fbpx

Убавите зборови и фалбите на Владата не го поправаат имиџот кај граѓаните

  • Задоволството на владините претставници од отвореноста на институциите не го делат во целост ниту граѓаните ни експертите. Нивната перцепција е дека институциите се нетранспарентни што креира недоверба во државните институции и поттикнува сомневања за коруптивност.
  • Непотизмот, партизацијата, кронизмот, трговијата со влијанија се корупција од која патиме и која може да се превенира само преку транспарентното работење, вели професорката Ана Павловска Данева.
  • Македонските власти не се согласуваат дека транспарентноста е од клучно значење за довербата на граѓаните. Според нив, довербата се креира врз перцепции кои „немаат врска со достапноста на информациите, туку имаат врска со начинот на кој тие информации се пренесени“ во медиумите.
  • Отсуството на одговорност на сите нивоа е причина за ниската доверба во институциите, оценува претседателката на Антикорупциската комисија Ивановска. Ниту еден функционер или директор за кој побарале да биде разрешен, не бил сменет.
  • Довербата во институции може да се врати преку суштинска транспарентност и одговорност, порачуваат експертите.
 

Задоволството на владините претставници од отвореноста на институциите и транспаретноста не го делат граѓаните ниту експертите во целост. Нивната перцепција е дека информациите се објавуваат дозирано и селективно, за да се заштити партискиот интерес, а веб страниците на државните институции наместо со информации корисни за јавноста се полни со промоција на дневните активности на министрите и директорите.

Најголеми критики има за јавните претпријатија, за кои граѓаните имаат најмногу прашања, а тие се на дното на листата по отвореност. Освен што не споделуваат податоци за услугите за граѓаните, се кријат листите и биографиите на членовите на управните и надзорните одбори кои се плаќаат со народни пари. Нивната затвореност и нетранспарентност креира недоверба во државните институции и поттикнува сомневања за коруптивност. Во својата суштина транспаретноста освен што подразбира увид во трошењето на пари собрани од даноци и други приходи од страна на властите, гарантира рамноправни и фер услови за инвеститорите и владеење на правото.

Професорката на Правниот факултет „Јустинијан први“, Ана Павловска Данева коментира дека во изминатите години транспарентноста е подобрена, но и покрај донесените закони и респонзивноста на државните институции на барањата на граѓаните по слободен пристап, недостигаат информации каде завршуваат народните пари, односно зошто одредени функционери се платени со пари од граѓаните

„Да не се лажеме, овие податоци се кријат со цел да се скрие корупцијата затоа што корупцијата не е само земање мито и поткуп. Тоа е најмалку изразено во нашата држава. Непотизмот, партизацијата, кронизмот, трговијата со влијанија - тоа е корупција од која ние патиме и таа може да се превенира само и само преку транспарентното работење“, вели Павловска Данева.

Во својата суштина транспарентноста освен што подразбира увид во трошењето на пари собрани од даноци и други приходи од страна на властите, гарантира рамноправни и фер услови за инвеститорите и владеење на правото. Ова е клучно за странските компании и британските фирми кои се меѓу најголемите инвеститори во земјава. Амбасадорот на Обединетото Кралство во земјава, Метју Лосон вели дека „британскиите фирми имаат интерес Владата да биде транспарентна, да се натпреваруваат на тендери рамноправно и отворено, а кога ќе го добијат договорот, сакаат нивното вложување да биде заштитено“.

Меѓународното искуство покажува дека има поврзаност меѓу транспаретноста, отчетноста  и довербата, и дека државите кои се повеќе транспаратени, имаат поодговорен систем и повисоко ниво на доверба.

Од друга страна, д-р Бјорн Клеизен од Центарот за извонредност на Универзитетот во Антверп, Белгија вели дека нетранспарентноста ги компромитира правата на граѓаните и ја урива довербата во системот до тој степен што може да предизвика и пад на владите.

Поентата е, ако транспарентноста не е достапна, на граѓаните ќе им биде тешко да ги остварат своите права. Информациите треба да ги добиваат на микро ниво и тоа ниво е суштинско за да не падне довербата“, заклучува Клеизен.

Зошто транспарентноста од 100% е невидлива за граѓаните

Македонските власти само делумно се согласуваат со ова гледиште дека транспарентноста е од клучно значење за довербата на граѓаните. Тие ја застапуваат тезата дека високата транспаретност нема да се преслика и во довербата, зашто таа е креирана врз перцепции кои „немаат врска со достапноста на информациите, колку што имаат врска со начинот на кој тие информации се пренесени“ во медиумите. Поради истите причини, за нив е очекувано јавноста да не посведочи и на високото ниво на транспаретност, кое, како што велат, врз основа на „мерења на индикатори од домашни и меѓународни институции се движи од 77 до 100%“.

Ако сега излеземе надвор и ги прашаме граѓаните колкава е транспарентноста на Владата која според мерењата е 100%, тие нема да одговорат со научен методолошки измерен факт, туку ќе одговорат каква е нивната перцепција и искуство за темата за која се прашани. Доколку пак прашаме колкумина од нив ги следат информациите директно од каналите на Владата, а колкумина преку медиумите, ви гарантирам дека повеќето, ако не и сите, ќе посочат дека информациите за работата на Владата ги следат преку медиумите“, вели премиерот Димитар Ковачевски.

Наспроти ваквиот владин став, впечатокот на мнозинството граѓани е дека надлежните институции „споделуваат малку или воопшто не споделуваат информации“ за актуелни теми кои ја засегаат јавноста. Според неодамнешната анкета на Институтот за комуникациски студии, огромно мнозинство граѓани сметаат дека информациите што се објавуваат од државните институции не само што не се редовни туку и не се јасни, достапни и не се базирани на факти.

Аргументирањето на причините за ваквите слаби оценки само со различното толкување на нивото на транспарентност е во најмала рака несоодветно бидејќи разочараноста во анкетата се пресликува и во другите сегменти, како што се отчетноста и довербата. Најголем број од граѓаните сметаат дека Владата не работи отворено и етички и дека за функционерите кои се однесуваат несоодветно се бараат изговори. Ова се одразува и врз ниската доверба која за извршната, законодавната и судската е околу 2%.

Анализата на одговорите на граѓаните покажува епидемија на недоверба потенцира директорката на Институтот за комуникациски студии Жанета Трајкоска и наместо изговори бара преиспитување во начинот на дејствување на многу јавни институции.

„Овие бројки на перцепција и на недоверба се една ладна шлаканица за сите нас и мора сите заедно кои учествуваме во јавниот простор да поработиме малку за да ја смениме перцепцијата бидејќи таму каде што има недоверба всушност имаме пасивизирано граѓанство“, додава Трајковска.

Општеството боледува од отсуство на одговорност

Отсуството на одговорност на сите нивоа е причина за ниската доверба во институциите –вака ја дијагностицира реалноста претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска.

„Ако ние сме општество во кое сме детектирале дека највисок ризик од корупција се силните политички влијанија, дека отсуството на интегритет е заеднички именител на сите фактори на корупција, транспарентноста не е на ниво кое го посакуваат граѓаните, а дискрециските овластувања се злоупотребуваат, тогаш повеќе од јасно е дека одговорноста ќе биде на ниско ниво“, потенцира Ивановска.

Немањето отчетност се манифестира и по бројот на поднесени претставки по кои надлежните не постапиле и по барањата за разрешување кои се игнорирале. Антикорупциската комиисија поднела 50 барања за разрешување на директори и функционери кои на каков било начин го прекршиле законот, но ниту еден од тие не бил сменет. Неказнивоста како стил на владеење е ветер во грб за вработените по партиска блискост кои во стилот „знаеш ли кој сум јас“ не одговораат пред граѓаните, туку пред партиските шефови. Проблемот за ваквата ситуација, Ивановска го лоцира во непотизмот, кронизмот и клиентелизмот кои се „главни критериуми“ за вработувањата во јавните институции. Од овие вработени не може да се очекува дека нешто ќе сработат или дека некој ќе ги повика на одговорност, смета таа.

Не се постапува ниту се лоцира одговорност за констaтираните пропусти во ревизорските извештаи. Државниот завод за ревизија утврдил дека државата треба да плати 26 милиони евра за неплатени кредити, но наместо реакција се соочил со молк од институциите. Реакција немаше и за поголемиот број ревизорските извештаи кои беа поднесени минатата година, односно од 20 конечни ревизорски извештаи повратни информации добиле за шест, обзнанува главниот државен ревизор Максим Ацевски. Ревозорите исто така  утврдиле „зголемено незаконско користење на средства, дека се плаќаат повеќе пенали за неисплатени кредити и повлечени транши за земени кредити, се губат грантови“.

Вирусот на неодговорност се шири низ целото општество и зафати голем број професии – од архитекти, вештаци, инспектори, полицајци, просветни работници, но и кај судиите и обвинителите, кои до тој степен ја изгубија довербата кај граѓаните, што се сега на дното. Тие се посочувани и како промотори на неказнивоста.

И покрај мноштвото на декларации, конвенции, кодекси со кои се штити нивната независност, судиите и натаму се перцепирани како најслаба алка во системот. Ова се должи на повеќе фактори, но пред сè е резултат на различните влијанија, политички или бизнис на кои судиите се изложени. И наместо  да се наметнат со својот авторитет и интегритет, тие помагаат да опстане системот препознатлив како неправеден и корумпиран. Последен пример во низата случувања кои го уривааат угледот на професијата е иницијативата на Судскиот совет да поведе постапка за разрешување на претседателка на суд зашто јавно проговорила за политичките влијанија со кои се соочуваат во работењето.

Судијката и претседателка на Врховниот суд, Беса Адеми директно не коментира, но потсетува на обврската на судиите за непристрасно примена на правото и на запишаното во кодексот за етика на судиите дека не смеат да бидат под влијание на извршната власт и дека треба ја бранат судиската независнот од политичките влијанија.

„Во едно демократско општество од суштинска важност е судовите да инспирираат доверба во јавноста и јавниот карактер на постапките е едно од суштинските средства преку кој може да се одржи довербата кон судовите“, вели Адеми.

И довербата во обвинителството е исто така ниска. Иако првиот човек на скопското обвинителство Гаврил Бубевски верува дека ситуацијата не е толку лоша - во регионално истражување на Светска банка, од квалитетот на одлуките во правосудството рекле дека се задоволни 50% од граѓаните и 42% од бизнисмените, сепак е согласен дека перформансите на обвинителството мора да се подобрат. Начинот на водењето на постапката од почеток до крај ја лимитира транспарентноста на обвинителите, но во одредени фази таа е и нужна.

Бубевски објаснува дека во фазата на предистрага Јавното обвинителство апсолутно не може да биде транспарентно, зашто постапката е тајна и може само да ги повреди основните човековите права и презумцијата на невиност.

„Јавното обвинителство во тој сегмент треба да биде одговорно спрема граѓаните и мислам дека така се однесува. Но, секако како секоја институција. и Јавното обвинителство имајќи ја предвид перцепцијата на граѓаните, ќе се подобрува“, нагласи основиот јавен обвинител Бубевски.

Степенот на транспарентност и отчетност, односно подготвеноста на владите да се отворат за јавноста го моделира општеството и нивото на демократичност. Во поширок контекст е индикатор и за детерминираноста во борбата против корупцијата, правната држава, фер пристапот за инвеститорите и непреченото остварување на фундаменталните човекови права. Поради ова, разбирливо е инсистирањето на суштинска транспаретност која ќе ја врати довербата во институциите, вели Јелена Џанкиќ од Програмата за глобално владеење на Центарот „Роберт Шуман“ на Европскиот универзитетски институт од Италија.

Според неа, суштинска транспарентност се постигнува со исполнување на три услови: да се има волја која е многу поважна од бројот на усвоени закони, да се вклучи цивилниот сектор во контролата и гарантирањето на транспарентноста на јавните институции и на крајот, суштински важно е да се оспособат граѓаните да разберат како функционираат институциите бидејќи тоа е срцевината на транспарентноста, на отчетноста и тоа ја враќа довербата во институциите.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Петрушевска Поповска
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ

Тагови: