Руинирани државни вили, запуштени детски одмoралишта, неиздадени деловни простори собираат прашина. Државата не се грижи домаќински за својот имот, а тоа значи и помалку пари во буџетот. Додека едни институции имаат вишок простор, други трошат државни пари за кирии. Евидентирањето почна и за ефикасно менаџирање со движниот и недвижниот имот треба да се изготви единствен регистар.
Државниот имот во хаос
Управувањето со недвижниот имот е на несоодветен начин. Има пропусти во одржувањето, управувањето, располагањето и евидентирањето на недвижниот имот, утврди државната ревизија. И имотот со којшто располага Службата за општи и заеднички работи е во многу лоша состојба, руиниран и имотно-правно несреден. За реновирање се и државните вили во Охрид и во Скопје.
„Замислете државата има несреден имот. Си земавме обврска до крајот на оваа година имотот да го препишеме или на Република Македонија или на Службата за општи и заеднички работи за точно да се знае во чија сопственост е. Во 2025 година, заклучно со новиот буџет, ќе почнеме негово реновирање, реставрирање, а можеби и продажба и реиздавање, но тој имот треба да биде во функција и да не остане во кондиција како што е во моментов. Нема точна бројка, во процедура сме на обработка на податоците, но можам да кажам дека има најмалку две вили во Охрид, коишто се вон употреба и се хаварисани, вила во Лазарополе, вилата 1 и 2 на Водно и вилите 1 и 2 во Охрид, коишто се во употреблива состојба, но се многу оштетени и руинирани“, изјави за „Само прашај“ директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) Ивица Томовски.
Невладините организации бараат поголема транспарентност и податоци отворени за јавноста.
„Во 2015 година почнавме иницијатива за тоа што бараат и што сакаат да знаат граѓаните од централните и локалните власти. Додека интензивно работевме на терен, едно од главните прашања што граѓаните ги интересираше е како државата располага со државниот движен и недвижен имот. Оваа иницијатива беше заедно со друга иницијатива за отворени податоци, односно на кој начин може да бидат подостапни овие податоци. Почнавме да ги гледаме примерите од други земји како управуваат со движниот и недвижниот имот и заклучивме дека многу е важно овие податоци да бидат транспарентни и отворени за јавноста. Првата причина е тоа што ја зголемува довербата дека Владата и институциите добро управуваат со движниот и недвижниот имот, а понатаму влијае врз економскиот потенцијал“, вели Неда Малевска од невладината организација Центар за управување со промени (ЦУП).
Од СОЗР најавуваат и регистар за службените возила според кој ќе може да се провери дали се злоупотребуваат за приватни цели. Сите државни и општински возила треба да добијат таблички во друга боја за да се разликуваат од приватните.
„Треба да се направи централизиран софтвер во кој ќе се споредат сите возила, па ќе ја утврдиме точната бројка. Она што можам да го кажам е дека бројката на државни возила е околу 6 000–6 500. За три месеци сите тие ќе добијат специјални таблици, односно таблици во боја и со тоа ќе се намали односно ќе се искорени нивната злоупотреба. До сега не стигнало ништо до СОЗРМ за злоупотреба на возила, но постојано бруи во јавноста дека возилата се злоупотребуваат за приватни или партиски цели. Ќе отвориме телефонски линии на кои ќе може да се пријавува злоупотреба, бидејќи тие возила ќе бидат маркирани и граѓаните ќе можат да пријават дали тоа е паркирано пред зграда, на летување или партиски настан“, објаснува Томовски од СОЗРМ.
Според него, во Владата веќе е формирана работна група која треба да направи еден регистар за сите возила коишто се и влегуваат во државата, односно секое возило би добило лична карта, потекло, километража, судири и други работи.
Едни имаат вишок простории, други изнајмуваат

Не се знае точната ниту вредноста на имотот со кој располага државата. Државните ревизори увиделе дека досегашната евиденција не ја отсликува реалната состојба и дека злоупотреби има и со државните станови за службени лица.
„Во согласност со Законот за буџети, државата треба да известува во билансот на состојба и за имотот со кој што располага. Тоа ќе биде долгорочен процес во кој тешко ќе може да се утврди, бидејќи според ревизијата во девет министерства, од вкупно 1 214 објекти, 212 објекти или околу 17 отсто не располагаат со уредни веродостојни докази, односно одлуки од Влада дека тоа е имотот со кој што треба да располагаат или дека таквиот имот им е даден на располагање. Има состојби со нерасчистени правни работи и кога државата нема информации за својата сопственост, а кога нема информации за сопственоста, постои латентна можност дека има несоодветно користење. Ако ме прашувате за начинот на користење на станбениот простор што е во сопственост на државата, ќе ви кажеме дека има 33 службени лица кои неосновано користат државни станови“, соопштува државниот ревизор Максим Ацевски.
