fbpx

Игри на среќа: заштита на малолетниците или бизнис-интереси?

Заштита на малолетниците, поголема контрола врз дејноста или бизнис-интереси. Што се крие во позадина на законските измени за игрите на среќа? Решението предизвика бурни реакции. Од една страна е потребата да се внесат дополнителни правила на игра зашто обложувалници и казина никнуваат на секој чекор како печурки по дожд. Од друга страна, измените повлекоа најава за масовни протести и предупредување дека илјадници луѓе може да останат без работа.

Антикоцкарите и приредувачите на игри на среќа спротивставени во законските измени

Клучната новина во законските измени за игрите на среќа е што објектите за приредување игри на среќа не смее да бидат поблиску од 500 метри до училишта. „Со цел заштита на младата популација од лоши и несоодветни навики за нивната возраст, се предлага деловните простории, односно уплатно-исплатните места во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат оддалечени не помалку од 500 метри од основни и средни училишта“, пишува во законските измени. Владата наведува дека учеството во игра на среќа претставува влегување во облигационен однос, а малолетниците не се деловно способни. Оттука, ако во просторијата каде што се приредуваат игри на среќа се утврди присуство на малолетник, објектот треба да се затвори на еден месец.

Новините предвидуваат фирмите да плаќаат и повеќе пари. Сега, со една лиценца за обложувалница може да се отворат неограничен број уплатно-исплатни места, а со една лиценца за автомат клуб да се отворат неограничен број деловни простории, без да се плати некаков надоместок. Лиценците чинат од 78.750 евра за апарат-клубови, 105.000 евра за обложувачница, до 600.000 евра за казино и се издаваат за период од шест години. Државата сега ги менува правилата на игра преку поскапување на лиценците: за обложувалница од 105.000 на 200.000 евра за 25 уплатно-исплатни места. За секое следно уплатно-исплатно место над 25-то, приредувачот плаќа надоместок во износ од 10.000 евра. Се зголемува и надоместокот за лиценца за автомат клуб на 100.000 евра. Лиценцата се однесува за три деловни простории и се воведува надоместок во износ од 30.000 евра.

Владата исто така сака да ја зајакне контролата на тоа кој сѐ може да добие лиценца, да се обезбедат повеќе докази за соработниците и содружниците на друштвото што ќе ги организира овие игри и да се стави поголем ред во издавањето на лиценците. Ќе се цени нивната репутација, како и репутацијата на секој нов содружник кој сака да влезе во друштво кое има лиценца. Ако на некое трговското друштво му се одземе лиценцата, тоа не може да поднесе барање за добивање нова во следните три години. Се предлага една фирма со иста главнина и со една лиценца да може да приредува само еден вид игра на среќа.

Здружението „Антикоцкање“, кое со години бара дислокација на ваквите објекти, во измените гледа чекор напред, но, според нив, треба да се оди уште поригорозно.

 „Оваа состојба е алармантна. Станавме Лас Вегас на Балканот, станавме црна точка на овој терен. Станавме терен каде што веќе не се знае кој со кого се коцка. После речиси 7 години, еден предлог-закон треба да се усвои наскоро. Иако тој закон не ги исполнува барањата на движењето „Антикоцкање“, сепак ние го поздравуваме овој предлог -  се работи за 500 метри оддалеченост од образовни центри, основни и средни училишта. Нашето едно и единствено барање е 3 километри надвор од населени места и оддалеченост од поголем број институции. Институциите и далечината е многу мала и тука не се вметнати и верски објекти. Се зборуваше за 5.000-6.000 вработени, стигнавме до 10.000 вработени, па сега се зголемува на 54.000. Ние сфаќаме дека тие вработени работат за семејна егзистенција, меѓутоа со дислокацијата на објектите и тие ќе се преместат, како што е решено во земјите од регионот, како што е во Албанија или Косово“, вели Џем Џемал Абдиу од здружението „Антикоцкање“.

