Според територијалната поделба во нашата држава има вкупно 80 општини. Помалку од половина од нив се урбани, а само неколку имаат повеќе од 50.000 жители. Со оглед на тоа дека дури и во Скопје понекогаш се чувствуваат слабостите на нашето здравство решивме да истражиме малку подлабоко во внатрешноста на нашата држава за да видиме како стојат работите во поизолираните краишта. Нашите наоди покажуваат дека едвај во 5-6 општини има пристап до адекватна здравствена заштита. Жителите од овие средини се молат да не им затреба специјалистички преглед бидејќи мораат да патуваат огромни растојанија за да добијат соодветна здравствена услуга. Една од главните причини за ваквата состојба е што здравствените работници не се доволно мотивирани да работат во овие средини. Поради тоа, во земјава подолг период има иселувања на медицински персонал, што во иднина може да предизвика сериозни проблеми за здравствениот систем.
Не помислуваат на враќање во Македонија
Зорица Костовска е медицинска сестра која неодамна се иселила во Германија, во областа Баден. Според неа, станува збор за „Елдорадо“ за македонскиот медицински персонал. Таа е таму со целото нејзино семејство и вели дека речиси е невозможно некој да ја убеди да се врати назад.
Зорица Костовска, медицинска сестра иселена во Германија вели дека условите за работа се многу подобри отколку во Македонија
„Ништо не ме чинеше преселбата, ништо не платив. Дури и превоз ни платија до тука. Сега нормално откако се вработив и кога си одам за Македонија плаќам. Но, работата ми е иста како во Македонија. И таму работев на хирургија и тука сум на хирургија. Работам многу помалку време и многу повеќе сум платена. По мене дојдоа уште четири сестри од агенцијата. Сите сме во контакт, тоа се повеќе сестри од Гостивар, Тетово и Скопје. Јас навистина не знам како дојдоа толку многу. Имаме контакт со сите што дојдоа. Многу се мажени и со деца. Многу малку од нив се млади. Тоа е многу жално за Македонија бидејќи веќе нема сестри во Македонија. Јас не знам дали некоја би останала во Македонија покрај сево ова. Само треба да се одлучи да се учи јазик(германски)“, вели Костовска.
Таа информира дека процесот на преселба е премногу лесен бидејќи германските болници и германската држава ги даваат сите можни олеснувања само побрзо да се дојде до медицински персонал.
Медицинската сестра Зорица Костовска објаснува дека е потребно да се знае германскиот јазик за вработување во Германија
„Самата болница од тука каде што работам ми го плаќа курсот и ми помага да го завршам и да земам Б2. и „анергенунг“, нешто како државен испит што се зема кај нас. Меѓутоа се е на германски јазик и доколку не знаеш германски тешко да го земеш тој „анергенунг“, бидејќи се работи за болести. Една година патував во Гостивар на курс и потоа полагав испит во Ниш, бидејќи нема можност да се полага во Скопје. Тоа е курс за медицинари. Се ни беше исто организирано, јас за тоа ништо не платив, самата болница и агенцијата тоа си го средија. Откако положив Б2 дојдов во Германија. Исто така, тие трчаат и за виза и за се. Јас со тоа немав никаква врска. По пристигнувањето во Германија, еден месец мора да одиш во школо за медицина. Јас работев со луѓе кои немаа искуство од медицината, па ги подготвуваа за се. Целата настава е на германски јазик, за да може кога ќе влеземе во болницата да сме подговтвени. Потоа бевме месец дена на пракса. Доколку ја поминеш праксата и се задоволни, се враќаш во Македонија, ти обезбедуваат термин за да ја земаш визата, ти обезбедуваат сместување во кое можеш да живееш колку сакаш. Е сега јас морав да си изнајмам свој стан овде за да можам да ја земам фамилијата“, вели Костовска.
Нејзиното сведоштво е само потврда дека Германија и останатите развиени земји се подготвени буквално да сторат се што треба за да ги привлечат здравствените работници од нашата и од другите земји од овој регион. Од друга страна, ако се земе предвид дека тие кај нас се соочуваат со многу работа, лоши услови и релативно ниски плати, јасно е дека многу мал е бројот на оние што долгорочно ќе успеат да одолеат на ваквите понуди.
Голгота за специјалистички преглед
Во јавноста често се појавуваат тврдења дека во руралните места се чека и по три часа да дојде брзата помош, дека се чека и по шест месеци за снимање или покомплициран преглед во Скопје, како и дека хируршките интервенции често се одложуваат.