Ревизорите констатирале дека три министерства располагаат со објекти што не ги користат, а додека четири министерства искажале дека имаат потреба од дополнителен простор. Околу 779 илјади евра се платени за пет години на сопственици кои издавале деловен простор на овие министерства. Ова укажува дека од една страна одредени министерства имаат повеќе деловен простор што не им треба, додека други министерства имаат потреба, а немаат деловен простор, па тој се побарува од приватни и правни субјекти за кои се одлеваат средства на даночните обврзници, известуваат од Државниот ревизор.
Од СОЗРМ велат дека побарале од сите државни институции да им достават информација со каков канцелариски простор располагаат и негова исполнетост. Во 90 отсто од случаите фалел канцелариски простор.
„Зградата на поранешна „Комерцијална банка“, која е во наша сопственост, беше неодамна опожарена, па е објавен тендер и се работи на неа. Кога би ги сместиле на едно место сите институции што се расплинети на различни локации, ќе ни се ослободат простори. Оние институции што вршат закуп ќе добијат простор за да не правиме штета на буџетот кога веќе си имаме наши згради“, изјави директорот Томовски.
Бројни институции чекаат над десет години за решавање на нивниот правен статус и решение за легализација. Државната ревизија забележува дека отсуствуваат потребни информации и дека за соодветно евидентирање на имотот, потребна е поголема комуникација меѓу институциите.
„Одредени одлуки што се носени од надлежните органи не соодветствуваат или ги немаат потребните информации за да можат корисниците на кои им е даден имот на времено или трајно користење да го воведат во евиденција и со тоа да го запишат своето право. Тоа е прва работа. Втора работа е дека мора да има стратегија за начинот на постапување. Трета работа е дека мора да има нормална комуникација помеѓу надлежните институции за навреме да се известува за одредени промени, а со тоа и соодветно евидентирање на имотот. Имаме констатирано состојби каде што државата води евиденција дека постои одреден објект со фотографии што може да се видат, меѓутоа на лице место нема никаков објект. Тоа покажува дека имаме отсуство на одредени потребни информации за надлежните органи соодветно да постапуваат. Кога нема соодветна комуникација, тогаш не може да донесете ни соодветна одлука, ниту пак да имате добра координација“, вели државниот ревизор Ацевски.
Државниот деловен простор „заглавен“ во спорови
Половина од неиздадениот државен деловен простор е евидентиран како спорен – ниту се издава, ниту се продава, само собира прашина. Причина е нерешени имотно-правни состојби, незаконско користење, урнати или руинирани објекти. Неговата неискористеност значи и помалку пари во буџетот.
„Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор располага со околу 1 163 деловни објекти кои 51 посто не се издадени. Зошто не се издадени? Бидејќи околу половина од тие објекти имаат спорна состојба на сопственост, односно сè уште се води одредена постапка за заокружување на постапката. Тоа упатува на несоодветно располагање со потребните информации и недоволно водење грижа за начинот на постапување“, смета Ацевски.
Од ЦУП објаснуваат дека во Велика Британија, на пример, постои интерактивна платформа на која може да се види имотот со кој располага државата и бизнисите можат да добијат идеи како определени згради што не се употребуваат да бидат пренаменети.
„Кај нас, кога се обидовме да видиме на кој начин државата води евиденција со движниот и недвижниот имот, не можевме да најдеме никакви регистри. Неколку пати посочувавме, јавно говоревме, дел од нашите истражување ги поднесовме до министерствата, до одговорните институции, и на крај, во 2023 година поднесовме иницијатива до Државниот завод за ревизија. Ако тоа се отвори во форма на отворен податок, и граѓаните ќе можат полесно да се информираат кои објекти се во државна сопственост, па и да видат во каква состојба се, бидејќи дел од нив ние не можеме ни да ги препознаеме. Понатаму, доколку Владата оди во понатамошни чекори, а тоа е да се одлучи што ќе се прави со тој имот, којшто е можеби изабен од времето, ќе биде добро и тој процес да биде транспарентен. Тоа се чекори со кои на граѓаните им се враќа довербата во институциите, не е сè затскриено, не се доделуваат земјишта и објекти само во тесни колуари, туку напротив, тој процес е транспарентен. Може кој било бизнис, која било заинтересирана страна да се јави, да се обрати, да даде предлози како да се реставрираат тие објекти, како да се искористат, за која намена, така што отвора многу потенцијал, отвора потенцијал за економијата“, потенцира Малевска.
Според СОЗРМ, евиденцијата треба да заврши кон крајот на идната година, а од државната ревизија и невладиниот сектор порачуваат дека како што секој граѓанин се грижи за својот имот, така и државата треба да води грижа за државниот имот.
Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Сунчица Николовска
Сниматели: Слаѓан Милошевски, Наке Батев
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска

