- Два месеца откако стана прв човек во здравство, Меџити најави спојување на Клинички центар до крајот на 2023 година, со еден или двајца менаџери и со еден управен одбор за сите 33 правни субјекти кои сега функционираат самостојно.
- Спојувањето на Клинички е содржано и во предизборната програма на СДСМ „План за живот во Македонија“.
- Владата му даде поддршка, но на истекот од 2023 година оваа точка не е ставена на дневен ред.
- Изминативе години, по половина милион евра годишно одат само за плати на организациските директори и управните одбори на клиниките во комплексот „Мајка Тереза“.
- Комуникологот Кордалов вели дека пред камерите политичарите од обете страни се во постојана кавга, а всушност зад тоа, премолчено и заеднички прифаќаат нешта од личен или партиски интерес.
Министерот за здравство Фатмир Меџити не ги сака, Владата не ги дава, речиси двеста функционери - организациски директори и членови на управните одбори на клиниките во комплексот „Мајка Треза“ во Скопје. Два месеца откако стана прв човек во здравство, Меџити најави спојување на Клинички центар до крајот на 2023 година, со еден или двајца менаџери и со еден управен одбор за сите 33 правни субјекти кои сега функционираат самостојно. Целта, според објаснувањето, е да се стави крај на неоправдано расипништво на половина милион евра годишно народни пари само за плати на партиски кадри од кои здравството нема никаква корист. За ова тој експресно доби поддршка од Владата. Но, очигледно само на хартија, бидејќи за два месеци завршува 2023 година. И експертите сметаат дека оваа изјава е во стилот на „политичарите зборуваат тоа што граѓаните сакаат да го чујат“, без да бидат свесни за нивната одговорност пред нив.
Владата не го става спојувањето на Клинички на дневен ред
Во разговор за Само прашај, министерот Меџити вели дека е задоволен од волјата која ја покажале неговите колеги од Владата за спојувањето на Клинички. Иако поминаа пет месеци од неговата најава, и останаа уште неполни два до Нова година до кога би требало да се реализира неговата идеја, на владина седница досега не е разговарано на оваа тема.
Владата даде поддршка за идејата на Меџити, но не презеде никаков чекор досега
Поради тоа до Владата ги упативме следниве прашања: До каде е постапката за трансформација на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ , односно спојувањето на 33 субјекти во еден центар како пред 15 години и дали изминативе години одлевање на половина милион евра годишно само за плати на организациските директори и управните одбори на клиниките во комплексот „Мајка Тереза“ и 20 милиони евра загуба на Службата за општи и заеднички работи биле предмет на расправа на владина седница и било побарано решение?
На ова кусо одговорија:
„Информацијата на Министерството за здравство во врска со трансформација на Клиничкиот центар ‘Мајка Тереза’ до сега не е разгледана на владина седница. Доколку Владата ја разгледа точката, јавноста навремено ќе биде информирана“.
За став се обративме и до СДСМ, но оттаму не одговорија на прашањето, зошто досега ништо не е направено и дали спојувањето се игнорира заради коалициските односи.
Премиерот Димитар Ковачевски во неколку наврати јавно го поздрави предлогот на министерот за здравство Фатмир Меџити за укинување на економските директори, со забелешка дека е неиздржано на еден километар квадратен да има 66 директори и заменици директори и триесетина управни одбори, нешто што никаде во светот го нема.
Пет години пред Ковачевски, во февруари 2018 година, тогашниот премиер Зоран Заев на собраниска седница за пратенички прашања, најави дека клиниките од поранешниот Клинички центар во Скопје повторно ќе се спојат, со што ќе се редуцираат трошоците, и нема да се плаќаат толку управни одбори.
Од Министерството за здравство тогаш само кратко дообјаснија, дека оваа реформа ќе се реализира наскоро, но не кажаа како.
Извадок од предизборната програма на СДСМ „План за живот во Македонија“
Спојувањето на Клинички е содржано и во предизборната програма на СДСМ „План за живот во Македонија“, каде на 138 страницаа пишува:
„Враќање на концептот на единствен Унивезитетски Клинички центар во кој клиниките ќе бидат функционално поврзани. Ќе ги укинеме економските директори и упарвните одбори во постоечките 27 универзитетски клиники кои беа само финансиски товар“.
Граѓаните се приоритет само во предизборната кампања
Комуникологот Бојан Кордалов вели дека постои една востановена пракса кај речиси сите наши политичари, да ги прашуваат и слушаат граѓаните само додека се во опозиција или, пак, додека траат оние 20 дена предизборна кампања.
„Ова не е нечие тврдење, туку масовно раширен став помеѓу граѓаните. А, дека ваквото однесување повеќе не е одржливо и е неопходно веднаш да се престане со оваа пракса ни покажува бројот на луѓе кои со децении на дневна основа масовно се иселуваат од Македонија, како и опаѓачкиот број на луѓе кои излегуваат и гласаат на секои наредни избори. Втора востановена пракса кај политичарите, особено кај тие од најголемите партии, е она кога пред камерите тие се во постојана кавга, па дури и т.н. вербална војна меѓу себе, а всушност позади тоа, премолчено и заеднички прифаќаат нешта кои граѓаните не ги одобруваат, но се од личен или партиски интерес за политичарите од двете страни - власта и опозицијата“, вели Кордалов.
Меџити тврди дека зад идејата за спојување стојат сите негови колеги лекари
Министерот за здравство е дециден дека додека е на оваа функција, ќе го спои Клинички центар, велејќи дека „најголемата мака на сите негови колеги и колешки посебно на универзитетскиот клинички центар на сите клиники е разделениот Клинички центар“.
„Два месеци откако станав министер, ова ми беше главна идеја и мака искрена и лична, и затоа на 28 април испратив информација на Влада за спојување на Клинички центар и во рекордно време добивме позитивни мислења од сите засегнати институции, како што се и Министерството за финансии и Фондот за здравство. Ако ме прашувате зошто така, не знам. Зошто не е постапено порано, најверојатно претходниците или немале визија или не ги засегало ова. Ама јас, како вработен доктор, лекар на Клинички центар, ме засегаше и секогаш кога зборувавме со колегите, единствениот проблем, маката беше со организацијата внатре, организацијата внатре не се одвиваше како што треба“, вели Меџити, додавајќи дека постои Физибилити студија дека ова како што е сега не функционира.
Тој објаснува дека сите експерти го делат неговото мислење дека ваквата „организација“ е губење време и губење средства без никаков ефект, бидејќи парите за плати би можеле да се трошат за пациентите.
„И пак на 30 август пративме и повратна информација на Влада за да ги следиме и идните чекори. Ние бараме што е можно побрзо да го реализираме ова, но нормално има некои критериуми, има некои правни аспекти, правни основи коишто треба да ги запазиме“, додава Меџити.
Ако не се спои Клинички, не само што се губат пари, туку, како што покажаа и последните случувања на Клиниката за онкологија, се губи и довербата во здравството и здравствените работници.
Првиот човек на Синдикатот на клинички центар д-р Предраг Серафимовски вели додека Клинички центар бил едно, многу полесно се контролирале работите - еден директор, еден управен одбор, се знаело како и кога се прават тендери. Поради долг од 7-8 милиони евра, пред деценија и пол се донесе таа, како што вели, несреќна одлука, за наводно секоја клиника да работи домаќински.
Но, според Серафимовски, ова добро „испеглано“ решение доживеа комплетен дебакл, бидејќи има случаи кога само една клиника има долгови од десетици милиони евра.
Доктор Серафимовски му дава поддршка на министерот во намерата, но не е сигурен дека има решение како партиските кадри да ги стане од фотелји.
„Како што беше политичка одлуката, така беше и целта да се вработуваат политички кадри, партиски кадри, и тоа до денес е така. Се прави голема злоупотреба, се вработуваат нефункционални кадри, се направија по два врзани потписи, се направија на секоја клиника по еден управен одбор, тоа е само генерирање на дополнителни трошоци. И ако во тоа време беше некоја финансиска загуба како Клинички центар, сега секој од нас не треба да биде финансиски експерт за да знае дека таа сума треба да се множи со десет, и во вака направени посебни едници економски има уште поголема загуба. Немаме топли ходници како што ги баравме, за оперирани пациенти да се носат до Радиологија, до Онкологија, меѓу клиниките. Се знае како се прави сега - имаме едно комбе за брза помош со еден возач, другиот почина за време на короната. Уште се соочуваме со истите последици, со истите работи што беа пред 2007 година”, вели Серафимовски.
Новинарката Сања Димитровска со години ги следи случувањата во здравството. Таа направи ретроспектива за времето кога Клинички се делеше, но и на сите обиди за негово спојување.
„Имер Селмани, министерот за здравство во чие време Клиничкиот центар се раздели на триесетина субјекти, и понатаму стои на таа одлука, бидејќи и тогаш и сега целта е да нема хаотична ситуација, бидејќи еден директор пак нема да знае кои се проблемите на Инфективна, кои на Детска или зошто се караат на Радиологија. Сепак, од денешна перспектива ставот на Селмани е - нека дојде до фузирање, но не со сегашната инфраструктура туку да има нов модерен клинички комплекс каде се ќе биде на едно место“, вели Димитровска.
Во времето на министерувањето на Никола Тодоров имаше проблеми со долгови на клиниките, но и со интерклиничките упати.
„Сепак, не беше толку хаотично како сега кога не се знае кој пие, а кој плаќа. Тодоров беше единствен од министрите кој беше на чекор да удри темели на нов Клинички, и денеска неговиот став е непроменет – прво нов комплекс што е најголема и најзначајна реформа во здравството а потоа може фузирање“, вели Димитровска.
Идејата за спојување на Клинички ја најавуваа и Филипче и Сали
Поранешните министри за здравство Венко Филипче и Беким Сали јавно не ја коментираат идејата на Фатмир Меџити, од Нова Година да има спојување на клиниките. Но, обајцата, иако најавија дека фузирањето на клиниките ќе ги намали трошоците, не покажаа иницијатива и не презедоа ников чекор.
„Но, ако сликата ја гледаме во целина, можам да кажам дека е невиден хаос имајќи предвид дека во голем број клиники нема основни лекови, па на пациенти им велат - одете во аптека и купете си гази, инфузии, шприцеви... што секако е недозволено за една универзитетска установа. Да не зборувам за тоа кога треба еден пациент за одредена дијагноза да мора да помине во неколку клиники. А доколку се вратам во времето на ‘еден менаџер за сите’, колку - толку имаше ред и се знаеше кој што треба да прави, кој одлучува за набавката на лекови, а кој може да дава официјални изјави“, се сеќава Димитровска.
Нема стратегија за здравството
Професорот д-р Никола Пановски, поранешен директор на Фондот за здравствено осигурување, смета дека до изборите тешко е остварливо спојувањето на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
„Во Стратегијата за здравство 2007-2022, усвоена во парламентот пролетта 2007, пишува ‘еден Клинички центар’. Веднаш потоа тие што ја гласаа стратегијата донесоа одлука за негова дезинтеграција на 30 клиники, со 30 х2 директори и толку управни одбори. СДСМ беше против. Во Програмата на коалицијата на СДСМ за изборите 2016, пишува, ‘ќе го реинтегрираме Клиничкиот центар, со еден директор и еден УО, ќе се ослободиме од организациските директори’. Ништо од тоа не направија, си ставија свои луѓе за директори и членови на УО, наместо оние од ДПМНЕ. ДУИ си ги задржа своите, а веќе 15 години раководи со Заедничките служби. Значи, партиски интерес пред државниот. Сега, оваа најава за реинтеграција доцни и тешко би се остварила до избори, само е мачкање очи. Инаку, огромни пари на осигурениците одат во неврат, за администација која нема никаков ефект врз здравството. Така што не се 20 милиони евра, туку стотина милиони. На пример, Програмата за дијализа е околу 20 милиони евра годишно, за дијабет слично. Ако земеме дека Владата е тужена за уште 20 милиони евра за ракинување на договор за изградба на Клинички центар, тоа е уште потрагично. Одговорност нема“, вели Пановски.
Поранешниот министер за здравство, проф. д-р Драган Даниловски се пашува дали Владата има стратегија за решавање на состојбата на Клиничкиот центар? Вели, на интернет страницата на Министерството за здравство објавена е Стратегија за здравство за периодот 2021-2030 година (1). Во врска со УКЦ, наведени се три можни пристапи (стр. 74-75). Првиот пристап е тој да се гради на местото на некогашната Клиника за гинекологија и акушерство. Вториот пристап е развој на УКЦ како „гринфилд (green-field)“ инвестиција на локација надвор од градот, што подразбира странска директна инвестиција. Третиот пристап е комбинација на постоечките објекти на УКЦ со нов дијагностички и траума центар.
Стратегијата за здравство 2021-2030 е објавена на страницата на МЗ, но не и на Владата
Вели, трите можни опции за решавање на проблемот со УКЦ, по сѐ изгледа, се само формално наведени во Стратегијата, без вистинска подготвеност да се преземе нешто конкретно барем во следните 7-8 години.
„Ова го велат затоа што паѓа в очи дека Стратегијата за здравство, 2021-2030 е објавена само на вебстраницата на Министерството за здравство. Но, тоа воопшто не постои на вебстраницата на Владата, во листата на приоритетни стратегии. Што значи, здравството дефинитивно не е приоритет на Владата најмалку до 2030 година! Ваквиот заклучок е поткрепен и со фактот што на вебстраницата на Министерството за здравство воопшто не постои ниту акциски план за спроведување на Стратегијата, иако тој се спомнува во воведниот дел на Стратегијата“ објаснува проф. Даниловски.
Ако се има предвид сè ова што го кажуваат нашите соговорници, особено докторите, решението кое го нуди комуникологот Кордалов е едноставно, но бара многу промени и откажувања од присвоените привилегии од страна на политичарите: „Веднаш да се излезе од балканската матрица на партиски „лидеришта“ кои сѐ знаат, дека тие се надлежни и им се може да одлучуваат за животите и судбините на луѓето и да се влезе во една нова матрица на политичари, кои во одреден период добиле можност или се борат да добијат можност за да управуваат со јавните пари, кои се всушност пари на граѓаните и компаниите. И тоа трошење на јавните пари треба да се прави единствено во интерес на луѓето, а не водејќи се за својот личен или тесно партиски бенефит“.
Но, со оглед на тоа дека избори ќе има следната година, а досега ништо не е преземено за остварување на идејата за враќање на Клинички на нормалниот колосек, пациентите и здравствените работници сепак, ќе мора и натаму да чекаат за соодветно решение за нивните потреби и проблеми.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.