fbpx

Ерата на пластични кеси не ја напуштаме

  • Министерството за животна средина нема ресурси да спроведе мерливо истражување за ефектите по забраната за употреба на пластичните кеси.
  • Собрани се повеќе од милион евра од продажбата на пластични кеси за 10 месеци од донесувањето на Законот за управување со пакување и отпад од пакување.
  • Законот се изигрува со дозволата да се користат биоразградливи кеси, за кои е лажна перцепцијата дека не ја загадуваат животната средина, обвинуваат екологистите.
  • Пазарната инспекција нема изречено ниту една казна против трговците, кои ги диктираат правилата и цените за продажба на пластични, платнени и хартиени кеси.
  • Државата нема елементарен капацитет за рециклирање на пластичен отпад и на отпад од кеси.
 

Забраната за употребата на пластичните кеси остана само како формална законска обврска, додека во пракса тие речиси и да не исчезнаа. Во големите маркети, на касите каде што беа бесплатни веќе ги нема, но затоа и натаму се присутни во одделите каде се продаваат зеленчук, овошје и месо. Во помалите продавнички, пилјари и на пазарите, продуктите и натаму се пакуваат исклучиво во пластични кеси.

Првичните проценки на министерот за животна средина Насер Нуредини, два месеци откако Законот за управување со пакување и отпад од пакување стапи на сила, беа дека употребата на кеси во маркетите каде биле давани бесплатно е намалена и до 10 пати, а за четири пати е намалена во маркетите каде се продавале по денар или два. Но, овие проценки не можат да се потврдат, бидејќи од Министерството за животна средина велат дека немаат ресурси да спроведат мерливо истражување за ефектите.

Собрани над милион евра од продажба на пластични кеси

Од еколошките здруженија кои ја следат примената на законот велат дека нема простор за задоволство. Нивните прогнози се песимистички. Претпоставуваат дека наместо да се намалува, бројот на пластични кеси е можно и да се зголемил. Официјалните податоците само потврдуваат дека ерата на пластичните кеси не е завршена.

Во последниот квартал од јули до септември, од продажба на кеси собрани се повеќе од 24 милиони денари, односно повеќе од 400 илјади евра, а се продале повеќе од милион и шестотини илјади кеси. Во оваа бројка не влегуваат бесплатните кеси со рачки или без рачки, како и кесите кои се продаваат поскапо, се со логото на компанијата и се поиздржливи од обичните пластични кеси.

Пари од продадени кеси во Фондот за животна средина

декември 2021 11.021.325 денари или 180.677 евра
јануари - март 2022 4.396.443 денари или 72.072 евра
април - јуни 2022 29.451.605 денари или 482.813 евра
јули – 28 септември 2022 24.453.885 денари или 400.883 евра
Вкупно: 69.323.258 денари или 1.136.445 евра

Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање

Според Здравко Савевски од Иницијатива за ослободување од еднократна пластика, дури и државата не го почитува сопствениот закон, кој не се спроведува, а употребата на пластичните кеси и по забраната речиси е непроменета.

„Има мало намалување на пластичните кеси што се продаваат на каса за 15 денари, но затоа пластичните кеси за овошје и зеленчук сакаат да ги протнат дека не биле пластични кеси туку биле амбалажа бидејќи станаа потенки“, вели Савевски.

Кирил Ристовски од ЦЕД Флорозон смета дека дополнителен проблем претставуваат зелените пазари каде има неконтролирана набавка и испорака на пластични кеси од продавачите.

„Сметам дека тоа е резултат на лоша координација меѓу различните институции и на тоа што нема доволна едукација на трговците и потрошувачите“, вели Ристовски.

Видео: Како се спроведува забраната за пластичните кеси?

Лагата за биоразградливите кеси

Законот за управување и отпад од пакување со кој се забрани пуштањето во промет на пластични кеси, стапи на сила во декември 2021 година, но не ги реши проблемите. Со него, дозволено е пуштање на пазарот на биоразградливи кеси. Екологистите се залагаат и за нивно, односно за целосно укинување на кесите. Велат дека во јавноста е создадена лажна перцепција дека биоразградливи кеси не се загадувачи на животната средина. Како аргумент дека како и обичните и тие се проблематични, екологистите посочуваат дека во процесот на разградување на т.н. еколошки кеси се создава микропластика која е невидлива, но и натаму опасна за околината.

Потрошувачите не можат со голо око да распознаат што е пластична, а што биоразградлива кеса, освен по натписот кој може да ја направи разликата. Но, и тој може да биде неверодостоен со оглед на тоа дека составот може да се провери само во лабораторија. Кај нас такви испитувања досега не се направени, па постојат сомнежи дека ваквата состојба би можеле да ја искористат производителите на кеси, кои под фирмата биолошко разградливи може да продаваат и полиетиленски кеси.

Савевски вели дека она што за поголема убавина на звучност го викаат биоразградливи кеси реално се пластични кеси со адитиви.

„Ако пластичните кеси се штетни за околината, ја загадуваат околината и после влијаат на нашето здравје, т.н. биоразградливи кеси, кои се користат и се дозволени во Македонија, се со дополнителни адитиви кои дополнително ја влошуваат, ја зголемуваат нивната штетност. Тие овозможуваат полесно разградување на пластичната кеса на микропластика и тоа значи дека уште поголеми се шансите ние да ги вдишеме тие честички, да ги пиеме со водата и да ги јадеме со храната. Тоа воопшто не е еколошки стандард“, предупредува тој.

Ристовски, пак, не верува дека компаниите во Македонија ги следат стандардите за биоразградливост како што треба.

„Не постои еколошка кеса – само кеса направена од природни материјали. Пластичните кеси се направени од полипропилен кој произлегува од петрохемиската индустрија, што значи ние директно придонесуваме кон развој на јаглеродна технологија. Затоа и сметам дека треба да бидат целосно исфрлени од употреба“, дециден е Ристовски.

До јуни 2023 година, во земјава дозволена е употреба на оксо-биоразградливи кеси кои се забранети во ЕУ поради создавањето на микропластика, а по овој рок задолжителни ќе бидат кеси кои се изработени од материјал кој може да се разгради.

Инаку, во Директивата на ЕУ за пластичните кеси од 2015 година која како насока ја следи и земјава, се планира до 2050 да се намали годишната потрошувачка на кеси на 40 по глава на жител. Во Македонија, според податоците од Државниот завод за статистика од 2020 година, дневно секој граѓанин троши по две кеси или вкупно се произведуваат по 5 000 тони пластични кеси годишно, што е 14 тони дневно - енормна количина на кеси од кои мора да се ослободиме.

Видео: Што се биоразградливите кеси со кои се заменуваат пластичните?

Трговците диктираат цени, казни нема

За екологистите главна причина за нефункционирање на законот е слабата координација меѓу институциите, но и непостапувањето на пазарната инспекција. Десет месеци откако законот стапи на сила, пазарната инспекција нема изречено ниту една казна иако законот пропишува високи казни дури и до 140.000 евра за трговците.

Според податоците од Државниот пазарен инспекторат од декември минатата година до крајот на август оваа година, биле извршени 500 контроли низ цела држава, „констатирани се неколку неправилности и издадени се 100 решенија“. Во целиот овој период само еден граѓанин доставил претставка.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) отворено велат дека не се задоволни од соработката со пазарната инспекција.

„За жал, не добиваме извештаи од Државниот пазарен инспекторат за бројот на извршени надзори и евентуално утврдени прекршоци“, ни одговорија од МЖСПП.

И за екологистите непостапувањето на пазарната инспекција, покрај немањето на политичка волја, е проблем за неспроведување на законот.

„Имам впечаток дека Државниот пазарен инспекторат воопшто не е запознаен со надлежностите односно со задолженијата кои произлегуваат од новиот Закон за управување со отпад од пакување. Упатувам апел да се воспостави меѓусебна координација меѓу инспекторатот и МЖСПП за да се зголемат капацитети и да се најдат механизми за целисходно спроведување на законите“, вели Ристовски од ЦЕД Флорозон.

Во ваков амбиент на неказнивост и не чуди што секоја продавница си диктира свои правила и цени. Кеси потенки или подебели, со рачки или без се продаваат по различни цени, а во некои продавници се нудат и бесплатно. Има и дуќани во кои има само пластичните кеси со логото на компанијата кои се продаваат по 30 денари и повеќе, а за продажба по повисоки цени се нудат и платнени или хартиени кеси. За овие последните, парите завршуваат кај трговците.

Од Министерството за животна средина велат дека не се работи за изигрување на законот.

„Целта на законот е да се намали употребата на пластичните кеси, односно да се намали отпадот од пластика. Доколку купувачите не носат со себе торби за повеќекратна намена, треба да имаат можност да си купат кеса за носење на стоката. Се разбира дека високата цена ќе ги „мотивира“ граѓаните да носат торби наместо постојано да купуваат кеси за еднократна употреба“, велат од МЖСПП.

Наспроти ваквиот став на Министерството, во соседството има и поинакви примери. Во Србија, на пример, сопственик на ланец на маркети успеал да ја намали потрошувачката на пластичните кеси и да ја стимулира продажбата на платнените токму со пониските цени за алтернативната амбалажа. Ако ги прашате екологистите тие ќе одговорат дека е најдобро да не се продаваат никакви кеси, туку да се вратиме на навиките, кога секој си носеше торба за пазарење.

Но, Савевски нагласува дека и употребата на хартиените кеси не може да биде прифатлива опција, зашто таа ќе значи масовно сечење на дрва. Тој смета дека решението треба да се бара во мрежестите кеси кои се издржливи, служат за повеќекратна намена и се користеа порано.

Кое и зелено решение да се избере за надминување на традиционалните навики, важно е да се испорачаат резултати и тоа што побрзо.

„Државата мораше да најде начин како да направи супституција на пластичните кеси со алтернативни пакувања како што се кеси од хартија или платнени кеси и да изнајде финансиски механизми како да ја стимулира продажбата односно замената на пластичните кеси со ваков вид на пакување“, критикува Ристовски.

Дали нешто се промени?

Според последните податоци од Државниот завод за статистика во 2021 година во Македонија биле создадени околу 900 илјади тони отпад, или 452 килограми ѓубре по жител. Собрани се 632 087 тони, од кои на пластика отпаѓаат 12 илјади тони годишно.

Постапката за рециклирање на кеси е тежок и скап процес и Македонија нема елементарен капацитет за рециклирање на пластичен отпад и на отпад од кеси. Ова ѓубре и илјадниците тони на пластичните кеси завршуваат на Дрисла, која е полустандардна депонија, или се расфрлаат покрај реките, на дрвата, се таложат насекаде околу нас како опомена за нашата негрижа кон животната средина. Но, тие се само дел од вкупниот пластичен отпад.

Извор: Државен завод за статистика | https://www.stat.gov.mk/PrikaziSoopstenie.aspx?rbrtxt=80

Европската унија веќе презеде мерки за намалување на ридиштата пластично ѓубре – со директивата која ја усвои минатата година, а со која се спречува употреба на пластика за еднократна употреба (пластичните чаши, пластичен прибор за јадење, производи од експандиран полистирен – стиропорот во кој дури и се продава храна). Се предлага да се замени употребата на токсичните материјали со материјали кои имаат бенефит врз животната средина и се лесни за рециклирање.

„Доволно е да ги следиме трендовите на ЕУ. Буквално во сите земји има целосна или делумна забрана за употреба на кеси, условена со висока цена на кесите и едукација на потрошувачите за превенција од загадувањето од овој материјал“, порачува Кирил Ристовски од ЦЕД Флорозон.

„Колку лесно можеме да го решиме проблемот со пластичните лажичиња што се служат во кафулињата и да се заменат со метални. Но, тука лежи главниот проблем кој во Македонија е присутен во повеќе сфери, а тоа е овозможувањето да се создаде профит на сметка на животната средина“, заклучува Здравко Савевски од Иницијатива за ослободување од еднократна пластика.

Македонија заостанува во заштита на животна средина и со вакво темпо на спроведување на законите ќе ни требаат децении за да ги протераме пластичните кеси и пластиката за една употреба, а законските мерки за забрана ќе се сведат само на симболична примена.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Новинарка: Соња Петрушевска Поповска
Фотограф: Томислав Георгиев
Снимател: Тони Стојановски
Монтажер: Борче Крстевски