- Последните истражувања на меѓународната студија која ги проценува способностите, знаењата и вештините на учениците (ПИСА) покажаа дека кај средношколците не се развиени основните вештини, меѓу кои е читањето.
- Пред две години во основното образование единствено се донесени Национални стандарди со посебно подрачје јазична писменост, а во средното образование од 2001 година не е направена ниту една реформа.
- Недостатокот на книги во образовниот систем изминатите две учебни години лошо ќе се одрази и врз следните ПИСА резултати.
- Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека во текот на 2022 година, бројот на специјализирани библиотеки е намален за 2,1 отсто, а за 13 години бројот на корисници во библиотеките е намален за 83 проценти.
Печатената книгата е важна за развојот на основните вештини кај децата, но тестирањата покажуваат дека децата сè помалку читаат. Експертите алармираат на лошите ефекти предизвикани од технологијата кои се одразуваат врз писменоста на децата, поради што дури и држави како Шведска, кои се познати по образовни програми со најдобри резултати одлучија, во ерата на технологијата, сепак, да се вратат на печатените книги.
Меѓутоа, Министерството за образование во Македонија, освен што втора година по ред доцни со печатење на учебниците, во наредниот период има за цел, дел од учебните материјали и да ги дигитализира.
„Ние оваа година сме во фаза на завршување, се надевам дека ќе заврши позитивно и постапката за дигитални материјали кои нема да бидат во ПДФ формат, но за четврто, петто одделение, шесто одделение ќе треба да бидат дигитализирани. И со начинот на кој е конципирана новата концепција, мислам дека ќе даде позитивни резултати во тестирањата на ПИСА во наредниот период“, изјави министерот Јерон Шаќири.
Последните истражувања на меѓународната студија која ги проценува способностите, знаењата и вештините на учениците (ПИСА) покажаа дека кај средношколците не се развиени основните вештини, меѓу кои е читањето.
Во 2015 година нашата држава се најде меѓу последните земји со најлоши ПИСА резултати после Индонезија, Бразил и Либан.
Лошите резултати повторно покажа и ПИСА тестирањето за 2018 година каде учествуваа 79 држави и економии од цел свет меѓу кои и Македонија, која и овојпат се најде на дното на листата.
Земји | ОЕЦД просек -наука | ОЕЦД просек -Читање | ОЕЦД просек -математика |
Перу | 397 | 398 | 387 |
Либан | 386 | 347 | 396 |
Тунис | 386 | 361 | 367 |
Македонија | 384 | 352 | 371 |
Косово | 378 | 347 | 362 |
Алжир | 376 | 350 | 360 |
Доминиканска Република | 332 | 358 | 328 |
Земји | ОЕЦД просек -наука | ОЕЦД просек -читање | ОЕЦД просек -математика |
Перу | 401 | 400 | 404 |
Саудиска Арабија | 399 | 373 | 386 |
Тајланд | 393 | 419 | 426 |
Македонија | 393 | 394 | 413 |
Баку (Азербејџан) | 389 | 420 | 398 |
Казахстан | 387 | 423 | 397 |
Грузија | 380 | 398 | 383 |
Со години наназад Македонија не може да се пофали со резултатите од ПИСА
Но, ова не го загрижува министерот за образование Шаќири. Напротив, тој оптимистички се пофали дека со новите измени на Законот за средно стручно образование за неколку години отсега ќе имаме подобри резултати.
Всушност, резултатите од ПИСА воопшто не се изненадувачки доколку се има предвид дека Бирото за развој на образование последните години нема спроведено реформа за подобрување на писменоста, математичката и научната писменост кај средношколците.
Советничката во Бирото за развој на образованието Марина Димитриева за Само прашај вели дека пред две години во основното образование единствено биле донесени Национални стандарди со посебно подрачје јазична писменост, а во средното образование, пак, од 2001 година не е направена ниту една реформа.
И таа се согласува дека тие не се доволни, бидејќи потребни се нови програми кои ќе бидат соодветни на потребите на учениците.
Со оглед на тоа колку брзо живееме брзо се менуваат пристапите и предложените методи и начинот на кој треба да се работи и од друга страна пазарот на трудот што го бара како компетенција да го имаат учениците на крајот на средното образование, сето тоа да го имплементирате, потребно е да се направат некои нови програми, да се направат програми кои ќе бидат по нов помодерен терк
Извесна промена е направена во модуларните програми кои веќе се во сила во средното стручно образование.
Во модуларните програми кои веќе се на сила во средното стручно образование се обидовме преку воведување на повеќе писмени состави и есеи во коишто учениците и во другите сегменти од програмата, да се придвижиме кон тоа читање со разбирање кое подразбира многу аспекти од читање и барање податоци за нивно имплементирање во сопствен текст, презентирање на прочитаното. Значи, писменоста во најшироката смисла на зборот може да се промени, доколку промениме и во делот на програмите и доколку поставиме едно, да речеме, поинакво образование“, појаснува таа.
Недостатокот на книги во образовниот систем изминатите две учебни години ПИСА резултати
Според Катерина Климоска експерт од областа на образованието недостатокот на книги во образовниот систем изминатите две учебни години лошо ќе се одрази и врз следните ПИСА резултати.
„Властите, посебно МОН како и другите институции треба добро да размислат зошто е тоа така, каде е проблемот во постапките за обезбедувањето на учебници и тоа квалитетни учебници за учениците, па и за студентите и да не се повторува, бидејќи многу влијае не само на резлутатите кои ги добиваме како тие на ПИСА, но и општо на развојот на секој млад поединец во нашата држава“, децидна е Климоска.
Од друга страна, Димитриева од БРО вели дека сите обиди за воспоставување на придвижување во прва година во средно во однос на читање со разбирање на начин како што бара ПИСА, не завршувале успешно во целост.
„Програмите не овозможуваат до толку таква применливост на таков вид на прашање, или од друга страна тоа може да се толкува како еден проблем кој е поврзан со тоа како ги поставуваме прашањата во образованието. Значи, кога ги прашуваме учениците, како ги прашуваме, дали бараме фактографија, дали бараме логично да размислуваат при поставувањето на било која задача, било која вежба по било кој предмет, така што можеме таму да ги бараме проблемите, односно таму да ги поставиме и решенијата“, посочува таа.
За актуелниот министер за образование Шаќири пак, недостатокот на учебници нема да влијае врз писменоста на децата, а неговото објаснување е дека постојат помошни материјали во дигитална верзија.
Недостаток на книги ја нарушува писменоста
Образованието во скандинавските земји важи за едно од најуспешните. Тоа најчесто се споменува како пример како треба да биде организирано за да даде најдобри резултати. Затоа, големо беше изненадувањето кога на почетокот на овој месец се појави веста дека во Шведска се враќаат печатени книги, и се бара од учениците повеќе време да поминуваат во читање и пишување, а помалку на таблетите. Како една од причините за ваквата одлука се наведува падот на вештините за читање. За ова, шведските власти најавија инвестиција од околу 685 милиони круни (60 милиони евра) за купување книги за училиштата оваа година, а ќе се инвестираат уште 500 милиони во 2024 и 2025 година за да се забрза враќањето на учебниците во училиштата.
Но, примерот кај нас е спротивен.
Со години наназад се намалува интересот кај децата
За МОН една од целите е учебни материјали во дигитална реформа. Со тоа не се согласуваат луѓето кои секојдневно работат со печатените книги.
„Младите се особено важна категорија и тие секогаш се во доменот како во библиотеката така и општо во целокупниот образовен и културолошки процес. Книгата е важен сегмент читаноста е важен сегмент, бидејќи ги претопува во едни професионалци, во едни начитани идни генерации кои ќе можат достоинствено да не претстават и да створиме едни плодни успешни генерации кои пред се ќе знаат да се изразуваат, ќе си го негуваат мајчиниот јазик“, вели библиотекарката од библиотеката „Другарче“, Рада Петреска.
Сепак, со години наназад кај децата се намалува интересот за читање.
Последните резултати на Државниот завод за статистика покажуваат дека во текот на 2022 година, бројот на специјализирани библиотеки е намален за 2,1 отсто.
Во споредба со 2010 година, кога имало над 6,4 милиони корисници, минатата година библиотеките имале само нешто над милион корисници, што е намалување од 83 проценти.
Најголем е падот кај јавните (народни) библиотеки, на кои бројот на корисници им се намалил од преку 3 милиони на само 150 илјади корисници, што е пад од огромни 95 проценти. Голем пад има и кај Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје од 77 проценти и високошколските библиотеки со пад од 73 проценти.
За десетина бибиотеките изгубиле над 80 отсто од корисниците
Во однос на сè помалата заинтересираност за читање книги, Петреска вели дека на книгата најголем непријател и се електронските уреди.
„Ова дали целосно да го препишеме или ете вината да ја побараме во смисла дека книгата е сега ставена во еден вид на трка, борба со сите оние социјални мрежи, електронски уреди, медиуми за едукација, комуникација за забава кои во минатото не постоеле или вината треба да се побара на друго место, секако тоа не треба да не обесхрабрува“, додава таа.
Со оглед на тоа дека и бибилиотеките играат важна улога за подигање на свеста за читање, Петреска вели дека преку различни активности како литературни конкурси, гратис членски картички и слично се обидуваат да ја приближат книгата до децата.
„На тој начин се обидуваме и младите, но и пошироката читачка популација да ја доближиме до книгата онака реална со нејзиниот мирис, со нејзиниот шарм кој што е незаменлив, и ниеден онлајн портал или било која друга платформа не може да ја замени“, порачува библиотекарката.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.