Балканот и Кремљ: Руски вибрации или СММИ операции?

  • Санкциите што Западот ги воведе против Русија, се сметаат за клучен индикатор дали Русија сѐ уште игра на Балканот – за разлика од Србија, властите во Црна Гора и во Македонија ја следат политиката на санкции.
  • Мнозинството од Црна Гора е повеќе ориентирано кон западните политики, но постои и процент кој верува дека Русија е силата што треба да ги обликува светските односи.
  • Анкетите на јавното мислење во Србија генерално покажуваат дека мнозинството граѓани не ја перципираат Русија како агресор, туку дека ја префрлаат вината за војната на Украина, НАТО и „Западот“.
  • По руските операции пред падот на владата на Груевски за негова „одбрана“ од тогашната опозиција, денес руските активности повторно се актуелизираат во насока на разгорување на македонско-бугарскиот спор.

Информациска војна

Го прашавме ChatGPT како најсоодветно да се започне сторија за руските СММИ (странско мешање и манипулација со информации) операции на Западен Балкан. Вештачката интелигенција (ВИ) ни даде три идеи: Едната беше дека најдобар почеток би била реченицата: „Една лажна вест објавена на анонимна Фејсбук-страница во 3 часот наутро, за неколку часа беше споделена илјадници пати во регионот, а нејзиното потекло не беше од Скопје, Белград или Сараево -туку од мрежа на сајтови поврзани со Кремљ“; Втората идеја е да почнеме со констатацијата дека „Западен Балкан е меѓу најранливите региони во Европа кога станува збор за странско влијание преку дезинформации а Русија е нивниот најактивен извор“; И третиот почеток што ни го предложи ВИ беше: „Зошто истата лажна приказна за ‘заговор на Западот’ се појавува истовремено на портали и во Србија, Северна Македонија и Црна Гора?“

Сите предлози заслужија да бидат прифатени, бидејќи Русија се служи токму со тие оружја – лажни вести и лажни приказни, или како што вели некогашниот дописник од Москва, македонскиот новинар Мирче Адамчевски „впечатокот за Путин како ‘херој’, во Македонија повеќе се наметнува од социјалните мрежи, отколку што е во стварноста“. 

intervju mirce adamcevski respublika naslovnaАдамчевски: Македонија е на периферијата на интересот на Русија

Некогашниот дописник од Москва Мирче Адамчевски сѐ уште е неприкосновен соговорник кога станува збор за односите помеѓу Македонија и Русија.

Да ја земеме за пример Србија која се наоѓа во епицентарот на руското влијание на Западен Балкан, и руските СММИ – операции. Откако започна војната на 24 февруари 2022 година, со рускиот напад врз Украина, јавноста во Србија е длабоко поделена. Анкетите на јавното мислење покажуваат дека мнозинството граѓани не ја сметаат Русија за виновна за оваа војна. Очигледно и ставот на официјалните лица е ист, бидејќи Србија е една од ретките земји во Европа што не вовела санкции кон Русија.

И Институтот за комуникациски студии (ИКС) од Македонија во својата објавена анализа на тоа прашање заклучи дека оваа појава во државата не е само закана за индивидуалните корисници на информации туку и за институциите преку создавање на информациски хаос, социјални и политички поделби.

Русија, пак, чии политики имаат илјадници приврзаници на социјалните мрежи, има неограничена можност да пласира наменски информации во функција на јакнење на наративот на Кремљ дека Македонија влегла во НАТО поради американски интерес и со „локомотива“ на Белата Куќа, а сега кога САД ја дезавуира ЕУ, зарибал и моторот за влечење на Македонија напред. Во анализата што претходно ја споменавме, се предупредува дека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) има надлежности за социјални платформи само ако се регистрирани во земјата, а такви нема.

Иако и поголемиот дел од црногорското општество го поддржува прозападниот курс на Црна Гора, ставовите вклучуваат и критика кон Западот и желба за мешан геополитички курс.

Ова го потврдуваат и нашите соговорници од Црна Гора, двајца поранешни министри за надворешни работи на Црна Гора во различни периоди и поранешни дипломати, Срѓан Дармановиќ и Миодраг Лекиќ.

Дармановиќ оценува дека мнозинството во Црна Гора е повеќе ориентирано кон западните насоки на надворешната политика или кон некаков вид неутралност, но постои и процент кој верува дека Русија е силата што треба да ги обликува светските односи и со која треба да имаме добри односи.

Со членството во НАТО, Црна Гора доби нешто што никогаш не го имала во својата историја – институционално стана дел од политичкиот Запад“, истакнува тој. Дармановиќ додава дека Црна Гора има прилично амбивалентно јавно мислење, кое во голема мера се согласува околу главната цел на надворешната политика, а тоа е влез во ЕУ.

Би рекле дека Црна Гора е доминантно прозападно општество, но бројките што зборуваат за блискост со одредени земји и култури откриваат дека оваа слика не е толку недвосмислена. Не би можел да кажам дека Црна Гора е русофилско општество, но дека пред сè, културното и политичкото влијание на Русија не е занемарливо и не станува збор за едноцифрени бројки“, оцени Дармановиќ.

Србија е поексплицитна во своите симпатии кон Русија. Оттука и наративот дека Русите се српски браќа и дека овие два народа се пријателски расположени е широко присутен во оваа балканска земја. Сепак, Игор Новаковиќ, виш соработник на Центарот за меѓународни и безбедносни прашања (ISAC Fund), вели дека е потребно да се погледне кој промовира таков наратив и кој бил клучен за неговото формирање. И пред сè, тој верува дека треба да го разгледаме медиумското известување, бидејќи Српската напредна партија (СНС) е на власт, од 2012 година.

Во основа, во најдобри случаи, имате неутрално известување за самата ЕУ, иако е доста поволно, а да не зборуваме за намерното ширење дезинформации од страна на одредени медиуми кои се многу блиски до владејачката елита. Постојат анализи за ова, многу е јасно дека се случиле такви работи. Во сите други земји кои се кандидати за членство во ЕУ, претежно политичките елити, многу јасно се залагаа за интересот на земјата да биде во Унијата, додека кај нас, освен тоа декларативно колнење во некаков пат кон ЕУ, немавме ништо“, вели Новаковиќ.

Русија ги „игра“ и Скопје и Софија

Додека во Србија се смета дека државната политика отворено кокетира со Русија, во Македонија тоа не е случај, но професионални организации и здруженија алармираат дека по руските операции пред падот на владата на премиерот Никола Груевски со цел негова „одбрана“ од тогашната опозиција, денес руските активности повторно се актуелизираат во насока на разгорување на македонско-бугарскиот спор.

Платформата за проверка на факти Вистиномер укажува дека Русија ги „игра“ и Скопје и Софија, а тоа го прави преку социјалните мрежи и веб-страниците на своите амбасади со тоа што одбележува годишнини од историски личности во обид да се придобие јавноста, додека истовремено го зголемува раздорот и го отежнува разрешувањето на спорот со Бугарија. А, многу слична тактика беше искористена, како што е посочено, и при прославувањето на Денот на светите Кирил и Методиј лани. Руската амбасада во Скопје им го честиташе на нашите граѓани празникот, опишувајќи ги како словенски просветители, а, руската амбасада, пак, во Софија објави честитка во која ги опиша како бугарски просветители.

balkanot i kremlj ruski vibracii ili smmi operacii amb 2
Руската амбасада во Скопје лани го честиташе Денот на светите Кирил и Методиј како словенски просветители, додека амбасадата во Софија ги прикажа како бугарски

Матеј Тројачанец, факт-чекер во Метаморфозис од Македонија во чиј фокус се руските СММИ-операции вели дека во моментов, еден од начините за такво влијание е преку работата на МПЦ-ОА и нивните сојузници. 

Пропагандата на Кремљ наоѓа плодна почва токму во нашата црква на многу очигледен начин и со тоа зазема децидно и недвосмислено проруски ставови за политички прашања, конкретно околу војната во Украина“, ни изјави тој.

Тројачанец додава дека и претходно, преку директното мобилизирање на црквата и нивните следбеници против законите за матична евиденција и родова еднаквост, играјќи на добро познатите наративи на „традиционално словенско општество со семејни вредности“ наспроти „декадентните увезени ЛГБТИ вредности од Западот“.

На протестите, додава тој, можеше да се видат повеќе руски знамиња. 

Дополнително, странското штетно влијание преку манипулации со информации, исто така, се врши и преку прокси играчи од внатре во државата и од регионот, особено од соседна Србија, преку Информер и слични сајтови. Во последниот период забележана е тенденција ваквите штетни влијанија да се прилепуваат на веќе постоечко или новоформирано незадоволство кај граѓаните со цел да се сее недоверба“, посочува нашиот соговорник. 

Санкциите што Западот ги воведе против Русија, се сметаат за клучен индикатор дали Русија сѐ уште игра на Балканот. Властите во Црна Гора, како и во Македонија, а за разлика од Србија, ја следеа таа политика. Сепак, како што оценува поранешниот црногорски дипломат Лекиќ, имајќи го предвид обемот на црногорската и руската економија, очигледно е дека црногорските економски санкции против Русија имале повеќе карактер на самосанкции во своите ефекти, отколку што објективно можеле да предизвикаат штета на руската страна.

Лекиќ потсетува дека црногорската влада многу повеќе се „залепила“ кон Русија пред да се приклучи на НАТО и да се приближи кон ЕУ, а нејзините граѓани многу помалку. Тоа говори дека влијанието на Москва е прилично опаднато, но не и исчезнато.

Положбата на Црна Гора помеѓу Западот и Истокот не е само географски концепт, туку и историски, заснована во политичка и културна смисла, што на некој начин продолжува и денес. Сето ова зборува за постоењето во традиционалната свест на Црногорците на неколку компоненти, меѓу другото, и на поимот за Русија како пријателска земја и народ. Со текот на времето, овие поими се менуваа до одреден степен, а со тоа и новите политики на меѓународно ниво“, вели Лекиќ.

balkanot i kremlj ruski vibracii ili smmi operacii 3
Иако доминира поддршката за прозападна ориентација, значаен дел од граѓаните на Црна Гора изразуваат критика кон Западот и поддржуваат мешан геополитички курс.

Според Лекиќ, приказната околу државниот удар во Црна Гора пред влезот во НАТО дополнително го поларизираше инаку поделеното црногорско општество.

На почетокот, некој им веруваше на наводите на обвинителите, но како што одминуваше судскиот процес, многу работи доведоа до перцепцијата дека тоа беше претежно изведена претстава“, вели Лекиќ.

Дармановиќ, сепак, не мисли дека ова е фикција.

Она што се случи во Црна Гора, кое во голема мера остана зад сцената, не е прв обид. Во 2014 година, слично се случи во Молдавија. Значи, нема сомнение дека руските тајни служби се активни во светот каде што мислат дека можат да ги остварат своите интереси“, истакнува Дармановиќ.

Се чини дека состојбата „пред НАТО и по НАТО“ важи и за Македонија. Нашиот соговорник Мирче Адамчевски, новинар и некогашен дописник од Москва, истакнува дека во земјата нема руско влијание онака како што беше на времето кога Русите, вели тој, водеа пропаганда против Македонија во 2015 -2017 година кога требаше да паѓа владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Тогаш руските медиуми доаѓаа овде кај нас, па пренесуваа извештаи во смисла дека ‘еве се повторува украинскиот Мајдан и во Македонија’, Марија Захарова и руското МНР даваа изјави во кои ја поддржуваа владата на Никола Груевски. Но откако се случи промената на владата во Македонија работите спласнаа, и на пропаганден план директно кон Македонија, Русија повеќе не работи“, вели Адамчевски.

Тој смета дека руското влијание во Македонија е намалено поради намалената економската соработка. „Ние увезувавме горива, нафта во стоковната размена, извезувавме лекови, прехранбени производи, земјоделски производи, но не беше голема стоковната размена за да може Русија да врши економски притисок како што беше во Германија, да речеме со гасот, со нафтата. Тоа се можности за притисок. Кај нас немаше такви можности за притисок“, оценува Адамчевски.

Иако станува збор за релативно мала географска територија која ја пополнуваат земјите од Западен Балкан, кога станува збор за успехот на руските наративи, ситуацијата варира. Така, наспроти атмосферата во Македонија која е доминантно прозападна, јавното мислење во Црна Гора е доста поделено кога станува збор за официјалниот став на државата кон руско-украинскиот конфликт. Додека Владата во Подгорица формално го поддржува прозападниот курс, вклучително и санкциите против Русија, значаен дел од граѓаните сè уште покажуваат симпатии кон Русија, честопати од историски и идентитетски причини.

Според истражувањето на политичко јавно мислење во Црна Гора спроведено од Центарот за демократија и човекови права (CEDEM), 47,3 проценти од испитаниците ја поддржуваат западната ориентација, додека 30,6 проценти претпочитаат мешана ориентација.

Иако процентот на граѓани во Црна Гора кои веруваат дека Русија извршила агресија врз Украина е зголемен за три проценти од март 2024 година, односно на 35,2 проценти, анкетата покажува и дека поддршката за НАТО се намалува од 42,5 проценти во март 2024 година на 30,4 проценти во септември 2025 година. 27,6 проценти од граѓаните ја припишуваат одговорноста за почетокот на војната меѓу Русија и Украина на Русија и Владимир Путин, додека 24,2 проценти ги гледаат Америка и НАТО како виновници за почетокот на војната.

Слични се резултатите од анкетата на Меѓународниот Републикански Институт (ИРИ) спроведена од 10 мај до 7 јули 2025 година, во која најголем процент од црногорските граѓани, 35 проценти, гласале за прозападна ориентација, но со добри односи со Русија. Во оваа анкета, Русија е втората најчесто наведувана закана за Црна Гора, но по Америка. 52 проценти од граѓаните сметаат дека воените дејствија на Русија во Украина се донекаде или целосно неоправдани, а 51 процент од граѓаните имале донекаде или многу неповолно мислење за Владимир Путин.

Српската рафинерија како лакмус

Поранешниот министер за надворешни работи на Црна Гора Миодраг Лекиќ е дециден дека денес, стратешките позиции се конституираат и менуваат во зависност од интересите, современите процеси и новите настани во светот што се менува со голема брзина.

Во моментов, доминантната свест во Црна Гора е фокусирана на Европската Унија, која останува центар на геополитичката гравитација на црногорската држава. Впечатокот е дека, за разлика од политичката елита, граѓаните имаат многу поумерен став кон Русија, без крајности“, оценува Лекиќ.

Но, само педа понатаму, во Белград дуваат сосема други ветришта. На прашањето како ориентацијата на сегашната влада кон Русија може да влијае на Србија во однос на европската интеграција, нашиот тамошен соговорник Игор Новаковиќ истакнува дека Српската напредна странка (СНС) преживеала многу тешки работи, како што е Договорот во Брисел со Приштина во 2013 година, што беше многу проблематично за јавноста во Србија, поради што се свртеле кон таква реторичка политика.

Сега ќе видиме што ќе се случи со ситуацијата со Нафтената индустрија на Србија (НИС), бидејќи владата е на мака да објасни зошто руската страна се однесува вака кога станува збор за националниот интерес на Србија, а токму за тоа станува збор кога е во прашање енергетската безбедност. Иако, моќта на тој руски мит е многу голема, со отстранувањето или исчезнувањето на практичните лостови на терен, таа неизбежно ќе се намали на некое ниво на кое е, на пример, денес во Црна Гора“, вели Новаковиќ.

Сепак, тој не верува дека прорускиот наратив во Србија е длабоко вкоренет, туку дека сè е прашање на перцепција.

Постојат две работи. Едниот, дека ЕУ е неправедна кон нас затоа што постојано ни поставува услови, а другиот наратив е дека Русите нè сакаат, а ниту еден од нив во принцип не е така. Имате горчлива таблета во однос на Косово, но ниту еден од политичарите не се потруди да објасни дека ситуацијата е прилично завршена“, заклучува Новаковиќ.

Анкетите на јавното мислење генерално покажуваат дека мнозинството српски граѓани не ја перципираат Русија како агресор, туку дека ја префрлаат вината за војната на Украина, НАТО и „Западот“. Според анкетата на CRTA, од есента 2022 година, годината кога започна војната, најголемиот дел од граѓаните, речиси две третини (64 проценти), го гледаат Западот – САД, НАТО и Европската Унија – како актери најодговорни за вооружениот конфликт во Украина. Далеку помал процент (15 проценти) ја навеле Русија како најодговорна, додека пет проценти од испитаниците ја навеле Украина.

Мнозинството анкетирани српски граѓани (58 проценти), кога биле прашани чија позиција била поблиска до нив во војната, рекле руската. Една петтина (22 проценти) била повеќе во корист на украинската страна, а исто така една петтина не знаела или не сакала да одговори на ова прашање.

Ваквите ставови не се појавуваат во вакуум. Со години, медиумскиот простор во Србија е отворен за наратив што ја фаворизира Русија. Истражувањето на Демостат за дезинформации на тема војната во Украина покажа дека руската пропаганда е многу присутна во медиумскиот простор.

Истражувањето започна непосредно пред нападот врз Украина и траело следните две години. Како што е објаснето, постои силна поларизација на темата војна во Украина, а многу поголем број написи одат на „руската страна“, а исто така „украинската страна“ добива многу помалку минути. На ова укажува и фактот дека Раша Тудеј, медиум под санкции на ЕУ, работи во Србија.

Рускиот амбасадор во Македонија без ракавици

Во Македонија сликата е поинаква откако земјата се придружи на НАТО Алијансата во 2020 година. Оттогаш, вели соговорникот Мирче Адамчевски руското влијание е драстично намалено.

Ставот на Русија беше дека не сакаат Македонија да влезе во НАТО, додека тоа не беше случај за ЕУ. Русија нема ништо против зачленување на Македонија во ЕУ.  Меѓутоа кога Македонија влезе во НАТО работите се свртеа сосема поинаку, нормално во полза на Македонија, и Русија практично не може да влијае во Македонија, колку и да се труди“, оценува тој.

Сепак, некои настани даваат индиции и во друг правец, особено кога руската Амбасада во Скопје, во разни прилики и натаму го потенцира руско-македонското братство, притоа нудејќи и ја на македонската јавност својата вистина за воената агресија врз Украина. Таков беше и настанот по повод 9 Мај-Денот на победата над фашизмот минатата година кога рускиот амбасадор и покрај прогласувањето на Македонија за непријателска држава на Русија, му порача на македонското население дека „демонската нацистичка идеологија на Украина повторно ја загрозува Русија и целото човештво“. Притоа, тој со јазик скроен во Кремљ пред високи претставници на македонската влада (вицепремиерот Иван Стоиљковиќ) ги кажа и следните зборови:

 „Нацистите во Киев и нивните покровители од земјите на ‘колективниот Запад’ се обидуваат да ни нанесат ‘стратешки пораз’. Целта е да се уништи сè што е руско: луѓе, јазик, религија, култура, споменици, во суштина, да се збрише Русија“, рече рускиот амбасадор.

Тоа е типичен пример за наметнување на руски наративи во македонската јавност.

Меѓутоа, анализите не покажуваат дека напорите на рускиот тим дипломати во Скопје даваат позначителни резултати. Во поднасловот „Сенката на Москва бледнее“ на публикацијата „Северна Македонија и Албанија: Две балкански патеки кон Западот“, издадена од Институтот за демократија, се наведува дека ниту Северна Македонија ниту Албанија, обете членки на НАТО, не дозволиле руското влијание да се воспостави во нивната домашна политика или стратешки сектори.

„Во Северна Македонија, обидите на Русија да врши мека моќ се ослабени и од општествениот замор со проруската реторика и генерално прозападната ориентација на населението“, се констатира во публикацијата.

Главниот проблем се социјалните мрежи каде секој пишува што сака, и со тоа ги прави оружје. Интернетот не може да го ограничите и тие ќе пренесуваат такви наративи. Треба многу да се работи со новинарите, да читаат и да анализираат повеќе, да не прават копи пејст новинарство кое што го има премногу во Македонија па општо и во светот, да не пренесуваат здраво за готово нечии мислења или ставови а не знаат дали се лажни или не, дали некој ги конструира и ги пушта намерно такви“, вели, пак, нашиот соговорник Мирче Адамчевски.

balkanot i kremlj ruski vibracii ili smmi operacii 42
Еден од каналите на влијание на Русија во Македонија е преку црквата

Црногорскиот екс-министер Дармановиќ нагласува дека едно од главните полиња на дејствување на Русија во светот е пропагандата и информациите.

Таа влијаеше на американските избори, британскиот референдум за Брегзит, изборите во многу земји, француските избори, неодамнешните избори во Молдавија, покрај целата зафатеност со војната во Украина, па затоа е пропагандна машина која има свои акции и задачи насекаде“, оценува Дармановиќ.

Неговиот колега по министерска функција Лекиќ дополнува дека сите фактори на меѓународно ниво, особено поголемите, се обидуваат да ги шират своите толкувања на настаните, а тоа е особено нагласено во врска со војните.

Впечатокот е дека мнозинството во Црна Гора ги смета Русија и нејзиниот претседател за одговорни за почетокот на војната, но во светлината на многу нови податоци, може да се види и одговорноста на западните земји за избувнувањето на тој воен конфликт“, оценува Лекиќ.

Црногорските граѓани, додава Лекиќ, се обидуваат да ги следат меѓународните настани релативно автономно и без политичко влијание на Владата и официјалната политика, што, забележува тој, не е лесно со оглед на пропагандните толкувања на меѓународните настани.

И Лекиќ и Дармановиќ, меѓутоа, се согласуваат дека перцепцијата за ликот и делата на Владимир Путин во црногорската јавност е дека тој е и херој и воен злосторник и патриот, во зависност од различните ставови, афинитети и политички убедувања, но и во однос на светскиот поредок, кој денес претрпува неверојатни промени.

Форензика на руските игри во Црна Гора

Дигиталниот форензички центар (DFC) во анализата „Инфраструктура на руско влијание во Западен Балкан“, која неодамна беше направена, истакнува дека руските хибридни активности во Молдавија пред изборите во септември 2025 година се методолошки идентични со оние во Црна Гора во 2016 година.

„Тактиките на насилни протести и специјални средства се идентични со оние опишани во обвинението на Специјалното државно обвинителство на Црна Гора во случајот познат како државен удар од 2016 година. Во случајот со Молдавија од 2025 година, како и во Црна Гора во 2016 година, активноста на агентите на руската ГРУ беше евидентирана, со цел дестабилизација на државата преку предизвикување немири, финансирање на криминални структури и организирање насилни протести. Во двата случаи, Србија служеше како центар за параразузнавачки активности на ГРУ“, според анализата на DFC.

Во оваа невладина организација тврдат дека руските хибридни операции во Источна и Југоисточна Европа влегуваат во поагресивна фаза, во која истовремено ги таргетираат земјите во различни фази од европската и евроатлантската интеграција.

„Сигурно е дека хибридните активности ќе се прелеат во Црна Гора, особено имајќи предвид дека земјата е во последната фаза од процесот на европска интеграција и дека редовните парламентарни избори нè очекуваат во 2027 година. Поранешниот руски амбасадор во Црна Гора, Владислав Маслеников, во 2023 година изјави дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан значи влечење на тие земји во конфронтација со Русија“, се наведува во анализата.

Националистичката реторика, руските кампањи за дезинформација и религиозното влијание се веќе длабоко вкоренети во делови од црногорското општество, се додава во анализата, создавајќи плодна почва за потенцијална радикализација и регрутирање волонтери за руски хибридни операции и руски воени или паравоени структури.

balkanot i kremlj ruski vibracii ili smmi operacii 5
Анкетите во Србија покажуваат силната наклонетост на јавното мислење кон Русија во однос на војната во Украина

Што се однесува до Србија, светска вест е дека покрај Белорусија, е единствената европска земја која до денес не вовела санкции кон Русија. Од почетокот на војната, Србија беше една од ретките земји каде што на Русите им беше дозволено да влезат, поради што многу од нив избегаа од војната тука.

Како што објави Министерството за внатрешни работи на Србија, повеќе од 370.000 руски државјани влегле во Србија од февруари 2022 година до крајот на април 2023 година. Тоа покажува дека Русите ја сметаат за поволна за нив политичката клима во Србија. Голем број Руси дојдоа во Србија во два „брана“. Првиот беше по почетокот на војната, а вториот, откако режимот на Путин, во септември истата година, објави делумна мобилизација.

Срѓан Цвијиќ, претседател на Меѓународниот советодавен одбор на Белградскиот центар за безбедносна политика, вели дека ставот на властите кон Русија од почетокот на војната во Украина се променил само во контекст на нивното уште поголемо ласкање на Кремљ.

Ова е нашата домашна динамика, нема никаква врска со војната. Во нашата земја, всушност, колку е послаб режимот, толку е повеќе ориентиран кон Русија. Сега можете да видите како се однесува владата кога станува збор за рафинеријата НИС, бидејќи ги брани интересите на Русија, а не нашите. Сето ова е дел од авторитарното братство“, смета Цвијиќ.

Тој додава и дека „некои наивни луѓе на Запад се надеваат дека Вучиќ ќе се сврти на нивна страна, но тоа нема да се случи“. „Сепак, не е само електоратот „кочницата“. Ќе повторам дека постои авторитарно братство, постои соработка меѓу тајните служби на Русија и Србија, ние едноставно си правиме услуги“, вели тој.

Кој „излегува“ од ЕУ?

Најпосле, и најновите шпекулации дека Унгарија, Чешка и Словачка спремаат „егзит“ од ЕУ, не може, а да не се подведат под посакувано сценарио за Кремљ, особено затоа што до раздорот дојде околу помошта на Унијата на Украина.

Тројачанец смета дека во одредени случаи властите не гледаат на СММИ- операциите како на сериозна закана, додека во други случаи интересите на политичките партии може да се поклопат со наративите кои ги шират центрите на моќ и антидемократските тенденции што доаѓаат од надвор.

Треба да се прифати и да се третира како вистинска безбедносна закана. Проблемот со ова е што без разлика дали се работи за југоносталгија, проруски или антизападни ставови, има значителен дел од граѓаните што не само што не го гледаат како влијание од Русија, туку и го прифаќаат со отворени раце“, оцени Тројачанец.

Тој посочува и дека справувањето со СММИ значи зголемување на слободата на говор, а не како што погрешно се тврди дека преземање на активности против СММИ значи ограничување на слободата на говор. „Мерките кои ќе се преземат треба многу внимателно да се одберат и за тоа да се оствари што е можно поголем консензус меѓу засегнатите страни“, нагласи Тројачанец.

Американскиот Конгрес во предлогот за обемниот Закон за одбрана, инаку, оцени дека зависноста на земјите од Западен Балкан од руските фосилни горива ги врзува нивните економии и политика за Москва и ги попречува нивните аспирации кон европска интеграција. Во предлогот на Законот за авторизација на национална одбрана, се наведува дека намалувањето на зависноста на Западен Балкан од рускиот гас и фосилните горива е во национален интерес на САД, како и дека Вашингтон треба да го поддржи пристапувањето на земјите од регионот кон Европската Унија и НАТО.