Автоматизацијата на пишување вести со помош на вештачката интелигенција го тестира новинарството со нови предизвици за иднината на професијата. „Нелојалната“ конкуренција која пишува алгоритмички пристрасни вести со ограничени информации, како и опасноста од производство на дезинформации, ги отвора етичките дилеми за транспарентноста, непрецизноста и (не)точноста на информациите како и заканата од можна цензура. Овие потенцијални проблеми несомнено ќе треба да ја зајакнат, но и променат улогата на новинарите - да прават поголеми проверки во објавата на сториите, да го објаснат начинот на кој дошле до сознанијата, за да се издвојат од дезинформациите кои се пласираат преку пропагандата.
Генерално, ова се контурите на кои се движат размислувањата на голем број светски новинари, медиумски работници и организации кои делуваат во областа на новинарството, а кои беа споделени на неодамнешниот Светскиот конгрес и фестивал за иновации во медиумите во организација на Интернационалниот прес институт во Виена.
Алатка на штета или за испомош на новинарите
На европско тло, истражувачката новинарка и добитничка на Пулицерова награда, Џулија Ангвин, која е соработничка на „Њујорк тајмс“ го сподели и американското искуство. САД сè уште ја немаат регулирано вештачката интелигенција, но Ангвин смета дека Европската унија има еден од најиновативните предлози за легислатива. Со новиот закон кој се очекува да стапи на сила годинава, Актот за вештачка интелигенција (Al Act), се обврзуваат големите технолошки компании да го проценат ризикот од нивната технологија и да го намалат тој ризик.
„Мислам дека тоа е вистински чекор напред, бидејќи во реалноста ние, кои не ги познаваме технологиите, имаме проблем да ги разбереме сите можности кои ги имаат и штетата која може да ја направат. Сè уште учиме што може таа да направи. Ние сите знаеме дека со неа може да се креираат дезинформации, лажни сценарија, да се клеветат луѓе. Има многу нешта кои веќе ги знаеме, но мислам дека всушност сè уште учиме“, вели Ангвин
За извршниот директор на Интернационалниот прес институт, Фране Мароевиќ, вештачката интелигенција не треба да претставува страв и трепет, доколку биде регулирана на начин кој ги заштитува фундаменталните човекови права. Осврнувајќи се на корелацијата со новинарството, смета дека тоа отсекогаш се менувало и се приспособувало на новите трендови и технологии.
„Мислам дека во однос на новинарството, новинарите мора да ја променат улогата и од тоа да бидат оние кои известуваат што се случува, да бидат и оние кои исто така ги проверуваат фактите, да обезбедат анализи за она што се случува. Улогата на новинарите се менува. Новинарите ќе треба да покажат како дошле до заклучок, што го прави новинарството поразлично од дезинформациите и пропагандата. Новинарството се менува, но тоа отсекогаш се менувало“, е ставот на Мароевиќ, чија организација беше домаќин на годинешниот Конгрес.
Како и секоја друга технологија, вештачката интелигенција може да се користи за креирање содржина. Содржината може да биде точна, вистинита, балансирана или може да биде мисинформација, дезинформација, пропаганда или лажна вест. Но, на крајот, според Чарли Бекет, директор на медиумскиот тинк-тенк „Полис“ во Велика Британија, човекот избира дали ќе создаде добра или лоша информација.
„Не треба да верувате на ниту една информација која доаѓа директно од вештачката интелигенција. Информацијата треба да ја проверите, да размислите за изворите и треба да најдете извор како добар новинарски бренд на кој може да се потпрете. Ако сте новинар и работите многу базични, едноставни, повторувачки стории, многу е веројатно дека вашата работа ќе биде направена многу подобро од вештачката интелигенција. Но, ако сте критички новинар, кој прави вистинско известување, кој е експерт или едноставно има емпатија или сочувство, тогаш вашето човечко новинарство ќе биде повеќе вреднувано во иднина. Вештачката интелигенција е само јазична машина. Тоа не е машина за вистина. Многу е добра да ви даде текст или фотографии кои ќе ги побарате од неа. Но, на крајот, може да се користи за ширење дезинформации или лажни вести. Добар новинар може да ја користи вештачката интелигенција за да ја направат нивната работа повеќе ефективна, додека лошиот новинар може да ја користи за да шири мисинформции или лажни вести“, објаснува Бекет.
Но, има и новинари кои споделувајќи ги своите искуства, препознаваат во вештачката интелигенција партнер во борбата против лажните вести. Таков е примерот на германскиот новинар Кристијан Јакоб, кој е шеф за истражувања во дневниот весник „Таз“.
„Вештачка интелигенција која се користи за да ги идентификува изворите на дезинформации и лажни вести - ова е нешто што може да биде многу корисно. Не би рекол дека може да го замени известувањето само по себе, но може да помогне во идентификација на дезинформациите, лажните вести. Во однос на луѓето кои веруваат во теории на заговори, ова е многу тешко прашање. Доказите и истражувањата покажуваат дека кога луѓето еднаш ќе почнат да веруваат е многу тешко да им се приближиме и повторно да допрете до свеста на луѓето“, смета Јакоб.
Двојна проверка на информациите и од новинарите и од публиката
Разобличувањето на теориите на заговори преку продуцирање на лажни вести, дезинформации и тенденциозни наративи, покрај новинарите, го работат и организации кои се занимаваат со проверка на факти. Една од нив е и хрватската „Фактограф“ која од 2015 година активно работи на сузбивање на дезинформации кои се наоѓаат во јавниот простор. Нивната работа е фокусирана на што се случува на социјалните мрежи. Извршната директорка на медиумот, Ана Бракус смета дека не само за новинарите, туку општо за јавноста е битно да набљудува од каде се црпат информациите и начинот на кој тие се ставаат во рамка.
„Многу често ако имаме навистина бомбастични наслови, поприлично е лесно да се поверува дека контекстот во која некоја информација се покажува е лажно искривена. Друга работа која е комплексна и сигурно малку потешка, посебно со развојот на новите технологии е препознавање на видеа и фотографии, кои, за жал, на луѓето им е тешко да препознаат дали нешто се случило или не. Можам да ги упатам луѓето да ги следат порталите кои се занимаваат со проверка на факти и да пробаат да се едуцираат да препознаат квалитетни извори на информации. Но, една од наједноставните алатки која секој може да ја користи ако прочитате некоја вест која е напишана на начин и кај вас предизвикува неверојатна количина на бес или страв или побудува силни емоции, тоа е момент кога треба да се запрашате каде може да ја пронајдете информацијата, каде можам да ја потврдам пред да ја споделам“, е ставот на Бракус.
На Светскиот конгрес и фестивал за иновации во медиумите во организација на Интернационалниот прес институт во Виена, преку 300 водечки новинари, уредници и издавачи од целиот свет дискутираа за брзоразвивачкиот глобален и технолошки пејзаж за независно новинарство. И тоа во услови на големиот наплив на лажни вести, дезинформации и продорот на вештачката интелигенција.
Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинар: Петар Клинчарски
Снимател: Тони Стојановски
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска