- Ниту една институција нема точна евиденција за тоа колку луѓе живеат во обејктот на поранешниот дом „Ранка Милановиќ“ кои до мај 2021 година имале решенија за привремен престој таму, но сега одбиваат да бидат преместени на локации кои им се нудат.
- Во трите згради нема струја, полни се со ѓубре, немаат прозорци ниту врати, подрумите се поплавени и се шири ужасна миризба.
- Иако им било ветено вработување за самостојно живеење, тие се жалат дека се потценети и не добиваат достоинствена работа, поради што се принудени да собираат отпад за да заработат.
- Жителите признаваат дека во неколку наврати добивале понуди да бидат преселени во живеалиштата во Чичино Село, но велат дека таму не се чувствуваат безбедни.
- Општина Гази Баба ќе побара од Владата да ѝ се додели објектот, да го реставрираат и да може да се користи за намената предвидена во Деталниот урбанистички план.
Кога во 2019 година, штитениците на домовите за деца и младинци со проблематично поведение беа префрлени во мали групни домови, немаше човек кој не почувствува олеснување – било од емпатија поради условите во кои живееја штитениците, било од безбедносни причини, бидејќи некои од нив често беа обвинувани за кражби и за тепачки. Но, никој тогаш не размислуваше што ќе се случува со објектите, кои и во тоа време беа под стандардите за живеење. Очигледно дека и четири години потоа, сè уште никој не си го поставува ова прашање. Освен оние кои или живејат во нивна близина или често поминуваат тука. Таков е случајот со Домот кого скопјани го знаат како „Ранка Милановиќ“ во населбата Триангла во општина Гази Баба.
Таму, опишано со наједноставни зборови, се случува катастрофа – и човечка и еколошка. Во полураспаднатите три згради живеат десетици луѓе, чија мизерија не се опишува со зборови – во смет, пластика, отпадоци, без основни услови таму го одгледуваат и поколението, дечиња од бебиња до тинејџери.
Жителите не сакаат да се преселат во објекти кои им ги нуди државата
И ниту една институција нема точна евиденција за тоа колку луѓе живеат во објектот на поранешниот дом „Ранка Милановиќ“. За Министерството за труд и социјална политика и за Меѓуопштинскиот центар за социјални работи - Скопје, луѓето кои живеат таму се диво вселени.
Од двете институции објаснуваат дека тие во еден период имале решенија за престој со одлука на Владата, но тие решенија се истечени заклучно со мај 2021 година и сега престојуваат таму по своја волја, одбивајќи да бидат преместени на локации кои Министерството ги нуди како опција за сместување на лица кои немаат сопствен дом.
„Согледувајќи ја состојбата во објектите на Јавната установа за згрижување на деца и младинци со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение Скопје- Маџари дека во текот на сместувањето корисниците целосно ги руинирале објектите при што истите не се безбедени по живот и нема основни и безбедни услови за живеење, од страна на Министерството за труд и социјална политика и ЈУ ‘Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје’ направени беа обиди за дислокација на семејствата, со изнаоѓање на индивидуални решенија за секое од нив, меѓутоа безуспешно, имајќи предвид дека дислокацијата не беше прифатена од страна на корисниците и во моментов во објектот се диво населени семејства“, ни одговорија од Министерството за труд и социјална работа на прашањето за жителите на „Ранка Милановиќ“.
Замена за хоророт под Кале
Во разговор со дел од жителите на објектот дознаваме дека се работи за шеесетина семејства, речиси сите се со деца. Приказната на овие семејства и објектот „Ранка Милановиќ“ почнува во 2017 година кога со расчистувањето на импровизираниот камп на Кале била донесена одлука во зимскиот период на луѓето од таму да им се обезбеди сместување. Службите направиле мапирање и со оглед дека во голем дел во импровизираниот камп живеат семејства со малолетни деца, бремени жени, лица со посебни потреби како и стари луѓе, Владата носи одлука во зимскиот период, поради исклучително лошите временски услови, овие луѓе да бидат сместени во објектот кој претходно се користеше за деца со проблеми во поведението, а кој во меѓувреме беше испразнет поради реформата и сместувањето на овие деца во мали групни домови.
„Ние живеевме под Кале, дојдоа таму, ни рекоа ова не е добро за вас. Живеемe од контејнери, собираме пластика, хартија, ламарини, што ќе најдеме, некогаш и железо. Собираме за нас и за децата. Од социјално, некое време беа тука, речиси година и повеќе, се грижеа за нас. Но, сега моментално, социјално не се грижи за нас, ниту доаѓаат да прашаат како живеете“, вели Мина Назифи.
Првично во објектот биле сместени 120 семејства, а 15 од нив потоа се дислоцирани во контејнерската населба за баратели на азил во Визбегово. Владата, по првичната одлука да ги пресели луѓето од кампот на Кале во објектот „Ранка Милановиќ“, носи уште неколку одлуки за продолжување на нивниот престој сè до мај 2021 година.
Местото повеќе личи на депонија оттколку на живеалиште
„Со последниот заклучок од нацрт-записникот од седницата на Владата од 09.11.2020 година, од страна на стручните лица за социјална работа на ЈУ ‘Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје’, продолжи да им се обезбедува поддршка на сместените лица во насока на остварување на права од социјална заштита и детска заштита и истите беа известени дека привременото сместување е до крајот на мај 2021 година. Притоа се укажа на потребата од поддршка од страна на единиците на локалната самоуправа, особено на територијата на Град Скопје во однос на трајно решавање на проблемот со домувањето на овие семејства согласно законските надлежности, како и преземање мерки во однос на проблемот со дивите населби кои поради ненавремена контрола достигнуваат поголеми размери, а со тоа потоа претставуваат и поголем проблем за решавање. Ова особено имајќи предвид дека во изминатиов период од страна на Министерството за труд и социјална политика се исцрпени сите можности за поддршка на овие семејства“, објаснуваат од МТСП.
Идејата, како што велат од МТСП, била луѓето во текот на привременото сместување во овој објект да добијат можност за вработување, со тоа што ќе бидат регистрирани во Агенцијата за вработување како активни баратели на работа со што крајно решение би било да се вклучат на пазарот на трудот и да имаат можност за самостојно живеење.
Отпадот што го собираат е расфрлан во дворот
„Меѓутоа истите во најголем број случаи остваруваат приходи од нерегистрирана дејност (собирање на секундарен отпад) и од различни причини не беа мотивирани за соработка. Исто така, дел од корисниците кои беа сместени покажуваат голема недисциплина, не учествуваат во одржување на хигиената, често го оштетуваат самиот инвентар и опрема во објектите и надвор од нив“, велат од МТСП.
Но, жителите велат дека се принудени да го работат тоа, бидејќи се потценети и поради тоа што немаат образование, не можат да најдат ниту пристојна работа.
„Ништо не понудил никој, дека сме Роми, никој не не гледа, дека не сме писмени не ни даваат работа. Нашите Роми само за да собираат по контејнери и ги ставаат со метли во општина, тоа да работат. Друга работа не може да работат. Еве како што гледате, ние како живееме тука, тоа е катастрофа, ова е беден живот за нас. Ромите кога ги ставаат заедно да живеат тие прават хаос, Ромите не треба заедно да живеат. Треба секој посебно да живее. Не знам како ќе бидам разбран. Но, Ромите кога се заедно прават хаос“, објаснува Судахан Ракип.
Проблемите кои се создадени низ годините се повеќеслојни. Лошите услови во кои живеат овие луѓе, потоа судбината на децата кои со рoдителите престојуваат во објектот, мини-депонијата која се создадена во дворот, но од друга страна и жалбите од жителите од околината. Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски вели дека се бројни.
„Пред извесно време, јавното Комунално претпријатие влезе во дворот на поранешниот Завод за згрижување, воспитување и образование на деца ‘Ранка Милановиќ’ , комплетно исчистивме. Бидејќи дворот, и во овој момент е претворен во дива депонија. Меѓутоа откако исчистивме, добивме повик од Министерството за труд и социјална политика и од Меѓуопштискиот центар дека не смееме да влегуваме на приватен имот и дека ни се забранува да влегуваме на тој простор. Јас веднаш им кажав на службите да изготват соодветни известувања до МТСП со кои сите овие петиции кои што се доставени и од правни субјекти кои функционираат на улицата ‘Перо Наков’, но и од Урбаната заедница ‘Триангла’ за решавање и надминување на состојбите ов Заводот. Последен пат се имам обратено до МТСП на 10 јануари оваа година, пред повеќе од 6/7 месеци досега конкретен одговор од нив немаме добиено“, вели Бобан Стефковски, градоначалник на Општина Гази Баба.
Но, за градоначалникот Стефковски многу значаен проблем е и безбедноста на овие луѓе, посебно на децата кои честопати претрчуваат преку улицата со што нивниот живот секојдневно е во опасност.
Вината за ужасните услови си ја припишуваат себе си
Жителите на „Ранка Милановиќ“ признаваат дека во неколку наврати добивале понуди да бидат преселени во живеалиштата во Чичино Село. Но, велат таму не одат, главно поради тоа што не се чувствуваат безбедни, особено жените.
„Таму нѐ задеваат. Кога ќе видат млади девојки, влегуваат внатре и се задеваат и ние се плашиме да одиме таму“, вели Назифи.
„Не, таму не може да живееме, не може децата да излезат до продавница да одат. Јас сум од Сарај, јас сум таму роден и знам како живеат таму луѓето“, додава Судахан Ракип.
Целиот објект е потенцијален извор на зараза
Условите во кои живеат се во најмала рака субстандардни. Во кругот на објектот има три згради кои некогаш биле во добра состојба. Она што сега се гледа е, прво дека нема струја и дека објектот е полн со ѓубре. Зградите во најголем дел немаат прозорци ниту врати. Подрумските простории се преполни со вода, од каде се шири ужасна миризба, но претставува и опасност од болести.
Дел од жителите признаваат дека објектот го добиле во добра состојба и преземаат вина за тоа како сега изгледа „Ранка Милановиќ“.
„’Ранка’ не беше таква, јас бев обезбедување овде, ова ѓубрето што е донесено, ние Ромите го донесовме, тоа не можам да го одречам, се согласувам дека ѓубрето не беше така. Ние Ромите го донесовме. Јас бев обезбедување на ова место. Кога беше зградата здрава, беше читава. Еден човек ја искрши, потоа ја запали. Никој не е виновен, ние сами сме виновни и затоа ако може да нѐ преместат некаде. Ако може да нѐ преместат, зборувам пред медиумите, за државата, ако има можност да не стават некаде, да нѐ преместат, ќе биде убаво. Сакам да кажам, еве нека видат од социјално и од државата, ние Ромите го направивме ова. Пред четири години ‘Ранка’ беше тип- топ. Прво чуварите го напуштија, потоа мене ме ставија обезбедување и така објектот пропадна. Никој да не лаже дека ‘Ранка’ беше ваква. Јас тоа го признавам. Со тоа се согласувам, и во името на мојата фамилија. Ако може државата да нѐ премести добро, ако не може, може да спиеме по улици. Како што спиевме до вчера по шатори, пак ќе спиеме во шатори“, вели Севжул Ракип.
Еден од најголемите проблеми дефинитивно се децата кои живеат овде. Дел од семејствата ги имаат потребните документи за нив, изводи на родени, здравствени легитимации, но дел воопшто немаат никаква документација. Најголема болка е што овие деца не одат во училиште.
„Како да ги испратиме во училште кога не можеме да ги искапеме, срамота е, ќе им се смеат“, велат дел од родителите на овие малолетни дечиња кои деновите ги минуваат во дворот на објектот „Ранка Милановиќ“.
На најголема опасност се изложени децата
Од Министерството за труд и социјална политика не одговорија на прашањето што преземаат да се промени моменталната состојба во која е објектот со оглед дека во случајов се работи за државен имот, за објект кој е очигледно руиниран, а условите за живот во него се субстандардни.
Градоначалникот на Гази Баба бара објектот да ѝ биде доделен на Општината.
„Јас сум подготвен како градноначалник на Општина Гази Баба да поднесам и веќе подготвив и една информација до Владата на Република Македонија со која што ќе ги информирам и нив, бидејќи од Министерството досега не добивме одговор, да ги информирам за состојбата во која се наоѓа домот и да побарам доколку Владата одлучи и ги регулира сите оние трошоци што ги има направено поранешниот дом ‘Ранка Милановиќ’ во однос на долгови кон доверители и во однос на други финансиски импликации што ги имаат како Завод. Доколку тие ги расчитат, да ми го доделат објектот, односно објектот да го доделат на Општина Гази Баба и понатаму Општината да преземе одредени чекори со цел реставрација на самиот објект и понатаму да продолжи да се користи за онаа намена според Деталниот урбанистички план, а тоа е образование и здравство“, вели Стефковски.
Од Народниот проавобранител добивме информација дека тие не постапувале во овој случај затоа што никогаш и од никого не добиле поплака.
„Ние можеме да излеземе на терен, да ја согледаме ситуацијата, да констатираме што се случува, па ако има услови да интервенирме кај надлежните институции, но за да постапуваме треба да имаме некоја инцијатива, луѓето да побараат помош, да се пожалат. Постапуваме и по допрен глас, ако добиеме информација за некоја состојба која е во нашата сфера на работа“, вели правобранителката Сузана Салиу.
Проблемот на овие шеесетина семејства останува да тлее. Тие продолжуваат да живеат во секојдневна неизвесност, без струја, во поплавени објекти, спијат по десетина луѓе во простории кои некогаш биле соби и ги минуваат деновите собирајќи пластика и отпад низ локалните населби за да преживеат. И чекаат некој да ги исполни ветувањата за пристоен живот.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.