- Загубата на ќерката од пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ длабоко ја потресе Александра Соколова, која сега мора да се соочи со животот без своето дете.
- Како психолог во основното училиште во село Зрновци, Александра побара стручна помош од своите колеги за да се врати на работа и да се справи со болката.
- Професионалците од здравството и училиштето работат заедно за да ѝ помогнат на заедницата да се врати на секојдневните обврски и да пронајде утеха.
Загубата на ќерката во трагедијата во кочанската дискотека ја скршила Александра Соколова. Потребна ѝ е поткрепа за да научи да живее во новата реалност без своето дете. Таа е психолог во основното училиште во село Зрновци, но за да се врати на работа побарала стручна помош од своите колеги.
Вели дека ова е рана која нема никогаш да зарасне. И тогаш веќе кога нема да има солзи, болката и тагата по Стефанија никогаш нема да исчезне. За тоа е свесна и самата.
„Голема е загубата. Празнината никогаш нема да исчезне. Тоа е голема, длабока тага, меѓутоа и во овие моменти, во целата ова организација, голема благодарност до сите мои колеги коишто беа вклучени, коишто ми помогнаа да дојдам до овој чекор, и на целата организација на Црвениот крст кои ми помогнаа на самиот ден на настанот, кога беше најтешко … Како психолог ги знам овие фази и свесна сум и можеби затоа почнавме веднаш и со поддршката, голема помош од професорката, целото семејство присуствуваме разговаравме, меѓутоа оваа болка и оваа празнина никогаш нема да исчезне. Работата во училиштето уште повеќе ќе ми дава голема енергија да почнам, кога ќе ги видам децата. Тука се чувствувам каде што припаѓам во ова училиште, кога ќе ги видам децата тоа е причина уште повеќе и повеќе да работам и да бидам и да бидам повеќе со децата“, вели Александра Соколова.
Психологот Мирјана Јовановска Стојановска вели дека таа и нејзините колеги се тука за сите на кои им треба поддршка за да се вратат на секојдневните активности.
„Ние треба да бидеме тука живите споменици за сите тие што не се тука со нас, да зборуваме за нив, да ги споменуваат и да живеат преку нас. Александра се обидува сè тоа да го прави“, објаснува Мирјана Јовановска Стојановска, претседателка на Комората на психолози.
Мирјана вели дека атмосферата во училиштето каде што работи Александра, и дава надеж дека таа многу брзо ќе се рати на секојдневните обврски. И вработените и учениците се сплотени во нејзината мисија да им помогне да најдат утеха.
„Во целото одделение секој ученик го прегрнав со силна прегратка, кажав неколку збора за него и добри и лоши. Тоа го направив со сите ученици. Тие сфатија дека целото училиште го познавам, секое дете. Ние вработените сме тука за нив, иако не им предаваме. Научија дека кога некој ќе каже нешто добро за тебе е важно. Мозокот, нашите чувства, се веќе во друга димензија, не во таа со која во моментот се судруваме“, вели Слаџана Гаврилова, директорка на ООУ „Синиша Стоилов“ – Зрновци.
Гаврилова потенцира дека мисијата останува додека не закрепнат од трагедијата којашто се случи, а прегратката е лек за душата.
Во Кочани лек бараат сите, за старите болки и новата рана што ја отвори трагедијата, загубата на 59 деца, вели докторката Јованка Алексова.
Доаѓаат по терапија, но и по одговор не можејќи да ја прифатат реалноста. Семејствата на настраданите бараат од матичните лекари да бидат до нив кога ќе мора да ја кажат страшната вест на најблиските.
„Ние мора да сме таму, мора да сме со нашите луѓе“, вели таа.
Солзите не секнуваат. И кога ќе дојде нов ден сликите и преживеаното тоа кобно утро на 16 март не се забораваат.
„Првиот повик дека нешто се случува во дискотеката ‘Пулс’ го добивме во 5 часот, од централната канцеларија на Црвен крст дека има пожар во самиот ноќен клуб и дека има жртви и дека треба да се мобилизираме со тимови. Дојдовме во болницата и тука всушност ја дознавме сериозноста на самиот настан. Не можам да кажам дека сè тоа не нè погодуваше и нас затоа што ова е ситуација со којашто прв пат се имаме соочено како цела држава и сепак да изгубиме голем број на млади луѓе, не е воопшто лесно, особено за мал град како што е Кочани ние се познаваме меѓу себе, ги знаеме дел од тие луѓе и тие што се за жал загинати и тие што се повредени“, се присетува на кобната ноќ Анета Коцева, секретар на општинската организација на Црвен крст – Кочани.
А меѓу загинатите е и нивната активистка Стефанија Соколова, ќерка на Александра. 19 годишна студентка на медицинскиот факултет. Активистка и хуманитарка, трчала секогаш да помогне. По нејзината смрт, Александра треба да научи како да живее без своето дете.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Наташа Јанчиќ Менковски
Снимател: Слаѓан Милошевски
Монтажа: Давид Милошевски