
- По првичната офанзива на идеи и пријателства, се „разбудија“ старите проблеми меѓу државите во регионот, а локомотивата на која погонско гориво и даваа трите членки Македонија, Србија и Албанија, не успеа да ги закачи во Отворен Балкан и вагоните на БиХ, Црна Гора и Косово.
- Аналитичарите сметаат дека Отворен Балкан започна и заврши во конфузија, бидејќи главната причина за неговото создавање не беше исполнета-членство на сите шест држави.
- Односите меѓу Албанија и Србија станаа клуч во триаголникот членки на Отворен Балкан.
- За косовскиот премиер Албин Курти проектот беше дуплирање на Берлинскиот процес и како таков немаше смисла, бидејќи Србија која не го признава Косово, немаше да го стори тоа ни во Отворен Балкан.
Го испија виното и вработија еден Албанец од Србија – тоа го констатираше неодамна српски Форбс во насловот на тема „Што и донесе Отворен Балкан на Србија и зошто замре“?
Темата е бездруго комплексна. Пред седум години, Отворен Балкан создаде надеж дека ова парче од Европа здружено ќе го зголеми сопствениот потенцијал и ќе покаже дека заслужува да стане дел од ЕУ. Но, соништата на проектот не станаа јаве. По првичната офанзива на идеи и пријателства, се „разбудија“ старите проблеми меѓу државите во регионот, а локомотивата на која погонско гориво и даваа трите членки Северна Македонија, Србија и Албанија, не успеа да ги закачи и вагоните на преостанатите држави што беа планирани – Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.
Или како што рече неодамна Игор Новаковиќ од Центарот за меѓународни и безбедносни работи (ИСАЦ) во Србија во дебата на националната РТС, Отворен Балкан во моментов е во „тивок од“.
„Како бренд ми се чини дека отиде во офсајд, поради неколку работи. Првенствено што односите меѓу лидерите веќе не се на тоа ниво на кое беа во 2019. Да се потсетиме тогаш главните мотори беа претседателот на Србија и премиерот на Албанија, и секако тогашниот премиер на Северна Македонија Зоран Заев кој всушност и ја покрена целата оваа иницијатива“, истакна Новаковиќ. Тој нагласи и дека Отворен Балкан без преостанатите три земји членки, како што рече, нема смисла.
Повеќемина аналитичари од регионот сметаат дека „мини Шенген“ како што го викаа проектот Отворен Балкан еродира затоа што преостанатата тројка земји не сакаше да се приклучи. Како причина се посочуваат и односите меѓу Белград и Приштина кои откако зовреа во 2023 по апсењето на тројца косовски полицајци за наводно навлегување на српска територија, беа повод Еди Рама да започне излезна стратегија од Отворен Балкан.
„Односите меѓу Албанија и Србија беа клучот во овој триаголник“, вели Љупчо Поповски, аналитичар и надворешно-политички новинар од Македонија. „Во тој триаголник најголемата страна што требаше да се совлада беа токму релациите меѓу Белград и Тирана. Отворен Балкан ги отвори односите меѓу трите земји, се одржуваа вински саеми, собири во Белград, во Тирана, во Скопје, имаше некакво олабавување на атмосферата. Но, потоа дојдоа ситуациите со Бањска, интервенцијата на радикалните парамилитарни структури од Србија, па односите во самото Косово, односно изборите во северниот дел на кои не учествуваше Српската листа, Албанија им даде целосна поддршка. Албанија во тоа време почна брзо да чекори напред кон ЕУ и веќе тој мотор од Отворен Балкан им требаше сѐ помалку“, анализира тој.
Придобивките од Отворен Балкан не се големи, но не се ни мали. На прво место е бесплатниот роаминг меѓу трите земји. Понатаму, меѓу Србија и Македонија сега има еден интегриран граничен премин, Прешево-Табановце, при што обработката на податоци што ја бараат царинските процедури во товарниот сообраќај не трае повеќе од пет минути. Концептот на интегриран премин, кој функционира од 25 август 2019 година, овозможи само едно запирање за гранична (полициска и царинска) контрола. Ова значително го намали задржувањето на товарни возила. Слично е и на преминот Ќафасан меѓу Македонија и Албанија.
Трговската размена на Србија со Македонија во 2024 година се зголеми за 54% во споредба со 2019 година. Извозот на Србија во Македонија се зголеми за 40,5%, додека увозот од Северна Македонија речиси се удвои – се зголеми за дури 97%. Вкупната размена на стоки меѓу Србија и Албанија во 2024 беше за дури 83% повисока отколку во 2019 година. Српскиот извоз во Албанија се зголеми за 81%, додека извозот на Албанија во Србија скокна за импресивни 88%, велат од Стопанската комора на Србија.
На политичко ниво, основниот принцип на Отворен Балкан беше слободно движење на луѓе, стоки, капитал и услуги. Србија, Албанија и Македонија потпишаа голем број други договори и меморандуми кои се фокусираат на интеграцијата на електронската идентификација на граѓаните преку границите, подготвеноста за катастрофи и безбедноста на храната.
Кој го отвори, а кој го затвори Отворен Балкан?
Новинарката Јона Плумби од Албанија, оценува дека Отворен Балкан започна и заврши во конфузија, бидејќи главната причина за неговото создавање не беше исполнета. Првичната цел, вели таа, беше сите шест земји од Западен Балкан да се обединат за да ја зајакнат соработката и да негуваат добри односи, за да бидат поподготвени да се приклучат кон ЕУ на долг рок.
ФОТО Јона „Но, откако стана јасно дека тоа не е можно, тоа беше искористено само како политичка предност за премиерот Еди Рама да ја позиционира Албанија како земја со влијание и ‘амбасадор на мирот’ за регионот, а претседателот Вучиќ да се позиционира како соработник и отворен за движење напред кон ЕУ. Со помош на интензивна пропаганда, втората цел беше постигната. Но, со оглед на неуспехот на обединувањето на сите земји од Западен Балкан, што беше поставено како услов од ЕУ и САД за иницијативата да се нарече успешна, таа заврши“, нагласи нашата соговорничка.
Начинот на кој проектот престана е совршен одраз на конфузијата за која зборува новинарката од Албанија во нејзината анализа. Кога ЕУ го презентираше Планот за раст за Западен Балкан од шест милијарди евра, премиерот Рама во јули 2023 година изјави дека Отворен Балкан ја исполни својата цел. Набрзо потоа, Вучиќ одби да признае дека иницијативата е завршена, а премиерот Рама рече дека иницијативата не е негова компанија да ја отвора и затвора како што смета за соодветно. Факт е дека иницијативата Отворен Балкан никогаш не одржа друг самит после тоа.
„Ова е доказ дека иницијативата повеќе била искористена за политичка добивка преку пропаганда, отколку за реални резултати“, потенцира Плумби.

Додека лидерите на Македонија, Албанија и Србија наздравуваа за нова ера без граници, остатокот од регионот со скептицизам гледаше кон „Отворен Балкан“
Во регионот кој требаше да се обедини во Отворен Балкан, надвор од триаголникот Македонија – Албанија – Србија, иницијативата предизвика и нервозни тонови. Критичарите како косовскиот премиер Албин Курти не се противеа на регионалната соработка и создавањето заеднички пазар, но беа скептични кон регионално водена иницијатива која не е под надзор на ЕУ. Курти рече дека „заедничкиот пазар мора да биде придружен со соочување со минатото, демократизација на вклучените земји и владеење на правото“, алудирајќи на неуспехот на Србија да се соочи со минатото и да ги реши предизвиците што ја загрозуваат демократијата.
„Колку што знам, Отворен Балкан дури нема ни веб-страница. Затоа, тоа е иницијатива која нема ниту платформа, ниту основен договор, ниту стратегија, ниту акционен план и јас не ја поддржувам“, рече тој. Курти претходно изјави дека иницијативата „Отворен Балкан“ е повеќе како „Отворен Балкан за Истокот“ отколку иницијатива за заеднички регионален пазар.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, дури го доведе во прашање и мотивот за вклучување на Албанија во иницијативата со толку директно учество на Вучиќ, прашувајќи „зошто Албанија би прифатила таква иницијатива во која Косово нема да се третира како суверена држава и каде што Вучиќ, лидерот на земјата што се обидува да го дестабилизира Косово и да го наруши неговиот суверенитет, игра важна улога“.
Во Босна и Херцеговина, додека лидерите на босанските Срби го поддржуваа Отворен Балкан, политичарите од другите доминантни етнички групи во БиХ го отфрлаа. Хрватскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, пак, Жељко Комшиќ, рече дека „Отворениот Балкан значи нула евра, а Берлинскиот процес значи 30 милијарди евра“.
Црна Гора беше најблиску до приклучување, под премиерската палка на Дритан Абазовиќ, но неговиот план наиде на остри реакции во владата што ја предводеше.
Вицепремиерот и министер за одбрана Рашко Коњевиќ изјави дека премиерот Абазовиќ може да оди на состанокот исклучиво како набљудувач, но дека не смее да презема никакви обврски во име на државата. „Целта на Црна Гора се реформи што е можно поскоро и Европската Унија, а не Отворен Балкан каде што треба да бидеме во друштво на некои земји кои денес не прифаќаат дека Русија извршила агресија врз Украина и не сакаат да ја следат политиката на ЕУ во таа област“, рече Коњевиќ во изјава за „Побједа“.
„Отворен Балкан уште при формирањето имаше ‘конструктивна грешка’ и еден ‘костур во плакарот’. Конструктивната грешка е што од трите држави основачи, две имаат големи државни концепти: Србија го има ‘српскиот свет’, Албанија ја има ‘Голема Албанија’. Косово за цело време беше ‘костурот во плакарот’. Заеднички именител за сите три држави е албанскиот фактор. Србија го има нерешеното прашање за Косово, Албанија има амбиција да создаде ‘Голема Албанија’, а во Северна Македонија 40 проценти, не знам точен процент, се Албанци. За мене голема непознаница е што Америка цело време стоеше зад тоа, зошто САД ја поддржаа оваа приказна со сите овие недостатоци кои беа веќе познати во тоа време“, вели нашиот соговорник Александар Попов, директор на Центарот за регионализам од Нови Сад.
Отворен Балкан всушност се соочи со значителни критики од скептиците загрижени за неговиот потенцијал да ги влоши постојните тензии и да ги поткопа напорите на ЕУ за поттикнување на регионалната соработка. Ваквите критики дојдоа од политичките лидери во земјите од Западен Балкан кои не се приклучија на проектот – БиХ, Косово и Црна Гора. Но подоцнежниот развој на настаните покажа и дека конфликтите и меѓусебните подметнувања придонесоа тој да остане на според колосек.
„Клучот беа односите меѓу самите лидери и интересот. Оној момент кога Албанија пронајде својата котва во ЕУ, пред сѐ во Италија, и кога стана извесно дека може да се промени нејзината динамика за приклучување кон ЕУ, Отворен Балкан падна во втор план“, смета Новаковиќ од фондот ИСАЦ.
Или како што резимира новинарот и аналитичар од Македонија Љупчо Поповски, конфликтите меѓу земјите во регионот беа мотив да се направи Отворен Балкан, а после тоа и да замре. „Мислам дека косовските власти, па и генерално јавноста можеби не во толкава мера, се чувствуваа предадени од Албанија за албанската кауза во Косово, заради блиските односи на Рама со Вучиќ“, ни изјави тој.
„Отворен Балкан имаше улога која што заврши. Но во основа најголем корисник од тоа излезе Албанија. Затоа што таа отиде најнапред. Ние имавме корист меѓу Македонија и Србија и Македонија и Албанија, главно за транспорт на стоки и услуги, работни дозволи, признавање на универзитетски дипломи. Тој проект одигра улога во одреден период“, додаде Поповски.

За Приштина, блискоста меѓу Рама и Вучиќ во овој проект беше доживеана како предавство на косовската кауза
Оценките што доаѓаат од Албанија се во насока дека главната причина зошто иницијативата не успеа е одбивањето на Косово да биде дел од Отворен Балкан. Нашата соговорничка Јона Плумби потсетува дека косовскиот премиер Албин Курти изјави дека иницијативата е дуплирање на Берлинскиот процес и како таква нема смисла, бидејќи Србија која не го призна Косово и одби да потпише заеднички документи со косовските претставници во дијалогот што го води ЕУ, нема да го стори тоа ни во Отворен Балкан.
„Ова одбивање на Косово го запечати неуспехот на Отворен Балкан, иако премиерот Рама и претседателот Вучиќ инсистираа да продолжат да одржуваат состаноци и самити, што всушност не доведе до никакви опипливи резултати. Значи, на некој начин, може да се каже дека конфликтот меѓу Косово и Србија е причината зошто иницијативата Отворен Балкан заврши“, коментира Плумби.
Бајден замина, Трамп се врати
Централен дел во анализата за дебаклот на проектот заземаат и оцените дека Србија стратешки се позиционираше помеѓу два света, Истокот претставен од Русија и Западот претставен од ЕУ, и дека тоа е пресметан потег на претседателот Вучиќ. Недостатокот на напредок во затворањето на поглавјата од преговорите со Унијата, според нашите соговорници е доказ дека Србија, од една страна, не е заинтересирана да ги усогласи своите политики со ЕУ, бидејќи тоа би довело до раскин со Русија.
„Немањето соодветна агенда и обврзувачки авторитет што би ја направил возможна агендата беше она што и пресуди на иницијативата Отворен Балкан. Значи проектот беше осуден на неуспех уште од самиот почеток. Беа потпишани договори кои останаа само на хартија и беа воспоставени протоколи кои никогаш не беа усвоени во пракса, што уште еднаш докажува дека иницијативата се претвори главно во пропагандно оружје за политичка добивка, а не во алатка за постигнување вистинска соработка меѓу земјите“, подвлече соговорничката од Албанија.

На почетокот, овој концепт зрачеше со оптимизам како вид „имитација на ЕУ“ за зачувување на западното влијание во регионот
Едно е сигурно: кога во 2019 година беше лансиран концептот, геополитичката карта на светот и насоките на соработка изгледаа сосема поинаку во тоа време. Навраќајќи се на (не)успехот на овој проект кој зрачеше со оптимизам, порталот Serbianmonitor.com неодамна излезе со анализа дека тогаш на Западот му одговараше да го зачува своето влијание и интереси на Балканот преку еден вид имитација на ЕУ, додека за приемот на нови членки се зборуваше како за далечна, маглива перспектива.
„Во меѓувреме, Џо Бајден се пресели во Белата куќа, за Доналд Трамп да се врати четири години подоцна, а светот стана нестабилен терен обележан со големи војни, потресен од трка во вооружување и поделба на сферите на интерес. Членството на Албанија и Црна Гора во ЕУ сега отворено се дискутира, и затоа иницијативата ја изгуби својата првобитна цел“, се наведува во анализата.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Соња Крамарска
Снимател: Наке Батев
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ
Фотографии: Официјални ФБ – страници
Поврзани стории:
Отворен Балкан: Албанија се збогува, Македонија купува време, Србија се надева
Отворен Балкан ги подотвори границите, но бариерите останаа
Отворен Балкан пропадна во јазот помеѓу Белград и Приштина
Адвокатската комора не им дозволува на нашите адвокати да се здружуваат во рамки на Отворен Балкан

