fbpx

Медиумите го гушат општеството со ширење на штетните наративи на политичарите

Во време кога медиумите треба да бидат столб на вистината и довербата, македонското новинарство сè почесто се соочува со критики за губење на професионалноста и етиката. Брзината на објавување на информации, копирањето содржини и неконтролираното пренесување на штетни наративи го разнишаа кредибилитетот на новинарите и го затруја медиумскиот простор. Во вакви услови, граѓаните ја губат довербата во новинарите, а општеството плаќа висока цена за недостатокот на квалитетно информирање.

Деградација на новинарската фела

Медиумите се ширачи на пораки, но во исто време и креатори на општествената атмосфера. Меѓутоа, начинот на кој работат, односно професионалноста и етиката од кои се водат се доста дискутабилни, имајќи ја предвид ниската доверба што ја уживаат кај публиката. Неказнивоста и заборавањето на борбата за јавното добро го вперуваат прсот и во новинарската фела.

„Мислам дека тоа се должи на општа деградација во новинарската фела. Во последниве години се намножија многу медиуми, речиси секој втор човек има портал, во коишто работат еден до двајца луѓе и коишто можеби во пижами од дома објавуваат вести. Во такви услови, најлесен начин како да се привлечат повеќе кликови коишто би довеле до евентуални реклами на нивниот сајт, е да се прават што е можно повеќе информации. Најлесниот начин да го прават тоа е обично „копи-пејстирање“. Oд каде и да стигнала информација, Фејсбук статуси се пренесуваат, што во многу случаи се покажале понатаму и како неточни, а може да предизвикаат паника во одреден момент. Политичките партии и институциите кои што секојдневно ги „трупаат“ новинарските сандачиња со вести и со пи-ар соопштенија, се пренесуваат во медиумите без никаква проверка, без никаква дополнителна вредност, тоа што е само кажано од институциите. Во таков случај, новинарите и медиумите ја губат довербата бидејќи нивните известувања се покажале како неточни, а во некои случаи и граѓаните потоа не им веруваат“, вели Фросина Димеска, новинарка во БИРН.

Новинарскиот леб не се заработува лесно. Она што е кажано на говорница, понекогаш е одложено во пракса. Често се случува трпението да се добие одговор од институција да треба да трае и со недели, па и месеци.

„На пример, имавме случај во редакција, колега да чека 17 дена за одговор од Министерството за внатрешни работи и три месеци од Владата. Зборувам за поставени прашања коишто не подразбираат барања на статистички податоци од претходни години, ангажирање на вработени во институцијата за да го подготват тоа што им го бараме, туку зборувам, во првиот случај за потврда на информација, а во другиот случај за став, односно за мислење на конкретната институција. Тоа вообичаено се одговори коишто би требало да ги добиеме или истиот ден или евентуално следниот ден, но никако да се чека за нив со недели или со месеци“, додава Димеска.

Дали медиумите ги селектираат пораките и дали внимаваат кога ги пренесуваат изјавите на политичарите?

Институтот за комуникациски студии (ИКС) ги мереше штетните наративи во медиумите во време на предизборие. Податоците открија загрижувачки податоци.

„Констатиравме дека медиумите се генерално пренесувачи на штетните наративи. Прв штетен наратив по квантитет е поткопување на довербата во институциите, и тоа неосновано поткопување, во кое се изнесуваат окривување за непотизам, злоупотреба на службена должност, за корупција, криминал и притоа не се изнесуваат доволно докази. Вториот по квантитет штетен наратив е пристрасното селектирање. Не се изнесуваат сите факти за јавноста да добие мислење коешто ќе биде издржано, односно пренесуваат само една страна, и тоа сопствената. Третиот штетен наратив по квантитет се нападите на лична основа, тие се навистина многу чести. Некогаш се можеби помали, помалку интензивни, до демонизација на личноста каде што се претставува како зла, со што најмногу се деградира личноста, се омаловажува, се искажува потполно непочитување. Четвртиот штетен наратив по квантитет, зависно во кој медиум, некогаш е популизмот и поттикнувањето на поделби коишто исто така се едни од најстрашните наративи, бидејќи во поларизирачко општество како што е македонското, секоја изјава којашто ќе го продлабочи тој поларитет, таа поделба, може да предизвика само уште поголема штетност“, објаснува Елеонора Серафимовска од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, која беше вклучена во истражувањето на ИКС.

Ваквиот начин на информирање, пренесувајќи штетни наративи, без филтер и почитување на етички и професионални стандарди создава токсична атмосфера во која безизлезно се гуши целото општество.

„Брзајќи да ја објават секоја нова информација, забораваат да се прашаат дали токму таа информација е навистина вест што е вредна за објавување и на тој начин свесно или несвесно, придонесуваат за зголемување на токсичноста во медиумскиот простор и во нивните новинарски содржини. Сите здружено создаваме отровен општествен конструкт во кој живееме. Искрено и интимно не сум повеќе сигурна што е поживотно загрижувачки - отровниот воздух што секоја зима го дишеме или отровните комуникации и штетни наративи кои секојдневно ги примаме и ги преживуваме. И двата се токсични на свој начин, влијаејќи на квалитетот на нашиот живот, ограниченоста на живеењето и на ангажирањето во општеството во коешто битисуваме“, вели Жанета Трајкоска, Институт за комуникациски студии.

Опасноста од пренесување на штетни наративи, нетрагање по вистината, туку „голо“ изнесување на изјави кои се потпалувачки, можат да го однесат општеството во друг правец. Професорот за комуникација на универзитетот Лафборо во Велика Британија, Вацлав Штетка, објаснува како популизмот го напаѓа новинарството.

„Популистите се обично познати по нападите врз новинари и медиумите. Популистичките лидери многу често ги мобилизираат нивните гласачи и поддржувачи против традиционалното новинарство. Проблемот станува посериозен кога популистичките лидери ќе дојдат на власт, кога ќе влезат во влада. Тогаш тие често усвојуваат закони или политики кои се закана за слободата на новинарството и медиумите. Тогаш непријателската реторика станува непријателска политика“, кажа Штетка.

Новинарство кое ќе го смирува општеството наместо да ја зајакнува поделбата

Медиумите не се боксерски ринг, ниту место за склучување зделки меѓу политичари и новинари, вели данскиот новинар Курт Страндт. Смета дека новинарството мора да се менува, да нуди известување кое ќе го информира, но и смирува општеството, наместо новинарство кое ќе ја зајакнува поделбата. Потенцира дека за тоа е потребно подолго време.

,Како новинари ние ги сакаме конфликтите. Сакаме кога луѓето викаат. Сакаме кога се расправаат на висок тон на ТВ програмите и затоа често мислиме – ова е многу добра емисија, излезе многу добро. Но, доколку само за момент подзастанеме и се запрашаме што ќе понесе публиката од сето тоа? Можеби се забавувани, да, секако дека се забавувани, но дали од тоа извлекле некоја важна информација? Не!”, изјави Курт Страндт од Институт за конструктивно новинарство во Архус, Данска.

Вистински предизвик во светот се и дезинформациите. Непрепознавањето на вистината и креирањето на паралелна вистина преку лажни факти може сериозно да ја разниша демократијата.

„Демократијата е градба од слобода, инклузивност и отворена дискусија. Но, тие не се имуни на негативните ефекти од разорна и погрешна политичка реторика. Британската Влада активно ја поддржува заложбата за слободни медиуми и борбата со штетни дезинформации кои ја нарушуваат демократијата и слободниот говор. Овој тип на дезинформации се обидуваат да ги нарушат демократските идеали. Овие штетни политички наративи, под еден, сакаат да ги нарушат демократските процеси и се закануваат на стабилноста на нашите општества. Под два, промовираат нетолеранција, слаби демократски норми и сакаат да го уништат балансот. Три, ги нарушува разбирањата на луѓето за прашањата и создава поделеност промовирајќи несигурност“, изјави Даниел Филер, вршител на должност амбасадор на Велика Британија во Скопје.

Медиумите мораат да бидат партнери на јавноста и преку својата работа постојано да ја унапредуваат и зајакнуваат довербата на својата публика.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Катерина Топалова

Снимател: Слаѓан Милошевски

Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска