- Сè повеќе наши сограѓани се принудени да се лекуваат во приватните болници или во странство преку донации, бидејќи државата нема пари за сите.
- Неможноста да се обезбеди навреме терапија, лекување, операција, подоцна отвора потреба за лекување во странство.
- Изминативе 10 години двојно се зголемени и средствата за лекување во странство, од 184 милиони денари во 2013, на 335 милиони лани.
- Во извештите на Државниот завод за ревизија има значајни забелешки за начинот на водењето на лекувањето во странство.
- Според директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски граѓаните се одлучуват за донации бидејќи немаат доверба во институциите и најавува корекција на пропустите.
Медицината оди напред, но во јавното здравство во Македонија стои во место. Сè повеќе наши сограѓани се принудени да се лекуваат во приватните болници или во странство. А кога државата нема пари за сите, тогаш хуманоста стапува на сцена.
Една од оние платформи каде секојдневно се објавуваат апели за помош за лекување е Ecrowd.mk. Сè започнало пролетва. Кара била прва за којашто собирале пари. Потоа за респираторот на Искра. За Срна, за помалку од 24 часа собрале 16.000 евра за итна операција во една од приватните болници во Скопје. Замислата на основачите била една, но секојдневните апели за помош за лекување или хируршки интервенции, ги однеле во друг правец, вели еден од основачите, Бојан Трајковски, лекар по семејна медицина. За неполни пет месеци собрале 200.000 евра.
„Во принцип најголем дел од донациите, што би рекол дека сум посебно горд, се стотките, односно стоте денари коишто се минимална донација. И ако видите сто денари, сметајте дека тоа се најчесто луѓе коишто генерално последниот денар го одвоиле за да помогнат. И навистина успеавме, барем со ова што го гледаме до сега со средствата коишто ги спомнуваме, да направиме доста сериозна револуција во делот на донирањето во Македонија и се надеваме на едно долгорочно развивање на оној сегмент на филантропија, односно донирање и помагање на оние каде што најмногу е потребно“, вели д-р Трајковски.
А потребно е лекување и на бебиња, деца, тинејџери и возрасни, за кои јавното здравство го нема „лекот“. Но, дали е проблем само економската моќ на државава?
„Проблемот е што нема стратешки пристап од страна на Министерството за здравство, но и од самиот Фонд во однос на пристапот до лекови, меѓутоа и до финансирањето на самиот фонд. Проблем е тоа што Македонија има најнизок степен на надоместок за здравствено осигурување, тоа значи дека најмалку пари се влеваат во фондот, а од друга страна дискутираме за основно човеково право што е правото на здравствена заштита“, вели Атанас Аврамов, координатор за политики и застапување во „Заедно посилни“, здружение на заедницата на луѓето што живеат со ХИВ кое обезбедува поддршка и се грижи за подобрување на квалитетот на нивниот живот.
Во здравствената каса секогаш фалат средства, а лекувањето е скапо
Поради тоа потребно е повеќе пари во здравствената каса. Околу седум проценти од платата на вработените во државата се одлеваат за здравственото осигурување, но и ова не е доволно, па државата учествува со дотации. Иако парите во Фондот за здравство изминативе 10 години се зголемиле двојно, од 21.886.741 денари во 2013 на 42.910.569 минатата 2023 година. Буџетот на Фондот за 2024 година изнесува 46.386.000 денари.
Осумдесет и седум проценти од него се наменети за здравствени услуги во земјава и странство, буџети на јавни здравствени установи, ортопедски куќи, приватни здравствени установи со кои Фондот има склучено договори, аптеки, бањи, дијализа, ин витро. Останатиот дел од колачот се дели за надоместоци за боледувања и за функционални трошоци за работењето на Фондот.
Аврамов со години го следи овој проблем. Познати му се познати и европските практики.
„Има одредени механизми коишто кај нас институциите на пример не го користат. Еден од тие механизми се посебните договори. Посебните договори ги имаат, ги применуваат многу земји и тоа се договори во кои клучен акцент е преговарањето и намалувањето на цената на некои исклучително скапи лекови. Тој механизам со последните измени на Законот за лекови и медицински помагала стана возможност односно стана опција како да ги намалиме цените во Македонија“, објаснува Аврамов.
Неможноста да се обезбеди навреме терапија, лекување, операција, подоцна отвора потреба за лекување во странство. Од Фондот за здравство објаснуваат дека буџет за лекување во странство нема. Има резервирани средства за лекување во странство за 2024 година од кои се плаќаат сите трошоци за лекувања на осигурениците кои ќе бидат одобрени од лекарските комисии.
За годинава, првично, резервираните средства за лекување во странство биле во износ од 400 милиони денари, но се зголемени на 600 милиони денари поради зголемениот број на одобрени лекувања во странство и врз основа на динамиката на одобрувања во првите четири месеци од годината. Изминативе 10 години двојно се зголемени и средствата за лекување во странство, од 184 милиони денари во 2013, на 335 милиони лани.
Но, овие пари не се доволни, па тоа отвора простор за негодување на оние чиишто документи ќе бидат одбиени за лекување надвор од Македонија.
„Оставено е деталите да се доуредат со тој фамозен правилник којшто го носи управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување кој ќе го разработи тоа детално, како тоа ќе си примени во пракса. Недоволно јасно е што сè се подразбира за лекување, што сè се подразбира за рехабилитација, затоа што рехабилитацијата е поврзана со лекувањето. Да кажеме, вие не можете да ја смените здравствената состојба, меѓутоа значително можете да го подобрите вашиот начин на живот, можете да ја подобрите вашата функционалност, да ги зголемите вашите капацитети за работа. И затоа е неопходно при уредувањето да се предвидат одредени појасни критериуми,кога рехабилитацијата е само за да може лицето да закрепне од здравствениот третман или да има некаков живот, а кога рехабилитацијата може да даде значителен придонес и да го подобри квалитетниот на живот на граѓаните“, вели Гоце Коцевски од Здружението на млади правници.
Како се трошат парите за лекување во странство?
Но, откако ќе се дадат парите за лекување во странство, се јавуваат слабости и неправилности, кои ги регистрира државниот ревизор во двата последователни извештаи.
Не е обезбедена соодветна правна заштита на барателите и не е воспоставена контрола и систем на следење на успешноста на лекувањето во странство, пишува во извештајот објавен годинава, а се однесува на 2022 година. Исто така, се наведува и дека побарувањата за дадени аванси за лекување во странство нецелосно се евидентирани и не се воспоставени соодветни контроли за потврдување на фактурите од странските болници.
Така, ревизорите констатираат дека нема повратни информации за над 3 милиони евра, аванси за лекување во странство.
„Ваквата состојба резултирала со тужбени барања од болница од Германија, за кои постои неизвесност за крајниот исход“, стои во извештајот.
Според директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски граѓаните се одлучуват за донации, бидејќи немаат доверба во здравствените институциите. Така, дури осумдедесет отсто од пациентите кои собираат средства за лекувања во странство не се ни обратиле претходно до Фондот за здравствено осигурување. Тој најави дека ќе се лоцираат и структурно ќе се коригираат пропустите, за да се изгради довербата со пациентите и оние кои навистина имаат потреба, да ја добијат поддршката од Фондот.
А додека да се постигне тоа, секој месец во телекомуникациските компании пристигаат по десетина барања за донации. Годишно се отвораат околу 100 линии. Додека нашето здравство да закрепне, со 100 денари од повик граѓаните ќе продолжат да им помагаат на оние за кои во државата нема лек.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Наташа Јанчиќ Менковски
Снимател: Слаѓан Милошевски
Монтажа: Давид Милошевски