fbpx

Тропна на врата како „настинка“ ама брзо ги наполни болниците

Кога на врата влезе таканаречениот сој „омикрон“, како да ги поби сите тврдења што јавноста ги имаше. Се доби впечаток како вакцините да престанаа да ја вршат својата функција, како на прележаните наеднаш да им „исчезнаа“ антителата, луѓе почнуваа да се заразуваат од Ковид-19 и по вторпат, а сето тоа беше претставувано како нормално, со забелешка дека новиот сој е како еден вид настинка, барем според симптомите.

Мерките останаа исти – рестораните се полнеа со луѓе кои седат без маски, а обезбедувањето во моловите сè уште им ги прегледува сертификатите за вакцинација на лицата кои влегуваат, иако многу од нив, освен што се вакцинираа, веќе и прележаа, дел од нив и без да знаат. Децата почнаа настава со физичко присуство и со маски, а противниците на вакцинацијата инсистираа да се тргне и таа мерка како задолжителна.

Повторно расте бројот на заболени и починати од Ковид-19

Сè одеше кон тоа дека најверојатно омикронот го означува почеток на крајот на пандемијата. Но, дали е тоа навистина така? Дали омикронот навистина може да се спореди со настинка? Последните бројки на хоспитализирани лица покажуваат дека сепак, очигледно ќе претстои долг период додека комплетно да се збогуваме од пандемијата.

„Иако целиот свет се изјасни дека омикронот е побениген, половина милион луѓе починаа откако е откриен“, изјави на 9 јануари годинава претставникот на СЗО, Абди Махамуд.

Тој истакна дека „во ерата на ефективни вакцини, половина милион починати е повеќе од трагично“.

Според него, во светот се регистрирани 130 милиони заразени случаи и 500.000 починати откако СЗО го нарече омикрон „загрижувачка“ варијанта кон крајот на ноември.

Од Ковид-19 починаа речиси 5,75 милиони луѓе низ светот од почетокот на пандемијата. Досега се употребени 10 милијарди дози од вакцините.

Висока смртност во Македонија

Процентот на смртност од Ковид-19, ако се пресметува според број на починати од заразени лица, почнува да опаѓа во речиси сите држави, вклучително и во Македонија, но сепак, нашата држава држи високо место. Сè уште се наоѓа на шестото место во светот според смртност на 1 милион жители, а ако се пресмета процентот на починати од заразени, земјава е на трето место во регионот, односно починале 3 проценти од лицата кои се заразиле со Ковид-19. Отворено е прашањето колку овие проценти се валидни, ако се земе предвид фактот дека голем број заразени лица се тестираат дома, со тестови купени од аптека, а притоа не прават ПЦР тестови или брзи тестови во акредитирани лаборатории, па така под знак прашалник се става и бројката на заразени лица кои не влегуваат во евиденцијата на Институтот за јавно здравје.

Tropna na vrata kako nastinka ama brzo gi napolni bolnicite 1

Министерот за здравство Беким Сали, во нискиот процент на вакцинирани граѓани гледа една причина за високата стапка на смртност во земјава од коронавирусот.

Tropna na vrata kako nastinka ama brzo gi napolni bolnicite 2„Од посетите на неколку ковид-центри низ земјава, видов добра грижа и макотрпна работа на здравствените работници. Жално е што е низок бројот на вакцинирани. Гледаме пациенти кои се жртви на пропаганда, за која е необјасниво зошто се прави. Теории на заговор, неспособност… Ние се трудиме да ги развиваме нашите позитивни политики“, рече Сали во интервју за „Само вистина“, додавајќи дека една од позначајните причини зошто имаме висок број починати од корона од почетокот на пандемијата е ниската стапка на вакцинација.

Ивица Апостолов, претседателот на Здружението на медицински лаборанти од Универзитетскиот институт за клиничка биохемија, по оваа изјава, му се обрати на министерот за здравство, велејќи дека речиси во сите ковид центри има недостиг од кадар.

Tropna na vrata kako nastinka ama brzo gi napolni bolnicite 3„Министре, добро е што почнавте да ги посетувате и болниците каде се лекуваат болните од ковид, затоа што речиси сите имаат од 60 до 80 кревети, некаде и по 6 пациенти лежат во иста соба, а во модуларните (кои работат) секогаш има 10-тина кревети кои се празни, а се прашувате ли зошто? Не се празни поради опаѓање на компликациите од инфективната болест и потребата за хоспитализација, туку поради недостаток на медицински кадар и затоа се некои постојано затворени! Се запрашавте ли министре зошто имаме голема смртност кај болните од ковид кои се хоспитализирани? Зар треба да ги слуша јавноста истите прикаски и од оваа Комисија за заразни болести… дебелина, срцеви болни, дијабетичари, т.е. она најексплоатираното во јавноста, коморбидитети?!?, праша Апостолов.

Тој додаде дека многу покоректно е да и сè каже на јавноста дека од речиси 70% од ковид болните имаат потреба од кислородна поддршка.

„А за да биде вистината уште посурова, речиси во сите ковид центри во смената има по двајца млади и неискусни лекари кои се понекогаш и по 12 часа на смена, а најтрагично е што најголемата одговорност и работа ја имаат само две дежурни медицински сестри и еден болничар! А, да не набројувам дека на секој пациент му треба нега, пациентите не смеат да помислат да се движат поради отежнато дишење и баш затоа голем број се со поставени катетри или пелени, речиси сите се со инфузија и сега сакам јас да ве прашам, дали некогаш сте помислиле како може тој медицински кадар да ги згрижи овие тешко болни пациенти?“, изјави Апостолов.

Новата Комисија за заразни болести на чело со д-р Александар Петличковски најави дека ќе го преиспитува начинот на заведување на починатите од Ковид-19 во обид да дојде до причините за високата стапка на смртност кај нас. Напорите се да се направи разлика помеѓу оние кои починале од вирусот и оние кои починале од други болести, но биле и позитивни на Ковид-19.

„Анализата што ја работевме има за цел да одговори и зошто имаме висока стапка на смртност и еве, еден проблем кој го лоцираме е слабата застапеност на трета доза. Втор проблем, односно втора дискусија која ја отворивме е шифрирањето на починатите од Ковид-19 и тука се обврзавме да имаме еден работен состанок со статистика, со Институт за епидемиологија кои го изготвуваат овој шифрарник за да направиме апдејт бидејќи изгледа дека шифрирањето се води по методологија која е од почетокот, можеби, на пандемијата. Веројатно тука има некој развој и размислуваме да го освежиме начинот на шифрирање, односно на класифицирање на болеста“, рече Петличковски.

Уште одамна стана јасно дека за тоа колку е сериозен одреден сој на коронавирусот и за начинот на кој државата се справува со пандемијата, не говорат податоците за бројот на заразени, туку бројката на хоспитализирани и починати пациенти. Кога овие бројки почнуваат да се зголемуваат, тогаш и функционирањето на целиот здравствен систем се доведува во прашање. А бројките во моментов, не ѝ одат во прилог на државата и на здравствениот систем, а секако не и на граѓаните.

Tropna na vrata kako nastinka ama brzo gi napolni bolnicite 4Македонија е една од земјите со најнизок процент вакцинирани граѓани

Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 31 јануари до 6 февруари годинава, хоспитализирани се 717 лица, што е за 6,9 проценти повеќе во споредба со претходната недела. Од нив, според ИЈЗ, 430 се на кислородна поддршка, што е за 10,3 проценти повеќе во споредба со претходната. На инвазивна/неинвазивна механичка вентилација се 14 пациенти, што е за 54,8 проценти помалку во однос со последната недела од јануари годинава.

Малку помала бројка на хоспитализирани, според извештаите на ИЈЗ, имало и минатата година. Во средината на февруари 2021 година, биле хоспитализирани 661 пациенти, од кои 250 биле на кислородна поддршка и 18 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација. Ова е истиот период кога и почна вакцинацијата во Македонија, односно на 17 февруари 2021. Ова практично значи дека и после една година од вакцинацијата, во земјава има речиси ист број хоспитализирани пациенти како последица на Ковид-19.

Во земјава починале 14 луѓе со примена трета доза вакцина

Според податоците од ИЈЗ, заклучно со 06.02.2022, вакцинирани се вкупно 867.529 лица со барем една доза на вакцина против Ковид-19 во државата и во странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 845.121 лица, а со трета доза се вакцинирани 132.488 лица.

Или, појасно кажано, од вкупното население во државата вакцинирани се 41,9 отсто, што е низок процент во однос на други европски држави.

Tropna na vrata kako nastinka ama brzo gi napolni bolnicite 5Извор: ИЈЗ

Според одговорот што го добивме од Министерството за здравство на 2 февруари годинава, трета, бустер доза, примиле над 130 илјади граѓани.

„Вкупно 140 лица со примена трета доза досега биле хоспитализирани, а како последица од компликации од Ковид се починати 14 лица со примена трета доза“, ни одговорија од Министерството на 2 февруари годинава.

