fbpx

Битката со семејното насилство се добива со навремено пријавување и брза реакција на институциите

  • Во изминатите три години се регистрираат по шеесетина нови случаи на семејно насилство годишно, а вкупниот број до лани е над илјада.
  • Најалармантен е податокот од лани кога имало дури седум фемициди и два обиди за убиство.
  • Недовербата во институциите, срам, страв и непрепознавањето на другите облици на насилство освен физичкото, најчесто се причина за задоцнето пријавување или непријавување.
  • Македонија има ратификувано бројни меѓународни конвенции, а направени се и законски измени и се спроведуваат обуки.
  • Како причина за континуираниот тренд на висока стапка на семејно насилство невладините организации го посочуваат немањето ефективна заштита.
 

Расте бројот на жртви на семејно насилство во земјава, покажуваат бројките на Министерството за внатрешни работи. Статистиката бележи по шеесетина нови кривични дела коишто се случуваат во домовите изминативе три години. Бројот на жртвите веќе пет години надминува илјада. Меѓу жртвите на семејно насилство има од двата пола, иако над 80 проценти се жени. Или само во изминатата година, од вкупно 1.191 жртви на семејно насилство, 942 се жени, а 249 се мажи. Таков е соодносот и ако се види целиот период од 2018 година заклучно со лани.

Според овие податоци, ваквите случаи на семејно насилство завршуваат и со обид за убиство, но и со убиство. Така, во овие 5 години од кога се анализирани податоците во нашата сторија, најалармантен е податокот од лани кога имало дури седум фемициди и два обиди за убиство.

Табеларен приказ на семејно насилство 2018-2022 година

Извор: МВР

Коментирајќи ги официјалните податоци, невладините организации кои ја следат оваа проблематика велат дека бројката на вакви случаи е поголема, пред сè поради тоа што има случаи кои остануваат непријавени. Или, според нивните проценки, секоја втора жена во земјата трпи психолошко, а секоја трета - четврта физичко насилство.

Пријавување во центар за социјална работа

Срам, страв, непрепознавање на другите облици на насилство освен физичко како и недовербата во институциите, најчесто се причина за задоцнето пријавување. Психолошкото, емоционално насилство и контрола траат со години пред да се случи инцидент по кој жртвата ќе одлучи да го пријави. Жртвите може да останат во токсична врска, особено ако не ја добијат потребната институционална поддршка и ако нема каде да одат поради економска зависност, невработеност или ниски примања.

Од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) ги охрабруваат жените да не трпат, да побараат помош, да пријават во најблискиот центар за социјална работа, во полициска станица или во граѓанските здруженија. Лидија Штерјов, раководителка на Одделението за социјално вклучување при Секторот за социјална заштита, вели дека пријавувањето е индивидуален пристап - некои се охрабрени да пријават од првото насилство, некои никогаш не наоѓаат храброст.

„Знаеме дека сите жртви кога живеат во насилна средина, тие живеат во еден волшебен круг и тешко доаѓаат до одлука, до храброст да го пријават тоа. Некои жртви пријавуваат веднаш кога е направено насилството, некои по два месеца, некои после една година, некои после пет, а некои жртви воопшто и не сакаат да го пријават насилството. Затоа најбитно на нас како институција ни е да ги охрабриме жртвите да можат да го пријават, каде да го пријават тоа насилство, дека има институции и здруженија на граѓани кои даваат поддршка, даваат заштита на жртвата, но исто така и спрема сторителот се преземаат мерки за да се прекине насилството“, вели Штерјов.

По пријава за насилство, центарот за социјална работа мора да постапи веднаш, најдоцна во рок од 12 часа од добиено сознание за родово-базирано или семејно насилство и да преземе мерки за заштита на жртвата во согласност со процената на ризик.

„Проценка на ризик е сериозноста од опасноста по животот, физичкиот и психичкиот интегритет, не само на жртвата туку и на членовите на самото семејство. При процената тие ги земаат предвид околностите кои се специфични за секој поединечен случај и при предлагање на мерките и активностите или специјализираните услуги се водат по индивидуалните потреби на жртвата. Ја сместуваат жртвата ако во моментот има потреба од сместување во центар за жртви на семејно или родово-базирано насилство, ѝ се овозможува правна помош и застапување ако жртвата има потреба од тоа, или ако ѝ е потребна само услуга во советувалиште. Покрај овие мерки на заштита што ги презема центарот за социјална работа, тој може да достави и предлог барање до суд за изрекување на привремени мерки за заштита спрема сторителот“, објаснува Штерјов.

Постапката почнува по добиено сознание по службена должност, од жртвата, по пријава од граѓанин, службено лице, институција, организација. Во случај кога како жртва се јавува дете или лице кое не е во можност да се грижи за себе, центарот презема мерки за заштита, без оглед дали постои согласност од старателот. Центарот ја згрижува жртвата и обезбедува здравствена, психо-социјална помош, социјално и здравствено осигурување, обезбедува помош за редовно школување како и правна помош и застапување и вработување. Децата привремено се доделуваат на грижа и воспитување на родителот-жртва. Ако по процена на ризик надлежните констатираат дека насилникот ќе посегне по животот на жртвата, се сместува во шелтер центри.

На територијата на Македонија има 13 центри за згрижување на жени и деца жртви на семејно насилство кои работат 24 часа, како и 10 советувалишта за жени жртви на насилство и 8 советувалишта за психо – социјален третман за сторителите на насилство.

Советувалишта и засолништа за жртвите

Од советувалиштето „Првиот семеен центар“ во Скопје велат дека жртвите не треба да чекаат да настанат тешки физички повреди за да побараат помош. Таму веќе една деценија жртвите можат да добијат психо-социјален третман за да можат полесно да донесат одлука како понатаму.

Реинтеграцијата на жртвите на семејно насилство е едно од потешките прашања

Во советувалиштето услуги добиваат жртви на семејно насилство, сторители на семејно насилство, малолетни деца кои живеат во семејства со семејно насилство и се директни или индиректни жртви на насилство, како и други членови од семејството засегнати од насилство. Центарот нуди советувања за социјални права, како и правна помош и поддршка. Советувањето е бесплатно и доверливо. Може да биде доброволно од самиот клиент или задолжително по изрекување на соодветна мерка.

Лани 180 клиенти побарале психосоцијален третман и поддршка во првиот семеен центар. 50 проценти од барателите на помош биле жени-жртви. Имало 33 малолетни деца како директни и индиректни жртви и 54 родители и други членови на семејството засегнати од насилство. Физичко, психолошко и економско насилство се најчестите облици, а поретко станува збор за сексуално насилство. Корисниците на услугите се од сите возрасти, почнувајќи од 10 години па нагоре.

Корисници на услуги на првиот семеен центар во Скопје 2022 година

Извор: Прв семеен центар во Скопје

Оние на кои животот им е загрозен се сместуваат во посебни домови далеку од очите на сите. Жртвите со деца можат да останат во центарот 3 месеци, по процена на ризик може да се продолжи уште три месеци заштита, а во инцидентни и високо ризични ситуации, жртвата со децата има право да остане во центарот една година.

Струмичкиот центар за жртви на семејно насилство, пак, постои три години и бил засолниште за 51 лице. Најчесто таму престојувале мајки со малолетни деца, но имало и случаи кога децата биле над 18 години. Физичко и психолошко насилство биле причина поради кои го напуштиле семејниот дом. Најмладата жена жртва била на 20 години, највозрасната на 74 години. Најмалото дете било на тримесечна возраст.

Жртвите добиваат психо-социјална поддршка, а со нив се работи и на подигање на самодоверба. Само 5 проценти од жртвите самоиницијативно се вратиле во семејниот дом, но сепак со доза на мала оправданост која ја носи различноста на ситуацијата.

Бесплатна правна помош и реинтеграција

Дваесет години жртвите на семејно насилство добиваат бесплатна правна помош и психолошко советување од невладината организација ЕСЕ. Жртвите бараат помош од оваа организација по препорака од центар за социјална работа или самоиницијативно. Досега помогнале на повеќе од 4.000 жени. ЕСЕ даваат правни совети, изготвуваат писмени поднесоци кои се потребни во постапките пред надлежните институции и судови за решавање на насилството, но и на поврзаните правни проблеми со кои се соочуваат жените како што се развод на брак, старателство, издршка за децата, делба на имот, надомест за штета, а обезбедуваат и адвокат за судските процеси.

Економската зависност на жртвата е една од причините поради која останува со насилникот, па центарите за социјална работа ѝ помагаат економски да зајакне. Ја пријавуваат во центар за вработување за активно вклучување на пазарот на труд преку обуки, преквалификации, доквалификации или пак помош за почнување сопствен бизнис. Државата ги субвенционира платите на лицата што потешко се вклучуваат на пазарот на труд, а во оваа категорија спаѓаат и жртвите на семејно насилство. Пред две години 94 жртви на семејно насилство биле повикани за работа по добиено известување од центар за социјални работи, додека само една третина од нив биле вклучени во активни програми и мерки за вработување.

Податоци за број на жртви на семејно насилство вклучени во програма за економско јакнење

Извор: МТСП

Минатата година, Центарот за социјална работа во Агенцијата за вработување упатил 136 жртви.

Клучна е точната квалификација на делото

Од МТСП велат дека за да се стави крај на случаите на семејно насилство, од пред две години надлежните кај кои се пријавуваат имаат прашалници кои ги пополнуваат за да можат точно да го квалификуваат делото.

„Тоа се прашања за податоците кои треба да ги извлечат од жртвата и кои им помагаат брзо и соодветно да ја завршат проценката на ризик. За сите професионалци да постапуваат како што налага законот, се одржуваат и обуки за препознавање на насилството и постапката како да се постапува со жртвата. Тоа е еден сет на обуки за професионалците од центрите за социјална работа, здравствените установи, судовите - сите надлежни институции, вели Лидија Штерјов од МТСП.

Македонија е меѓу првите земји што ја потпиша Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жени и семејно насилство, која стапи на сила во јуни 2018 година. Со ова, државата се обврза да преземе законодавни и други мерки заради обезбедување на правна институционална и организациска рамка за превенција на насилство врз жените, заштита на жртвите на насилство, како и казнување на сторителите на насилство.

Навременото пријавување е клучен елемент на решението

Со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство од 2021 година се уреди постапувањето на институциите, со должно внимание при преземање мерки за превенција од родово–базирано и семејно насилство, постапувањето на институциите за заштита на жените од родово-базирано и семејно насилство, меѓусебна координација на институциите и организациите, како и услуги за заштита на жртвите.

Законите се добри, само треба да се спроведат во пракса

Сепак, од ЕСЕ забележуваат дека односот на институциите кон семејното насилство е пасивен и декларативен веќе 20 години. Има закони и стратегии, но во пракса треба да се работи. Како причина за континуираниот тренд на висока стапка на семејно насилство го посочуваат токму немањето ефективна заштита.

Ваквата состојба е констатирана и од меѓународните тела за заштита на женските човековите права, каде што Македонија поднесува периодични извештаи за степенот на спроведување на меѓународните конвенции кои ги има ратификувано како држава. За илустрација, на пример, од 2005 година Македонија известува пред Меѓународниот комитет за елиминирање на дискриминација врз жените на ниво на Обединетите Нации. Досега има поднесено шест периодични извештаи и во заклучните согледувања од ова тело 10 проценти од она што е позитивно оценето се однесува на усвојување на закони, политики и стратегии на оваа поле, додека останатите 90 проценти од препораките или она што е утврдено како области на загриженост се однесува на нивното неспроведување во пракса. Како резултат на тоа имаме висока застапеност на семејното насилство, отсуство на систем за собирање податоци преку кое би се следеле состојбите со насилството врз жените и семејното насилство, како и недостаток на правни, психолошки, социјални и здравствени услуги за заштита, вели Стојан Мишев од невладината организација ЕСЕ.

Да зборуваме на темата, но и да реагираме кога се случува насилството

Од Фондот за население на Обединетите Нации – УНФПА, кој со поддршка на Британската амбасада во Скопје со години ги поддржува институциите и граѓанскиот сектор во унапредување на системот за заштита и спречување на насилството врз жените и семејното насилство, велат дека за справување со проблемот клучно е да се спроведува Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство од 2021 година, кој е целосно усогласен со одредбите на Истанбулската конвенција. Од таму потенцираат дека неопходно е да се имплементира целосна програма за реинтеграција на жртвите и преживеаните и да се јакнат капацитетите на институциите и организациите. Како новина се истакнува работата со сторителот за да се прекине кругот на насилството, како и подигање на свеста преку медиумите. Реинтеграцијата на жените и девојките жртви на семејно насилство во својата заедница ја издвојуваат како едно од потешките прашања.

Треба да се продолжи со подобрување на услугите за жртвите на насилство

Поддржавме изработка на сеопфатна програма која ќе биде водечка алатка во процесот на реинтеграција на жените и девојките жртви во заедницата. Борбата против насилството врз жените и девојчињата е процес која бара, од една страна, целосна вклученост на институциите и организациите, а од друга страна бара заеднички напори на целокупната јавност - семејството, образованието, институциите, медиумите, невладините организации и поединците да работат на хармоничен и интегриран начин за намалување на насилството. Зајакнувањето на жените и девојките жртви бара координација и соработка помеѓу различни сектори и постоење на ефективни и достапни услуги кои ќе придонесат за нивна реинтеграција во општеството и нивното право да живеат безбедно и достоинствено“, вели Жаклина Гештаковска – Алексовска од УНФПА.

Од УНФПА посочуваат дека треба да се продолжи со подобрување на услугите за жртвите на насилство за тие да бидат унапредени, пристапни и достапни, но и на системот за да може соодветно да се работи со сторителите на насилството и на превенција.

„Подеднакво е важно постојано да зборуваме на темата, но и да реагираме кога се случува насилството, да препознаеме дека насилството има различни форми и да ги зајакнеме девојчињата и жените да препознаваат и да не толерираат насилство. Работата со момчињата и мажите, и тоа уште од најмала возраст, е најдобриот начин да градиме здрави поколенија. Само така ќе создадеме општество на еднаквост“, истакнува Гештаковска – Алексовска.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Наташа Јанчиќ Менковски
Снимател: Зоран Догов
Монтажер: Ристо Душковски
 

Овој производ е подготвен во рамки на проектот „Превенција и заштита од родово-базирано насилство во Северна Македонија“ финансиран од Владата на Обединето Кралство, со поддршка на Британската амбасада Скопје. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската Влада.