За овие тврдења и воопшто за проблемите со пристапот до здравствени услуги разговаравме со Зоран Поповски од невладината организација КХАМ од Делчево која постои веќе дваесетина години и се бори за остварување на правата на здравствена заштита и образование особено во делот на маргинализираните групи.
Зоран Поповски од навладината организација КХАМ укажува на главните проблеми со пристапот до здравствени услуги во руралните средини
„Ние сме дефицитарни во делот на секундарното и терцијалното здравство. Во делот на примарното здравство имаме изработено добра стратегија или подигнато е нивото на соработката со здравствените домови, така што граѓаните ги добиваат услугите на локално ниво. Имаме проблем во поглед на секундарното и терцијалното здравство. Затоа што немаме доволно хирурзи во регионот, затоа што немаме доволно специјалисти итн.. Проблеми се јавуваат и затоа што полека малите места ги губат младите. Интернистите кај нас се со просечна возраст од 60 години натаму. И многу малку доктори остануваат, многу малку се мотивирани да остануваат во руралните средини. Дел поради квалитетот на живот. Дел поради ниските плати и заминувањето во Германија. Во делот на секундарното и терцијалното здравство имаме проблем, затоа што лицата кои се во среден или социјален ризик немаат доволно средства за да отидат во болници, им се откажуваат термини, не се доволно запознаени кои права ги имаат доколку им се откаже термин итн.. Тоа ни се проблемите во функционирањето на здравствениот систем. Еве да речеме, специјалистички услуги или за да се препише некој антибиотик или што било, вие мора да одите на кожно во Кочани. Таму не можете да ја добиете услугата, па повторно се враќате кај матичниот лекар, па повторно се закажува да одите во Штип или во Скопје. Клиничкиот центар во Штип уште не е направен. И тука ни се главните предизвици“, вели Поповски.
Тој како најгорчлив проблем го посочи се поголемиот недостиг од лекари специјалисти.
Аудио изјава на Зоран Поповски: „Потребни се системски промени“
„По нашите анализи од Штип до Берово фалат повеќе од 100 специјалисти. Значи потребно е навремено и правовремено да се распишуваат повици за специјализација за кадарот. Ако сега ја погледаме состојбата, веќе нема кој да се испрати на специјализација. Вие и да испратите некој доктор на специјализација- затоа што доктор треба да биде вработен во здравствениот дом, не може од ПЗУ на специјализација во државна школа. Па и да се нафатите да го испратите системот има проблем да најде менторство или ментори за тие лица кои ќе одат на специјализација. Значи имаме големи пропусти и гапови, кои се причини за ваквата состојба. Прво немаме рамномерен регионален развој за да можат луѓето да останат. Да има и доволно пациенти и да се реновираат и здравствените домови. И второ, мора да функционира секундарната здравствена заштита. Да речеме во делот на породилиште. Се тврди дека сите породилишта функционираат, но жените се породуваат од Штип надолу. И во Берово и Делчево исто имаат склучено со матичните локални гинеколози. Ама па од друга страна, пружат услуги само кога е крајно нужно и мора да се интервенира. Зошто е тоа така? Затоа што очигледно не се одржуваат породилиштата во форма, системот да може да пружи квалитет и во делот на акушерство и дополнително каде што ќе се чува бебето. Иако може да кажеме дека во тој дел имаме стручни и професионални лица гинеколози кои што си ја бркаат работата. Можеме да кажеме на пример: Делчево да биде центар за породување за Берово, Пехчево Каменица. А не да се препраќаат во Штип. Тоа се дополнителни трошоци, дополнителна несигурност. Потребно е да постојат системски промени“, вели Поповски.
Во 45 општини нема матичен гинеколог
Борјан Павловски од здружението за заштита на пациенти ЕСЕ од Скопје вели дека проблемите на пациентите од внатрешноста започнуваат од самото влегување во најблиската локална амбуланта.
