- Просечната плата се зголемува од година во година.
- Висината на просечната плата во 2023 година ја надмина инфлацијата.
- Во кампањата на СДСМ, минималната и просечната плата беа дел од програмата.
- За ВМРО ДПМНЕ, просечната плата беше апсолутно на спореден колосек во кампањата.
- Во дебатата за просечната плата се криеја важни информации.
Изборните резултати на 8 мај годинава покажаа дека една од клучните пораки на СДСМ која беше дека просечната плата и стандардот ќе растат, не беше доволно уверлива за да се заслужи довербата на граѓаните. Меѓу другото, недоволно беше ветувањето дека ако останат на власт, просечната плата до 2028 година ќе биде 1.100 евра.
По ваквиот неуспех за ветување на подобар стандард, се отворија повеќе прашања за тоа дали на граѓаните ова не им е голем проблем. Се појавија и други прашања, на кои во анализа ќе дадеме одговор.
Иако на гласачите им беше понудена опцијата да гласаат за повисока просечна плата, од страна на СДСМ која ова прашање во изборната програма го споменува пет пати, а ВМРО ДПМНЕ ниту еднаш, се отвораат неколку прашања:
Зошто на граѓаните не им е важно ова прашање?
Што се однесува дали ова прашање е важно, анкетите на Интернационалниот републикански институт (ИРИ) спроведени последниве години покажуваат дека во топ трите прашања за граѓаните е животниот стандард.
Анкетите на ИРИ покажуваат дека животниот стандард е меѓу трите најважни прашања за граѓаните (Извор: Вечер јули 2023 година, ИРИ мај 2024)
Сега доаѓаме до уште едно прашање, а тоа е дали граѓаните не се заинтересирани за просечната плата бидејќи таа ги задоволува основните потреби за живот на граѓаните? Одговорот е „НЕ“. Инфлацијата во 2022 година драстично ја влоши состојбата, но таа минимално се подобри во 2023 година.
Од податоците на Државниот завод за статистика се гледа дека во 2019, 2020 и 2021 порастот минимално влијание на тоа колку просечни нето плати се потребни за да се задоволат потребите од Синдикалната минимална кошница (СМК). Очекувано, состојбата драстично се влоши во 2022 кога скокна инфлацијата и годината ја завршивме со повисоки цени од 14,2 отсто.
Просечна нето плата според Државен завод за статистика
Извор: Државен завод за статистика
Но, иако овие податоци не се добри за нас граѓаните, има и полоши, кои се премолчуваат од политичарите. А тоа е дека едно пресметува Статистика колава е просечната плата, а друго пресметува Управата за јавни приходи преку која и се исплаќаат платите на вработените.
Просечна нето плата според Управата за јавни приходи
Извор: Управа за јавни приходи
Ако се погледнат податоците за просечната нето плата на ДЗС и на Управата за јавни приходи, ќе се види дека има разлика во нејзиниот износ. И таа разлика ни покажува дека реално исплатените плати на вработените се пониски од пресметките на Државниот завод за статистика, со што реалната слика е полоша. Односно, според Статистика, од 2019 до 2023 ни биле потребни по 1,21; 1,19; 1,17; 1,49 и 1,41 просечни нето плати за да ја наполниме Синдикалната минимална кошница, додека според реално исплатените плати кои ги бележи УЈП, потребни се повеќе пари или во истиот петгодишен период по 1,34; 1,30; 1,26; 1,75 и 1,71 просечни нето плати за една синдикалната кошница.
Оваа разлика во нето платите се должи на различните методологии кои ги користат ДЗС и УЈП за пресметка. На линковите се двете методологии кои во нашиов случај се за пресметка на бруто платите, па пресметани во нето, бидејќи УЈП своите пресметки ги врши врз основа на бруто плата и како такви ги достави до Само прашај.
Различни методологии за пресметка на нето платите
Извори: Државен завод за статистика и Управа за јавни приходи
А кога станува збор за политичарите, тогаш лесно е да се претпостави дека тие во јавноста ги користат само подобрите бројки за нив, односно во овој случај, на Државниот завод за статистика.
Извор: time.mk
Ова ги иритира во Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) кои се борат за поголеми работнички права и секако за повисоки плати за вработените, со кои ќе се зачува животниот стандард на граѓаните.
„Политичарите, особено кога се на власт го користат и манипулираат со податокот за растот на просечната плата како нивно достигнување и голем успех, додека реалноста е сосема спротивна, поради тоа што растот на просечната плата не ја отсликува реалната состојба со платите во Државата, а тоа е нешто што политичарите не сакаат да го слушнат од синдикатите. Изминатата година, растот на просечната плата покрај другото беше и поради растот на платите на функционерите кои се зголемија за 78% како никаде на друго место во Европа“, вели за Само прашај првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов.
Колку се со натпросечна плата?
Така, доаѓаме и до одговорот на прашањето дали поголемиот дел од вработените се во групата со натпросечна плата и дали затоа ова прашање не им е важно?
Инаку, токму ова прашање не се обработува во јавноста. Но, е многу важно за да се види колкумина од вработените што земаат плата, се во групите до и една нето плата, а колку во групите кои се над една просечна нето плата. Точниот одговор го побаравме во Управата за јавни приходи од чии податоци може да се види дека огромен дел од вработените се во групите до една или само со една просечна нето плата.
Приказ на број на вработени што земаат плата кои се во групите до и една нето плата, а колку во групите кои се над една просечна нето плата (Извор: Управа за јавни приходи)
Од податоците се гледа дека најтешко на вработените им било во 2021 година, кога дури 70% од нив или над 2/3 биле во групите до и од една нето плата. Подобрување има во 2022 кога за речиси 7 процентни поени или за огромни 42,735 вработени се намалила оваа група, додека пак групата од една нето плата до максимум три, се зголемила за 6,4 процентни поени или за 33.624 вработени. За декември 2023 година, УЈП сè уште не ги објавила податоците.
Извор: Управа за јавни приходи
Поедноставено, над две третини од вработените се во групата до една или една нето просечна плата и со тоа не можат да си ја дозволат Синдикалната минимална кошница. Ова значи и дека реалноста за вработените, наспроти пресметките на Државниот завод за статистика, е далеку полоша.
„За жал, информациите со кои и ние располагаме од терен ја потврдуваат оваа загрижувачка состојба во Македонија, а тоа покажува дека работниците во Македонија одат на работа, заработуваат, а се сè посиромашни. Како ССМ, загрижени сме поради ваквата состојба, особено поради тоа што денес, ниту една просечна ниту една минимална плата не ги покриваат основните потреби на едно четиричлено семејно домакинство и тоа не треба да ги загрижува само синдикатите, туку и креаторите на политиките“, вели Трендафилов.
Дали се премолчуваат факти?
И доаѓаме до одговор на можеби најважното прашање, а тоа е дали јавноста/гласачите ги знаат сите детали околу просечната плата или се премолчуваат факти?
Од Сојузот на синдикати велат дека за жал, до денес, на седниците на Економско социјалниот совет податоците за платите на работниците, особено до границата на минималната плата или просечната плата се многу малку споделувани. На тој начин социјалните партнери многу малку имале можност да дискутираат на оваа тема, а најчесто кога се дискутирало тоа било на иницијатива на ССМ или пак на седници кога имаме состојба на протести или штрајкови за зголемување на платите.
„Политичките партии не зборуваат во врска со тоа колку работници примаат просечна или до просечната плата од една причина, а тоа е дека ќе ја изгубат моќта, со маркетинг и себе промоција да го убедуваат работникот кој не добил зголемување на плата, кој има плата во висина на минималната плата која е далеку под просечната плата, дека треба да биде среќен и задоволен од растот на просечната плата, или фигуративно објаснето, работниците треба да бидат среќни со глодање на коската, а функционерите и политичарите со јадење на месото. Доколку политичарите зборуваат отворено ќе треба ова да им го кажат на работниците, а тоа ќе значи за нив губење на големи политички поени, па поради тоа изостанува и вистинската дебата по однос на ова прашање“, вели лидерот на ССМ Слободан Трендафилов.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинар: Горан Теменугов
Насловна фотографија: Томислав Георгиев