Ова практично значи дека стапката на смртност кај лица кои примиле трета доза вакцина изнесува 0,01 процент. Од Министерството за здравство не добивме одговори колку од починатите лица од Ковид-19 во земјава биле целосно вакцинирани, а колку невакцинирани, како и старосните групи на починатите вакцинирани/невакцинирани лица.

Засега, следејќи ги бројките, граѓаните како да се откажаа од вакцинирањето, бидејќи наголемо се шири тезата дека вакцините биле направени за сосема други соеви на коронавирусот, а не и за „делта“ и „омикрон“. Оттаму и прашањето дали трета, бустер доза воопшто дава некаква заштита?

Tropna na vrata kako nastinka ama brzo gi napolni bolnicite 6„Вакцините се базирани на соеви на SARS-CoV-2 коишто моментално не постојат, тие предизвикуваат и клеточен и антителен имун одговор којшто е најспецифичен за сојот против кој се дизајнирани. Но, во текот на наредните неколку месеци по примање на втората доза, имуниот одговор додатно зрее и преку процес на рекомбинација, тој „еволуира“, односно станува похетероген и се добиваат антитела коишто може потенцијално да неутрализираат антигени (целни протеини) од други соеви. Преку „бустер“ дозата овие новосозреани аспекти на имуниот систем се зголемуваат и можат поефикасно да се борат со нови соеви. Истото се случува и кај прележани пациенти коишто примаат една доза на вакцина, нивниот имун систем додатно созрева и со самата вакцина тој новосозреан дел се потенцира“, вели доктор Горан Кунгуловски од лабораторијата за генетика и персонализирана медицина во клиниката „Жан Митрев“.

Со сличен став е и д-р Марија Михајлова, специјалист по семејна медицина и матичен доктор во ПЗУ „Семед“.

Tropna na vrata kako nastinka ama brzo gi napolni bolnicite 7„Давањето бустер доза од ковид вакцина е моментално единствено решение, и секако, вакцинацијата на невакцинираните. Некои земји во светот веќе го повикуваат населението и за четврта доза. Она што станува актуелна тема на дискусии е недостаток на научни докази за ефикасност на повеќекратни вакцинации во кус временски интервал и исцрпување на имунолошкиот систем. За научниците е непознато дали тој феномен се јавува кај вакцини против Ковид-19“, вели таа.

Со оглед на тоа што голем број граѓани чекаат пред приватните лаборатории за да проверат дали имаат антитела, неизбежно се јавува прашањето колку бројот на антитела може да даде соодветна информација дека одредено лице нема да се зарази од „омикрон“, без разлика дали прележало Ковид-19 или не.

„Колку повеќе неутрализирачки антитела, толку помала шанса за зараза. Но, сега за сега не се знае точната граница на број на неутрализирачки антитела кои штитат 90% од зараза, број на антитела кои штитат 70% од зараза, итн., иако веќе има неколку студии кои работат на случајот. Исто така, веројатно важен фактор во ризикот за зараза ќе биде и бројката на антитела во горниот респираторен тракт (најчесто IgA антитела) кои се едни од првите одбранбени линии при контакт со вирусот. Затоа активно се работи на спрејни назални вакцини, кои теоретски треба да побудат имун одговор локално во горниот респираторен тракт. Со нив се смета дека драстично ќе се намали ризикот од зараза. Во однос на ризикот за тежок облик на болеста, значајна улога игра и клеточниот имунитет предизвикан од вакцина или природна инфекција. Или со други зборови, имунизирано лице коешто нема детектирани антитела во крвта, но има клеточен имунитет, сè уште има понизок ризик за сериозен тек на болеста од лице без антитела и без клеточен имунитет“, вели Кунгуловски.

Вирусот ќе циркулира, а грижата ќе биде насочена кон луѓето изложени на ризик

Секоја држава, зависно од капацитетите со кои располага, различно се справува со ковид пандемијата. Кај нас, големи дебати се отворија и околу протоколите за лекување. А нив ги немаат ниту матичните лекари – првиот чекор на пациентот кон справување со коронавирусот.

„Со оглед на фактот дека до ден денешен не ни е доставен протокол за лекување на пациенти со ковид инфекција во ПЗЗ , се мисли на Упатство согласно МБД (медицина базирана на докази ), значи ние немаме насоки кога би биле потребни извесни испитувања. Во изминативе години сведоци сме и на различни пристапи во лекување од терциерно здравство. Искуството до сега е испитување на одредени биохемиски параметри при ковид инфекција и благодарение на достапноста на тие анализи, на пациентите им е овозможено истите да ги направат на едно место. Значи она што минатата година го немавме како можност сега ни е достапно како услуга која може да ја понудиме и секако дека максимално ја користиме се со една цел благосостојба на пациентот“, вели д-р Михајлова.

Таа е оптимист и верува на изјавите на светски епидемиолози дека сезоната на грип ќе биде и сезона на коронавирус.

„Вирусот ќе циркулира и понатаму, а грижата ќе биде насочена кон луѓето изложени на ризик. Очекувањата се ковид да стане „ендемичен“, а тоа значи дека би имал конзистентни и предвидливи нивоа како што е со грипот. Сепак, ендемичен не значи и поблаг. Во сезона на грип исто така има во светот стотици смртни случаи“.

Вирусот нема да исчезне

Голем број држави во меѓувреме почнуваат да ги редуцираат мерките против Ковид-19, иако, во голем број од нив, бројката на заразени расте. Британскиот премиер Борис Џонсон неодамна изјави дека, кога во текот на овој месец ќе ја претстави владината стратегија за соживот со коронавиорусот и дека има намера да ја укине законската обврска за самоизолација за луѓето во Англија кои се позитивни на Ковид-19.

Во Белгија, владиниот комитет ќе се состане за да одлучи за идните мерки за спречување на ширењето на Ковид, а со оглед на намалениот број на инфекции, се очекува олабавување. Според последните статистики на Институтот за јавно здравство на Белгија, изминатата недела бројот на заразени со Ковид-19 опаднал за 37 отсто. Најавено е дека и Шведска ќе ги укине сите епидемиолошки мерки, кои во некоја форма се во сила уште од почетокот на пандемијата во март 2020 година, а една од промените е прекин на опсежното тестирање на коронавирус. Па така, граѓаните со симптоми на Ковид-19 чија состојба не бара хоспитализација, повеќе нема да се тестираат во јавниот здравствен систем, туку капацитетите целосно ќе се пренасочат кон тестирање на персоналот и пациентите од болничкиот систем и системот за нега на стари и ранливи лица. Израел, пак, се откажа од сите правила кои налагаат докажување на вакциналниот статус и покрај рекордниот број пациенти со тешка форма на Ковид-19.

За моќта на вакцините

Уште од самиот почеток на пандемијата, најголемиот проблем како резултат на болеста Ковид беше големиот ризик за хоспитализација и смрт, посебно кај ранливи категории на луѓе како тие со коморбидитети и/или во повисоки старосни граници, вели д-р Горан Кунгуловски од лабораторијата за генетика и персонализирана медицина во клиниката „Жан Митрев“.

„Вакцинацијата како најмалку ризичен начин за стекнување на некаков имунитет има за цел токму тоа, првично да го намали ризикот за хоспитализација и смртен исход и второстепено да го намали ризикот за зараза. Една од најголемите грешки на производителите на вакцини и владите на државите беше што иницијално ставија преголем фокус на веројатноста за зараза кај вакцинирани лица, а премал фокус на најрелевантниот фактор - ризикот за сериозен тек на болеста“, вели Кунгуловски.

Голем број граѓани сè уште не се свесни дека вакцината помага

Според него, вакцините базирани на вуханскиот сој го прават токму тоа, го намалуваат ризикот за хоспитализација и смртен исход за 5-15 пати, но исто така го намалуваат значајно и ризикот за зараза кај вуханскиот сој и алфа сојот.

„Заштитата од зараза драстично се намали во брановите со делта варијантата, а истата скоро целосно се изгуби во бранот со омикрон сојот. Но, без разлика на тоа, заштитата од хоспитализација и смртност остана значителна. Сепак, како што знаеме, ништо во биологијата и медицината не е 100% ефикасно. Во просек секоја старосна категорија на луѓе има одреден ризик за хоспитализација и смртен исход при Ковид-19; да речеме еден 50-годишник без имунитет (пр. невакциниран, непрележан) кон SARS-CoV-2 има ризик од смрт од 0.1-0.5 %, додека пак кај невакциниран и непрележан 80 годишник, ризикот за смрт може да достигне и до 5-10%. Кога 80 годишник би примил две дози (да речеме мРНК вакцина), неговиот ризик за смрт би се намалил драстично, односно би стигнал на ниво како на 50-годишникот без имунитет. Кога 50-годишникот би примил две дози на вакцина, неговиот ризик за смрт би се намалил на нивото на невакциниран и непрележан 30-35 годишник. Или сликовито, доколку од 1.000 заразени 80-годишници, од оние коишто немаат никаков имунитет (пр. вакцинален) ќе починат меѓу 50-100 души од нив, но доколку истите 1000 заразени 80-годишници се претходно вакцинирани со две дози на вакцина, ќе починат 5-10 од нив. Тоа е моќта на вакцините“, објаснува Кунгуловски.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинарка: Мери Јордановска

Тагови: