fbpx

Дали исплатата на К-15 е задолжителна во приватниот сектор и до кога треба да се исплати?

Одговара Мирјанка Алексовска, експерт за креирање политики од областа на трудовото право.

Правото на регрес за годишен одмор или во јавноста познато како К-15 е предвидено со Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството и тој колективен договор за сите работници и работодавачи. Меѓутоа постојат и грански колективни договори коишто ги имаат потпишано социјалните партнери и со тие грански колективни договори може да се доуредат покрај другите прашања и прашањето за регрес на годишен одмор, односно К-15. И како што на пример може да се утврди и повисок износ на регрес за годишен одмор. Со колективниот договор е предвидено како услов за остварување на право за регрес за годишен одмор работникот да има најмалку шест месеци работа во календарската година за која што се исплаќа регресот за годишен одмор кај ист работодавач.

Висината за регресот за годишен одмор која што работодавачот треба да ја исплати на работникот исто така е утврдена со колективниот договор. Таа не може да изнесува помалку од 40% од просечната месечна нето плата во Република Северна Македонија и тоа на денот на исплатата. Значи, висината за регресот за годишен одмор ќе зависи од денот на донесување на одлуката за исплата на регресот на годишен одмор. Во колективниот договор постои можност односно предвидено е работодавачот да исплати и понизок регрес за годишен одмор и тоа во случај на финансиски потешкотии за што треба да се договори со синдикатот таму каде што има синдикални организации, а таму каде што нема синдикат може да го направи со претставник на работниците.