Жиранти завршуваат кај извршители поради пропусти во системот

Жиранти завршуваат кај извршители поради пропусти во системот
  • Многу граѓани кои се жиранти не се информирани дека носителот на кредитот не плаќал рати.
  • Има механизми за информирање, но тие често затајуваат.
  • Има недоречености околу тоа дали задолжително мора да се информира жирантот или тоа е можност која се утврдува со Договорот за кредит.
  • Жирантите правдата може да ја бараат на суд и да наплатат од тој што не го плаќал кредитот.
  • Жирантите можат да проверат дали кредитот редовно се плаќа.
  • Еднаш жирант - засекогаш жирант сè додека кредитот не се исплати или не се променат условите со согласност на сите страни.

Жирантите и ко-кредитобарателите сѐ почесто се соочуваат со сценарио како од кошмар: добиваат налог од извршител без воопшто да знаат дека главниот должник со месеци или години не ги плаќал обврските кон банките. Банките често го премолчуваат доцнењето на плаќањето, а жирантите дознаваат за долгот кога на врата ќе тропнат извршителите за присилна наплата.

Токму таков е случајот на две пензионерки М.С. и Д.Ч. (имињата се познати на Само прашај) кои како поранешни колешки на Љ.З., своевремено ѝ биле жиранти. Како колешки биле блиски и ѝ верувале. Кога починала, дознале дека ратите кон банката не биле подмирувани. Добиле известување од извршител дека треба да платат 6 – 7 илјади евра. Од банката немале ниту повик, ниту писмо. Сè до првиот налог за извршување.

„Не се опишува шокот кој го доживеавме јас и колешката Д.Ч. кога сфативме дека ќе мора да го плаќаме целиот износ. Нашата колешка има две ќерки кои можеа барем да помогнат при плаќањето на третини, но тие одбија да го направат тоа и ние две останавме да се снаоѓаме со отплата на туѓ долг. Се обидовме неколку пати да стапиме во контакт со нејзините ќерки бидејќи во решението што го имаме јасно пишува дека сите три странки се подеднакво одговорни за исплата на кредитот за што последниот пат ни се заканија дека ќе викнат полиција“, вели нашата соговорничка.

Банката никогаш не ги известила за овој долг иако ги имале податоците на сите три странки за тој кредит.

Ануитетите кои им биле дозволувани за месечно плаќање се многу под дозволениот минимум кај извршителот, некој дозволил ова да се провлекува за да направи многу поголем долг (зголемуван околу 12 или 13 години). Да сме знаеле порано секако дека ќе било подмирено веднаш, но немаше толку да се чувствува сега во нашето секојдневие како семејство. Со колешката Д.Ч. ја поделивме сумата по пола. Мојата ќерка М.С. исплаќа туѓ долг со голема месечна рата, долг кој ќе заврши дури во 2028 година“, вели за Само прашај М.С. која сакаше да остане анонимна поради големата болка што ѝ е предизвикана од неправдата.

Жирантите често не знаат за доцнење на кредитите

Извршителката Емилија Павловска од Штип потврдува дека голем број граѓани се шокирани кога ќе дознаат дека некој не ги плаќал кредитите и затоа завршиле директно кај извршител:

„Не е редок случај граѓанин да биде изненаден од тоа дека главниот должник не ја плаќал својата обврска, па отпочнало извршување спрема него како солидарен должник односно жирант. Тоа најчесто се случува бидејќи многу граѓани не го разбираат правниот ризик  кој го преземаат кога се потпишуваат за да гарантираат за долг на некој пријател, членови на семејството, партнери, најчесто лица од најголема доверба. Тие претпоставуваат дека тие се потпишуваат само „за не дај Боже“ и дека што и да се случи главниот должник ќе си ги плати обврските а многу често и заборавиле што и дека воопшто биле жиранти“, објаснува таа.

Павловска вели дека ниту еден главен должник до сега, од искуството на извршителите, не рекол дека нема да го плати долгот и сите имаат само еден одговор: „Не можам да платам сега, имам финансиски потешкотии“. Таа додава дека извршителите често имаат странки-жиранти. Но, официјални податоци за бројот на вакви случаи и колку вкупно жиранти има во државава - нема. Ниту една институција, како НБРМ, КИРМ или МБА немаат збирни податоци од банките.

Правната постапка за наплата драстично го зголемува долгот

А навременото информирање на жирантите и ко-кредитобарателите е од клучно значење за да нема огромни трошоци за нив. Моментот кога ќе дојде долгот за наплата од извршител, тој веќе сериозно е зголемен.

Извршна пресметка упростено – сумите се во денари

ГД од ЗКК со 8/4 п.п. сметана од 23.04.2022 г. 10.000,00
Камата на ГД сметана до 23.04.2025 г. 3.863,00
Парнични трошоци доверител 3.066,00 Судска такса 200,00 Нотарска награда 600,00 Нотарски трошоци 250,00 Правосилност 220,00 Трошоци за адвокат за подготвителен предлог 3.601,00
Парнични за адвокат 1.805,00
Вкупно ПТ 4.871,00
АТ состав + необразложен поднесок 6.136,00
Извршни трошоци 3.442,00
За адвокат вкупно 7.941,00 Вкупно по сите основи 28.312,00
За доверител вкупно 16.929,00
За извршител вкупно 3.442,00

ГД – главен долг ПТ – парнични трошоци АТ – адвокатска тарифа ЗКК - Законска казнена камата (Извор: Збирка закони)

Од табелата каде е даден поедноставен приказ на трошоците при извршување, се гледа дека, штом долгот влезе во фаза на присилна наплата, тој драстично се зголемува. Ако се алармираат жирантите пред почетокот на постапката, тие би ја плаќале главнината на долгот, во овој случај 10 илјади денари и каматата која во нашиот пример е земена дека се таложела една година. Или, вкупно би требале да платат 13.863 денари.

Но, ако започне правната постапка за присилно наплаќање, каде според закон се вклучуваат адвокати и извршители, долгот се зголемува за 104 отсто, односно жирантот ќе треба вкупно да плати 28.312 денари.

Процентуално, најмногу од овие 28 илјади денари ќе добие доверителот, во овој случај банката и тоа 59,8 % или 16.929 денари, адвокатите ќе бидат втори по наплата и ќе земат 7.941 денари или 28 %, додека на трето место ќе бидат извршителите кои ќе наплатат 3.442 денари или 12,15% од вкупната сума.

Ако банките навремено информираат, нема да „игра“ извршител

За да нема дополнителни трошоци за доверители, адвокати и извршители, банките би требало да го известат жирантот или ко-кредитобарателот пред да почне постапката за присилна наплата. Но, информирањето е оставено на воспоставена пракса на банките. Ова се потврдува од одговорите и од Народната банка (НБРМ) и од Македонската банкарска асоцијација (МБА).

„Праксата покажува дека банките за состојбата на долгот и доцнењето во измирување по одреден период на доцнење, согласно одредбите од договорот за кредит, ги информираат и жирантите на кредитокорисникот. Дополнително, извршителот согласно Законот за извршување, доколку презема дејствија за наплата од жирантот, е должен прво да го повика жирантот на доброволно исполнување на обврската со достава на покана“, велат од Народната банка.

Информирањето на жирантот или ко-кредитобарателот е оставено на воспоставена пракса на банките

Од МБА велат дека банките имаат пракса да ги информираат жирантите и ко-кредитобарателите за ненавремено плаќање на обврските од страна на носителот на кредитот. Ова обично се прави преку писмено известување или телефонски контакт, но практиката може да се разликува од банка до банка. Ако корисникот на кредитот не плаќа, банката, велат од МБА, ги известува жирантите пред да преземе извршни дејства.

Вообичаено, како што објаснуваат од Асоцијацијата, процедурата е следна:

  • По првите заостанати рати, банката го известува должникот.
  • Ако должникот не одговори, банката може да ги извести жирантите со писмено предупредување.
  • Доколку дојде до критична состојба (повеќе од 90 дена доцнење), банката иницира извршна постапка, при што жирантите можат да бидат контактирани од извршител.

Сива зона околу информирањето на жирантите?

Спорно во сето ова е начинот на известување - дали тоа е задолжително и јасно прецизирано како обврска пред да почне постапката за извршување и дали информацијата секогаш доаѓа до жирантите/ко – кредитобарателите. Од одговорите на НБРМ, но и од МБА акцентот околу информираноста се става на тоа дека жирантите со потпишувањето на договорот јасно знаат дека преземаат обврски и дека треба да следат што се случува со плаќањето на кредитот.

„Со потпишувањето на договорот за кредит како ко-кредитобарател  или жирант лицето влегува во облигационен однос со банката која го одобрила кредитот. Правата и обврските на ко-кредитобарателите и жирантите се регулирани со самиот договор за кредит како и со Законот за облигациони односи. Примарно обврските и начинот на известување помеѓу банката, кредитобарателот (ко-кредитобарателите) и жирантот се регулирани во договорот за кредит“, велат од Народната банка.

Жирантите со потпишувањето на договорот јасно знаат дека преземаат обврски, велат од НБРМ

И од Здружението на млади правници велат дека во договорите за кредити се наведуваат сите права и обврски за сите потписници на кредитот, вклучително и жирантите. Со самиот потпис на договорот, жирантот е согласен со сите дејствија што ќе бидат преземени ако должникот не го плати долгот. Од друга страна, и должникот и жирантот се должни да ги ажурираат сите податоци во банката со цел да ги добиваат сите информации од банката навремено. Овие договори се прават согласно Законот за облигационите односи.

„Банката има обврска да достави опомени за достасан долг согласно периодот кој должникот не ја подмирил обврската (30 дена, 60 дена, 90 дена). Со оваа опомена банката ги известува клиентите (и главниот должник и жирантот) дека има долг кој треба да се подмири. Од друга страна, секоја банка има различна процедура за тоа како ги активира процедурите за наплата на долг спрема жирантот и ова зависи од случај со случај и од секоја банка различно. На крај, по сите опомени може да се предаде предметот за присилна наплата преку извршител“.

Од МБА велат дека банките навремено информираат.

„Банките најчесто обезбедуваат редовни ажурирања и известувања преку повеќе канали (СМС, е-пошта, писма) за да ги заштитат жирантите од изненадни финансиски обврска“. 

Праксата покажува затајување на информирањето

Сепак, искуството на извршителите вели дека дел од граѓаните не знаеле дека кредитите не биле плаќани.

„Затоа граѓаните треба да бидат многу внимателни, да размислат добро, пред да прифатат да бидат жиранти било кому, да консултираат правници, односно да ги разберат сите обврски пред да потпишат било каков договор. Доколку веќе се согласиле да бидат нечиј жирант да обезбедат копија од договорот кој го потпишуваат и да имаат план што ќе се случи, како ќе го отплатат долгот ако главниот должник не го исплати долгуваното“, вели извршителката Павловска.

Од Народната банка, пак, велат дека банките се должни, кога жирантите/ко-кредитобарателите ќе побараат информација дали кредитот навремено се сервисира, да ја дадат таа информација. Истото може да се добие и од НБРМ.

„Секој граѓанин од Народната банка може бесплатно да добие податоци за состојбата на неговиот долг кон сите банки вклучувајќи и податоци за долгот каде се јавува како жирант. Овие податоци можат да се добијат со поднесување на барање во архивата на Народната банка или пак дигитално преку националниот портал на услуги“.

Најсигурно за жирантите е сами да се информираат дали кредитите се плаќаат

Банките со малку поразличен став околу задолжителното информирање.

„Жирантите можат да бараат од кредитобарателот периодични извештаи за статусот на кредитот или да бараат од банката да ги информира по секое задоцнето плаќање, доколку тоа е регулирано во интерните процедури“.

Ова значи дека најсигурно за жирантите е сами да се информираат дали кредитите се плаќаат. Во спротивно, кога предметот ќе дојде на извршител, веќе е доцна.

Извршителите смеат да информираат откако долгот веќе пораснал

Комората на извршители (КИРМ) е децидна дека тие можат да ги известат жирантите само откако ќе го добијат налогот за извршување и дека друг механизам не постои со што има празнина меѓу нефункционалниот кредит и првата опомена која носи и дополнителни трошоци.

„Од страна на извршителот единствен начин на известување се налозите кои се предвидени со Законот за извршување а тоа е налог за уплата на долг а доколку не се плати во рок од три дена ќе следува попис на подвижни предмети, налог од плата или пензија, налог за заплена на удели, акции хартии од вредност, налог за недвижност. Друг начин на известување не е предвиден“, велат од КИРМ.

Извршителката Павловска посочува должниците задолжително да го посетат извршителот, за да се најде најдобро решение за подмирување на долгот.

При соочување со жирантите најпрво им даваме точна информација односно детален преглед на долгот, каматата која е акумулирана на долгот,  трошоците кои настанале и кои би настанале во иднина, кој го поднел барањето за извршување како и можноста за отплата на долгот на рати. Многу често ја проверуваме и опцијата во согласност со доверителот дали  со еднократна отплата на долгот од жирантот има можност  да се намали неговата обврска. На жирантите им го објаснуваме процесот на извршување со кој тие ќе се соочат, како да извршувањето биде што поповолно за нив, односно дали ќе му се задржува од месечното примање (платата или пензијата),  кои се ограничувањата со закон кои ќе му бидат достапни (1/3 или 1/5 од месечните примања) колкав износ ќе му се задржи за исплата на долгот, дали имаат имот над кој ќе се спроведе извршувањето, недвижен или подвижен имот и слично“, вели извршителката Емилија Павловска за Само прашај.

Правда за жирантите само преку суд

А откако ова ќе се случи, граѓаните треба да го тужат носителот на кредитот каде што тие се жиранти.

„Жирантот има можност во судска постапка да бара надомест на средствата што ги исплатил за кредитот од главниот должник“, советуваат од Здружението на млади правници.

„Секој жирант има право на регресно побарување согласно Законот за облигациони односи, со тоа регресно побарување жирантот има право не само на платениот кредит туку и на сите споредни побарувања и трошоци“, дополнуваат од КИРМ.

Вечни жиранти

Инаку, од Народната банка потсетуваат дека прифаќањето да се биде ко-кредитобарател  или жирант значи преземање сериозна обврска која многу е тешко да се промени.

Прифаќањето да се биде жирант е сериозна обврска која многу е тешко да се промени

„Престанување на обврската како жирант во договор за кредит, облигационата обврска на жирантот се гасне со престанување на главната обврска односно доколку долгот е целосно измирен, или во случај на евентуални промени во договорните права и обврски, прифатени од сите договорни страни“, велат од НБРМ.

Во превод, ко – кредитобарател или жирант речиси и да не може да се ослободи од обврската ако тоа не го прифатат и банката и кредитоносителот.

Што треба веднаш да се промени?

Како заклучок во неколку точки може да се сублимира она што треба веднаш да се промени за да не се соочуваме со случаи како на нашите соговорнички. А тоа е:

  • Задолжително известување на жирантите пред извршна постапка.
  • Централизирана евиденција на жирантските обврски.
  • Јасна законска обврска на банките за редовно информирање.
  • Подобра правна заштита и едукација за граѓаните.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Горан Теменугов

Фотографии: Дарко Андоновски