Приредувачите на игри на среќа, пак, стравуваат дека измените ќе стават катанец на нивните бизниси. Тие ги нудат следниве аргументи: над 10.000 вработени во оваа дејност ќе бидат без работа, државниот буџет на годишно ниво ќе остане покус за 280 милиони евра, но, предупредуваат дека ќе се поттикне и приредување игри на среќа на црно, а Македонија со „Детонатор“ веќе има лошо искуство. Приредувачите бараат да се седне на маса и да се најде взаемно прифатливо решение, иако имаат забелешки за процедурата којашто се тера во Собранието.

„Во однос на вработените, бројката се движи некаде околу 10.000. Станува збор за сектор којшто индиректно потпомага во 54.000 до 100.000 други работни места коишто се поврзани со оваа индустрија и со вака скандалозните и противуставни измени исто така ќе трпат негативни економски последици по однос на понатамошното функционирање. Опасноста е голема и тоа не зборуваме без факти. Такви примери имавме и во минатото. Имавме акција „Детонатор“ каде што беа запленети повеќе од 2.000 апарати за игри на среќа на црно. Исто така имавме и подолготраен пример од минатото, каде што во 90-тите години во секоја кафетерија и во секоја гаража имаше автомат апарати и се играа овие игри на црно. Имаме „буткање“ на еден закон со ставање европско знаме, со скратени постапки. Седницата на Комисијата за европски прашања во Собранието, каде што требаше да се разгледува овој предлог-закон и каде што беа доставени голем број амандмани, со калкулации беше прекинувана и продолжувана и не беа доразгледани сите амандмани како би се донело едно законски издржано решение на предлог-измените“, вели Горан Стоименов од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа.

И партиите во Собранието не се усогласени за предлог-законот

Владата ги донесе предлог-измените уште во февруари 2023 година, а жестоката дебата продолжи цела година потоа, иако и претходно имаше многу превирања. Документот на којшто се потпишани министерот и заменикот за финансии, Бесими и Николоски има европско знаменце, што значеше дека дебатата, наместо во матичната комисија, се пресели во Комисијата за европски прашања. Таму, власта и опозицијата го вкрстија копјата. ВМРО-ДПМНЕ обвини дека се прави простор за фирми блиски до власта и ДУИ да го преземат бизнисот. Од друга страна, власта тврдеше дека ВМРО-ДПМНЕ наместо граѓаните, ги слуша приредувачите на игри на среќа.

„Зошто ги лажете граѓаните дека ќе го дистанцирате коцкањето кога им дозволувате на учениците да го внесат во училиштата преку онлајн можност за да се коцкаат? Зошто не им кажете на граѓаните дека нема да биде само онлајн обложување од страна на натпревари, туку и сите други лотариски производи коишто ги регулира сега Државната лотарија, а вие ќе ги либерализирате на пазарот? Зошто не им кажете на граѓаните кои се тие компании коишто ги имаат добиено овие лиценци и кои се во управните и во надзорните одбори?“, праша Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ на комисиска седница.

„Да се намали дистанцата од училиште од 500 на 250 метри. Ваков амандман доставиле од ВМРО-ДПМНЕ. Дистанцата од 500 метри е многу голема и сега да ја намалиме. Ајде според вашата логика да ги отвориме казината и во основните и во средните училишта. За овие прашања треба да ѝ одговорите на јавноста. Тоа што не сте свикале повеќе од три години комисија за да се дискутира за игрите на среќа е направено по барање на казината. Овие 10 амандмани што сте ги доставиле се направени со барање на казината“, реплицираше Арбер Адеми, пратеник од ДУИ.

Дали се олеснуваат онлајн игрите на среќа?

Колку и да звучи парадоксално, има една нишка што ги поврзува ставовите на движењето „Антикоцкање“ и на приредувачите на игри на среќа. И едните и другите не гледаат логика во тоа, паралелно со законските измени, Државната лотарија да распише јавен повик за избор на тројца приредувачи на игри на среќа преку интернет, за заедничко вложување. Невладините прашуваат како тоа ќе ја исполни целта за поголема заштита на малолетниците, кога секој преку мобилен телефон ќе може да пристапи до нив. Од друга страна, домашните приредувачи на игри на среќа, па и опозицијата се посомневаа во позадински игри за преземање на колачот.

 „Проблемот е што, ако се има предвид инфраструктурата на нашите градови и оддалеченоста од основни и средни училишта, ги одвојува деловните простории каде што се приредуваат игри на среќа во надворешните делови на градовите. Вака предложените измени, според нас, се чисто популистичка мерка, којашто во позадина има некоја сосема друга цел, бидејќи во позадина се донесуваат законски одредби за овозможување на онлајн игри на среќа, коишто пак се лесно достапни од секој мобилен и статичен уред и секој полнолетен или малолетен играч ќе може да ги користи овие онлајн игри на среќа“, посочува Стоименов од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа.

„Ние сакаме да бидеме сфатени навистина сериозно. Кога велиме дека сме против коцкање, се работи и за физичко и за онлајн коцкање. И не случајно, ако вака ја гледаме ситуацијата и периодот што добро го знаеме и добро сме го анализирале, излегува дека ние сме коцкарска држава. Но, за жал, не од нас како народ, како граѓани, туку од тие што ги носат овие закони. Значи, и едното и другото е коцкање, е многу ризично за овој напатен народ. Што е лошо? Лошото е што се покажува среќа каде што навистина нема среќа. Среќа има само тој што нема да игра ниту едно, ниту друго“, додава Абдиу од „Антикоцкање“.

Како расте сиромаштијата, така расте бројот на коцкарници, велат психолозите

Психолозите укажуваат дека луѓето кои западнале во тешка ситуација во светлечките реклами за ваквите објекти гледаат спас во некој имагинарен свет што преку ноќ може да понуди решение. Ветувањата за џек-пот, лесна заработка, за милионер звучат примамливо кога животот станува тежок.

„Сѐ повеќе има луѓе кои неможејќи да си ги задоволат нивните или потребите на нивното семејство, односно материјално да обезбедат сѐ што треба. Скапотијата е сѐ поголема, можностите сѐ помали. Коцкарницата ги спојува соновите на луѓето со нешто што нуди да се реализира тој сон. Луѓето кои доаѓаат во коцкарница доброволно се откажуваат од реалноста. Знаат дека тоа не е реално, знаат дека не чини, знаат дека можеби ќе влезат во долгови, сѐ знаат. Ама желбата да си поминат убаво, да доживеат некоја возбуда е многу поголема. И тоа станува навика, па ќе изгубат, па ќе земат заем, па ќе го вратат заемот, па следниот заем ќе биде уште поголем. И влегуваат во еден круг во којшто сѐ повеќе и повеќе се осиромашува, затоа што почнува да се заложува злато или кој што има, почнува да се продава, почнува да пати целото семејство зашто се земаат големи кредити, големи долгови од лихвари и тоа оди до бескрај“, укажува Мирјана Јовановска – Стојановска, психолог и психотерапевт.

Таа вели дека може да се помогне со семејна терапија во која ќе бидат вклучени и останатите членови на семејството зашто зависникот од коцкање не е единствено виновен за ситуацијата и можеби тоа се должи на товар што го носи животот, некоја ситуација во семејството или друга причина да се најде задоволство.

 

ФАКТИ ЗА ИГРИТЕ НА СРЕЌА

  • Над 53 милиони тикети се уплатени само лани во обложувачниците, коишто се под капата на 9 даночни обврзници.
  • Вкупниот износ на уплатените тикети за игри на среќа изнесува над 12 милијарди денари или над 195 милиони евра.
  • Автомат-клубовите, обложувалниците и казината имаат обврска да ѝ платат на државата 20% од разликата меѓу уплатите и исплатите.
  • Приредувачите на игри на среќа велат дека придонесуваат со 280 милиони евра во буџетот преку разни директни или индиректни давачки.
  • Лиценца за приредување посебни игри на среќа издава Владата. Барање може да поднесе трговско друштво регистрирано во Централниот регистар кое треба да има основна главнина од најмалку 2.500.000 евра за приредување игри на среќа во автомат клуб и казино и од 500.000 евра за спортско обложување.
  • Лиценците сега чинат од 78.750 евра за апарат-клубови, 105.000 евра за обложувачница до 600.000 евра за казино. Тие се издаваат за период од шест години.
  • Во буџетот само од лиценци се слеваат околу 6,5 милиони евра, или, во просек нешто над милион евра годишно.

Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Мартин Пушевски

Сниматели: Слаѓан Милошевски, Наке Батев

Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска