- И оваа учебна година наставниците се оставени да се снаоѓаат кој како знае и умее, бидејќи дел од учебниците нема да стигнат ниту до крајот на оваа година.
- Комисијата за заштита и спречување на дискриминација утврдила дека учебната година почнала со 43 учебници помалку од потребните 126.
- Ниту Народниот правобранител, ниту Државниот просветен инспекторат немаат отворено случај за недостигот на учебници, бидејќи до нив не стигнала ниту една претставка од родителите чии деца се оставени без учебници.
- Од УНИЦЕФ порачуваат дека доколку државата донела одлука да обезбеди печатени учебници, Владата треба да обезбеди процес што ќе овозможи сите деца навремено да добијат квалитетни учебници.
Основното право на секое дете да има еднаков пристап до квалитетно образование, што значи да има и учебник за секој предмет што го учи, е нарушено, велат од Комисијата за заштита и спречување на дискриминација. Со тоа што учебната година во основното образование почна без потребните учебници за учениците од трето одделение па нагоре, според Комисијата веќе е направена дискриминација, а таа продолжува и со натамошно необезбедување на учебниците.
Според претседателката на Комисијата за заштита и спречување на дискриминацијата Весна Бендевска и оваа учебна година наставниците се оставени да се снаоѓаат кој како знае и умее, бидејќи дел од учебниците нема да стигнат ниту до крајот на оваа година. Според неа, ова е трета година по ред каде има дискриминација на учениците од аспект на необезбедување на потребните учебници.
На почетокот на новата учебна година, Комисијата за заштита и спречување на дискриминација најави тужба против Министерството за образование и наука, бидејќи утврдиле дека учебната година почнала со 43 учебници помалку од потребните 126.
„Откако Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди структурна и системска дискриминација, кај огромна популација, а тоа се ученици од задолжително основно образование согласно законот е должна да поведе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес и во тој момент одговорноста за заштита од дискриминација ја предаваме на повисоката судска власт. Во овој случај Комисијата е странка во спорот“, вели Бендевска.
На почетокот на септември, Комисијата утврди дека се обезбедени учебници само за прво и второ одделение, додека за трето и шесто одделение учебната година почна без учебници, а недостига и учебникот по историја за петто оделение, како и учебнците по македонски јазик за учениците од заедниците кои учат на мајчин јазик. Проблемот со недостиг на учебници се јави со новата концепција за основно образование, која е дел од реформата и со која се опфатени учениците до шесто одделение. Комиисијата имаше забелешки дека недостигаат и учебниците по странски јазици за сите одеделенија. За останатите ученици кои и досега учеа по старата програма, МОН не врши откуп и печатење на нови книги.
„Комисијата ќе игра улога на стратешки застапник на интересите на учениците од основно образование кои останаа без учебници против Министерството за образование и наука, друга државна институција која согласно законот согласно своите мнадлежности беше должна пред почетокот на годината да обезбеди учебник за секое дете за секој наставен предмет на сите јазици на кои се одвива основното образование“, вели Бендевска.
МОН по најавите дека ќе добие тужба за дискриминација од Комисијата, на повеќе наврати излегуваше со изјави дека постапката за обезбедување на потребните учебници е во тек и дека многу брзо ќе ги обезбедат учебниците кои недостигаа. Министерот за образование Јетон Шаќири минатиот месец изјави дека ги обезбедиле потребните учебници за трето одделение и дека тие се доставени до училиштата, а дека во тек е одобрувањето и печатењето на учебниците за шесто оддделние и дека учениците многу брзо ќе ги добијат.
Но, податоците од Комисијата за заштита и спречување на дискриминацијата се спротивни. Оттаму тврдат дека такво нешто нема да се случи, бидејќи дел од огласите за избор на автори за изработка на учебниците и дел од тендерите за печатење на книгите се распишани на почетокот на септември и дека тоа е постапка која трае. Потврда за ова е и тендерската документација за печатење на дел од учебниците, според кои тие нема да стигнат ниту до крајот на оваа календарска година.
„Откако донесовме одлука и обзнанивме дека ќе започнеме со креирање на тужба од заштита од дискриминација од јавен интерес на нашите телефони се јавуваат и голем број на родители на деца кои известуваат дека се уште не се доставени дел од потребните учебници. Доброто е што во јавноста веќе се чувствува дека сме предизвикале извесна општествена промена. Веќе констатираме забрзано обезбедување учебници по поголем број на предмети. Како тече доставата и дистрибуцијата не е во рамките на нашата надлежност, но добиваме информации од самите родители. Се уште опстијува фактот дека одреден број учебници ќе ги нема и оваа година, трета година по ред е оставено на наставниците да се снаоѓаат кој како знае и умее“, изјави Бендевска.
Таа потсетува дека учениците нема да имаат подеднаков пристап до квалитетно образование, односно ќе има дискриминација. Поради тоа се надева дека во текот на судската постапка ќе се открие вистинската состојба околу статусот на секој учебник во деветгодишното образование.
Која е постапката за изработка и одобрување на учебник?
Според законските прописи Бирото за развој на образованието кое е орган во состав на Министерството за образование и наука подготвува наставни планови и програми, а подготвува и материјали и прирачници за наставниците.
Педагошката служба при МОН е главниот орган според чии насоки се распишуваат огласите за избор на автори кои ќе ги изработат учебниците, и откако тие ќе бидат изработени од Националната комисија која ја формира Владата бара да обезбеди преведувачи и рецензенти. Откако еден учебник ќе ги мине сите филтри од изработка, рецензија и превод, тој оди на одбрување во Националната комисија.
Во самата педагошка служба, пак, има точно определени лица кои го следат изборот на авторите и изработката на учебници, како и лица задолжени за дистрибуција на учебниците во училиштата.
Откако Националната комисија ќе го одобри учебникот, тој е одобрен и од МОН и се распишува јавна набавка за негово печатење и доставување до училиштата.
Пред почетокот на учебната година од Бирото за образование при МОН добивме одговор дека за учениците од шесто одделение за кои не се обезбедени учебници пред почетокот на учебната година Бирото подготвило метаријали и прирачници за наставниците согласно новата концепција за основно образование.
„Материјалите за учење и Прирачниците за наставници ќе започнат да се објавуваат денес на нашата веб страница нa сите пет наставни јазици. македонски, албански, турски, српски и босански наставен јазик“, одговорија од Бирото за развој на образованието.
Дел од огласите за избор на автори за изработка на учебниците и дел од тендерите за печатење на книгите се распишани на почетокот на септември
На прашањето кои и какви промени се направени во учебниците и дали тоа е причината за нивното доцнење, од Бирото велат дека надлежна институција за целата процедура за изработка, редактирање, уредување и печатење на учебници е Педагошката служба при Министерството за образование и наука.
„Бирото за развој на образованието има изготвено Концепција за изработка на учебник и методологија за вреднување на учебник со која се утврдуваат со основни критериуми за изготвување на учебникот, критериуми за изготвување учебници по одделни предмети во основното и во средното образование и методологија за вреднување на учебник“, велат од Бирото за развој на образованието.
Освен задолжителни предмети во основното образование има и изборни предмети, за кои наставните програми ги изработуваат наставниците од училиштата.
„Наставните програми за задолжителните предмети и за изборните предмети се изготвени на национално ниво од страна на стручни тимови. Наставните програми по слободните изборни предмети ги изработува тим од наставници во рамки на училиштето, според листата на понудени изборни предмети во училиштето. Кај новите наставни програми фокусот е на учениците и резултатите кои ќе се постигнат од учењето. Секој ученик треба да биде вклучен во наставата независно од околностите, притоа треба да се овозможи поедноставно и пообјективно оценување, а учениците да се помотивирани и позаинтересирани за содржините кои ги учат“, ни изјавија од Бирото за развој на образованието.
Ниту еден родител не поднел претставка до ниту една институција
Правото на учениците да имаат еднаков пристап до учебници засега го брани само оваа Комисија која ја раководи Бендевска. Ниту Народниот правобранител, ниту Државниот просветен инспекторат немаат отворено случај за недостигот на учебници, бидејќи до нив не стигнала ниту една претставка од родителите чии деца се оставени без учебници.
Од Канцеларијата на народниот правобранител ни одговорија дека оваа учебна година до нивната канцеларија нема ниту една претставка од родител дека неговото дете нема учебници, за разлика од лани кога многумина реагираа. Од канцеларијата на Народниот правобранител изјавија дека во програмата за работа за оваа година не е предвидено да отворат ваков случај.
Според информациите што го добивме од Државниот просветен инспекторат ниту до нив н е стигната ниту една претставка од родители дека нивните деца немаат учебници.
„Државниот просветен инспекторат оваа учебна година нема добиено претставки од родители на деца во основните училишта дека сè уште не им се доставени учебници за оваа учебна година. Во однос на прашањето за дистрибуција на учебниците ќе ве упатиме да се обратите до Педагошката служба при Министерството за образование и наука“, одговорија од Државниот просветен иснпекторат.
УНИЦЕФ: Владата треба да обезбеди сите деца навреме да добијат учебници
Во изработка на новата концепција за основно образование со свои предлози беше вклучена и канцеларијата на Фондот за деца при Обединетите нации УНИЦЕФ во Македонија. На прашањето каков е нивниот став дека навреме не се обезбедени учебници и дека тоа е спротивно на Конвенцијата за заштита на децата според којас екое дете има право на еданков пристап до квалитетно образование од УНИЦЕФ одговорија дека учебникот е само една од алатките за квалитетно образование.
„Децата учат, развиваат вештини и знаења на многу различни начини. Меѓународните истражувања покажуваат дека квалитетната настава е сложен процес. Учебникот служи како вредно наставно помагало за поддршка на наставата и самостојното учење, но тоа е само една алатка. Очигледно е дека има доцнење во доставувањето на учебниците, но не треба да заборавиме дека наставниците се професионалци, а квалитетните наставници не се потпираат само на учебниците. Пристапите и средствата што ги користат наставниците вклучуваат, меѓу другото, дискусии во училницата, мултимедијални материјали, групна работа, работа на проекти“, велат од УНИЦЕФ за Само прашај.
Според канцеларијата на УНИЦЕФ во Македонија наставниците се способни да предаваат надвор од содржината што е опфатена во учебниците и дека од суштинско значење за квалитетот на наставата и учењето е поттикнувањето на учениците да истражуваат од различни извори и да дискутираат на прашања од нивен интерес.
„Доколку државата донела одлука да обезбеди печатени учебници, Владата треба да обезбеди процес на изготвување и одобрување на учебниците на начин што ќе овозможи сите деца навремено да добијат квалитетни учебници“, ни изјавија од УНИЦЕФ.
Од Педагошката служба на МОН, пак, нè упатија одговор за учебниците да бараме од Министерството, од каде велат дека и кај нив нема претставки од родителите, бидејќи најголем дел од учебниците се испорачани.
За предметите за кои учебниците ќе доцнат, изработени се дополнителни помошни материјали и прирачници
„Најголем дел од учебниците за основно образование кои се одобрени за користење од Националната комисија за учебници, беа испорачани пред почетокот на новата учебна година. Учебниците за трето беа испорачани во септември, додека во моментов во тек е испорака на учебниците за шесто одделение. Учебниците по странски јазици, исто така, се во постапка и наскоро очекуваме истата да заврши, по што и тие учебници ќе се испорачаат до училиштата. Преостануваат учебниците по странски јазици, кои се во постапка на одобрување“, ни изјавија од Министерството за образование и наука.
На прашањето како се одвива наставата по оние предмети за кои доцни испораката на учебниците од МОН велат:
„За оние предмети по кои се оцени дека испораката на учебници ќе доцни, за трето и шесто одделение, пред почетокот на учебната година беа изработени дополнителни помошни материјали за учениците и прирачници за наставниците, што помогна за организирање на наставата и полесно совладување на наставната материја“.
Ако новата концепција не функционира, треба да се промени
Според новата концепција за основно образование донесена во март 2021 година во делот на материјали и учебници стои дека МОН има обврска да обезбеди печатени учебници за учениците до трето одделение, додека за оние од шест до девето одделение може да обезбеди или печатен учебник или во електронска форма. Од Комисијата за заштита и спречување на дискриминација на прашањето дали со тоа се воведува и нов вид на дискриминација, бидејќи не сите училишта и не сите општини можат да обезбедат следење на наставата со дигитални учебници, велат дека токму таа ја донела и најголемата забуна околу учебниците.
„Прво, ќе реагирам на новата концепција. Новата концепција е донесена март 2021 година пред две и пол години. Новата концепција е донесена и потпишана со решение на тогашната министерка Мила Царовска на 03 март 2021 година и точно е во делот на наставни средства. Согласно оваа концепција под учебници или материјали стои дека ќе цитирам: ‘Ќе бидат подготвени учебници кои ќе бидат задолжително во печатена форма за ученици од прво до трето одделение а за учениците од четврто до деветто може да бидат во електронска или пеќатена формаИ. Овој акт донесен од министер не може да произведува повисоко правно дејство од постоечкиот закон. Законот за учебници во основно и средно образование во член два вели, учебник е основно наставно средство и извор на знаење за остварување на воспитно образовни цели утврдено со наставен план и програма во основното образование. Учебникот е индивидуално право на секој ученик и онака како што налага законот, секое дете има право да добие врз еднаква основа квалитетно образование и наставата да ја следи на мајчиниот јазик. Основна надлежност за обезбедување на основното средство за знаење ја има Министерството за образование и наука и од тоа бегање нема“, објаснува Весна Бендевска, претседателка на Комисијата за заштита и спречување на дискриминацијата.
Таа додава дека Комисијата нема за цел некого да казни или да тужи, но во случаи кога ќе утврди дискриминација да препорача нејзино остранување, а Министерството и покрај препораката дискриминацијата не ја отсранила.
„Министерот често се жали на предолгата преобемна постапка за добивање нов учебник. Тука се вмешани трите органи во состав на Министерството: Бирото за развој на образование, Педагошката служба, Државниот просветен инспекторат. Наспроти нив главниот филтер кој одлучува и дава одобрение за учебник е националната комисија за учебници. Владата ја формира со двегодишен мандат во законот пишува каков е персоналниот состав и доколку оваа процедура била проичина за доцнењето, му предложивме на министерот да предложи итни законски измени да најде начин како на побрз и поефикасен начин учениците да добијат учебници. Ако концепцијата создава вакви нееднаквости нека предложатт измена дополнување на таа концепција. За нас како комисија битен е резултатот. Најдете начин во вас се механизмите силата и општествената моќ да предлагате измени кои ќе водат до остранување на дискриминацијата“, вели Бендевска.
МОН од почетокот на учебната година единствено е постојано во најавите дека учебниците само што не стигнале во школите и никако не сака да ја преземе одговорноста за оддолжувањето. Но, она што загрижува уште повеќе е како се привикнуваме и ја прифаќаме ваквата конфорна состојба на немање учебници иако учениците наскоро ќе треба да ги добијат и оценките за првото тримесечје. Засега Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е осамена во битката за правата на децата.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.