- Според последните јавно достапни податоци, над деветстотини лекари си заминале од јавните здравствени установи во последните три години, од кои повеќето во странство.
- Во Агенцијата за вработување заклучно со почетокот на мај, 298 лекари се водат како невработени, а повеќето вработување чекаат најмалку една година, главно доктори по медицина или општи лекари.
- Многу помалку лекари по нострификација на дипломата побарале и лиценца за работа во Лекарската комора.
- Како што доаѓа секој нов министер во здравството, така носи ново решение како да се справи со проблемот.
- Едно од решенијата за задржување на младите лекари кај нас е уште при самото студирање, државата да ги обврзе да работат во јавните здравствени установи, но не како што беше претходно со огромни парични казни.
Недостигот на лекари и медицински кадар со години наназад се посочува како еден од главните проблеми во здравството. Постојано се зборува за одлив на кадар од јавните здравствени установи, лекари и медицински сестри кои заминуваат да работат во странство или пак во приватните болници.
Според последните јавно достапни податоци, над деветстотини лекари си заминале од јавните здравствени установи во последните три години, од кои повеќето во странство. Здравствените власти како одговор на овој проблем постојано ветуваат промени со кои ќе се обезбедат и поголеми плати, но и подобрување на условите за работа во болниците и клиниките, за да се задржат и младите лекари, но и искусниот кадар.
Тоа е едната страна. Но, од друга страна, според податоците од Агенцијата за вработување заклучно со почетокот на мај 298 лекари се водат како невработени, а повеќето вработување чекаат најмалку една година. Од нив поголемиот број се доктори по медицина или општи лекари.
Најголем број или 279 лекари се доктори по медицина, и од нив најмногу невработени се во Тетово – 39, потоа во Скопје 27, во Гостивар 26, во Струмица 21, во Прилеп 18, во Куманово 17, во Охрид 16, во Битола 11, во Кочани 9, во Крива Паланка 7, во Ресен 6, по четири невработени лекари има во Гевгелија, Кавадарци, Кичево, Неготино и Пробиштип, во Валандово и Дебар по тројца, а по двајца невработени лекари има во Делчево, Демир Хисар, Кратово, Радовиш и Свети Николе. Во Крушево еден лекар се води како невработен.
„Според времето на чекање на вработување, 215 невработени доктори по медицина чекаат на вработувње до една година, 54 невработени лица чекаат на вработување од една до три години и десет невработени доктори по медицина чекаат на вработување четири и повеќе години“, велат од Агенцијата за вработување.
Според податоците од Агенцијата заклучно со мај годинава, како невработени се водат и 19 доктори специјалисти: во Гостивар работа чека еден кардиолог, во Струга еден кинезотерапевт, во Скопје еден педијатар, во Велес еден специјалист по училишна медицина, додека тројца специјалисти по општа медицина се невработени во Струмица и по еден во Велес, Делчево, Крива Паланка и Штип. Има и невработени специјалисти клинички логопеди - по еден во Велес, Кавадарци, Тетово и Струмица, еден невработен специјалист по орална хирургија во Скопје, еден невработен специјалист по детска и превентивна стоматологија во Кавадарци, во Ресен еден специјалист по пародонтологија и во Струга еден специјалист по стоматолошка протетика.
Како што може да се види, сите тие се од разчични области, но она што им е заедничко е дека речиси сите чекаат на вработување до една година.
Секој министер со нова надеж и ново разочарување
И како што доаѓа секој нов министер во здравството, така носи ново решение како да се справи со проблемот и притоа бара трпение, со објаснување дека лекари нема доволно, особено лекари специјалисти по одредени специјалности и дека за нови кадри е потребно време. Честата смена, пак, на министрите влијае на спроведување на започнатите реформи.
Докторите по општа медицина најчесто работат во примарното здравство или како матични лекари. За проблемот со недостиг на матични лекари постојано алармира и Здружението на приватни лекари. Претседателката Лилија Чолакова Дервишова, уште пред пандемијата предупредуваше дека нема доволно матични лекари особено во помалите градови, каде со пензионирање на нивните колеги нема кој да продолжи и се затвораа цели амбуланти.
Пред четири години тогашниот министер за здравство Венко Филипче вети дека проблемот со недостиг на матични лекари ќе го решава со субвенции за специјализации по семејна медицина. Тој тогаш посочи дека по теренската снимка направена со Светската банка и Светска здравствена организација утврдиле дека во одредени региони недостигаат над 350 матични лекари и дека еден од начините за да се унапреди примарната здравствена заштита е стимулирање на семејната медицина, а акцент да се стави на превентивните програми.
За една година се сменија двајца министри: Беким Сали го наследи Филипче (јануари 2022), а Меџити дојде на местото на Сали (февруари 2023)
А токму матичните лекари го понесоа најголемиот товар за време на пандемијата. А токму пандемијата беше причина дел од промените кои ги бараа лекарите да бидат запрени. Со смената на Филипче и со доаѓањето на Беким Сали за прв човек во здравството, нивните барање повторно се актуелизираа. Ситуацијата ескалираше лани во март кога матичните лекари организираа протест, поради тоа што некои добија казни од Фондот за здравствено осигурување, за кои лекарите тврдеа дека се технички пропусти. Тие тогаш бараа да се промени и казнената политика, да се олесни препишувањето на хронична терапија, како и да се направат измени за да не се затвораат амбулантите кога докторот заминува во пензија.
Младите лекари заминуваат поради административните потешкотии да влезат во здравствениот систем
Лекарите велат дека често се зборува дека висината на платите се првата причина поради која си заминуваат, особено младите лекари, од јавните здравствени установи, но според нив тоа е дури трета или четврта причина. Први и глаен проблем, според нив, е партизацијата и административните процедури што треба да ги поминат за да се вработат.
„Генерално, главниот проблем што тука настанува е со самата промена на одреден тип на власт, пред се медицинска власт, што за жал се случува многу често во последните неколку години, се сменија четри или пет министри. Секој министер доаѓа со посебно решение, кое се само за неговата моментален мандат, и по негово заминување или не се имплементираат или престануваат да се имплементираат. Главниот проблем на кој секогаш алудираме во Македонија е административниот проблем. Имаме потешкотии по самото завршување на факултетот и внесување на лекарите во системот“, вели д-р Бојан Трајковски од Асоцијација на специјализанти и млади лекари, кој работи како општ или избран лекар.
Тој објаснува дека често слушаат изјави од министрите дека има потреба од лекари, но дека такво нешто не се спроведува и во пракса.
„На пример, од времето на Венко Филипче државата вети дека по завршување на медицинскиот факултет се гарантирра шестмесечна пракса во државна институција. За таков вид на пракса колегите чекаат и по една година, што е недозволиво, бидејќи младиот лекар шест до седум години вложува во своето образование и во одреден момент треба да влезе во системот. Затоа велиме дека не е толку проблем финансискиот дел колку неизвесноста со која се соочуваат“, вели д-р Трајковски.
Втора причина поради која, пред сè младите лекари заминуваат од државата, според него е тоа што и едукацијата станува се полоша. Смета дека тука мора да се делува, бидејќи во државата има три медицински факултети во Скопје, Тетово и Штип, и треба да се подобрат сегашните услови.
„Мора да почнеме да делуваме на производство на квалитетен кадар, а не на квантитет на кадар, на што се повеќе се гледа, а особено што веќе почна да се зборува за отворање на нов факултет кој ќе биде приватен на клиничка болница ‘Систина’. Потребно е донесување на национална стратегија од која нема да излегуваме, да работиме сите задно како ние како невладини организации, така и државата заради тоа што е заеднички интерес да останеме тука. Не секогаш парите се битни, туку административното олеснување за влегување во системот на здравството“, вели д-р Трајковски.
Одливот на кадар најмногу се чувствува надвор од Скопје
Во регистарот на Лекарската комора евидентирани се 9.384 активни лиценци на доктори од кои 4.434 се лиценци за работа на лекари во примарна здравствена заштита, а 5.947 лиценци на лекари специјалисти кои работат во секундарна и терциерна здравствена заштита. Претседателката на Лекарска комора д-р Калина Гривчева Старделова вели дека толку активни лиценци има во регистарот, но тоа не значи дека сите лекари се активни, бидејќи дел од нив се веќе пензионирани, а сѐ уште имаат важечка лиценца.
Според неа одливот на кадар од земјава е проблем, но дека тоа не се случува само во Македонија, туку секаде во светот - нашите лекари најмногу заминуваат во Германија и Хрватска, лекарите од Словенија најчесто заминуваат во Англија...
Од друга страна таа посочува дека не треба да се занемари фактот дека секоја година има и нови кадри и дека Лекарската комора од 2017 година наваму издала 2.266 лиценци на доктори од примарна здравствена заштита и 1.309 лиценци за работа на лекари специјалисти.
За тоа колку одливот на кадар може да го покријат новите лекари кои завршуваат, според д-р Гривчева Старделова засега доволно лекари има само во Скопје, додека во другите градови тој недостиг на кадар сериозно се чувствува.
