fbpx

Имаме ли ниво на демократска култура за промена на изборниот модел?

Повеќе од три децении трае потрагата по вистинскиот изборен модел кај нас. Пропорционален, мнозински или комбиниран, отворени листи. Иако 20 години кај нас се применува пропорционалниот изборен модел со шест изборни единици и Д’онтовата формула, прашањето одново се отвори со барањето на одреден број политички партии за промени заедно со она за отворени листи. Имаме ли ниво на демократска култура и логистика за тоа? Кои се предностите, но и ризиците? За овие и за многу други прашања кои произлегуваат од темата, разговараме со проф. д-р Марко Кртолица од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ и со Александра Крстеска од Националниот демократски институт.

Д-р Кртолица: Кои се предностите и мааните на мнозинскиот изборен модел?

Мнозинскиот изборен модел не е непознаница за нашиот изборен систем. Од осамостојувањето на државата, па се до 1998 година тој ја даваше основата за пресметување на мандатите на парламентарните избори. Сепак, тој беше променет пред се поради неговата слаба репрезентативност, создавање етнички тензии во малите изборни единици, можноста за влијание врз изборот на пратеници од разни заинтересирани страни особено во помалите изборни единици итн. Но, што се всушност другите слабости на овој модел, а кои се предностите? Што науката и компаративните искуства од други држави можат да ни кажат за овој модел?

Д-р Кртолица: Пропорционалниот vs мнозинскиот изборен модел

Пропорционалниот модел во Р.С. Македонија е во употреба од 2002 година (од 1998г. Всушност, но само делумно). Како таков, тој обезбеди многу поголема претставеност на етничките заедници во државата во Собранието, ги намали тензиите и поларизираноста на нашето општество, но во формата во која се применува ги фаворизира поголемите партии. Дали е ова вина на пропорционалниот модел или одговорот лежи на друго место? Кои се недостатоците и предностите на пропорционалниот модел? Што е подобро во однос на мнозинскиот изборен модел?

Д-р Кртолица: Недостатоците на отворените листи

Прашањето за отворените листи циклично се појавува во македонската јавност. Иако навидум се чини дека идејата е демократска и дава огромно право на избор на граѓаните, она што малкумина го забележуваат дека отворените листи кријат и големи опасности кога се работи за недостатоците кои тие ги имаат. Високото ниво на политичка и изборна култура, можната естрадизација на изборните листи, но и оптовареноста на ДИК при нивната обработка се само дел од опасностите кои воведувањето на отворените листи ги крие. Но, дали сепак треба да се обидеме?

Крстеска: Какви се шансите за отворени листи?

Националниот демократски институт од Вашингтон е една од организациите кои меѓу првите ја отворија проблематиката на отворените листи. Имајќи долго паметење за проблематиката која за прв пат се отвори кон 2010 година, претставниците на НДИ се најкомпетентни да дадат свое видување на тоа какви се шансите за нивно воведување, кои се предностите, но и кои се опасностите кои демнат од воведувањето на отворените листи на некои од следните циклуси парламентарни или пак локални избори.

Крстеска: Рамноправна родова застапеност во изборниот процес

Гледано како процент од популацијата, мажите и жените во македонското општество се скоро идентично застапени. Во политиката сепак не е така. Беше уште помалку така пред воведувањето на задолжителните квоти за „помалку претставениот пол“ на листите за парламентарните избори. Сепак, дебатата од тогаш се помести од мртва точка, до степен каде денес може да разговараме за претставеност од 50% на жените во политиката. Сепак легитимни се прашањата за тоа дали има волја кај политичките партии за вакво нешто, колку брзо можеме да очекуваме напредок и каков е патот до ваквата застапеност?

Крстеска: Што може да направиме за лицата со попреченост?

Лицата со попреченост се категорија на граѓани за кои ретко се зборува во контекст на изборниот процес. Сепак, остварувањето на нивното активно и пасивно гласачко право се чини како исклучително осетлива тема која ќе мора да се актуелизира со оглед на пречките на кои овие лица наидуваат. Подобрувањето на положбата на овие лица за време на изборниот процес опфаќа бројни аспекти, од охрабрувањето да имаат активно учество на листите за пратеници или советници, до пристапноста на изборните места. Иако темата на попреченост често се третира од многу други аспекти, вниманието кое треба да го добие од аспект на изборниот процес е клучно за напредок во партиципацијата и охрабрувањето на лицата со попреченост да ги остварат своите права и кога бираат, но и кога треба да бидат бирани.

 

Целиот поткаст под наслов „Пропорционално мнозинство“ може да го слушнете тука