Дали ми следува семејна пензија од сопругот врз основа на болест бидејќи немам 50 години?

Одговараат од Фондот за пензиско и инвалидски осигурување.

Во конкретниот случај може да се оствари право на семејна пензија по болест ако во рок од една година од смртта на покојниот стане неспособна за работа. Неспособноста за работа ја утврдува Комисијата за оцена на работна способност врз основа на непосреден преглед со наод оцена и мислење.

Право на семејна пензија вдовецот/вдовицата има ако:

  • До смртта на осигуреникот, наполнил/а 50 години живот;
  • До смртта на брачниот другар бил/а неспособен/на за работа или таква неспособност настанала во рок од една година од денот на смртта на брачниот другар;
  • По смртта на брачниот другар останале едно или повеќе деца кои имаат право на семејна пензија по тој брачен другар, а вдовецот/вдовицата ги врши родителските должности спрема тие деца;
  • До смртта на брачниот другар, наполнил/а 45 години, кога ќе наполни 50 години живот – или ако во тие години станал/а неспособен/на за работа;
  • Вдовецот/вдовицата кој во текот на користењето на правото по основ на вршење на родителска должност од ставот (1) точка 3 на овој член стане неспособен/на за работа или наполнил/а 50 години живот трајно го задржува правото на семејна пензија,
  • Вдовецот/вдовицата кој/а го загубил/а правото на семејна пензија по основ на вршење на родителска должност по наполнети 45 години живот, стекнува право на семејна пензија кога ќе наполни 50 години живот.