„Основен проблем со кој се соочуваат жителите од руралните места, односно пристапот до здравствена заштита е тоа што најголем дел од овие средини немаат пристап ниту до примарна здравствена заштита. Во село немаат општ или матичен лекар, матични педијатри немаат, а проблемот со матичните гинеколози е уште поголем. Во 45 општини во Македонија нема матичен гинеколог, а најголем дел од нив се рурални општини и малите градски средини како на пример Крушево, Македонски брод итн. Само две или три села во Македонија имаат матичен гинеколог и тоа поголемите. Овие луѓе за да пристапат до матичен лекар мора да патуваат до најблиската градска средина или до местото каде што има матичен лекар кој што е надвор од нивното место на живеење. За тоа треба да трошат и средства за превоз, треба да ги остават земјоделски активности, а во зависност од физичката состојба и болеста, тоа претставува дополнително оптоварување. Исто така, жените за време на бременоста треба да патуваат до матичен гинеколог за да направат контрола на бременоста. Друг проблем е немањето на пристап до лекови. Немаат аптеки во руралните средини, во малите места особено. Така, за да купат било каков основен лек, принудени се да патуваат, да трошат време. Доколку се работи за старо или потешко болно лице треба да се ангажира и придружник кој ќе го придружува, така да сето тоа претставува значителни компликации. Па доколку треба да одат до специјалист или да направат некои испитување до лабораторија, ренген или слично, сето тоа е дополнителна компликација“, вели Павловски.
Според нашите соговорници, еден од главните проблеми со недостиг од кадар се породувалиштата, каде нема гинеколози и анестезиолози поради што сите родилки се препраќаат во неколкуте регионални центри каде здравствените работници буквално се убиваат од работа.
За ваквите поплаки ги контактиравме во „Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита“ од каде беа децидни во ставот дека законот е на страна на докторите и кој не е задоволен има право да се жали.
„Не е дозволено ротирање на лекарите и прекорачување на работното време без нивна непосредна согласност. Се друго е содржано во законот, а веруваме дека законот се почитува“ вели Гордана Славеска, секретар на оваа организација.
Според надлежните, состојбата се подобрува
Според податоците објавени во Годишниот извештај на Фондот за здравство за 2018 и Статистичкиот годишник на Република Северна Македонија за 2019 година бројот на лекари од 1993 година континуирано расте. Во 1993 година имало 4.528 вработени лекари, а во 2018 година оваа бројка изнесувала 6.329 лекари. Конкретно во службата за специјалистичка дејност бројот на лекари од 823 во 2016 се зголемил на 1.041 лекар во 2018 година.
Но, во текот на 2018 година, примарна здравствена заштита на осигурениците обезбедувале вкупно 1.549 општи матични лекари, што е намалување за 28 лекари во однос на претходната година.
Дополнителен проблем е што матичните лекари не се соодветно распоредени согласно оддалеченоста на живеалиштата на луѓето во одредени средини. Па така најголем број општи матични лекари има во Скопскиот регион односно 497 лекари, додека најмал е бројот во источниот регион со 117 општи матични лекари. Ова кажува дека матичните лекари одат таму каде што имаат поголем финансиски интерес или барем основна исплатливост на нивниот труд. Жителите на руралните средини треба да патуваат и по десетици километри за да дојдат до лекар.
Интересен е и податокот дека во текот на 2018 година примарна здравствена заштита на осигурениците обезбедуваа вкупно 144 гинеколози. Во споредба со претходната година, бројот на гинеколози е намален за 1 лекар што не е воопшто страшно но повторно проблематично е тоа што се забележува дека најголем број гинеколози има во Скопскиот регион односно 51 лекар, додека најмал е бројот во североисточниот регион со 11 гинеколози.
Здравствените власти тврдат дека состојбите во последниве две години се подобрени и дека одливот на кадар не е проблем отсега. Според нив, Владата покажала подготвеност за подобрување на статусот на медицинскиот персонал, со цел да се задржи во државава.
„Министерството за здравство води посебна грижа за здравствените работници, со посебен фокус на инвестирање во човечкиот капитал во сите јавни здравствени установи. Токму во таа насока, за година ипол, четирипати се зголемени платите во јавното здравство. Со февруарската плата, наставниот кадар добива 20% зголемување, 25% лекарите специјалисти, 15% општите лекари, 10% медицинските сестри, 5% здравствените соработници и 5% помошно техничкиот персонал. Дежурствата се зголемени од четири до петпати. Платата на лекарите специјалисти со дежурства ќе изнесува 100 илјади денари. Инаку, кумулативно, со сите зголемувања досега, но и најавеното зголемување од месец февруари, основната плата на лекарот специјалист е зголемена за 40%, на медицинските сестри до 23%, на општите лекари 25% и 15% на останатите здравствени соработници“, велат ов Министерството.
Во поглед на недостигот од кадри, од Министерството велат дека има континуирано зголемување на платите и на новите вработувања.
„Покрај зголемувањето на платите, досега се дадени 5.000 согласности за вработување, со што за најмалку 10% е зголемен капацитетот со човечки капитал во секоја јавноздравствена установа. Согласностите се дадени врз основа на претходно направената детална анализа во однос на тоа каков тип специјалност недостига во одредени јавно здравствени установи во државата, при што беше констатирано дека има дефицит на поединечни специјалисти, што соодветствува со ситуацијата во регионот и во Европа. Таков пример е дефицитот на анестезиолози во ЈЗУ. Во болницата во Битола, пак, недостигаат уролози, а во поедини центри недостигаат интервентни кардиолози. Во меѓувреме се обезбедени и илјада специјализации за реализација во следниот четиригодишен период за едукација на потребниот кадар од одредени специјалности коишто недостигаат во моментов. Исто така, со измена на Законот за здравствена заштита се дозволи таму кај што има нестостиг на лекари специјалисти да може да ротираат и да дадат соодветна услуга. На пример, анестезиолози од Скопје одат и работат во болницата во Кавадарци, како и во болницата во Гевгелија. Исто така, лекари специјалисти по трауматологија и ортопедија почнаа да работат во Клиничката болница во Тетово. Интервентни кардиолози од Штип и од Охрид, пак, работат во болницата во Струмица. Значи, со тој систем на ротација се покриени сите специјалности, кои во моментов недостигаат во одредена здравствена установа и тоа така ќе продолжи да функционира и во следниот период. На тој начин се едуцираат младите лекари со експертите кои доаѓаат да работат во таа здравствена установа и тоа е вовед во следниот чекор, а тоа е регионализација и создавање центри со конкретна експертиза од одредена област. Таков пример е Центарот за интервентна кардиологија во Охрид, каде се третираат сите пациенти од југозападниот дел на земјата, како и Центарот за интервентна кариологија во Штип“, велат од Министерството.
Што треба да се преземе?
Според Павловски, препораките на Светската здравствена организација се јасни и се укажува дека прегледот од матичен лекар треба да биде достапен за секого на местото каде што живее и во времето кое му е потребно.
„Државата во претходните неколку години правеше повеќе обиди за да ја подобри примарната здравствена заштита во руралните средини како што беа субвенциите за матичните лекари во тие средини. Но за жал тоа не донесе некакво долгорочно решение. Привремено се отворија неколку, голем дел не се ни отворија. Понатаму беше обидот со рурален доктор, каде што требаше тие да ротираат низ пунктови по селата. Меѓутоа податокот беше дека има само 25 рурални доктори што не е доволно за да се покријат сите села во Македонија каде што нема матичен лекар. Овие рурални лекари доаѓаат еднаш неделно или еднаш месечно, некогаш и поретко, така да луѓето не можат да се обратат до нив во моментот кога се болни или кога реално имаат потреба. Така што битно е да се зајакнат пред се здравствените домови, бидејќи праксата покажа дека приватните здравствени установи потешко е да се натераат да работат во руралните средини, дури и со стимулации. Така што препорачуваме да се зајакнат здравствените домови со повеќе кадар. Општи доктори, но и специјалисти: гинеколози, интерна медицина, ортопедија, педијатрија и слично. Со повеќе кадар и специјализации. Овие доктори потоа би ротирале почесто по пунктови. И општите доктори, но и специјалисти во рурални средини. Меѓутоа многу е важно, овие пунктови да бидат соодветно опремени со соодветна дијагностичка опрема. Значи да не се сведе се, само на обичен дијагностички преглед туку и да се опремат со ЕКГ и ЕХО апарати и да има услови за лабораториска анализа. Со што би се подобрил пристапот и до примарната здравствена заштита но и до специјалистичката здравствена заштита. Исто така во овие рурални тимови е потребно, да се предвиди и да се уреди да можат да им обезбедуваат на лицата и одредена листа на лекови. Бидејќи ако докторот го препише лекот, пациентот повторно треба да оди до најблиската градска средина, така да повторно има патување. Затоа овие рурални доктори со себе треба да носат и еден основен пакет на лекови кој што ќе можат да го понудат на пациентите. Исто така, потребна е сериозност во патронажната дејност. Патронажните сестри се исто така во недоволен број. Да се едуцираат дополнително, да се обезбедат возила и друга потребна опрема за да можат редовно да ги посетуваат жителите на руралните средини како мајките и децата, меѓутоа бидејќи се поливалентна патронажна служба, да ги посетуваат и старите со хронични болести, со цел редовно да ја следат нивната состојба и ако има потреба да одат кај доктор за понатамошна здравствена заштита“, вели Павловски.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинар: Дејан Азески
Фотографија: Томислав Георгиев
Види повеќе на истата тема: Во 21 век се молат да не им затреба лекар