fbpx

Враќање на владините кампањи во приватните медиуми: Алиби за борба со дезинформациите

  • Владините протагонисти ги користат дезинформациите како аргумент да се врати државното рекламирање во приватните медиуми.
  • Транспарентноста на институциите треба да е водечка во разобличувањето на невистините и манипулациите, за која Владата и јавноста се на дијаметрално спротивни позиции.
  • Додека од Владата уверуваат дека ги „отворила“ сите институции, новинари критикуваат за троми и бавни институции на кои понекогаш им требаат и денови за реакција.
  • Навремената и, пред сè, точна и вистинита информација е најголемиот непријател на дезинформациите, порачуваат комуникациските и медиумските стручњаци.
 

Законските измени за враќање на платените реклами во приватните медиуми се блокирани во Собранието, но тоа не ја премислува Владата од намерата да ги спроведе. Токму оние кои остро се спротивставуваа на државни пари во медиумите и велеа дека ги корумпираат медиумите и новинарите, сега отворено поддржуваат финансирање на кампањи од јавен интерес и тоа го аргументираат со потребата од справување со напливот на дезинформации посебно во време на криза и информирањето на населението за теми од витално значење. Сите не се согласуваат со ваквото гледиште.

Нема консензус за државното финансирање на кампањи во приватни медиуми

Полемиката за финансирање кампањи од јавен интерес со владини пари во приватните медиуми се отвори на конференцијата „Кревање на завесата: справување со политичките дезинформации преку зголемена институционална транспарентност”, што ја организираше Институтот за комуникациски студии минатата недела.

Марјан Забрчанец, кој го водеше владиниот комуникацискиот сектор во 2018 година, кога на предлог на Владата беше променет членот 102 од Законот за АВМУ и се постави забрана за државно рекламирање, ја застапува позицијата дека се потребни јавни кампањи платени со државни пари посебно во време на криза. Зборувајќи за периодот на пандемијата со ковид, тој оцени дека дезинформациите не победиле поради добрата комуникациска стратегија на Владата, но доколку имало и јавни кампањи платени од Владата, информациите многу побрзо ќе стигнеле до граѓаните. Времињата се променија и сега ситуацијата е поразлична од порано кога со пари од државниот буџет се плаќаше  политичка пропаганда, коментираше Забрчанец.

„Го поддржувам враќањето на рекламите од јавен интерес на начин кој ќе значи контрола на трошењето на државните средства и целосна транспарентност при трошењето на тие средства. Ние сме единствена земја во светот на која на Владата со закон ѝ е забрането да го информира населението преку механизмите на владините кампањи од јавен интерес и тоа скапо не чинеше. Владата не можеше да троши државни пари за да го убеди населението да се вакцинира”, вели Забрчанец.

Но, од Агенцијата за аудио-визуелни и медиумски услуги (АВМУ) имаат спротивно гледиште од ова. Од таму му реплицираат на Забрчанец дека Владата има начини да ја информира јавноста без да троши пари на граѓаните и прецизно го цитираат членот 102 од Законот за АВМУ, кој забранува државните институции да предвидуваат средства за информирање и запознавање на јавноста со свои услуги или активности преку приватните радиодфузери.

„Членот 102 не забранува да се издвојат пари за јавни кампањи. Она што го забранува - и тоа сите многу лесно можат да го проверат зашто законот е достапен онлајн - е од страна на институциите кои се финансирани од јавни пари да се издвојат средства за кампањи преку приватните радиоифузери. Многу прецизно е наведено. Од друга страна, приватните радиодифузери - значи радија и телевизии - користат јавно добро и имаат обврска да исполнат свој дел од јавниот интерес односно кампањите да ги емитуваат бесплатно”, објасни Емилија Петреска Камењарова од АВМУ.

Воздржаност од воскреснувањето на владиното финансирање на кампањи во приватни медиуми има и во Владата. Националниот координатор за добро владеење Роберт Поповски бара за ова прашање да се дебатира јавно, а не да се турка на мала врата.

„Сега е во процедура на повторно враќање на некој начин на кампањите од јавен интерес, но тој мора да биде многу потранспарентно разгледан. Не може со преќутен договор меѓу кого и да е”, кажа Поповски.

Со предложените дополнувања на Законот за АВМУ, а кои чекаат на одобрување во Собранието, се предлага бришење на членот 102, кој пред четири години се усвои, исто така, на предлог на Владата на СДСМ и се воведува државно финансирање на телевизиите и радијата преку задолжителни кампањи од јавен интерес. Бројот на кампањи се предлага да биде ограничен на максимум четири во една година, за што би се издвоила сума од 0,1 процент од буџетските приходи, односно од околу 4 милиони евра. Измените се во собраниската комисија за транспорт и врски, но се затрупани со амандмани.

Ризикот од политичко влијание врз медиумите, поради државното финансирање е реалност. И во земјите на ЕУ, во кои државното финансирање на медиумите се одвива без критериуми за транспарентност, конкурентност и правичност, независноста на медиумите е доведена во прашање.

Во 26 од 32 земји членки на ЕУ и кандидатки за членство, нема никаква легислатива за фер и транспарентен начин за државно финансирање, покажува истражувањето на Центарот за медиумски плурализам и слобода на медиумите. Слевањето на огромни финансиски средства ја доведува под знак прашалник независноста на медиумите и новинарската дистанца од владините желби. Во Полска и во Унгарија, на пример, најмногу пари во последните години завршиле на сметките на десничарските медиуми блиски до партијата на власт. За да се спречат злоупотреби од ваков тип, се предлага закон за европска медиумска слобода, кој треба да гарантира рамномерна распределба на парите без дискриминација и со транспарентно објавување на медиумите. Основата на овој закон е правична и сразмерна релокација на парите и отворен процес.

„Јасно е дека има ризик од создавање политичко заложништво. Исто така постои опасност за рекламниот пазар и за нарушување на конкуренцијата. Во основа, во предложениот европскиот акт за слобода на медиумите, според членот 24 се бара да се обезбеди транспарентност, објективност, пропорционални и недискриминаторски критериуми, како и критериуми за насочување на средствата и на начинот на закуп на рекламниот простор од страна на државата и целиот процес да се одвива низ отворена,  сразмерна и недискриминаторска процедура”, посочи Ива Ненадич, предавачка на Универзитетот во Загреб и истражувачка во Европскиот универзитетски институт.

Дезинформациите честопати ги користат и самите влади и овој број од година в година расте. Ова го покажува истражувањето на Саманта Бредшо од Факултетот за меѓународна служба на Американскиот универзитет што го правела со Оксфордскиот институт за интернет за тоа како владите во земјите во светот, меѓу кои и Македонија, ги употребуваат  социјалните медиуми.

„Во нашиот последен извештај утврдивме дека 90 проценти од владите кои ги користат алатките и тактиките за пропаганда тоа го прават за да рашират вести поврзани за владата или за партијата, 73 проценти од земјите тоа го прават за да омаловажат новинари или политички дисиденти, 48 проценти користат поларизирачка содржина за да предизвикаат поделби во општеството, а 59 проценти користат приватни фирми за дезинформации”, рече Бредшо.

Дезинформациите се хранат од троми институции

Транспарентноста на државните институции може да биде  решавачка во разобличувањето на манипулациите, но наместо суштинска транспарентност се нуди постепено и бавно отворање на институциите.

Владините претставници велат дека се задоволни од постигнатото иако самоевалуацијата со највисоки оценки не се отсликува во реалноста. Нивната поента е дека е направен драматичен напредок споредено со амбиентот во 2017 година, кога земјава беше заробена држава, а транспарентноста на најниско ниво.

Вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска вели дека крајната цел на Владата е да се отворат сите информации, освен личните податоци на граѓаните, заради што се подготвува упатство за поголема отвореност.

„Подготвивме упатство за институциите од јавниот сектор кое им дава прецизни информации на институциите кои податоци треба да бидат јавно достапни и како да ја подобрат нивната транспарентност. Институциите ќе бидат задолжени овие информации да ги објавуваат на нивните веб страници”, вели Грковска.

Весна Шопар, професорка и истражувачка на Институтот за комуникациски студии, вели дека транспарентноста не може да се ограничи само на ажурирање на веб страници, прес конференции и работа на портпароли.

„Транспарентноста е системски проблем и потребен е системски пристап. Освен пласирање и достапност на информации, таа подразбира и обврзувачки, јасен, отворен, разбирлив процес на донесување на одлуки на власта, но и механизми за корекција. Ако овие три аспекти не се паралелно застапени тогаш нема транспарентност, односно не е системски одржлива независно од индексите и рејтинзите”, посочи Шопар.

Според националниот координатор за одговорно владеење и транспарентност Роберт Поповски, сосема е поинаку кога се зборува за отвореност на институциите во опозиција и од позиција на власт.

„Ова со транспарентноста не е лесна работа. Во опозиција сите викаат да, на власт не е баш така. Имате отпор, чудни погледи, имате нервозни луѓе, администрација која воопшто не беше навикната да комуницира. Сега се обучува и ако оставите само на волјата на поединци, тешко ќе пробие”, вели Поповски.

Истражувачката новинарка Ирена Каревска оценува дека транспарентноста на некои институциите е привидна и селективна, а одговорите на институциите се повеќе форма, отколку содржина.

„Таа привидна транспарентност за која зборуваме е кога институцијата дава одговор само колку да не кажеме дека се оглушиле на новинарските прашања, без да даде одредена вредност на новинарската сторија туку колку да ја има втората или другата страна. Истовремено тоа остава простор и е плодна почва за ширење на дезинформации и нецелосни информации или лажни вести”, кажа Каревска.

Посебен предизвик е сајбер безбедноста. Донесена е стратегија за борба против хибридните закани, но и на овој план не е сторено многу. Посветеноста е наративна, а не практична. Потребна е соодветна институционална инфраструктура, стратешко планирање и вложување во институционални капацитети за справување со сајбер и хибридни закани, во согласност со референтните европски регулативи и НАТО стандарди.

„Од стратегијата која беше донесена пред 4 години, Акцискиот план речиси и да не е почнат. Тоа значи дека ништо не е операционализирано. Предвиден е институт за сајбер безбедност и тоа прв во регионот кој ќе има за задача на државно ниво да го подига капацитетот на државните органи. Тој институт сѐ уште не е функционален и, конечно, проверете колку од средствата во буџетот се издвоени за обуки и подигање на свеста кај администрацијата за овие закани“, вели Методи Хаџи Јанев, професор на Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев”.

Сѐ се сведува на вистината која треба да биде кажана

Дезинформациите предизвикуваат штета не само за поединци, туку и за државите и за општеството.

Камило Умана-Даџуд од ОЕЦД вели дека се работи на методологија која е сè уште во зародиш. Таа ќе служи за утврдување на штетите од дезинформациските кампањи на ниво на држави. Но, за да се стаса до тоа, потребна е усогласена дефиниција и параметри кои би се мереле на ниво на држави за да може добиените податоци да се споредуваат.

„Постои недостиг на меѓудржавни податоци кои може да се споредуваат. Ние сакаме да сфатиме што се случува во одделни земји и до кој степен институционалната рамка го олеснува или отежнува ширењето на онлајн лажните вести. Постојат многу нови методи кои истражувачите ги користат за да го измерат тоа”, вели Умана-Даџуд.

Европските земји со години наназад координирано работат на спречување на ширење на дезинформациите. Британската влада концептот за спречување на лажните информации го впишува во прирачник „РЕСИСТ“ кој го применуваат сите владини службеници и дава насоки за препознавање на дезинформациите, рано предупредување, увид на состојбата, анализа на влијанието  и следење на исходот.

Џина Бирн, раководителка на стратешки комуникации во Одделот за меѓународни проекти во Кабинетот на премиерот на Обединетото Кралство, вели:

„Без разлика за кој комуникациски приод ќе се одлучите, сѐ се сведува на вистината која треба да биде кажана. Тоа е обврска на секој јавен, владин службеник за комуникации. Навремената и точна информација е многу важна за да се спротивставите на дезинформациите“.

Истовремено, за да расчисти маглата од дезинформациите, паралелно со зголемување на свеста за транспарентно работење треба да се работи и на демократско зајакнување на институциите за враќање на загубената доверба од страна на граѓаните.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Петрушевска
Снимател: Иван Поповиќ
Монтажер: Ристо Душковски