Недостатокот на соодветна терапија за дијабетес го зголеми бројот на пациенти со компликации и ампутации

  • Минатата година 44 илјади дијабетичари во земјава минуваа низ десетмесечна голгота бидејќи немаа неопходни апарати и терапија.
  • Од Клиниката за ендокринологија признаваат дека во Македонија многу доцниме со лекување на овие компликации, а немаме ниту превенција.
  • Од Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија велат дека последните години енормно е зголемен бројот на луѓе кои завршуваат со ампутации.
  • Во земјава има околу 700 деца со дијабет тип 1, а по ковид пандемијата, годишно се регистрираат по 70 случаи.
  • Државата иако презела обрска да обезбедува апарати за мерење на шеќер во крвта и терапија, пациентите сами се снаоѓаат.

Катерина Пешевска, три години е на инсулинска терапија. Минатата година таа ја минуваше голготата на 44 илјади дијабетичари во земјава коишто речиси 10 месеци немаа со што да го контролираат шеќерот во крвта.

„Нередовна контрола на  шеќерот, висок-низок, висок-низок, најмногу доаѓа до оштетување на бубрезите. Неконтролирањето. Ние тогаш се соочивме со проблем, немаше глукомери, неточни глукомери, немаше ленти и сето тоа си влијаеше на мојата состојба“, вели Катерина.

Таа не добила ниту терапија со која би се спречиле оштетувања на витални функции. Сега има оштетување на видот и бубрезите.

„Тогаш се соочував со многу високи гликемии, ми беше потребен лекот Рубелсус. Чекав една година да дојде на позитивната листа. Немаше барање за нови пациенти, не можеа да ме стават на списокот, чекав една година и за таа една година, дојдов во ситуација да добијам нефропатија“, вели Катерина.

Фотографија од Катерина Пешевска, како го мери нивото на шеќер во крвта
Поради необезбедена терапија Катерина Пешевска денес има оштетување на видот и на бубрезите

Според ендокринологот Танер Хасан, кој е директор на Клиниката за ендокринологија, 30 отсто од пациентите со дијабетес имаат бубрежни компликации, а речиси секој пациент има срцеви проблеми. Неретко добиваат и мозочни удари. А лекови од втората и третата линија нема доволно за сите на сметка на државата.

Фотографија од д-р Танер Хасан
д-р Танер Хасан: 30 отсто од пациентите со дијабетес имаат бубрежни компликации, а речиси секој пациент има срцеви проблеми

„За жал ние многу доцниме со лекување на овие компликации, немаме превенција. За превенција треба да ја имаме при рака и за употреба и другата терапија која во светот е веќе докажана дека превенира голем број компликации од дијабетесот. А со тоа,  ако се гледа од аспект на здравствената економија, ќе се намали бројката на хоспитализации на пациенти, бројката на потреба за операции“, заклучува д-р Хасан.

Зголемен е бројот на ампутации

А бројката само на операции на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија е голема.

Професорот Боро Џонов од Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија вели дека само неделава 12 пациенти чекаат ампутација како последица на дијабетес.

Фотографија од проф. д-р Боро Џонов
Д-р Боро Џонов: Последните години енормно е зголемен бројот на луѓе кои завршуваат со ампутации

„Последните пет до шест години енормно е зголемен бројот на луѓе со дијабетични стапала коишто подоцна развиваат гангрени и на крајот голем е процентот од нив кои завршуваат со ампутации. Не се само возрасни пациенти над 60 години, има и многу помлади некаде до 40 години, па и помлади, зависно од начинот на третирање. Секако колегите епидемиолози после извесен период ќе имаат докази зошто и како се случува, дали е тоа начинот на живот, дали недоволно придржување на правилата и користење на препаратите коишто се користат за дијабет, дали е несоодветноста на самите препарати. Треба да се дојде до некој заклучок зошто голем дел од работоспособното население со овие болести стануваат инвалиди“, констатира д-р Џонов.

Но, има и случаи кога дури кога ќе дојде до ампутација пациентот да дознае дека со години живеел со дијабетес. Податоците на СЗО тоа го потврдуваат – наспроти 130.000 пациенти кои земаат терапија за шеќер во крвта, исто толкав број граѓани не знаат дека имаат ваков проблем.

Оставени сами на себе

Во земјава има околу 700 деца со дијабет тип 1. Бројките покажуваат дека ковид -19 предизвика раст на новодијагностицирани пациенти со дијабет тип -1. Годишно се регистрираат 70 случаи. Наташа Деспотовска – Димитриевска, како мајка на дете со дијабет тип 1, со години ја води битката со надлежните, за набавка на сензорни апарати, кои ги добија после 5 години, но и за подигање на свеста дека овие деца можат да бидат дел од колективите ако возрасните знаат да им помогнат.

Фотографија од Наташа Деспотовска Димитриевска
Наташа Деспотовска – Димитриевска, мајка на дете со дијабет тип 1, со години ја води битката со надлежните, за набавка на сензорни апарати

„Целта на протоколот беше да ги запознаеме оние што се грижат за нив, што се најблиску до нив, како да постапуваат во акутни состојби и нам како родители најмногу не засегаат, а тоа се состојбите со хипогликемии, ниско ниво на шеќер во крвта. Ако се случи такво нешто на детенце кое е во градинка или во основно училиште е сè уште мало, а тие симптоми не знае да ги препознае не ги чувствува, наставниците да бидат оној прв борбен ред којшто ќе им помогнат на дечињата да распознаат симптоми на хипогликемија и да му помогнат на тоа дете да не случи несвестица, кома“, вели Наташа Деспотовска – Димитриевска од Асоцијацијата за детски дијабет баланс.мк.

dijabetes aparatche
Државата иако презела обрска да обезбедува апарати за мерење на шеќер во крвта и терапија, пациентите често сами се снаоѓаат

А од оние кои се во првиот борбен ред на одговорноста за решавање на ваквите проблеми, Министерството за здравство, не добивме одговор на нашите прашања:

Дали државата има стратегија за превенција на потенцијални дијабетичари, со оглед дека проценката е дека бројката на неоткиени пацинети со дијабет е еднаква како на оние кои што се на терапија, близу 160.000?

Дали до Министерството за здравство има стигнато реакции од пациенти на инсулинска терапија кои се жалат дека глукомерите не мерат точно?

Државата иако презела обрска да обезбедува апарати за мерење на шеќер во крвта и терапија, кога ќе затаи, пациентите сами се снаоѓаат. Катерина на пример, добива 50 ленти за два месеца, а дневно троши по две. Кога нема, сама ги купува. Досега најголем проблем беше периодот од десет месеци кога овие пациенти останаа без неопходните апарати и терапија, бидејќи државата се изгуби во тендерските постапки. Иако преку здруженијата бараа рефундација на тие пари, сè уште не ги добиле. А пресметките се дека една минимална плата оди на лекови и сè што е неопходно за пациент со дијабет. Засега состојбата е следна: Лекарите апелираат на превенција, но бројот на новорегистрирани дијабетичари расте и притоа возрасната граница се намалува.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Наташа Јанчиќ Менковски

Сниматели: Слаѓан Милошевски и Давид Милошевски

Монтажа: Давид Милошевски