„Имаме доста болници, во нашата држава се регистриран 79 болници, но кога ќе се пребројат бројот на пациенти каде се лекуваат, околу 70 отсто се на клиниките во Скопје и во градските болници ‘8 Септември’ и Градската хируршка болница и Детската болница во Козле. Делува како скопските болници да ги покриваат сите потреби иако имаме убави и модерни болници во државата. Треба обнова на кадар, но треба и ние да направиме повеќе тие лекари да останат таму каде што живеат“, вели Гривчева Старделова.
Пред пандемијата Лекарската комора направила акција да собере податоци од јавните здравствени установи според систематизацијата колку лекари им се потребни од кои специјалности и со колку кадар располагаат. Но, за жал не добиле одговор од сите.
„Генерално делува дека овој јаз се прави откако ќе се прати човек на специјализација, до пензионирање и доаѓа до недостиг на луѓе. Факултет завршуваат доста млади доктори имаме три медицински факултети во нашата држава. Мислам дека треба да се работи на тие млади луѓе, кога ќе завршат факултет, да се насочат да останат во земјата. Некои од нив паралелно учат германски додека студираат, но некои не. Некои имаат идеја да живеат овде кај што им се семејствата. Само треба да им се помогне“, вели Гривчева Старделова.
За нов лекар потребни се од седум до десет години студии и пракса
Медицинскиот факултет важи за еден од најтешките, каде и времето на студирање трае подолго. Но, тука не е крајот. За еден лекар да може да почне да работи од почетокот на студиите до добивање лиценца за работа во најдобар случај се потребни шест години и шест месеци, објаснува д-р Трајковски.
„Во принцип, велиме дека се студира шест години, бидејќи е пет плус една, од кои пет години се теоретска наства, а последната е практичен дел. По завршување на тие шест години добиваме дипломирани доктори по општа медицина, но не сме оспособени да работиме во здравство, бидејќи треба да добиеме лиценца за работа. Лиценцата се добива од Лекарската комора, за што работиме дополнителни шест месеци практична работа, која е неплатена и влегува во делот на тој образоваен процес. Тоа е најдоброто сценарио во кое велиме образование шест години и плус шест месеци практичен дел, но има колеги кои подзаглавуиваат, бидејќи Медицинскиот факултет е потежок, има и его од страна на одредени професори кои намерно ги буткаат студентите“, објаснува д-р Трајковски.
Со овие шест години и шест месеци студирање и практична работа, лекарот добива право да полага државен испит за добивање лиценца за работа, со што станува лекар по општа пракса. Доколку лекарот се одлучи да оди на специјализација потребно е уште шест месеци да има платена пракса, како услов за запишување на специјализација, а државата гарантира дека ќе му овозможи да ја добие таа шестмесечна пракса. Со измените кои беа направени, како шестмесечна платена пракса се смета ако докторот работи шест месеци и во примарна здравствена заштита. Со тоа го исполнил условот за специјализација.
„На хартија тоа е еден период од седум години, но најчесто се продолжува до девет години до издавање на лиценца и на крај самото вработување, кое за жал е се потешко. Има огромен број колеги кои имаат проблеми, зборувам за колеги кои сега завршуваме. Ова од шест години и шест месеци е за доктор по општа медиоцина. А специјализаците траат од три до шест години зависно од типот на специјализацијата. Тоа е еден доготраен процес, кој може да трае и околу петнаесет години. Но, мора да споменеме дека по завршување на медицинскиот факултет ако младиот лекар добие државна специјализација паралелно оди и вработувањето“, вели д-р Трајковски.
Иако во јавноста доминира мислењето дека лекарите најчесто по завршување на студиите или по завршување на специјализацијата заминуваат, проверивме дали има и такви кои своето образование го завршиле надвор од земјата, а потоа се вратиле овде и останале да работат.
Според податоците од Министерството за здравство, Министерството за образование и Лекарската комора има и наши државјани кои медицински факултет или специјализација завршиле надвор од Македонија, а потоа се враќаат и бараат нострификација на дипломите и лиценца за работа.
Никој не води евиденција
Сепак, бројките што ги добивме за бројот на лекари кои бараат нострификација на диплома, со бројот на лекари кои потоа побарале и дозвола за работа од Лекарската комора се различни, односно многу помалку лекари по нострификација на дипломата побарале и лиценца за работа.
Така, според податоците од Министерството за образование и наука од 2017 година досега нострифицирани се 687 дипломи за завршен медицински, стоматолошки и факултет за фармација во странство, од кои во 2017 година 78, во 2018 година 117, во 2019 година 132, во 2020 година 50, во 2021 година 172 и во 2022 година 138.
Од МОН ни одговорија дека досега се доделени вкупно 6 стипендии за студирање на студиски програми од прв циклус од областа на медицина и биомедицина. Министерството за здравство кое ги одобрува и нострифицира дипломите на лекарите кои студирале надвор од државата од 2017 година, заклучно со мај годинава нострифицирале 103 дипломи на лекари специјалисти.
Најмногу нострифицирани специјализации има од областа на офталмологија - 13, гинекологија 11, општа хирургија 7 , кардиохирургија 7, кардиологија 7 и ортодонција 7. Другите области се: епидемиологија, микробиологија, медицинска биохемија, семејна медицина, стоматолошка протетика, абдоменална хирургија, ОРЛ, максилофацијална хирургија, дерматовенерологија, радиологија, неврологија, педијатрија, нефрологија, психијатрија, ортопедија, пластична хирургија, фармацевтска технологија, орална хирургија, медицина на трудот, ендокринологија, хематологија, урологија, анестезиологија, физијатрија, велат од Министерството за здравство.
Од Министерството за здравство објаснуваат дека лекарите специјалисти кои завршиле специјализација во странство се најчесто во земјите од Европа, а по една специјализација се стекнати во Америка, Русија и Кина. Државата доделила 25 стипендии за финансирање на специјализанти на кои им се признати нивните специјализации. Но, податоците од Лекарската комора покажуваат дека бројката на лекарите кои по нострификација на дипломите стекнати во странство доаѓаат да побараат лиценци за работа е многу помала.
„Од 2017 година до сега имаме издадено 69 основни лиценци, лиценци за примарна здравствена заштита со нострификација од Министерство за образование за завршен факултет во странство. Најмногу лиценци се издадени на доктори кои медицински факултет завршиле во Косово, тоа се 21, од Албанија 11 од Русија 11 и од Бугарија 10. За специјализациии и супспецијализации од 2017 година до сега имаме издадено 20 лиценци. Дел од нив се издадени на доктори кои доаѓаат во приватни болници кои доаѓаат за помош, за одредени зафати на одреден период“, вели д-р Гривчева Старделова.
Тоа се главно наши државјани, но има и странци кои се венчале со наши државјани и дошле во Македонија, тука останале и работат како лекари.
„Има и странци кои зеле наше државјанство и нив не ги водиме како странци, туку како наши државјани. Имаме неколку во најава од Канада и Германија, кои работат во тие земји, но кои сакаат да дојдат и тука да работат. Имаме една колешка која работеше во Америка, и во периодот за релиценцирање се врати и работи тука. Животните околности ги прават многу помобилни работите. Не е дека сите што ќе отидат ќе останат таму. Имаме и контакти со многу луѓе кои се отидени и кажуваат дека е тешко, тешко е да не си дома и секаде си странец, кога конкуренцијата е поголема меѓу странците им е уште потешко“, вели проф. д-р Гривчева Старделова.
Министерството за здравство не располага со податоци колку од лекарите кои нострифицирале диплома за специјализација, ниту колку од оние на кои МОН им нострифицирало диплома за завршен медицински факултет се вработени во јавните здравтвени установи.
Податоци за тоа колку нови лекари во последните години се вработени во јавните здравствени установи нема ниту Министерството за финансии, од каде велат дека не располагаат со такви податоци и упатуваат на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување.
„Министерството за финансии до буџетските корисници доставува само известување дали во буџетот на буџетскиот корисник, кој поднел барање, има доволно финансиски средства за реализација на ново вработување“, велат од Министерството за финансии.
Државата да им гарантира работа на лекарите додека студираат
Лекари велат дека има начин да се сменат состојбите и да се задржат младите лекари во земјата, но не се сигурни дали има воља. Според д-р Трајковски тие што заминале од Македонија најчесто и остануваат надвор од земјата, а едвај 0,01 отсто се вратиле назад.
„Начин за задржување на младите лекари има, но тоа треба да почне во самиот зачеток на студиите, а тоа значи со самото запишување на Медицински факултет. Ние имаме потреба од лекари, прво треба да се направи анализа каде има потреба од лекари и каков тип на лекари имаме. Затоа е потребна таа национална стратегија и за студирање и специјализирање, а потоа и за вработување на тие колеги. Еден од најголемите проблеми што го спомнав со администрацијата е префрлање на топката, едно од Министерството, потоа од Факултетот, потоа од Фондот од Министерството за финансии и таа топка се префрла и стоиме во еден маѓепсан круг кој трае со месеци и немаме повратна информација кога тоа ќе се реши“, вели д-р Трајковски.
Според него, едно од решенијата е уште при самото студирање, државата на некој начин да ги обврзе лекарите да работат во јавните здравствени установи, но не како што беше претходно со огромни парични казни, за што Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти се бореше да се укинат.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.