Минималната плата заостанува зад растечките трошоци за живот

Синдикатот притиска за минимална плата од 450 евра. Ќе добијат ли работниците повисок минималец и пред март наредната година, кога е законскиот рок за покачување? Социјалните партнери подготвени за дијалог, но секој со свои аргументи. Сегашните 367 евра не се доволни за покривање на основните трошоци. Синдикалната кошница тежи над 1000 евра, па семејство со две минимални плати едвај преживува.

Синдикатите бараат зголемување на минималната плата

Во Македонија минималецот изнесува 367 евра или 22 567 денари. Толкава плата во земјава примаат 25 000 работници. Од ССМ велат дека и покрај покачувањето на минималната плата во земјава последниве неколку години, таа сè уште е ниска, а трошоците за живот се големи.

Барањето за раст на платите, не само на минималната плата, се егзистенцијални за работниците. Сите податоци кои ги имаме покажуваат дека растот на платите е неминовен и дека е потребно да се случи што е можно поскоро. Минимална плата во Македонија - 22 567 денари примаат 25 000 работници во согласност со Управата за јавни приходи, што сметам дека е еден од најсериозните показатели дека платата во плико се враќа“, вели Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Од Организацијата на работодавачите се децидни платите да се зголемуваат според растот на продуктивноста.

„Минималната плата треба да се усогласи со порастот на цените на трошоците за живот, во согласност и со порастот на претходите плати и последната измена на Законот за минимална плата. Ние сметаме дека е погрешна политика, како што се правеше во минатото, порастот на минималната плата да се прави за да се изврши притисок на растот на платите во Македонија. Растот на платите во Македонија мора да расте нормално како и во другите држави - со растот на продуктивноста. Целта е да имаме нови инвестиции, да ја зголемиме нашата технолошка опременост, да направиме поголем извоз, така и да растат платите. Ако не е засновано на растот на продуктивноста, тогаш се доведуваме во ситуација кога голем број на работници се збиваат во еден мал простор близу до минималната плата и тоа доведува до демотивација на добрите плати“, смета Aнгел Димитров од Организацијата на работодавачи.

Владата, пак, со став одлуките да се носат со консензус и дијалог.

Според законот, минималната плата ќе се зголемува во март идната година, така како што е предвидено, утврдено, договорено и потпишано од сите страни, односно и од страна на синдикалците и од страна на работодавачите. За барањето на синдикатите за предвремено вонредно зголемување на минималната плата, јас неколку пати сум кажал дека треба да се носат одлуки со консензус и со дијалог од сите страни. Да се слушаат и барањата од синдикатите, да се слушаат и работодавачите затоа што на крајот на краиштата пак се тие кои ги креираат работните места“, кажа министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Зголемување на минималната плата за да се задржат квалификуваните работници

За ССМ растот на минималната плата е егзистенцијално прашање.

Првата и најзначајната причина е да спречиме младите работници и квалификуваните работници да заминуваат од Македонија во нашите соседни земји. Во Црна Гора минималната плата изнесува 450 евра. Босна и Херцеговина, поточно Република Српска ја покачи минималната плата на 500 евра. Во Србија се договорија минималната плата од јануари да изнесува повеќе од 476 евра. Во Бугарија разговараат за минимална плата во нето износ од 500 евра од почетокот на наредната година. Ние се плашиме дека доколку не се случи брзиот раст на платите во Македонија, пред сѐ и на минималната плата како гаранција под која не може да се исплаќа плата, повторно ќе бидеме земја во која евтината работна сила веројатно ќе привлекува странски директни инвестиции кои ќе го експлоатираат македонскиот работник, а нашите квалификувани работници повторно ќе заминуваат, овојпат во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Словенија итн., предупредува Трендафилов од ССМ.

Според работодавачите, минималецот треба да се корегира со куповната моќ на населението.

Кога зборуваме за висина на минимална плата најдобро е таа да се споредува со просечната плата. Тоа го направи и Европската комисија со донесувањето на Директивата за минимална плата каде е утврдено дека препорака на државите е минималната плата да се движи околу 50 посто од просечната плата. Кај нас е озаконето дека минималната плата не може да биде под 57 посто. Во тој поглед ние сме многу повисоко од она што е европска директива. И на крајот на краиштата, не можете да споредувате минимални плати номинално во разни држави. Тоа мора да се корегира со куповнта моќ на населението - што може да се купи со таа минимална плата. Ако така тоа го корегираме, ќе видиме дека Македонија има највисока минимална плата во опкружувањето“, вели Димитров од Организацијата за потрошувачи.

Од Владата велат дека е веќе изгласана спогодбата за формирање на Економско-социјален совет, ќе ги сослушаат сите страни и ќе донесат решение кое ќе биде во интерес на граѓаните.

„Доколку се доведеме до зголемување, вонредно покачување или зголемување на минималната плата, тогаш треба и да се менува Законот за минимална плата. Овој закон ако треба да се менува, ќе се дискутира во Економско-социјалниот совет“, вели министерот Дурмиши.

Социјалниот дијалог клучен за раст на платите

Со растот на инфлацијата во последните две години минималната потрошувачка кошничка за четиричлено семејство достигна над 60 000 денари. Новата влада излезе со мерки за подобрување на стандардот на граѓаните - ограничени маржи на околу 70 прехранбени производи, а од почетокот на месецов во сила стапи и Законот за нефер трговски практики.

Сепак, повеќе од 10 000 работници примаат плата до 22 567 денари, а двајца вработени со минимална плата не можат да ги покријат месечните трошоци. Податоците се сериозни, сите заедно треба да седнеме на маса, да разговараме за причините и да најдеме решение за растот на платите, велат од ССМ.

„Синдикалната минимална кошничка која ја подготвуваме ние и која покажува дека повеќе од 1 000 евра му се потребни за преживување на едно четиричлено семејно домаќинство или 23 илјади денари само за храна и за пијалаци, треба да бидат доволен аргумент кон креаторите на политиките, како и работодавачите во приватниот сектор за потребата од брз раст на платите. Се разбира државата може да интервенира и да помогне во приватниот сектор преку субвенции или даночни олеснувања. На пример, за работодавачите кои ќе исплаќаат минимална плата да не плаќаат данок на државата во висина на персоналниот данок или пак да добијат ослободување во висина до 40 проценти за придонесите од задолжително социјално осигурување“, предлага Трендафиловски од ССМ.

Основен услов за развој на економијата, особено за промена на нашата стопанска структура со ниска додатна вредност е инвестициите и потоа знаењето и технологијата. Ние мораме да имаме високо знаење и да се подигне квалитетот на високото образование, за младите луѓе да можат да управуваат со современи машини и да направат и сопствени компании, млади брзорастечки компании кои недостасуваат во последно време во Македонија“, смета Димитров од Организацијата на работодавачи.

Социјалните партнери велат дека се подготвени за дијалог.

Барањата за растот на платите, вклучително и минималната плата; барањата за склучување на колективните договори како во јавниот, така и во приватниот сектор; потпишувањето на анексот на општиот колективен договор за вработените во јавниот сектор идната година од март да добијат просечна плата по коефициент на сложеност и раст на нивните плати за близу 15 %; раст на платите во приватниот сектор во оние компании каде што сме синдикално организирани - тоа ќе бидат едни од клучните прашања за кои ќе треба да разговараме на Економско-социјалниот совет. Имаме разбирање за ставовите на претставниците на Владата, меѓутоа треба и тие да имаат разбирање за нас“, вели синдикалецот Трендафилов.

Ние како Организација на работодавачи сме навистина секогаш за социјален дијалог. Сите излегуваме на почетокот со свои интереси, некои дури свесно одат со многу повеќе за да можат да добијат барем нешто, но на крајот сите треба да се откажеме од дел од нашите интереси во интерес на социјалниот партнер - луѓето. А на владата во овој случај треба да ѝ е најлесно кога двата социјални партнери би се договориле затоа што таа нема кој друг да слуша. Ако работниците и работодавачите изнајдат заедничко решение, на Владата би требало да ѝ биде најлесно тоа решение да го поддржи“, кажа Димитров од Организацијата на работодавачи.

Трошоците за живот се големи, а 367 евра месечно се малку. Покачувањето на минималната плата треба да ја заштити најранливата категорија граѓани, да одговори на реалните трошоци за живот и да го спречи одливот на работна сила во земјите од регионот. Но, за да пораснат платите, потребни се услови за економски раст и поголема продуктивност.

Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Сунчица Николовска

Сниматели: Слаѓан Милошевски, Наке Батев

Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска