fbpx

Со амин од Град Скопје жители на Аеродром немаат пристап до влезот на зградата

  • Со решението, угостител да постави урбана опрема на патеката која води до влезот и да ја затвори вентилацијата на зградата, градската администрација крши две свои важечки  Одлуки.
  • По најавата дека ќе бараат судска разрешница на случајот за злоупотреба на службена должност, станарите почнале да добиваат закани и да им се врши притисок да не поднесуваат тужба.
  • Пред новогодишните празници, жителите до Обвинителството поднесоа пријава против вработениот во Град Скопје кој го издал решението за поставување на урбаната опрема и се надеваат дека ќе бидат земени предвид нивните забелешки и дека ќе се донесе решение во нивна полза.
  • Од Град Скопје ги игнорираат и реакциите на станарите и нашите прашања зошто е донесено решение за урбана опрема спротивно на постоечките прописи.
 

Жители на скопската населба Аеродром со тужба ќе се борат против решение на Град Скопје, со која им е загрозено секојдневното нормално живеење во нивната станбена зграда, со кое се овозможува на приватен стопанственик да постави урбана опрема на приодот до влезот на зградата, како и врз системот за вентилација на самата зграда. Се работи за угостителски објект сместен во приземните простории на зградата.

Тие неколку пати реагирале до службите во Град Скопје, со објаснување дека урбаната опрема е поставена врз системот за вентилација, што претставува еден проблем, а вториот е дека воедно им е затворен и приодот до влезот на зградата.

Славчо Горчески, жител од скопски Аеродром, вели дека ова решение е незаконско и противправно, бидејќи со него се дозволува поставување урбана опрема на површина која не е јавна, туку е дел од зградата. И најважно тоа е спротивно на Одлуката на Град Скопје за поставување урбана опрема на јавни површини.

„Во овој случај незадоволството е кон градот Скопје, се работи за издадено одобрение за поставување урбана опрема најдвор од законските прописи во Република Северна Македонија и спротивно на законските прописи донесени во Одлуката на Град Скопје 7231422, со која се регулирани условите под кои што се издава одобрението за урбана опрема“, објаснува Горчески.

Со едно решение се кршат две Одлуки

Станарите во битката за своето право се повикуваат на двете одлуки на Град Скопје: Едната е Одлука за утврдување на потреба од поставување на урбана опрема и за условите, начинот и постапката за издавање на одобрение за поставување на урбана опрема и одобрение за вршење дејност надвор од деловен простор на подрачјето на Град Скопје (Службен гласник на Град Скопје бр.7/23) и втората, Одлука за утврдување на стандарди за поставување на времени објекти и урбана опрема на подрачјето на градот Скопје (Службен гласник на Град Скопје бр. 14/22)

Со решението од Град Скопје за поставување урбана опрема во Аеродром, прекршен е член 5 од Одлуката за утврдување на стандарди за поставување на времени објекти и урбана опрема на подрачјето на градот Скопје, донесена во 2022 година.

„Со поставување на времени објекти и урбана опрема не смее да се попречува или отежнува користењето на станбените и деловните објекти, односно нивната функција на живеење или работење,  да се загрозува безбедноста во сообраќајот, да се намалува пропишаната слободна проодна површина, да се уништува или зафаќа зелена површина (зеленило)“.

Во овој случај со поставувањето на урбаната опрема се отежнува користењето на станбените објекти и се намалува минимум пропишаната слободна проодна површина, односно Град Скопје постапил спротивно на законските прописи.

Решението од Град Скопје е спротивно на одредбата да не се попречува или отежнува користењето на станбените и деловните објекти

Во Член 9 од Одлуката за утврдување на стандарди за поставување на времени објекти и урбана опрема на подрачјето на градот Скопје стои дека „урбана опрема може да се постави на јавна пешачка површина со минимална широчина од 4 метри“.

Во овој случај патеката над која е поставена урбаната опрема ни по должина ни по широчина нема четири метри што значи Град Скопје го издало одобрението надвор од законските прописи.

Одобрението од Град Скопје е спротивно на одредбите во два члена од Одлуката за Одлуката за утврдување на стандарди за поставување на времени објекти и урбана опрема на подрачјето на Скопје

Според членот 10 (1) од оваа одлука, „при поставување на урбана опрема на тротоари и други пешачки површини, минималната слободна проодна површина од попречниот профил на тротоарот или пешачката површина изнесува 2,5м (цртеж 4 и 5)“.

Во овој случај пешачката патека е потесна од 2,5 м и целата патека е затворена за слободно движење на пешаците. Односно, целокупната патека е со ширина од 1,6 м и е затворена за движење на пешаците токму врз основа на одобрението од Град Скопје за поставувањена урбана опрема и на плочникот и на решетките за вентилација која не е јавна површина.

Состојбата пред влезот во зградата број 9 на булеварот „Јане Сандански“ пред да биде поставена опремата и потоа (Фотографиите се од станарите)

Горчески вели дека станарите се револтирани од односот на Град Скопје, од каде целосно ги игнорираат сите нивни реагирања.

„Урбаната опрема е веќе поставена, објектот си работи, сопственикот има финансиска корист од тоа што е издадено од Град Скопје. Урбаната опрема не е поставена на јавна површина како што е наведено во одлуката, тоа е приватен имот“, вели Горчевски.

Според станарите, со ова решение Град Скопје сторил и кривично дело – злоупотреба на службената положба, поради што случајот го пријавиле и во Министерството за внатрешни работи.

„Со тоа е сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување по член 353 став 1 од Кривичниот законик на РСМ, затоа што на деловниот субјект Град Скопје му издало бесправно одобрение за поставување урбана опрема и му овозможиле бесправна финансиска корист на деловниот субјект. Доставено е барање до МВР - Сектор за организиран криминал кој што треба да ги процесира нашите информации и да одлучи дали ќе ја покрене кривичната пријава. Наведени се сите докази, прекршување на законските прописи наведен е фактот дека со тоа е сторено кривично дело по член 353 став 1 од Кривичниот законик и сега го очекуваме одговорот на МВР“, истакнува Горчески.

Станарите организираат дежурства поради заканите

Но, освен од МВР жителите од зградата број 9 на булевар „Јане Сандански“, повеќе од еден месец чекаат и одговор од Градот по жалбата која ја поднеле до службите против ова решение.

„Поднесена е жалба на издаденото одобрение од сите станари во зградата, луѓето се единствени тоа ме радува. Наведени се фактите, односно кај се прекршени законските прописи и се работи за издадено одобрение над вентилациониот систем на зградата, се работи за затворање на патека, каде што станарите поминуваат. Сите факти им се кажани, но до ден денеска по поминати две недели Град Скопје нема никаков одговор на таа наша жалба“, вели Горчески.

Горчески вели дека, по најавата до Градот дека ќе бараат судска разрешница на случајот за злоупотреба на службена должност, станарите почнале да добиваат закани и да им се врши притисок да не поднесуваат тужба.

„Се случи еден немил настан на еден од станарите, потписник на преписките, уништено му е возилото. Случајот е пријавен во МВР и засега сторителот е непознат. Но, се надевам дека МВР работи на случајот и постои можност истиот да се открие. Станарите веќе будно ја следат ситуацијата на терен и дури се организираме во 24 часовни дежурства и ги набљудуваме колите, да не се случи уште еден таков настан , односно да можеме ние самите побрзо да го најдеме сторителот“, вели Горчески, и додадва дека условите во кои живеат сега се „многу непријатни“.

Во меѓувреме, пред новогодишните празници, жителите од оваа зграда во населбата Аеродром преку архивата на Обвинителството поднесоа пријава против вработениот во Град Скопје кој го издал решението за поставување на урбаната опрема и се надеваат дека ќе добијат одговор во законскиот рок од 90 дена.

„Не ни останува ништо друго освен законски да го истераме случајот до крај“, вели Горчески, додавајќи дека надежите им се дека Обвинителството ќе ги земе предвид нивните забелешки и дека ќе донесе решение во полза на станарите.

„Се надевам дека ова што станарите го доживуваат еден ден ќе биде престане, зашто ова се случува неколку пати досега. Локацијата е атрактивна и апетитите на тие што сакаат да ја заземат се многу големи“, вели Горчески.

Тој додава дека станарите ги направивиле сите чекори што можеле да ги направат.

„Град Скопје неколку пати е предупреден дека на таа локација не може да се издаде урбана опрема. Уште пред неколку години дојдена е екипа од град Скопје и утврдено е дека на таа локација неможе да се издаде одобрение. И покрај тоа Град Скопје со сета сила ги прекршува законските прописи и го издава тоа решение. Укажано е каде е направен прекршокот и сега го чекаме одговорот од Градот, вели Горчевски.

Тој објаснува дека без оглед дали ќе се поништи донесеното решение или не, станарите на зградата сепак ќе поднесат кривична пријава против вработените во Град Скопје.

Само прашај се обрати до Град Скопје и до МВР во врска со овој случај.

Во градската администрација ја прашавме како ќе постапат по жалбата на жителите на Аеродром и зошто е донесено решение за урбана опрема спротивно на постоечките прописи. Но, до овој момент. Иако повеќепати комунициравме со надлежните за односи со јавност, до овој момент не добивме никаков одговор.

Од Министерството за внатрешни работи, пак, за пријавата од станарите од булевар „Јане Сандански“ бр. 9, од Одделот за организиран криминал ни рекоа дека ќе ги испитаат сите наводи во пријавата и ако има постапување спротивно на законските прописи ќе постапат согласно своите надлежности.

„Полициските службеници од СВР Скопје ќе ги преземат сите мерки и активности за да ги утврдат фактите од пријавата и доколку утврдат постапување спротивно на законот, против сторителот ќе биде поднесен соодветен поднесок“, се вели во одговорот од МВР.

Случајот со жителите од зградата бр. 9 на булеварот „Јане Сандаански“ уште еднаш покажа дека институциите кои треба да го штитат интересот на граѓаните и да им овозможат непречено живеење, понекогаш не само што не го прават тоа, туку и остануваат затворени за нив. Град Скопје, кој изминатиов период стана познат по својата нетраспарентност и одбивање да даде одговори на јавноста за многу други прашања, и во овој случај одлучи да молчи, оставајќи ги  граѓаните сами да водат битка за некои нивни законски загарантирани права.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Елица Бочвароска
Снимател: Наке Батев