Во Македонија, продажбата покажува оти овде се дава и по стотици евра за брендирано парче облека. Во земјава не се штеди за дотерување, но плиткиот џеб не е пријател на големите желби за омилената облека со потпис. Затоа цвета пазарот на копии. Битката е за градењето на сопствената слика и брзата заработка преку туѓ авторски труд.
Копиите ја уништуваат вредноста на автентичниот дизајн
Во модниот дизајн, креирањето на бренд значи создавање и креирање на животен стил. Таа облека одговара и спојува одреден круг на луѓе. Познавачите велат дека производот не се носи само за да се биде виден, туку бидејќи соодветствува со вашето секојдневие. Секој бренд, секој дизајнер има свој идентитет, има своја приказна, има свои следбеници на кои им се обраќа.
„Оригинал значи да го издизајнирате, да направите концепт за одреден изглед, да направите истражување, да направите дизајн, цртежот да се изреализира низ технолошки процес во зависност од тоа какви процеси има и што треба да се употреби, и да го пласирате на пазарот како свој производ. На крај ставате своја сопствена етикета, а за да ја извадите таа етикета треба да сте заштитени и да имате фирма. Можни се варијации на производот, меѓутоа секоја варијација мора да има минимум 20% различности. Ако еден фустан го направиме на одреден дизајн, јас можам да направам со сличен дизајн, со различни апликации или промена на одредени моменти и можам да го регистрирам како варијација на тема. Сето тоа спаѓа во оригинален производ на оној што го дизајнира. Она што е важно е дека тоа никој понатаму не може да го репродуцира, ако не добие моја дозвола, лиценца или може да го репродуцира ако го измени 20-30%. Оригинал значи некој вложил премногу време, премногу знаење и премногу од своите емоции за да направи одреден производ’, објаснува модниот креатор Никола Булевски – Буле.
Брендираните производи се најчесто скапи и не секој може да си ги дозволи. А кога на пазарот ќе се појави копија која е значително поевтина, многумина решаваат да ја купат неа, дури и без да се свесни дека не станува збор за оригинал. Копиите не се толку квалитетни и побрзо се уништуваат, а некои може да бидат дури и опасни, ако се произведени несоодветно. Во модниот свет, копирањето значи шунд појава кај оние кои што не го познаваат модниот дизајн во вистинска смисла и сакаат за себе да прикажат лажна слика, дека живеат одреден животен стил кој во суштина е далеку од нив.
„На пазарот ќе најдете ист таков производ на некој што го ископирал, го купил тој производ или само го прецртал, нашол слични материјали, некогаш дури се копираат и истите материјали. Можеби нема да биде со истиот квалитет, меѓутоа визуелно ќе изгледа исто. Така цената паѓа многу доле, а луѓето се среќни затоа што имаат нешто што наликува на тој бренд, Со купувањето на копија, автоматски го поддржувате уништувањето на оригиналот. Сето тоа знаење што е вложено, и емотивно и интелектуално во оригиналот, се поништува во моментот кога некој ќе направи копија бидејќи копијата е поевтина. Репродукцијата на тој модел станува сѐ поголема затоа што не чини толку пари и автоматски се преплавува пазарот. И се поставува вистинското прашање тогаш – зошто да купам оригинал кога копијата е соодветна на оригиналот. Дури некогаш се случува луѓето од незнаење кога купуваат копии да ставаат хаштази од оригиналните марки“, вели Булевски.
Ако некогаш било добро чувана тајна, широкиот пазар на копии ги натера големите куќи да ја променат стратегијата. За да се доближат до своите следбеници, тие прават посебни видеа преку кои го прикажуваат начинот на работа и посебните детали, спецификите и класиците за брендот, а сето тоа е достапно преку интернет.
„Оние што се љубители на одреден бренд или естетика точно можат да нѐ препознаат - ние сите имаме наш ракопис, наш јазик. Дури и самите брендови, ако порано ги криеле тајните, сега ги објавуваат за аудиториумот да осознае како е создаден еден производ. Тука се гледа напорот, трудот, вештината и сето знаење што е вложено, времето, минуциозноста, рацете. Имате луѓе кои што работат години и се специјализираат на одреден штеп, на одредено место каде тоа се става и зошто се става. Затоа најголемите копии се случуваат во областа на аксесоарите - чантите, чевлите, марамите итн, а посебно чантите се на удар бидејќи се еден од најпосакуваните производи и тој е највидливиот производ што дамите го носат на себе“, смета модниот креатор Александар Ношпал.
Како неконтролираната облека завршува на пазарите?
Македонија не е изумот на копирањето брендови. Сепак, црниот пазар покажува дека шемата и овде е одомаќинета и добро разработена. Од Царинската управа велат дека еден од главните приоритети е унапредување на институционалниот и административниот капацитет за ефикасна и ефективна борба против фалсификатите и пиратеријата. Ваквата потреба е нужна оти бројките покажуваат дека лани од вкупно 75 заплени, дури 54 биле со потврден фалсификат. На пазарот требало да завршат 83.024 парчиња копии на брендирана облека.
„Тоа е секојдневие на царинските службеници при секојдневните контроли. Царинските службеници на граничните премини, оние кои се во секторот за контрола и истраги и мобилните оперативни тимови во внатрешноста на државата имаат можност да селектираат одредено возило и да прегледаат дали стоката е лажна или оригинал. Царинскиот службеник треба да биде соодветно обучен за тоа и имаме добар капацитет по тоа прашање. Доколку царинскиот службеник смета и има основано сомнение дека стоката не е оригинал, има можност да направи записник за нејзино привремено одземање, се сместува во царински магацин и се обраќа со записникот и фотографии до секторот за нетарифни мерки“, објаснува директорот на Царинската управа Бобан Николовски.
Од Царина уверуваат дека комбинираните акции со Државниот пазарен инспекторат покажуваат резултати.
„Во најголем дел крајна дестинација на стоката била Македонија, а доаѓа од Турција, Кина, Косово... Во последниот период толку ги засиливме контролите така што оние кои сакаат да криумчарат роба, да пренесат стока во внатрешноста, дури и да транзитираат, веќе почнуваат да ја избегнуваат Македонија. Сѐ поголем е нивниот начин да се обидат да внесат ваква стока по црните премини, по зелените премини, не на граничните премини. Ние имаме навистина добра комуникација со полициските служби и веќе почнуваме да ги затвораме и зелените појаси“, вели директорот на Царина.
Појавите на фалсификувана брендирана облека не се само удар врз модната индустрија. Тие покажуваат сериозни системски недоследности и хранење на недоверба во домашните институции.
„Едно е како влегуваат, меѓутоа друг момент е како се продаваат. Сега да отидеме каде било на неколку места во Скопје, ќе видиме тоа официјално се продава на регистрирана тезга на пазарот. Како тоа поминува не ми е јасно? Како тоа континуирано секојдневно ние го гледаме и никој тоа не го контролира?“, прашува креаторот Ношпал.
„Можеби Царина не може секогаш да го исконтролира, но пазарните инспектори треба да преземат поголеми чекори, да видат што се продава во продавниците, на пазари, во малите продавници низ внатрешноста во Македонија“, додава креаторот Булевски – Буле..
Освен што се доведува во прашање безбедноста на производите, модните креатори и силно упатуваат на општествените аномалии. Непрепознавањето на оригинал од копија не е толку голем грев, но многу посериозна е бројката на луѓе кои сакаат за себе да остават лажна слика, притоа убедувајќи се себеси дека носат потпишано парче гардероба, велат тие.
Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Катерина Топалова
Сниматели: Слаѓан Милошевски, Наке Батев
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска