Комарот како секојдневие на младите: Кус е патот од забава до зависност

  • Комарот е на дофат на тинејџерите, преку големиот број казина и обложувалници.
  • Истражувањето на ХОПС покажува дека 44,4 отсто од младите до 25 години одговориле дека посегнале по игри на среќа од забава, од нив половината играат секој ден, а над 17% се зависници.
  • Моментално основните училишта се најкритични, бидејќи има примери на малолетници кои одат во обложувалниците, каде никој не ги легитимира.
  • Во самиот центар на Штип има улица која се вика Лас Вегас, каде на еден километар има голем број казина, обложувалници и продавници за брзи кредити.  
  • Министерот за животна средина Изет Меџити најави дека до Нова година ќе се донесе нов построг закон за игрите на среќа.

Шеесет и пет годишниот Таир Даут е поранешен комарџија. Токму овој порок му ја одредил и сегашната судбина да биде бездомник. Неговата животна приказна се движи од сјајот и луксузот на големите казина по светот до валканите скопски улици. Со комар „се заразил“ на 15 годишна возраст. Вели од здодевност прво почнал со карти и мали пари. Веќе на 18 години се вработил и влогот пораснал. На 30 години основал фирма и тогаш казината станале негова страст.

komarot kako sekojdnevie na mladite 1
Таир Даут Од 15 години се заразил со комар, сега на 65 години е бездомник

„Јас имам изгубено повеќе од милион долари. Сите заработени пари со трговија јас ги изгубив. Згора на тоа, што прави комарот? Комарот те наведува и на криминал. Кога ќе ги изгубиш парите, немаш што, научен на луксузен живот, веднаш паметот ти оди да направиш нешто, да дојдеш до некои пари. Направив некои нечесни работи. Ме затворија, не ми е срам да кажам,  јас бев и во затвор. После излегувањето од затвор јас бев на нула и станав бездомник“, ни раскажа Даут.

По совет на пријател исто така комарџија, спас побарал во Црвениот крст. Тука му помогнале. Се преквалификувал, зел лиценца за обезбедување и станал фризер. Вели го разубавува изгледот на бездомниците, кога не може своето минато.

Комарот на младиот Таир Даут и тогаш му бил на дофат, слично како и на денешните тинејџери. Еден од градовите каде има поголема концентрација на млади е Штип, со години струдентски град. И не само поради тоа. Тука во самиот центар има улица која се вика Лас Вегас, каде на еден километар има голем број казина, обложувалници и продавници за брзи кредити.

komarot kako sekojdnevie na mladite 2
Улица во центарот на Штип популарно е наречена Лас Вегас поради големиот број казина и обложувалници на едно место

На 25 годишниот штипјанец Јаков Трајанов, тоа му пречи, гледа познаници како се губат во маѓепсаниот круг на комарот.

„Штип реално не е голем град, не е толку развиен град за младите да има што да прават освен да одат, да рачеме, по казина или  по кладилници. Во Штип има највеќе, пред сè, казина и обложувалници, тука имаме една улица еднонасочна,  таму имаме и места за брзи кредити каде да се вадат,  така што може да се каже дека има некоја шема по која што се работи. На секои три-четири-пет месеци се отвора нова филијала за брз кредит. Можам да кажам дека дефинитивно има улога тоа. Но исто така и многу казина се отворија, и веднаш после тоа на секое отворено казино, две филијали за кредит се отвораат“, вели младиот Јаков.

Тој е свесен за сериозноста на хазардите, па ги одминува блескавите светла, прималивите реклами и слободното време го поминува во боксерски клуб.

komarot kako sekojdnevie na mladite 3
Дарко Денков: Спортот ги држи младите подалеку од пороците

Дарко Денков, една деценија ги тренира младите, ги учи како да се одбранат од нападите, но и како тие да зададат удар на лошите навики коишто ги демнат на секој чекор.

„Идните генерации одат во многу лоша насока, државата мора да преземе малку порадикални, построги мерки, за најмладите кои ни се тргнати по тој порок. Моментално основните училишта ни се најкритични, во разговор со децата, сами се отвораат и кажуваат, ‘вчера бевме во обложувалници, на апарати, со последната стотка не можев да направам 500 денари, да одиме да јадеме’. Во обложувалниците има само по еден вработен, кога ќе дојде малолетникот, вработената го прашува имаш ли 18 години? Имам. И толку. Нема легитимација, нема легитимирање, нема ништо. И тоа е тоа, тука завршува сè“, раскажува Денков.

Штипјанката Драгана -Дина Митровиќ, повеќе од 20 години работи со деца и младинци. Вели секое хоби, активност, чини пари. Општината и државата не им нуди бесплатно тоа што ним им треба. Вели, ние како возрасни решаваме што е добро за младите, ние ќе им изградиме игралиште, а ним можеби не им треба игралиште.

„Младите се доста свесни, можноста за нивно учество е нешто што може да придонесе самите на себе да си помогнат во ситуации кога возрасните можеби кикснуваат, можности за бесплатна рекреација, можности з аа неформална едукација, младите се многу заинтересирани и сакаат да прават нешто, проблемот е што нема доволно можности“, вели Митровиќ, која е сертифициран работник со млади.

И кога можности нема, а младите сакаат забава, 44,4% од младите до 25 години одговориле дека посегнале по игри на среќа поради забава, покажува истражувањето на граѓанската организација ХОПС – опции за здрав живот. Од нив 50% одговориле дека играат игри на среќа секој ден, а 17 отсто се зависници.

„Ние немаме лица коишто одат и конкретно бараат помош поради коцка, најчесто се работи за луѓе коишто или имале на почетокот некој проблем па затоа западнале во тие кругови, па почнале да се коцкаат или коцката им направила некој друг проблем па идат за некоја друга причина, дали е тоа депресија, дали е анксиозност, дали е нешто друго“, вели д-р Ѓиноска.

Од ХОПС велат Министерството за здравство мора да има пари и програми за лекување на комарот. Законот за игри на среќа и забавни игри ги обврзува казина да плаќаат 3 % од приход на месечна основа, додека автомат – клубовите се должни да плаќаат 1,5% од месечниот приход. Не е јасно за што треба да се користат парите, дали и колку треба да одат во Министерството за здравство за лекување на зависности од игри на среќа. За спортските обложувалниците и игрите на интернет не е предвидена ваква обврска. Но, мора да има стратегија да делуваат и повеќе министерства.

„Една таква програма подразбира јакнење на здравите вештини и вештините на младите луѓе на секаков вид зависност или на секој вид на лошо однесување, затоа сметаме дека и министерство за образование и наука треба да биде вклучено. Зашто една таква програма најдобро е да се реализира во основните и средните училишта“, објаснува Влатко Деков од граѓанска организација ХОПС – опции за здрав живот.

Црни бројки и во соседството

Истражувањето на ХОПС од Скопје е направено во рамки на регионален проект „Младите и коцкањето“, во партнерство со „Лабиринт“ од Косово и „Превент“ од Србија. „Црни бројки“ детектирани се и во соседството. Дека законите постојат за да се кршат, пример е Косово, 96%  од испитаниците играле игри на среќа, а од пред пет години таму тие се забранети.

„На Косово од 2019 година на сила е новиот закон кој ги забранува сите игри на среќа и тие можат да се одвиваат само онлајн, нелегално. Истражувањето покажува дека има рапидно зголемување на млади кои играат онлајн коцка. Во текот на истражувањето резултатите покажуваат дека младите до 25 години, кои ги посетуваат угостителските објекти каде се служат пијалоци и храна, има дилери коишто пуштаат електронски апликации и само на тој начин се играат игрите на среќа на Косово“, вели Мухарем Адеми од граѓанската организација „Лабиринт“ од Приштина.

komarot kako sekojdnevie na mladite 4
Истражувањето на ХОПС во рамки на регионален проект „Младите и коцкањето“покажало „црни бројки“ и за Косово и за Србија

Во Србија, 54% од младите признале дека игрите на среќа не им се непознати, се обложиле за забава.

„Нема млада личност која не познава некој што е зависник од коцкањето во Србија. Голем дел од овие млади луѓе тоа го прави онлајн и тоа е една тенденција којашто постои во претходните неколку години, се повлекуваат во онлајн свет каде што е тешко да се контролира дали во тоа обложување учествуваат млади личности или како што предвидува законот, полнолетни“, вели Небојша Ѓурасовиќ од граѓанската организација „Превент“ од Нови Сад.

Компаративна студија детектираше само дел од слабите страни на националните системи да си го заштитат населението. Невладите организации препорачуваат да се забрани било какво рекламирање на казино, автомат клуб, онлајн или обложувалница, во печатени или електронски медиуми. Отворањето на темата во јавноста само ја подгреа реториката за тоа кој е виновен за ваквата состојба. Министерот за животна средина Изет Меџити најави дека до Нова година ќе се донесе нов закон за игрите на среќа кој ќе биде построг и порадикален.

Летово надлежните решија, на спортистите кои рекламираат казина и обложувалници ќе им биде одземена државната помош. Дека добрата волја на институциите може да застане на пат на зависноста пример е Исланд, со мултисекторски ангажман на властите, во последните 15 години за повеќе од 70 проценти е зависноста не само кај младите до 25 години, туку и кај децата под 18 години.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Наташа Јанчиќ Менковски

Снимател: Слаѓан Милошевски

Монтажа: Давид Милошевски

Поврзани стории:

Игри на среќа: заштита на малолетниците или бизнис-интереси?