Бучавата е секојдневие на многумина, особено оние што живеат во урбани средини. Таа се дели на два дела - бучава емитирана во животната средина и бучава во работна средина. Првата ја регулира секторот за животна средина и изминативе децении се смета за еден од поголемите проблеми. Заедно со управувањето на воздухот и водите, бучавата е исто толку важна област.
Од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) објаснуваат дека бучавата претставува физичко загадување на животната средина.
„Објекти што се со А-интегрирана еколошка дозвола, односно елаборати за животна средина издадени од Министерството за животна средина и просторно планирање ги инспектира Државниот инспекторат за животна средина. Најчести проблеми можам да кажам се во колективните станбени згради, значи бучава од, да речеме, неисправна лифтовска постројка, од хидрофорската мрежа, па бучава од некои мали погони во околината, тука настапува, да речеме, општинскиот инспектор за животна средина, заедно со овластените инспектори за домување, посебно во колективните станбени згради“, објаснува Дарко Блинков од ДИЖС.
Според истражувања, кога ќе излеземе од нашиот дом, она што прво го чувствуваме е квалитетот на воздухот. Понатаму, нашите сетила реагираат на бучавата околу нас и на крај рецепторите ја регистрираат хигиената на парковите и улиците низ кои се движиме. Затоа, на бучавата во светски рамки се посветува исклучително големо значење.
„Најголемата бучава за што има најфрекфентни предмети и претставки од граѓаните е создадена од автомеханичари, работилници, браварски работилници и, пред сѐ, од угостителските објекти. Тоа најчесто се кафетерии, ноќни клубови, дискотеки“, вели Блинков.
Според статистиката, Општина Центар е една од општините со најмногу претставки од граѓаните. Во една петочна вечер, екипата на „Само прашај“ беше во инспекциска обиколка за проверка на бучава заедно со надлежните локални инспектори. Погледнете како изгледаше тоа од следното видео.
Казните пропишани со закон се движат од 50 евра до 100 илјади евра. Општина Центар е територија на која се издадени најмногу прекршочни санкции за идентични законски надминувања. Но, проблемот е што случаите завршуваат на суд, а таму се губат и по неколку месеци за нивна разврска. Објектот за тоа време и понатаму работи и тоа најчесто без промени околу почитувањето на законските стандарди. По правило, по втората издадена санкција, треба да следи затворање на објектот и до 90 дена. Сепак, од Државниот инспекторат за животна средина велат дека не е мал бројот и на претставки за верските објекти.
„Кај верските објекти тоа е како бучава емитирана од соседството. Тука апелираме со општините, Комисијата за верски заедници и полициските станици за општа надлежност, заедно со лидерите на верските заедници, како треба да се однесуваат луѓето кога ги вршат верските обичаи и посебно работењето на верските објекти во однос на емитирана бучава. Така што сме примале доста претставки, имаме добра комуникација со општините, а она што не е наша надлежност по службена должност го препраќаме да се санкционира. Согласно Законот за прекршоци, најхармонизирани се санкциите во областа на животната средина, па така и во Законот за емитирање на бучава во животната средина. Казните се поделени за мали, микро, средни и големи трговци за правни субјекти и секако има казни и за физичките лица. Навистина се доста високи така што препорака е сите да се придржуваат кон мерките и одредбите на законските и подзаконските акти“, изјави Блинков од ДИЖС.
Но, она на што реагираат граѓаните е и бучавата од сообраќајот. Велат дека особено немир им прават звуците од брзо возење по улиците, а долготрајната изложеност на бучавост над дозволеното ниво може да предизвика сериозни и долгорочни последици по здравјето на човекот. Погледнете ги реакциите на граѓаните во една скопска населба.
Кај нас, според Законот за заштита од бучава во животната средина, граничните вредности за дозволена звучност во станбен простор изнесуваат 35 децибели. Гранична вредност за нивото на бучава што се создава при одржување јавни приредби, јавни собири или други јавни настани не треба да надминуваат 85 децибели, а максималното ниво на бучава не треба да надминува 110 децибели, без оглед на времетраењето на настанот. Исто така, граничните вредности за звучност се дефинирани според степенот на подрачјето во кое се мери бучавата. На пример, подрачје од втор степен е дозволено од 45 до 55 децибели, во зависност од периодот во денот. За подрачја од трет степен од 55 до 60 децибели, во зависност од периодот во денот. Како земја кандидат за членство во Европската унија, Македонија го има хармонизирано законодавството, но на полето бучава има да се работи уште.
„Рамковната директива за бучава ми се чини дека е 100 проценти транспонирана во македонското законодавство, меѓутоа во периодот што следи треба да се доработат многу подзаконски акти, пред сѐ стратешки карти со акциски планови за Скопје, Битола, Тетово и Куманово. Изработката на овие карти е за точно да се лоцираат изворите на бучава и ќе бидат од големо значење за просторното планирање. Како да се канализира комунална бучава заедно со сообраќајот и при изградбата на зградите да се внимава. Доколку има и услужни објекти, тоа значи дека ќе има зголемено ниво на бучава од возила и ќе биде значително влијателна на сетилата на човекот“, најавува Блинков.
Новите измени ќе бараат и зголемување на административниот капацитет на централно, посебно на локално ниво и за инспектори и за лица што ќе ги издаваат управните акти бидејќи сега во моментот во одделението за бучава во Министерството има само едно лице. На локално ниво, само половина од општините имаат инспектор кој работи на полето бучава! Нема ниту голем простор за оптимизам бидејќи интересот за нови инспектори е речиси нула. Ви благодарам што ја гледавте емисијата „Само прашај“.