fbpx

Над 25.000 упати за лекување странци во државните болници, клиниките ќе бараат зголемување на фондовските цени

  • Во државните болници лани се лекувале 18.413 странци од 15 држави, а најмногу од нив се од Германија и Австрија. На скопските клиники, пак, најчесто се лекуваат странци од Косово.
  • Од болниците велат дека странци најчесто доаѓаат за дијагностички процедури, а една третина од нив правеле ковид тестови.
  • Цените за лекување на македонски државјани и на странци на приватно,, според Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), не смеат да бидат пониски од референтните цени покриени со здравственото осигурување. Клиниките се жалат дека тие се премногу ниски и бараат нивно зголемување.
 

Во Македонија лани се лекувале 18.415 странски државјани од 15 различни земји. Според податоците од Министерството за здравство, во системот „Мој термин“ евидентирани се вкупно 25.867 упати кои се издадени за странски државјани. Од Министерството велат дека најголем дел од овие пациенти во земјава се лекувале во согласност со договорите што ги има Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) со 18 земји за взаемно покривање на трошоците за итни здравствени услуги кога државјаните на овие земји престојуваат во Македонија, како и кога наши државјани престојуваат во тие земји. Помал дел од странците кои лани се лекувале во државните болници и клиники здравствената услуга ја платиле приватно.

Остри критики и неодобрување во јавноста се појавија по изјавата на министерот за здравство Фатмир Меџити, кој на сто дена од неговиот мандат најави дека ќе ги изедначи цените за лекување на странски државјани со цените за лекување на македонски државјани во јавните здравствени установи. „Косовските граѓани плаќаа двојни цени и тоа само во јавното здравство, а не во приватното. Дадовме наредба од Министерството за здравство ова да се израмни и да има исти цени како и за нашите државјани, бидејќи всушност не доаѓаат странци во Македонија, тие се од Косово, особено за здравствени потреби. Презедов мерки и за граѓаните од Албанија кои доаѓаат и ги посетуваат болниците во Охридскиот регион“, изјави тогаш министерот Меџити.

По острите критики од јавноста дека не може странци да се лекуваат по исти цени како македонските граѓани, неколку дена подоцна Министерството за здравство излезе со појаснување дека министерот всушност мислел дека се изедначуваат цените кога нашите државјани за лекувањето плаќаат приватно, а не кога тоа е покриено од Фондот за здравствено осигурување.

Јавноста повторно негодуваше дека цените не може да се изедначуваат ниту така, бидејќи македонските граѓани се тие кои го полнат буџетот на државата од каде се обезбедуваат пари и за здравство. Критики беа упатени и поради тоа што во голем број болници и клиники за одредени здравствени услуги се чека со месеци поради големиот број пациенти.

Од Министерството за здравство на оваа забелешка на граѓаните одговорија дека лекување на приватно, без оглед на тоа дали се македонски државјани или странци, јавните здравствени установи може да дадат само ако тоа не влијае на вршењето на здравствената дејност за пациентите осигурени преку ФЗО. „Во согласност со законот, здравствени услуги може да се дадат на пациенти кои здравствените услуги ги плаќаат со лични средства, без оглед на тоа дали се странци или не, само доколку тоа не влијае на обемот и квалитетот на вршењето на здравствената дејност за пациентите осигурени преку Фондот за здравствено осигурување на РСМ и на продолжувањето на времето на чекање за користење на определена услуга за тие пациенти“, велат од Министерството.

Од таму посочија дека здравствените установи треба да имаат просторни и кадровски капацитети да даваат здравствени услуги на приватно, без да го загрозат давањето здравствени услуги за кои плаќа ФЗО. „Услов за давање здравствени услуги на пациенти кои здравствените услуги ги плаќаат со лични средства, без оглед на тоа дали се странци или не, е здравствените установи да имаат кадровски, просторни и други капацитети кои ги надминуваат критериумите за определување на мрежата и условите кои произлегуваат од договорот со Фондот, и кога тие не се потребни за спроведување на здравствените услуги од задолжителното здравствено осигурување во согласност со договорот со Фондот“, објаснија од Министерството за здравство.

Најмногу странски пациенти се од Германија и Австрија, а на скопските клиники најчесто се лекуваат државјани на Косово

Податоците од системот „Мој термин“ покажуваат дека лани најмногу странски државјани кои се лекувале во јавните здравствени установи биле од Германија (3.859) и од Австрија (1.627). По нив следат пациенти од Косово, Швајцарија, Србија и Албанија, од каде над 1.000 луѓе дошле во државните болници и клиники. Таму лани се лекувале и државјани на Италија, Бугарија, САД, Турција, Словенија, Австралија, Белгија, Грција и Хрватска.

Табела: Број на странски пациенти по земји во 2022 година

Земја Број на пациенти во 2022 година
Германија 3859
Австрија 1627
Косово 1304
Швајцарија 1289
Србија 1179
Албанија 1104
Италија 898
Бугарија 743
САД 716
Турција 638
Словенија 445
Австралија 440
Белгија 366
Грција 363
Хрватска 357
 

Пациентите од Косово биле најбројни во речиси сите болници и клиники кои ни испратија податоци – скопските клиники за хематологија, радиотерапија и онкологија, кардиологија, гинекологија и за дигестивна хирургија и Градската болница „8-ми Сепгември“.

Од Клиниката за хематологија велат дека лани имале 166 странски пациенти, а годинава до 25 јули имале 114 странски пациенти. „На нашата клиника најчесто доаѓаат странски државјани од Косово за специјалистичко консултативни и лабораториски услуги“, велат од Клиниката.

Во Градската општа болница „8-ми Септември“ во Скопје лани и оваа година се лекувале 174 странски државјани, од кои 85 побарале здравствени услуги според билатералните договори за социјално осигурување што ги има склучено Македонија. Од таму велат дека странците што кај нив се лекуваат приватно најчесто се од Косово, а најмногу странци кои се лекуваат по конвенција, односно во согласност со договорите што ги има ФЗО со 18 земји се од Германија.

На Клиниката за радиотерапија и онкологија годинава заклучно со крајот на јуни се лекувале 46 странски државјани, а лани 74. Од Клиниката велат дека странците најчесто доаѓаат за брахитераписки третман и дека најчесто тоа се државјани на Косово и Албанија.

Од Клиниката за кардиологија каде исто така има голем број пациенти и големи листи на чекање за прегледи, велат дека лани кај нив се лекувале 26 странски државјани, а годинава 17.

На Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) лани се лекувани 25 странски државјани кои побарале здравствена услуга. „Лани сме имале 8 пациентки од Косово, 5 од Србија, 3 од Албанија и 9 од земјите од Европската унија. Од нив 11 биле гинеколошки случаи, а 14 акушерски случаи“, велат од ГАК.

Најмалку пациенти од странство во клиниките што ни одговорија, имало на Клиниката за дигестивна хирургија. Лани кај нив се лекувале 12 странци, а годинава двајца. Од Клиниката велат дека странците најчесто се од Косово.

Податоците од системот „Мој термин“ што ги добивме од Министерството за здравство покажуваат дека значителен дел од странските државјани побарале педијатриски здравствени услуги, односно се лекувале 1.657 деца, а поголем број пациенти добиле услуги на интерна медицина, ургентна медицина и ортопедија. Една третина од здравствените услуги што странците ги добиле во Македонија се за ковид тестови - ПЦР тестови (3.279) и брзи антиген тестови (3.189).

Според „Мој термин“, најмногу странски државјани побарале здравствени услуги во кумановскиот Центар за јавно здравје (1.312) и општата болница во Куманово (995). Во приватната специјална болница за гинекологија и акушерство „Плодност“ во Битола, со која ФЗО има склучено договор, биле упатени 928 странски државјани, најмногу за ПЦР тест и брз антиген тест за ковид-19. Странци лани се лекувале и во болниците во Охрид, Струга, Битола, Гостивар, Тетово, Прилеп и Дебар, Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедија, анестезија, реанимација и интензивно лекување, Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје, во центрите за јавно здравје во Битола и Прилеп. Странци биле упатувани на ковид тестови и во приватните лаборатории НИКОЛАБ и Биотек и во ПЗУ Ројал Медика Микро.

 

Колку плаќале странските пациенти за здравствените услуги?

Најзастапени дијагнози со кои доаѓаат странски државјани на Клиниката за дигестивна хирургија се карцином на желудник и карцином на дебело црево. „Цената за лекување на странци и македонски државјани на приватно по досегашниот ценовник е во сооднос 2:1, односно македонските државјани плаќаат по цените одредени од Фондот за здравствено осигурување. Најчестата здравствена услуга за која странци доаѓаат на нашата клиника е карцином на дебело црево, која се наплатува по 255.473 денари, и карцином на желудник која по досегашниот ценовник се наплаќаше по 264.738 денари“, велат од Клиниката.

На Клиниката за гинекологија и акушерство повеќето странски државјанки кои доаѓаат се за породување, или лани имале 14 вакви пациентки, а останатите 11 барале други гинеколошки услуги. Од таму велат дека ним им е наплатено двојно повеќе од референтните цени за лекување одредени од ФЗО. Породување со царски рез чини 91.700 денари, а хистеректомија, за која најчесто доаѓаат странските пациентки, чини повеќе од 137.000 денари.

На Клиниката за кардиологија странците најчесто доаѓаат за коронографија, а еден лани добил и имплант на срцев уред. Од Клиниката велат дека оваа услуга според референтните цени од ФЗО чини околу 40.000 денари, но на странците досега им се наплатуваше два до три пати повеќе од овие цени во зависност од услугата.

Од Клиниката за радиотерапија и онкологија велат дека на приватните пациенти од друга земја им се наплаќаат по 100% повисоки цени од оние за наши државјани, бидејќи тие не се резиденти на нашата држава. „Тие најчесто доаѓаат за брахитераписки третман кој чини 56.580 денари“, велат од Клиниката.

Во градската општа болница „8-ми Септември“ велат дека странците што кај нив се лекуваат на приватно најчесто доаѓаат за рендген или РТГ услуги, а најмногу е РТГ на градни органи, и таа се наплаќа по 700 денари.

На Клиниката за хематологија, пак, цените по кои им се наплаќа приватно лекување на македонски и на странски државјани се исти и тие се во согласност со ценовник утврден од Фондот за здравствено осигурување. „Најчестата здравствена услуга за која доаѓаат странци на Универзитетската клиника за хематологија е: ХЛ14 определување на спец. ЦД маркер со имонофлуоресценција на проточен цитометар и таа чини 2.720 денари“, велат од Хематологија.

Македонски државјани се лекуваат на приватно кога нема слободен термин или немаат здравствено осигурување

Во Градската општа болница „8-ми Септември“ велат дека на приватно лани и од почетокот на оваа година се лекувале 4.943 пациенти. Од болницата објаснуваат дека македонски државјани на приватно најчесто плаќаат за физикална терапија – магнет и биоптрон, ехо на дојка, РТГ на градни органи и мамографија. „Најчестата здравствена услуга за која македонски државјани се лекувале во нашата болница е магнетотерапија, која чини 150 денари - Фондот не ја покрива оваа услуга, како и ехо на дојка, кое чини 1.430 денари, бидејќи тешко се доаѓа до слободен термин“, велат од „8-ми Септември“.

На Клиниката за хематологија годинава приватно се лекувале 12 македонски државјани, а лани 15. Тие најчесто бараат специјалистичко консултативни и лабораториски услуги. „Најчестата здравствена услуга за која македонски државјани одлучуваат да се лекуваат на приватно е АСК2- Основен специјалистички пакет со контрола - 450 денари, и БА2/2 - крвна слика со диференцијална крвна слика - 140 денари“, велат од Хематологија.

На Клиниката за кардиологија во Скопје лани на приватно се лекувале 10 пациенти, а годинава 11. Тие најчесто на приватно плаќаат коронографија, а двајца лани и еден годинава на приватно платиле имплант на срцев уред.

Приватно лекувањето на Клиниката за дигестивна хирургија лани го платиле двајца македонски државјани, а годинава четворица. Од Клиниката објаснуваат дека тоа се македонски државјани без здравствено осигурување. Македонските државјани кои се лекуваат на приватно на оваа клиника најчесто се за лекување на слепо црево и хернија.  „Најчестата здравствена услуга која на приватно ја бараат македонски државјани е за слепо црево и таа на Дигестивна хирургија чини 27.782 денари. Тоа се итни пациенти, кои немале регулирано здравствено осигурување“, велат од Клиниката.

На Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје велат дека многу ретко кај нив на приватно здравствени услуги бараат македонските државјани, бидејќи многу малку од нив немаат задолжително здравствено осигурување. Според законските одредби, оние граѓани, кои по никој основ не се осигурени задолжително се осигурени преку Министерството за здравство. „Годишно имаме најмногу 5 пациенти, македонски државјани кои плаќаат на приватно. Цената по која им се наплаќа е според ценовникот на референтни цени одредени од Фондот за здравствено осигурување, а наплатата најчесто е проблематична бидејќи тие лица немаат средства да ја платат услугата. Поради итноста на состојбата, Клиниката мора да ги прими и лекува. Се испишуваат со потпишана изјава дека ќе платат, а наплатата многу често не е можна или многу тешко се реализира. Тоа најчесто се бремени пациентки кои доаѓаат на пораѓање“, велат од ГАК.

На Клиниката за радиотерапија и онкологија на македонските државјани кои се лекуваат на приватно им се наплаќа според референтните цени на здравствените услуги одредени од ФЗО. „Годинава заклучно со крајот на јуни нема македонски државјани кои на нашата Клиника се лекувале на приватно, а лани сме имале тројца вакви пациенти. Тие најчесто доаѓаат за хистопатолошки испитувања, во хистопатолошка лабораторија“, велат од Клиниката.

ФЗО: Цените за лекување на приватно не се исти и не смеат да бидат пониски од референтните цени

Од Фондот за здравствено осигурување велат дека во претходната и оваа година од 7 јавни здравствени установи било побарано мислење за одобрување на ценовник за лекување на пациенти на приватно. Овие ценовници се однесуваат и на здравствени услуги опфатени со задолжителното здравствено осигурување, но и за услуги кои не се опфатени со осигурувањето.

„Ниту една цена на здравствена услуга во овие ценовници што ги изготвуваат јавните здравствени установи не била еднаква со референтните цени на здравствените услуги што ги одредува ФЗО од задолжителното здравствено осигурување. Ставот на Фондот е дека цените во овие ценовници не може да бидат пониски од референтните цени на Фондот за соодветните услуги“, велат од ФЗО.

Од таму објаснуваат дека немаат ингеренции да се вклучат во политиките на болниците и клиниките во одредување на цените за лекувањето на приватно, бидејќи тоа не е на товар на здравственото осигурување. Поради тоа ФЗО нема податоци ниту за колку се повисоки цените од референтните цени на Фондот, ниту за бројот на приватни пациенти, странци и државјани на Македонија.

„За македонските државјани кои немаат регулирано здравствено осигурување, а имаат потреба од здравствена услуга, Фондот има изготвено упатство, состојби кога се стекнува или се губи здравственото осигурување за време на болничко лекување, според кое здравствените установи се должни да постапуваат. За утврдените неправилности по записник или извештај постапува комисија за казни при ФЗО“, велат од Фондот.

Македонските државјани кои се осигурени во Фондот за здравствено осигурување за здравствени услуги во јавните здравствени установи плаќаат само партиципација, а цената за здравствената услуга ја одредува и ја плаќа Фондот.

„Цените за здравствени услуги за лекување на пациенти македонски државјани кои немаат здравствено осигурување или цената сакаат да ја платат приватно ги утврдува министерот за здравство со посебен акт, по претходно прибавено мислење од Фондот, на барање на јавната здравствена установа. Ценовникот за здравствени услуги на странци го донесува директорот на јавната здравствена установа, на кој согласност дава министерот за здравство, што значи дека секоја јавна здравствена установа носи свој ценовник“, објаснуваат од Министерството за здравство.

Македонски државјани кои не се осигурени во Фондот за здравствено осигурување се многу малку, бидејќи и оние државјани кои по ниту еден основ не се осигурени и не можат сами да го платат осигурувањето, за нив се одвојуваат пари за осигурување од буџетот на Министерството за здравство.

„Здравствените услуги кои не се опфатени со задолжителното здравствено осигурување ги плаќаат македонските државјани во јавните здравствени установи по цена утврдена од министерот за здравство со посебен акт, по претходно прибавено мислење од Фондот, на барање на јавната здравствена установа“, велат од Министерството за здравство.

Скопските клиники ќе бараат зголемување на референтните цени одредени од Фондот за здравствено осигурување

Наспроти идејата на министерот за здравство Меџити да се изедначат цените за лекување на приватно на странци и домашни државјани, од клиниките и болниците велат дека поголем проблем е што референтните цени од ФЗО за лекување на пациенти преку здравственото осигурување се премногу ниски.

На дел од клиниките стигната е наредбата од Министерството за здравство да ги изедначат цените, во другите сè уште не се стигнати, но сметаат дека оваа идеја не е во ред, иако немаат голем број странски пациенти.

Од клиниките најавуваат дека ќе бараат зголемување на референтните цени одредени од Фондот.

Од Клиниката за гинекологија и акушерство велат дека одлуката на Министерството за здравство да ги изедначи цените за лекување на домашни и странски државјани нема да се одрази на нивната работа, бидејќи немаат многу вакви пациенти. Сличен став имаат и од Клиниката за хематологија и Клиниката за кардиологија.

„Сепак би требало да има разлика во цената, бидејќи референтните цени согласно Ценовникот на ФЗО се нереално ниски и непроменети со години наназад“, велат од Клиниката за гинекологија и акушерство.

Најава дека ќе бараат зголемување на цените за лекување кои ФЗО ги плаќа на јавните здравствени установи од задолжителното здравствено осигурување има од клиниките за кардиологија, гастроентерохепатологија и хематологија.

Македонските граѓани не треба да плаќаат дополнително здравствено патничко осигурување во 18 земји

Македонија има склучено договори со 18 земји за социјално осигурување, со кои се покрива и здравственото осигурување, кога наши државјани престојуваат таму, како и кога нивни државјани престојуваат во земјата. Вакви договори, како што објаснува Ирфан Лимани, директор на секторот за комуникации во ФЗО, Македонија има склучено со Словенија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Турција, Германија, Италија, Бугарија, Холандија, Австрија, Чешка, Франција, Белгија, Словачка, Унгарија и Луксембург.

„Често се поставува ова прашање, дали со овие земји со кои имаме договори треба да се стават во дополнителен трошок за да платат преку осигурителните компании приватно осигурување. Не, нема потреба да платат дополнително осигурување, бидејќи за привремен престој тие се покриени со образец кој што го издава Фондот. За итни услуги тие здравствено се покриени за период за кој што престојуваат во таа земја. Вреди да напоменам дека овие договори се билатерални и се склучуваат на иницијатива на Министерство на труд и социјална политика, а ги склучува Министерството за надворешни работи“, вели Лимани.

Тој објаснува дека има иницијатива да се склучат вакви договори и со Грција, Косово и САД. „Се надеваме дека многу скоро ќе има склучување договори и со овие земји“, вели Лимани.

Тој објаснува дека овие договори се билатерални и дека со нив се покриени итни здравствени услуги преку здравственото осигурување за наши државјани кога патуваат во овие земји. Истото важи и за државјаните на овие земји кога престојуваат во Македонија. Сепак овие договори, како што објаснува Лимани, се различни од аспект на плаќање на услугата.

„Со сите имаме билатерални договори, но тие се различни. Како на пример, со Швајцарија не е опфатено здравственото осигурување. Во тој договор има постапка ако на наш осигуреник таму му треба здравствена услуга како се постапува кога ќе се врати во земјата, тој оди со рефундација на средствата кога ќе се врати во земјата. Имаме земји каде за итни случаи користат здравствени услуги со претходно набавен двојазичен образец за земјата во која патуваат и тој таму користи и итни услуги и лекови и ортопедски помагала“, вели Лимани.

Времетраењето на овие потврди за здравствено осигурување е различно, во зависност дали е туристички престој, образование или привремена работа. Лимани објаснува дека за туристички престој овие потврди важат 30 дена, за школување во средно училиште или на факултет траат колку што трае школувањето, односно во зависност од тоа дали имаат заверено семестар или година, траат од шест месеци до една година.

Тој објаснува дека нашите државјани прават грешки при патувањето во овие земји, односно заминуваат без да ја обезбедат потврдата за здравствено осигурување и ако им се случи да имаат потреба од здравствена услуга, тогаш настануваат проблеми.

„Пред да се патува во одредена земја се поднесува барање во подрачната служба на Фондот каде што осигуреникот е евидентиран како осигурено лице. Кон барањето доставува и потврда од избран лекар дека е здрав, а ако се работи за жена, доставува потврда и од избран гинеколог. Така подготвеното барање го доставува до комисија во Фондот за двојазичен образец и откако ќе го добие, може слободно да патува и да ги користи услугите што тој образец ги овозможува“, вели Лимани и додава дека е пожелно една недела пред патувањето да се поднесе барањето за да има време лекарската комисија на Фондот да го разгледа и одобри.

Фондот за здравствено осигурување нема евиденција колку странски државјани по овој основ биле лекувани во Македонија.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Елица Бочваровска
Фотограф: Дарко Андоновски
Снимател: Наке Батев
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска

Тагови: