fbpx

РАБОТНИК СО ТРИ МОЗОЧНИ УДАРИ ОСТАНАЛ И БЕЗ БОЛЕДУВАЊЕ И БЕЗ РАБОТА

Министерството за здравство не одговара на Иницијативата на Народниот правобранител за измена на Законот за здравствено осигурување, по преставката на оштетениот работник кој со три мозочни удари останал и без боледување и без работа оти се разболел пред да наполни 6 месеци стаж.

nikola todorov 239032903290 696x43569

Министерството за здравство го игнорира Народниот правобранител, - министерот Никола Тодоров и директорот на Фондот за здравство Сашо Стефановски. (Фото: МИА)

На вработен кој притоа нема шест месеци непрекинато здравствено осигурување од првиот ден од вработувањето, Фондот за здравство нема да му го покрие боледувањето. Тоа значи, дека кога се вработува, треба да не се разболи во следните 6 месеци додека не стекне право според Законот за здравствено осигурување Фондот да го исплаќа надоместот за плата додека не оди на работа за да се лекува.

За ваквите случаи во законите има дупка. Во ниеден закон не е наведена обврска ни за работодавецот да го плаќа боледувањето, ако трае повеќе од 30 дена. Тоа никаде не е регулирано и ваквите граѓани се оставени буквално сами и на свој трошок за лекување.

Граѓанин со три мозочни удари од скопското село Моране, минатото лето поднел претставка до Народниот правобранител Иџет Мемети откако Фондот за здравство одбил да му го признае правото на надомест на плата за привремена спреченост на работа поради болест, за педиодот од 18 февруари до 30 април, 2015 година додека бил на боледување откако добил мозочен удар. Во моментот кога го добил мозочниот удар тој немал шест месеци непрекинато здравствено осигурување, бидејќи во фирмата во која се вработил, немал 6 месеци работен стаж. Се разболел порано.

Фондот го одбил неговото барање како неосновано, бидејќи бил вработен на трети септември 2014 и до мозочниот удар, немал 6 месеци работен однос. Службите во Фондот на Народниот правобранител му објасниле дека во конкретниот случај обврската да го плати боледувањето била на работодавецот.

Но, бидејќи работодавецот ниту со Законот за здравствено осигурување, ниту со Законот за работни односи, не е е обврзан на тоа, туку само на вработениот да му исплати боледување до 30 дена отсуство од работа, откако истекол тој период, експресно му врачил отказ на разболениот вработен. Така, поради апсурдните закони, останал без платено боледување и без работа и од свој џеб да го плаќа лекувањето.

“Осигуреникот кој поднесе претставка кај нас, но и другите осигуреници кои не ги исполнуваат условите по член 15 од Законот за здравствена заштита за исплата на паричен надомест за плата за отсуство од работа поради болест, остануваат без надомест или се заплеткуваат во правните лавиринти (ниту работодавецот, ниту Фондот не го исплаќа надоместот), затоа што не е предвидено решение за ваквите случаи ниту со Законот за здравствено осигурување, ниту со Законот за работни односи”, вели Васка Бајрамовска – Мустафа, заменик Народен правобранител.

На 30 ноември, 2015 Народниот правобранител за овој случај се обратил до Министерствата за здравство и за труд и социјална политика. Испратил Известување со барање мислење.

Министерството за здравство никогаш не испратило повратен одговор до Народниот правобранител, а Министерството за труд и социјала дека одговорило дека според Законот за работни односи, не е надлежно за конкретниот случај.

ombudsman vaska bajramovska 1024x7223

На 14 јуни, Омбудсманот до Владата поднел Иницијатива за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување и Законот за работни односи, образложувајќи како ваквите осигуреници се оштетени, а работодавците и Фондот за здравство со постоечките закони се заштитени; – Васка Бајрамовска – Мустафа, заменик Народен правобранител (Фото: СДК.МК)

Подносителот на претставката, кому овој му бил трет мозочен удар, не исполнува услови за инвалидска пензија и тој и неговото семејство останале буквално без приходи. Тој поднел барање за социјална помош, но и тука имал проблеми, бидејќи не го исполнувал условот три месеци претходно да немал воопшто никакви приходи. Бидејќи поработел неколку месеци кај фирмата што го отпуштила кога добил трет мозочен удар, му се книжело дека имал приходи. Тој болен, сопругата невработена, децата малолетни, останале дома без денар.

Народниот правобранител не се откажал од случајот. Укажува дека овој проблем опфаќа поголема категорија граѓани.

На 14 јуни годинава, Омбудсманот, до овластениот предлагач на закони – Владата, поднел Иницијатива за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување и Законот за работни односи.

“Народниот правобранител утврди дека во постапката за остварување на надоместок на плата, во случаите на неспособност за работа поради повреда или болест и отсуство од работа над 30 дена, постојните нормативни решенија предизвикуваат проблеми и правна несигурност, бидејќи не се води сметка за фактичката состојба на граѓаните, кои поради болест користат отсуство од работа над 30 дена, но во пракса не можат да го остварат правото на надоместок на плата, со што се оштетени”, ѝ пишува Омбудсманот на Владата, образложувајќи како ваквите осигуреници се оштетени, а работодавците и Фондот за здравство со постоечките закони се заштитени.

Народниот правобранител укажува на нееднаквост на граѓаните со ваквата законски неуредена состојба, на кршење на уставните принципи на правичност и праведност, обезбедување социјална правда, хуманизам, солидарност и загарантирана заштита на граѓаните пред Уставот. Бара овие ситуации да се уредат во законите.

Иницијатива за законски измени тој поднел и до Министерствата за финансии, за здравство и за труд и социјала. Но, Министерството за финансии испратило одговор дека ќе се произнесе кога Народниот правобранител ќе поднесе конкретен предлог за измена на законите и пресметка на финансиските импликации.

“Ниту сме овластен предлагач на закони, ниту сме ние тие кои можат и кои треба да пресметаат финансиски импликации од законските измени кога државата би ги исплаќала боледувањата и на категоријата осигуреници кои се разболеле пред да наполнат 6 месеци работен стаж”, објаснува Бајрамовска – Мустафа, зачудена од ваквиот одговор од Министерството за финансии.

Малку пољубезно Народниот правобранител е одбиен од Министерството за труд и социјала, кое му одговара дека иницијативата била разгледана со должно внимание и оти ќе биде земена предвид во некое од следните изменувања и дополнувања на Законот за работните односи.

Од Министерството за здравство повратен одговор нема ни по Иницијативата на Народниот правобранител за измена на Законот за здравствено осигурување.

Поради несоработката на институциите, Народниот правобранител ја завршил постапката за оваа претставка.

Подносителот на претставката, откако наполнил над три месеци без никакви лични и приходи во семејството, го исполнил условот за социјален случај и за примател на социјална помош. Боледувањето никогаш не му е исплатено, останал заглавен во правни лавиринти и со три мозочни удари тој и семејството сега живеат со социјалната помош која едвај ја добиле.

С. К. ДЕЛЕВСКА

Текстот е првично објавен на www.sdk.mk

Тагови: