Четири маркети може да добијат милионски казни за договор за влијание врз цените

  • Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) открила дека ВЕРО, Тинекс, КАМ, Рептил и Сојузот на стопански комори (ССК) склучиле забранет договор за влијание врз цените, што претставува нарушување на конкуренцијата.
  • Ако се утврди дека има прекршокот, маркетите и ССК може да се соочат со казни до 10% од нивниот годишен приход за 2024 година, додека ССК дополнително може да биде казнет со 1% од приходот поради доставување лажни информации.
  • КЗК има електронска преписка и сведоштва од присутни лица кои потврдуваат координација меѓу страните.
  • Соопштение на ССК од 06.02.2025 година е причина за сомнеж за картелското здружување.
  • Вклучените страни имаат рок од осум дена да достават противаргументи пред донесување конечна одлука за евентуалните казни.

По откритието на Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) дека четири ланци маркети картелски се здружиле за да влијаат на цените во продавниците, Комисијата на 20 и на 21 овој месец изготви два заклучока за прекршочни постапки. Според документите до кои дојде Само прашај, а чија автентичност ни е потвредна, се работи за два заклучока.

Првиот документ е со Заклучок за поведување на прекршочна постапка од 20.02.2025 година и е против Сојузот на стопански комори (ССК), ВЕРО, Тинекс, КАМ и Рептил и нивните застапници, додека вториот Заклучок од 21.02.2025 година е само против Сојузот на стопански комори.

Во првиот Заклучок, за четирите маркети и ССК има сомнежи дека „на 05.02.2025 година во Сојуз на стопански комори на Македонија одржале состанок на кој склучиле договор и/или усогласено се однесувале, со што ја замениле состојбата на непречена конкуренција на пазарот со состојба на практична соработка помеѓу претпријатијата, чија цел е нарушување на конкуренцијата преку утврдување на заедничко однесување кон добавувачите што претставува постоење на евентуален прекршок од член 59 став (1) точка 1), а во врска со член 7 став (1) точка 1) од Законот за заштита на конкуренцијата“.

Заклучок за поведување на прекршочна постапка против ССК, Веро, Тинекс, Рептил и Кам.

Ако се утврди дека е направен прекршокот, четирите маркети и ССК ќе бидат казнети според член 59 од Законот за заштита на конкуренцијата или со 10% од вредноста на вкупниот годишен приход остварен во последната деловна година,  изразена во апсолутен и номинален износ.

За да биде појасно за какви суми станува збор, ако се земат во предвид приходите од 2023 година, а не од 2024 бидејќи сè уште ги нема официјалните завршни сметки, казните би биле милионски.

Приходи на ВЕРО, КАМ и Тинекс во 2023 година

Маркет Приходи (2023) Казна од 10% на приходите
Веропулос 102,6 милиони € 10,26 милиони €
КАМ 268,8 милиони € 26,88 милиони €
Тинекс 98,3 милиони € 9,83 милиони €

Според нашата проекција направена врз основа на завршните сметки за 2023 година (за 2024 година ќе се објават наскоро), доколку Комисијата донесе одлука за казнување на овие четири маркети, ВЕРО би требало да плати казна од 10,26 милиони евра, КАМ 26,88 милиони евра и Тинекс со 9,83 милиони евра.

Соопштение до медиумите ги откри картелот

Четирите ланци на маркети и Сојузот на стопански комори биле „фатени“ за картелско здружување после соопштението за јавноста објавено на 06.02.2025 година, а кое беше пренесено од медиумите. Во документите стои:

„По одржаниот состанок и меѓусебна координација по електронски пат помеѓу учесницитена состанокот, од ССК било испратено соопштение за јавност кое било објавено од медиумите на 06.02.2025 година. Во соопштението меѓу другото стои: Сојузот на стопански комори на Македонија направил ананлиза на пазарот на супермаркети наспроти добавувачи, која што ги детектира точките каде растат цените и каде треба да се интервенира... На состанокот, исто така, беше договорено меѓу сите малопродажни ланци и локални клучни партнери да не се примаат нови ценовници, минимум до крајот на првиот квартал оваа година“.

Ова, според КЗК е склучување на забранет договор и/или усогласено однесување помеѓу конкуренти. Дополнително за Комисијата во соопштението за јавност дадено од ССКМ спорно било и следново:

„На состанокот исто така беше договорено меѓу сите малопродажни ланци и локални клучни партнери да не се примаат нови ценовници, минимум до крајот на првиот квартал оваа година, со што ССК влијаел да ce стекне перцепција и кај другите претпријатијата кои вршат продажба на стоки на мало во неспецијализирани продавници, како и кај добавувачите дека ваквиот договор е постигнат помеѓу сите учесници на овој пазар и со тоа да влијае на однесувањето и на субјектите кои не биле присутни на состанокот“.

Поради сето ова, КЗК смета дека ССК претставува учесник во евентуално забранетиот договор (картел) и/или усогласено однесување како координатор.

Лица од ССК ја лажеле Комисијата и криеле информации

Вториот Заклучок, пак, е само против Сојузот на стопански комори застапувана од Трајан Ангелоски, и тоа поради доставувањето на неточни, нецелосни или податоци кои можат Комисијата за одлучување по прекршок да ја доведат во заблуда, што претставува прекршок согласно член 61 став (1) точка 1) и точка 2) од Законот за заштита на конкуренцијата.

Заклучок за поведување прекршочна постапка против ССК

Во пари, овој полесен прекршок би бил до 1% од вредноста на вкупниот годишен приход остварен во последната деловна година, изразена во апсолутен и номинален износ за која претпријатието или здружението на претпријатија има составена годишна сметка.

Инаку, прекршокот на ССК, според Комисијата за заштита на конкуренцијата е бидејќи двајца нејзини членови и тоа извршната директорка Сузана Јаневска и претседателот на Трговската комора при ССК Сашо Дуковски не ја кажувале вистината за состанокот на 05.02.2025 година кога четирите ланци на маркети и членови на Комората се договарале за картелско здружување и влијание врз цени во маркетите.

Комисијата за заштита на конкуренцијата им ја „фатила“ и – меил преписката каде што недвосмислено се утврдило дека на состанокот биле присутни и го организирале Дуковски, Јаневска, а присуствувале Трајан Ангелоски од ССК и четворица претставници на ВЕРО, Тинекс, КАМ и Рептил. Освен електронската преписка, двајца од присутните „пропеале“ пред КЗК и кажале кој се бил присутен.

Според Законот, откако се доставени заклучоците до сите маркетите и до Комората, тие во рок од осум дена можат да достават против аргументи, по што ќе се донесе конечна одлука дали ќе има казни или нема да има.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Горан Теменугов

Фото: Дарко Андоновски

Поврзани стории:

Градежен олигопол со поддршка на банките диктира астрономски цени на становите

Владата се меша во методологијата на Синдикатот за да ја намали синдикалната кошница