Извршители: Должничкото ропство во лавиринтите на институциите

Над 160 милиони евра се наплатени лани од граѓаните и фирмите кон извршителите, што е околу 44 проценти од вкупните долгови поднесени до нив, покажуваат податоците на Комората на извршители. Од нивното постоење од 2006 година, низ нивни раце поминаа голем број на граѓани, кои за мали сметки со вклучени камати, судски, нотарски и адвокатски трошоци плаќаа огромни суми.

Долгови застаруваат за една година, а извршувањето трае деценија

За комуналните сметки рокот на застареност е една година. Веднаш по добивање на правосилната судска или одлука од нотар компанијата има рок од 10 години да побара извршување. За правните лица кога имаат долг меѓу себе, рокот на застареност е три години, а покренувањето на постапката до извршител и во овој случај е 10 години. За долговите меѓу физичките лица може да се покрене судска постапка или постапка до нотар во период од пет години. Потоа, како и во претходните два случаи, предметот може да стигне до извршител во следните 10 години. Доколку не биде испочитуван кој било рок од наведените, делото застарува, но доколку се уплати дури и само еден денар од долгот, делото никогаш нема да застари. И во целиот период додека течат постапките, тече камата, која секако го зголемува основниот долг.

Од граѓанската иницијатива „Стоп за извршители“ бараат поинакво решение за граѓаните кои сакаат да си ги плаќаат долговите.

„За 60 денари градски паркинг, 6 000 денари адвокат, 4 000 денари нотар, стигнува сметката до 17.000 денари. Тоа е тотален грабеж. Мислам дека оваа влада ќе има слух тоа да го решиме. Ние нудиме решение. За комунални сметки за топлификација, електрична енергија, телекомуникациски услуги, водовод и канализација и слично доколку граѓанинот не ја платил сметката, компанијата директно ја дава на извршител. Тоа треба така да биде за да се изземат адвокатски, нотарски и други дополнителни трошоци“, вели Маријан Ристевски од „Стоп за извршители“.

Измените во законот донесоа правна несигурност

Здруженијата и граѓаните со години се борат против високите суми кои ги плаќаат кога ќе стигнат до извршување. Минатата година, Министерството за правда донесе измени во Законот за облигациони односи за отпис на долгови, но една година граѓаните талкаа од извршител кај нотар, кај адвокат и на крај завршуваа на суд. Лавиринтите ги поминуваа, а долговите не им застаруваа. Брзо потоа Уставниот суд пресече - законот го врати по старо, па и за таа една година, кога граѓаните можеа, но не плаќаа, имаа камати.

„Не е логично некој доверител кој има валидна правосилна и извршна исправа да спие пет години и да не се обрати до извршителот да го реализира неговото побарување, туку после пет години, откако е собрана камата, да поведе постапка и да бара реализација на неговото побарување. Мислам дека совесен доверител кој има правосилна извршна исправа со побарување кон одреден должник нема да чека пет години да го врати неговото побарување, или во апсолутна смисла 10 години. Од тие причини, Уставниот суд можеби требаше да има поинаков став и посериозна расправа. И евентуално Собранието да ги коригираше измените во делот каде што застарувањето ги опфаќаше и постапките кои веќе беа започнати пред да стапат на сила измените на законот“, објаснува Народниот правобранител Насер Зибери.

И претседателот на Адвокатска комора Љубомиор Михајловски- Џанго смета дека измените во Законот за облигациони односи внеле правен хаос што траел долг период и дека полоши измени не биле донесени во Македонија.

„Учесниците во постапките за спроведување на извршувањето беа донесени во дилеми дали воопшто или како да постапуваат. Измените беа спротивставени со постоечките членови на законот и спротивни на други закони и Уставот“, вели Михајловски – Џанго.

Владата засега не планира нови измени во законот. Од Министерството за правда посочија дека јавноста била изманипулирана со избрзаните законски измени на Законот за извршување и Законот за облигациони односи. Секое законско решение мора да се темели на експертски анализи, при што ќе се води сметка не само за правата на должниците, туку пред сѐ за правата на доверителите, велат од надлежното министерство.

 „Застарувањето на побарувањата е една од темите која бара внимателен пристап. Постојат предлози од различни граѓански организации кои ја потенцираат потребата за промени во Законот за облигациони односи, со цел да се ограничат злоупотребите кои можат да доведат до прекумерна наплата или непотребно блокирање на сметките. Сигурно е дека правото на заштита на имотот и добрите практики во судската и извршната постапка мора да бидат почитувани. Но, исто така, мора да се осигураме дека не се дозволуваат злоупотреби од страна на кој било од актерите во овие процеси — адвокати, извршители, судии и банки. Ние сме отворени за конструктивни предлози и соработка со сите заинтересирани страни, со цел да се изнајде решение кое ќе ги штити правата на граѓаните, но исто така ќе ги гарантира и потребите на правниот и на економскиот систем во целина“, е ставот на Министерството за правда.

Што се смени за граѓаните полесно да го подмируваат долгот?

Со измените на тарифникот за извршителите пред четири години за сметка од 100 евра долгот се зголеми за две евра, за 200 евра се плаќа пет евра, а за над оваа сума долгот се зголемува за 10 евра. Од 2020 година, присилно извршување не може да биде наплатено од лица кои спаѓаат во социјално загрозена категорија, како и од оние кои добиваат детски додаток или социјална парична помош за стари лица. На граѓаните кои имаат минимална плата или пензија не може да им биде наплатено повеќе од 1/5 од месечните примања.

Но, најгорлив проблем беше затезната камата, која доведуваше до таканаречено должничко ропство. Граѓаните плаќаа и откако ќе го исплатат основниот долг. Но, со инсистирање од страна на Народниот правобранител пред година и половина беа донесени измени со кои каматата престанува да тече кога износот на стасаната, а неисплатена казнена камата ќе го достигне износот на главнината, но и рокот на застареност на извршната постапка не може да трае повеќе од 10 години.

„Се стави крај на една апсурдна ситуација кога граѓаните се доведуваа до ситуација да враќаат два-три пати, па и до пет пати повисок долг од долгот што го имале, односно од земените парични средства од одреден доверител. Бидејќи граѓаните не беа во финансиска состојба да ги подмират наеднаш сите средства кон доверителот, постојано се натрупуваа камати и не беа во состојба да се ослободат од долгот. Имаше апсурдни ситуации кога ќе почине еден должник, тој долг извршителот да го префли кон неговите наследници. Таква бескрајна ситуација доведе до доживотно ропство на една загрозена категорија на граѓани“, вели правобранителот Зибери.

Добро е што нешто направивме. Оној момент кога висината на каматата ќе го достигне главниот долг, тука се смрзнува каматата. Но, повторно има случаи кога се измислуваат дополнителни трошоци“, додава Ристевски од „Стоп за извршители“..

Дознаваат дека се должници дури на шалтер во банка

Токму поради ограничувањето на затезната камата, до Народниот правобранител минатата година пристигнале само 196 претставки, или 2 200 помалку во однос на 2023-та. Канцеларијата на правобранителот кај 141 случај утврдиле незаконско постапување. Меѓу нив има лица кои приговараат за скратени финансиски сретства на социјален или детски додаток, одземени повеќе пари од пензијата или минималната плата, но најголем дел од граѓаните се жалат дека не биле навремено известени за извршувањето.

Сериозен дел на повреди на кои се жалат граѓаните се однесува на неуредната достава. За жал, голем број на граѓани дознаваат дека се тужени и дека извршителот им ја блокира сметката кога ќе пристапат пред шалтерите во банка да користат банкарска услуга, да подигнат парични средства или да платат некоја сметка. Тоа значи дека низ целата претходна постапка граѓаните не добиле никакво известување дека се води постапка против нив“, посочува Зибери.

И од Комората на извршители велат дека известувањето за извршување е горливо прашање, но дека и во самите сметки има забелешка за заостанат долг.

Секое лице знае дека има заостанат долг. Дури некои пружатели на услуги имаат посебна ставка каде што го посочуваат износот на утужени сметки. Има проблем со доставата, но не го лоцирам проблемот кај извршителите и нотарите. Граѓаните при промена на адреса не си ги ажурираат личните податоци и треба да се има предвид дека едно лице да има повеќе недвижни имоти, а да живее на друго место. Сметките ја следат недвижноста, не го следат лицето каде живее. Ова да биде апел сите уредно и редовно да ги ажурираат податоците“, вели Весна Деловска, претседателка на Комората на извршители.

Должникот не може да се спаси ниту со затворање на сите трансакциски сметки бидејќи извршителите знаат како и каде да ги најдат должниците. Системот е врзан со повеќе надлежни институции, како Агенцијата за вработување, Централниот регистар, Агенцијата за катастар, ПИОМ и други.

Се обидуваме да ги известиме должникот преку пошта за да не се зголемуваат трошоците. Ако се врати од адресата кадешто живее, проверуваме во Агенција за вработување и налогот се испраќа до работодавецот. Ако е пензионер, налогот се испраќа до Фондот за пензиско осигурување. Во последно време се намалуваат тие проблеми бидејќи самите пристапуваат во нашите канцеларии. Имаме и инцидентни случаи кога свесно откажува сѐ од свое име. Може да нема сметка, да не е вработен или не е примател на никаква социјална помош и во тој случај по инсистирање на доверителите, се оди во неговиот дом. Пред да пристапиме во домот треба да побараме дозвола од претседателот на судот“, објаснува Деловска од Комората на извршители.

Граѓанските здруженија одново се подготвуваат да собираат петиција и бараат разговори со власта за изнаоѓање заедничко решение, со кое многумина ќе бидат спасени од огромни суми, но не од долговите кои ги направиле, туку од трошоците и каматите поради кои се заглавени во должнички лавиринт.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Марина Доковска

Сниматели: Слаѓан Милошевски, Наке Батев

Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска