fbpx

Секој закон што носи европско знаменце не значи дека е и со европска содржина

Фотографија со знамиња на Европската Унија и знаме на Македонија пред Владата на РСМ
  • Во програмата за работа на Владата само за 2023 година, предложени се вкупно 98 закони, од кои во 70 закони се предвидува пренесување на законодавството на ЕУ.
  • Употребата на европското знаменце е дозволена само за забрзување на реформите што се потребни за изедначување на македонското законодавство со европското.
  • Секоја година во извештаите на Европската комисија носењето закони по скратена постапка е нотирано како недоследност.
  • Со години наназад пратениците се претвораат во гласачка машина, одобрувачи на закони, без во парламентот да има аргументирана дебата.
  • Граѓанските организации апелираат политичарите да ја сменат матрицата и да отворат јавна расправа за законите.
 

Кога пред два месеци, Владата предложи измени на Законот за игри на среќа, кои би се донеле со европско знаме, уште еднаш се актуелизира прашањето: Колку кај законите што се предлагаат кај нас на ваков начин, со објаснување дека се во контекст на усогласување со регулативите на ЕУ, знаменцето всушност е само параван за нивно протнување по брза постапка.

Предлог-Закон за академија за судии и јавни обвинители, предлог-Закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, предлог-Закон за вршење на сметководствени работи, предлог-Закон за парнична постапка, предлог-Закон за изменување и дополнување на Законот за финансиските друштва, предлог-Закон за вештачење, предлог-Закон за Агенција за разузнавање, се само дел од законите со европско знаменце, при чие предлагање опозицијата бурно реагираше, бидејќи, според објаснувањето, биле доставени без изворен акт на правото на Европската Унија. Некои од нив се веќе донесени, а некои не.

Предлози на закони кои не се усогласуваат со европското законодавство/доставени без изворен акт на правото Европската Унија
Предлог-Закон за Академија на судии и јавни обвинители (во процедура)

Законот воопшто не треба да го носи знамето на ЕУ. Нема ниту една директива/регулатива односно нема изворен акт на законодавство на ЕУ со која се врши „усогласување“.

Предлог-Закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци (повлечен)

Предлог-законот беше предложен на 1.10.2020 година, без знамето на ЕУ, односно не се усогласуваше со правото на Европската Унија. Потоа на 6.08.2021 година беше предложен истиот предлог-закон, но со знамето на Европската Унија.

Закон за вршење на сметководствени работи (донесен)

Законот требаше да се предложи во редовна постапка без знамето на ЕУ, затоа што не станува збор за усогласување на националното законодавство со законодавството на ЕУ, бидејќи тие 2 члена кои се усогласуваат не се однесуваат на суштинско усогласување и не претставуваат системско решение.

Предлог-Закон за парнична постапка (во процедура)

Станува збор за процесен и двотретински закон, кој е исклучително комплициран во однос на толкувањето и примената на истиот. За вакви законски решенија мора да има поголема расправа и дискусија со стручни лица односно засегнати страни (судии, адвокати, нотари, извршители итн...), но и дебата и консензус помеѓу политичките партии.

Закон за изменување и дополнување на Законот за финансиските друштва (донесен)

Матична комисија за овој закон требаше да биде Комисијата за финансирање и буџет, бидејќи не станува збор за негово усогласување со правото на ЕУ и потребно беше повеќе време за негово разгледување. Наведено е дека законот се „усогласува“ со Регулатива (ЕУ) бр. 910/2014 на Европскиот парламент и на Советот од 23 јули 2014 година за електронска идентификација и доверливи услуги за електронски трансакции на внатрешниот пазар и за укинување на Директива 1999/93/ЕЗ.

Предлог-Закон за вештачење (во процедура)

Тој има 70 членови, а само 4 ставови се усогласуваат. Усогласувањето треба да биде со нашиот Закон за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, а не со Регулативата на Европската Унија.

Закон за Агенција за разузнавање (донесен)

Предлог-законот нема наведено изворен акт со кој се усогласува законодавството на Македонија со законодавството на Европската Унија.

Извор: ВМРО-ДПМНЕ

Од Владата велат од 2020 година до денес имаат утврдено и доставено до Собранието вкупно 46 предлог-закони во кои се врши усогласување со законодавството на ЕУ. Во програмата за работа на Владата за 2023 година, предложени се вкупно 98 закони, од кои во 70 закони се предвидува транспонирање на законодавството на ЕУ.

Број на усвоени закони со европско знаменце од 2017 до 2022 година. | Извор: Влада на Република Северна Македонија

Во првите шест месеци од оваа година предложени и планирани се 46 закони, од кои во 37 закони е предвидено усогласување со законодавството на ЕУ. Изминативе три години најмногу закони со европско знаменце предложиле Министерството за правда, Министерството за финансии и Министерството за внатрешни работи.

Брза постапка за усогласување со ЕУ или за лични интереси

Опозицијата укажува дека оваа е шемата којашто ја користи власта за да озакони постапки за лични интереси. Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието кој многупати алармира на оваа појава, тука посебно го посочува Законот за Агенција за разузнавање, кој доби европско знаменце.

„Безбедноста на државата е нешто што се решава внатрешно во секоја земја на ЕУ. Кај нас најдоа начин да се избегне процедурата и сериозните забелешки за поставеноста на оваа Агенција за разузнавање којашто е под покровителство на претседателот на државата“, објаснува Мицевски. Потоа го наведува и Законот за парнична постапка кој има 520 члена, од коишто во само 13 се спомнува приближувањето кон ЕУ.

„И наместо да се оди со 13 члена измена и дополнување на законот, ние одиме со ново законско решение за парнична постапка со европско знаменце само да не може да се реагира или по него повеќе да се дискутира“, смета Мицевски. Потоа тој ги споменува и законите за Академија за судии за јавни обвинители, за адвокатура... додавајќи дека ваквата постапка создава недоверба за идните закони што навистина треба да имаат ЕУ-знаменце.

„Од таков тип како што реков е и Законот за опојни дроги или така наречениот Закон за марихуана, затоа што нашата држава еден период беше фокусирана на производство, односно на фабрики за марихуана. Еве сега сме во фокусирани на фотонапонските централи. Како ќе дојде некоја власт и кои се нивните приоритети, тоа е приоритетно и тоа треба да помине со европско знаменце. Потоа во Законот за лекови се проба да се избегне процедурата преку законското решение за опојни дроги, па таму беше вметната целата онаа постапка за добивање на лиценци и одобрување на олеснителни околности и многу други такви законски решенија. За жал, како опозиција дел успеавме да ги спречиме овие закони за коишто сметаме дека не се во интерес на граѓаните и за коишто и граѓаните реагираат. Дел поради оваа легислатива успејаа да поминат, што не е добро. Ние сме во една фаза, во која во еден нареден период ќе треба целото законодавство да го доближиме до ЕУ, при што недовербата, односно сомнежот дека се вметнуваат и закони коишто немаат допирна точка нема да придонесе на ефективно и ефикасно разрешување, односно донесување на закони коишто следуваат во наредниот период“, објаснува Мицевски.

Мартин Костовски, заменик-претседател на Комисијата за политички систем, спротивно на Мицевски, вели дека во јавноста многупати се шпекулира дека се злоупотребува институтот „европско знаменце“.

„Европската Унија во својот извештај за работата на Собранието имаше своевремено своевидна критика за скратената постапка при донесување на определени законски решенија. И ако гледате аналитички колку опозицијата има поднесено закони по скратена постапка во Собранието, а колку власта, ќе видите дека е двојно повеќе, од страна на опозицијата. Меѓутоа, тоа не е оправдување. Не би кажал дека се злоупотребува европското знаменце, туку напротив Собранието се стреми да го спроведе она што ќе го достави Владата. И пак ќе повторам единствена институција која определува дали законското решение ќе биде со европско знаменце или не е Владата. Собранието постапува по однос на добиеното такво решение. Така што, мислам дека за сега, се работи врз основа на стремежот македонското законодавство да се усогласи со регулативите и целокупното законодавство на ЕУ, што и може да потврдиме дека е висок степенот на хармонизација на усогласувањето на двете законодавства“, смета Костовски.

За тоа дали има злоупотреба на европското знаменце во носење на закони на „мала врата“, без јавна расправа, се обративме за став и до Делегацијата на ЕУ кај нас. Оттаму, во писмениот одговор само се повикаа на Извештајот на Европската комисија од октомври минатата година, во кој во еден дел се посочува дека праксата на носење закони по скратена процедура и натаму е честа и мора да се намали.

„Остануваат предизвиците во однос на поефикасно планирање на процесот на донесување закони. Во 2021 година, Собранието донесе 213 закони, од кои 113 беа во редовна законодавна процедура, 81 по скратена постапка и 19 ратификации. Опозицијата ја оспори употребата на процедурата „ЕУ-знаменце“, брза постапка која има за цел усогласување на законодавството со она на ЕУ и блокираше неколку предлог-закони на ниво на комисии. Бројот на закони донесени во скратена процедура малку се намали, но и понатаму е висок. Овие постапки треба да бидат значително ограничени, бидејќи ги намалуваат можностите за инклузивни законодавни процеси и дебати“, се вели во одговорот од ЕК што го добивме.

Ставот што ние го добивме е на линија на изјавата на евроамбасадорот Дејвид Гир пред нешто повеќе од еден месец, одговарајќи на новинарско прашање за Измените на Законот за игри за среќа. Тој упати препорака до политичарите во земјава дека европското знаменце треба да се употребува само кога се во прашање закони што се поврзани со европските норми и стандарди, но не и да се користи за да се избегне јавна дебата при носење на важни закони.

Кога се на власт оправдуваат, кога се во опозиција критикуваат

За еден ваков закон да биде донесен со европски приоритет процедурата е тој да помине во матичната комисија и во Комисијата за европски прашања. Но, пратеникот Мицевски вели дека во пракса, законските решенија се праќаат веднаш во Комисијата за европски прашања. Таму предлогот се разгледува три работни дена, независно колку амандмани и да има. На пленарната седница секој може да дискутира по 10 минути и тука единствен филтер се опозицијата и јавноста, но мала е можноста да се направи нешто во оваа фаза. Овие закони најчесто се гласаат со просто мнозинство, иако за некои е потребно и двотретинско.

„Оној којшто решава дали едно законско решение ќе добие европско знаменце или не, е Владата. Владата го испраќа тој предлог-закон во Собрание, каде што службите на претседателот на Собранието го разгледуваат. Ние имаме таму цела една табела што треба да се пополни и да се објасни со која директива се приближува или на која се повикува. За жал, имавме закони на кои тие табели останаа празни, а продолжиле со постапка со европско знаменце. Затоа што целта на владиното коалициско мнозинство да се прати такво законско решение во Собрание, а претседателот на Собрание нема да го сопре. Кои се филтрите? Тоа може од страна на претседателот на Собранието со допис да се врати за да се исправи, односно технички да се дополни ова законско решение за да видиме на што се повикува“, ја објаснува процедурата Мицевски.

А, кога станува збор за критиките, дури и ако се од ЕУ, Мицевски вели дека на власта ѝ е полесно да ги издржи нив и да си ги истурка законите кои се во корист на поединци или мала група на луѓе.

Новинарката Мира Костиќ, која со години во различни периоди и за време на различна власт известуваше од Собранието, вели дека секоја партија кога оди на избори пред електоратот претставува своја програма и соодветно на тоа, кога ќе дојде на власт, сака да ја спроведе на дело. И во таа своја намера, партиите стануваат многу иновативни - ја користат секоја можност за надитрување на политичкиот опонент. Така, поучени од минатото дека некои закони и покрај времето и енергијата никогаш не го виделе светлото на денот, поради блокадата од опозицијата, наоѓаат нови начини да ги протнат. И ова секогаш е по принципот „кога се на власт оправдуваат, кога се во опозиција критикуваат“, вели Костиќ.

„Се користат закони по скратена постапка и во последно време да речам, во последните десетина години, се користи „европското знаме“, како можност да се надитри противникот и да се спречи блокирање на законот што сака да се донесе или измените на закон, којшто партијата на власт сака да ги озакони. Дали се злоупотребува? Од аспект на опозиција, да. Сите кога се во опозиција велат дека власта го злоупотребува европското знаменце. Од онаа перспектива што и јас можев да ја видам, за волја на вистината не сите закони коишто беа со европско знаме, имаа врска со усогласувањето со европската регулатива. Така што партиите си го тераат своето. А, разлики во однос на тоа кој повеќе, кој помалку, мислам дека се минимални и незабележливи“, вели Костиќ.

Списокот на невладините организации и здруженија кои го следат процесот на ЕУ-интеграција покажува дека најмногу закони за усогласување со европското законодавство се случувале во периодот помеѓу добивањето на кандидатскиот статус и визната либерализација, односно од 2005 до 2008-2009 година. Тогаш најголем број на закони испоред извештаите на Собранието, се поврзани со усогласување на законодавството со ЕУ.

За нив не е спорен бројот на закони коишто се носат со европско знаменце, туку значајно е колку суштински промени носи секоја промена на закон или носење на нов закон. Односно, во колкава мерка се пренесува европското законодавство - дали станува збор за одреден број на членови или пренесување на директивите во целост. Затоа е важно каква е промената којашто се носи. Власта треба да се стреми кон отворена дискусија, соодветно планирање на процесите, за да може да се овозможи сите засегнати страни да се вклучат во процесот на донесување на законите.

„Главниот инструмент на Европската комисија и Европската Унија за следење на напредокот на секоја земја кандидат е Извештајот за напредок, којшто Комисијата го подготвува секоја година. Работата на Собранието се следи во областа на демократски институции во групата темели, којшто според новата методологија има најголемо значење за пристапување. Во тој дел се следи, меѓу другото, и културата на дијалог во парламентот и процесот на донесување на закони. Се забележува, не би рекол критикува, меѓутоа се забележува и нотира кога опозицијата и останатите чинители од општеството укажуваат на пречесто користење или злоупотреба. Она што го посочува Комисијата и дава препораки е да не се користат скратената и итнатата постапка во донесување на законите кога тоа не е неопходно, и тоа е во насока да се овозможи отворен процес на донесување на закони и подобрување на дијалогот помеѓу политичките партии коишто нѐ претставуваат во парламентот“, вели Ристовски.

Политичарите не ги менуваат манирите, па поради тоа секоја година во извештаите меѓу другото стои истата забелешката. Од граѓанскиот сектор немаат податок која политичка гарнитура посебно се истакнала во ваквата пракса.

„Би рекол дека многу е користено, употребувано и злоупотребувано европското знаменце во изминативе приближно десетина години. Мислам дека во минатото многу повеќе од сега се употребуваше. Јас би рекол некогаш имаше злоупотреби, а некогаш имаше либерална употреба, така да речам, каде што се развлекува тоа значење, зашто е битно за усогласување со европското законодавство. Иако е проблематичен моменталниот состав на парламентот и е многу критикуван и во извештајот на Европската комисија и во други некои индекси, а гледаме и незадоволство во однос на јавноста и ниското ниво на доверба во парламентот, сепак би рекол дека по последната година малку е подигната свеста во парламентот, дека се користи многу помалку отколку што се користеше во минатото и дека се користи посоодветно“, вели Николовски.

Со години наназад пратениците се претвораат во гласачка машина, одобрувачи на закони, без парламентот да ја остварува својата улога на место за аргументирана дебата. Затоа и сомневањата дека сѐ што се носи со европско знаменце, не значи дека има и европска содржина. Правниците пак, посочуваат на уште еден проблем, а тоа дека се доведува во прашање и квалитетот и функционалноста на новата регулатива, бидејќи не се дава доволно време низ дебата темелно да се продискутираат предложените законски решенија.

  Оваа содржина ја подготви Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Наташа Јанчиќ Менковски
Снимател: Зоран Догов
Монтажа: Фани Гошевска Живковиќ