- Златко доброволно се бореше за шумата над Сирково, десетина дена за шумата на Серта се бореа и петмина доброволци од Неготино, дел од доброволното друштво „Повардарец“ во состав на пожарникарската бригада Неготино.
- Опремени со пумпи за вода на грбот, пили, во стариот „матиз“ со денови се обидуваа да спречат кракови на гоемиот пожар да се шират низ планината.
- Тука сме пред сѐ да им помогнеме на пожарникарите, бидејќи тие се во многу мал број, вели доброволецот Васко Јованов.
- Не сакаа да ме ослободат од работа и затоа ме избркаа зашто сум гаснел пожари, раскажува Ристо Недев.
- Триесетгодишната Фанка, професорка со магистерска за менаџирање кризи, десетина дена го менаџираше и гаснењето на Серта.
Златко Димов од село Сирково засекогаш ќе го памети 17 јули 2024 кога огнот од пожарот над неговото село му ги изгоре лицето, раката и ногата. Се сеќава дека се започнало кога еден од синовите дошол дома и му кажал дека шумата над селото гори. Димов тргнал да им помогне на пожарникарите. Цистерната ја наполнил со вода, но не можел да ја однесе до нив, бидејќи теренот бил непристапен. Но, не се откажал.
„Јас веднаш го запалив трактор, плугот го закачив да орам, како сите што прават траси, да е земја, за да нема други пожари, за да не се прошири. Арно ама, кога отидов горе ги носев и другите пожарникари и другото што го носеа – пумпи за гаснење. Ги оставив тука, јас пред нив одев со плугот со бразда, тие затапкуваа, полесно се гаснеше огнот. Се оддалечив напред километар, се оделив од нив, да исчистам терен, кога гледам зад мене пламени јазици, ветер дувна, баш силен“, раскажува Златко, кој како доброволец се приклучи на гаснењето на пожарот кај Сирково во Тивешијата.
Златко Димов: Иако со тешки изгореници повторно би заминал да гасне
Огнот го заробил и тогаш се здобил со изгорениците. Два часа чекал пожарникарите да се пробијат до него. Го однеле во кавадаречката болница, оттаму на Клиниката за пластична хирургија во Скопје. Таму побарал да се потпише за да излезе и да се врати дома. Тој и сопругата се невработени, таа оди да бере праски во Росоман, а тој барем да се грижи за децата. Во ваква состојба, со болки, не се кае што доброволно тргнал против огнот.
„Јас сум рекол – не оставам да гори село или да гори општина. Ќе се борам до крај. Ми се случи ова, тоа е. Греота е, борова шума имаме тука, сета изгоре, таа е филтер. Кавадарци нели е од градовите со загаден воздух“, вели Златко.
Бурекџија, молер, електромонтер, автомеханичар се бореа со огнот на Серта
И додека Златко доброволно се бореше за шумата над Сирково, десетина дена за шумата на Серта се бореа и петмина доброволци од Неготино, а координацијата ја водеше жена. Мајстор за бурек, молер, елекромонтер, автомеханичар, дел се од доброволното друштво „Повардарец“ во состав на пожарникарската бригада Неготино. Биле триесетина, ама кога дошло ред да се гасне, тргнале само тие.
Амортизираниот „матиз“ им е главно превозно средство во планината
Васко со сопственото возило, црвен амортизиран „матиз“ тргнал да одговори на задачата зададена од природата. Со вода на грбот и челични метли, се обидувале огнот да го стават под контрола. На терен биле и ден и ноќ.
„Тука сме пред сѐ да им помогнеме на пожарникарите, бидејќи тие се во многу мал број, не можат да се справат и тие насекаде. Ние сакаме да им помогнеме на нив, тие на нас“, вели доброволецот Васко Јованов.
„Тука сум доброволно за да помагнам во гаснењето на пожарите и да ја зачуваме природата“, вели неговиот „соборец“ Ѓорѓи Карпачев.
Храбрата петорка од Неготино: Наместо со цистерни, со пластични пумпи и пили одат среде стихијата
Борче гаснел со пријателите, но паралелно доставувал вода и храна на терен.
„Дојдов доброволно, со сите мои реквизити што ги имав со џип, со крос, со кола. со моторни пили за сечење, со сѐ“, додава Борче Китановски.
Ристо Недев пак, дури го жртвувал и своето работно местоо, бидејќи не наишол на разбирање за неговата хумана мисија.
„Јас додека гаснев пожари тука не сакаа да ме ослободат од работа и затоа ме избркаа од работа зашто сум гаснел пожари“, раскажува нашиот херој Недев.
Нивните автомобили и мопедот им се превозни средства низ планината
Младиот ловец Кристијан Марков, планината ја знае како својата дланка, па ги насочуваше екипите на терен.
„Ние сме ловџии, сакаме да се спречат пожарите во планината и за дивечот и за да не влезе во околните села Корешница, Бистрица, Калањево, Бела Вода и да не влезе во Лубница и Конче“, ни објаснува Марков, кој е секретар на ловечкото друштво „Вардар“.
„Сите што беа тука се организираа, јас познавајќи го теренот ги водев кај што имаше потреба и што можевме од наша страна се“, вели Борче Нојков, вработен во ловечкото друштво „Вардар“.
Магистерка по менаџирање кризи на чело на бригадата
Триесетгодишната Фанка, професорка по професија, со магистерска за менаџирање кризи, десетина дена го менаџираше и гаснењето на Серта. Ги комбинирила екипите на доброволци, со професионалци. Сите имале доверба во неа.
Фанка Мингова Јанчева: Организацијата на планина е како да си во својата куќа
„Организацијата и во куќата, како и тука на планина, изгледа им припаѓа на жените, поради тоа што ние сме малку посмирени, не работи адреналинот толку многу кај нас и гледав да ја координирам работата на ниво, за да знам точно на која позиција кои луѓе се, како, што им треба, целата организација одеше преку мене… точниот број, за да знам точно после и вода и храна да се достави на тие лица, на која позиција ми се моторите, да можат тие да ни се на дофат, да можат да однесат до позицијата каде што ми се луѓето во жариште, да се наполнат напредњачите, да се однесе вода до таму“, ни објаснува Фанка Мингова Јанчева, помлад соработник за мобилизација во подрачното одделение за Заштита и спасување во Неготино.
Младите доброволци не сакале „по војната да се генерали“ или да бараат вина во надлежните ако огнот им ја проголта планината или селата. Водени од свеста и одговорноста, без да бараат или очекуваат нешто за возврат тргнале во нивна одбрана.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Наташа Јанчиќ Менковски
Снимател: Слаѓан Милошевски
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска
Поврзани стории:
Неподготвени чекаме катастрофа
Пожарите ја пеплосуваат иднината на нашите деца
Пожарите на атрактивни локации обвиткани во мистерија

