоци кај ЕЛС се движат од околу 75 до 87 отсто од вкупните буџети. Според последните податоци за кои сме правеле анализи за 2016, во делот на економската класификација на трошоци за плати и надоместоци во просек за сите ЕЛС од вкупната реализација на буџетите на општините на национално ниво отпаѓа 35 отсто, од најниски 13 до 53 отсто по ЕЛС, привремените вработување се со дополнителен 1 отсто на национално ниво, на ниво на ЕЛС учеството на овие расходи се движеле од 0 до 13 отсто од реализираните буџети“, информира Гарванлиева Андонова.

Во однос на тоа дали треба да се размислува за ревидирање на децентрализацијата со оглед на тоа што досегашните искуства покажуваат дека општините не се многу ефикасни во менаџирањето на буџетските средства, Гарванлиева Андонова вели дека тековната регулатива за фискална децентрализација и финансирањето на ЕЛС е важечка веќе петнаесетина години што ја прави релативно застарена.

„Во овој период контекстот и опкружувањето, прогресот и тн. се изменети, па оттука треба сериозно да се работи на измени на процесот на децентрализација вклучително и фискалната децентрализација, со што треба да се направи преглед на научените лекции, промените и потребите во новиот контекст“, заклучува Гарванлиева Андонова.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Владимир Николоски

Тагови: