Министерството за финансии и Владата не сакаат да одговорат на прашањето колкава површина државно земјиште е приватизирано во изминативе пет години по цени од 1 до 7 евра за квадрат, коишто се утврдени со Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежно земјиште од 2011 година. Прашањето се отвори откако дознавме дека Министерството за финансии на 29.12.2021 година издало решение со кое што се прифаќа барањето на компанијата „ЗСФ-КОМ“, во сопственост на бизнисменот Фатмир Етеми за приватизација на 663 квадратни метри државно земјиште спроти НИП „Нова Македонија“ по цена од 7 евра за квадрат.
Министерството за финансии дозволува приватизација на државно земјиште од 663 квадрати за помалку од пет илјади евра иако пазарната вредност на земјиштето во строгиот центар на Скопје е многу повисока
Државната комисија за спречување на корупцијата отвори предмет за случајот што го обелодени „Само прашај“. Оттаму информираат дека ја проверуваат документацијата за да се утврди дали се почитувани законите и како државен имот завршува во рацете на бизнисмени по багателни цени.
Коруптивни закони
Проверките ќе се прават во неколку правци, вели претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, и во однос на постапката и во однос на можните влијанија, но и кој им дава информации на бизнисмените за атрактивните парцели за мали пари.
„Ние ќе ја проверуваме целата постапка, од почеток до крај. Од самиот почеток кога економскиот оператор поднел барање за легализација на дивоградбата, значи од самиот почеток па до крај да видиме како течела постапката. Знаете како е, некои драматични очекувања, бог знае какви немаме заради тоа што најголемата корупција, за жал, се одвива сè по закон. Тоа е факт. Ние во повеќе наврати сме кажале, еве да почнеме со законот за утврдување правен статус на бесправно изградените објекти, за којшто сме укажале дека носи високи ризици од корупција и треба да се укине. Токму еве од тој закон тргнува сега оваа цела акција. Понатаму, влијанието кое го прават бизнисмените врз политичарите и од друга страна можеби, можеби ќе успееме да откриеме кој ги дава информациите на ваквите бизнисмени дека тука и тука постојат такви и такви парцели, ме разбирате. И тоа е исто така многу битно, макар е многу тешко да се утврди, но, ако успееме, добро би било“, вели Ивановска.
Општина Центар дозволи пренамена, ќе се гради деловна зграда
Антикорупционерите ги засукаа ракавите ама Општина Центар веќе го прифати барањето на инвеститорот, компанијата „ЗСФ-КОМ“ на бизнисменот Фатмир Етеми за спојување на двете градежни парцели и за пренамена во деловни и комерцијални дејности.
Во Општина Центар лесно оди пренамената на парцелите по барање на инвеститорот
Ова значи дека наместо станбена зграда и хотел, таму ќе никне деловна зграда, која според желбите на инвеститорот треба да биде на 15 ката. Образложението на Центар е дека ако се гради во висина ќе се добие повеќе зеленило.
Инвеститорот дел од земјиштето го купил од приватни сопственици, а со дел се стекнал преку приватизацијата што му ја овозможи Министерството за финансии, предводено од Фатмир Бесими.
Некои прашања не заслужуваат одговор
Министерството за финансии сè уште не одговора на прашањата од „Само прашај“ за овој случај. Од ресорот продолжуваат да молчат за основот врз којшто е извршена последната приватизација на атрактивната локација спроти „Нова Македонија“ и не кажуваат колку државно земјиште е приватизирано по овој „рецепт“ изминатиов период согласно Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, кој датира уште од 2005 година.
Прашања без одговор
1. По кој основ е одлучено во корист на фирмата „ЗСФ-КОМ“ за да се донесе Решение за приватизација на државно земјиште на 29.12.2021 година?
2. Колкаво земјиште во % поседувал г. Фатмир Етеми на таа локација, за токму на неговата фирма да и биде дозволено таму да приватизира државно земјиште?
3. Колку државно земјиште е приватизирано на ваков начин во последните пет години?
4. Зошто досега не се сменети тарифите коишто ги донела претходната Влада ако се согласувате дека цените се ниски? Кога Владата ќе донесе одлука за промена на тарифникот?
5. Како може цените за приватизација да се исти во секоја општина во Скопје (согласно последната Уредба од 2011 година)?
Ова се дел од прашањата за коишто Министерството за финансии очигледно смета дека не заслужуваат одговор, иако јавноста има право да знае како се раздава државниот имот од оние на коишто им е доверен на чување. Истите прашања ги испративме и до Владата, но и оттаму немаше одговор.
Надлежните молчат и на прашањето зошто досега не е промената Уредбата за висината на надоместот за приватизација на градежно земјиште донесена во времето на Владата на поранешниот премиер Никола Груевски со којашто се утврдува надоместокот за приватизација, ниту кога ќе се случи тоа.
Спорната Уредба по која се врши приватизација на државно земјиште по цени од 1 до 7 евра за квадрат
Наместо конкретни одговори на поставените прашања, министерот за финансии Фатмир Бесими во јавен настап соопшти дека за случајот дознал од медиумите и вети дека ова ќе биде последна приватизација по оваа цена.
„Станува збор за приватизација за која има уредба од 2011 и на жалост, тоа останало и тука констатацијата е дека таа треба да се менува. Очигледно е тоа дека се користи од бизнисот. За тоа е надлежна Управа за имотно-правни односи која одлучува врз основа на акти од општината и државниот правобранител. Тоа е градежна парцела на општината за која има постапки од 2018. Уредбата на Владата за цена од 7 евра е дискутабилна и ние веќе разговаравме за тој проблем“, рече Бесими во „Утрински брифинг“ откако „Само прашај“ го обелодени случајот.
Молк наместо одговори
Бесими „подзаборава“ дека неговата партија ДУИ била коалициски партнер во Владата на Груевски во 2011 година, кога е донесена спорната уредба. Оттогаш до денес се изминати повеќе од десет години, период во којшто ДУИ е постојано во власта како коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ. Очигледно е една деценија не била доволно за да се спречи раскрчмување на државен имот за „бадиела“.
Оваа содржина ја подготви Институтот за комуникациски студии
Новинар: Мартин Пушевски Снимател: Иван Поповиќ