fbpx

Во Македонија веќе две години не се објавуваат податоците за сиромаштија

  • Без податоци за сиромаштија, не се знае ефектот на владините мерки и реформи, а создава и сомнеж дека тие се кријат поради кризата.
  • Од Државниот завод за статистика велат дека проблемите наскоро ќе се надминат.
  • Економистите бараат при мерењето на сиромаштијата да се воведат и нови индикатори.
 

Државниот завод за статистика (ДЗС) за 2021 и 2022 не го  објави индикаторот за сиромаштија, попознат како Лаекенски. Овој индикатор е усогласен со Евростат и се зема како репер за мерење на сиромаштијата. Тоа се меѓународно споредливи податоци, базирани на Анкетата за приходи и услови за живеење која е по препораките на Европската унија. Оваа методологија се применува и кај нас, а како што може да се види на веб страницата на Државниот завод за статистика (ДЗС), последен пат е објавен во мај 2022 и се однесува за 2020 година.

Поради немањето мерливи и споредливи податоци, не знаеме дали се зголемила сиромаштијата кај граѓаните, имајќи предвид дека 2021 е посткризна Ковид 19 година, а во 2022 почна забрзаниот раст на цените како на прехранбените производи, така и на енергенсите како што се електричната енергија и нафтените деривати. Поради необјавување на овој индикатор, не може ниту да се следи дали владините мерки, но и реформите за намалување на сиромаштијата и заштита на животниот стандард на населението, даваат резултати.

„Овие податоци се важни првенствено за социјалните политики, но и за даночните политики. Законите за социјална заштита и за детска заштита беа реформирани во јуни 2019 година, посебно во делот на детската заштита настана позначајна промена и важно е да знаеме каков ефект тие промени во системот направиле во 2021 и 2022 година, бидејќи тие Анкети за приходите и условите на живеење всушност се однесуваат на фискалните 2020 и 2021. Ова е особено важно за детската сиромаштија, која е значајно повисока и поупорна од општата стапка на сиромаштија. Меѓутоа, засега тие податоци ги немаме и немаме индикација дали социјалната реформа функционира и во која мера. Значи, нема дилема дека е есенцијално таквите податоци да се објавуваат навремено“, вели за Само Прашај Благица Петрески од Фајнанс тинк.

Инфлацијата удри по граѓаните

Инфлацијата, која „букна“ во 2022 најмногу удри токму во делот каде граѓаните трошат најмногу пари од своите приходи - храната.

 

Т-01: Индекси на трошоците на животот, јануари 2023 година

I 2023 ------- Ø 2022 I 2023 ------- XII 2022 I 2023 ------ I 2022 Ø 2022 ------ Ø 2021
0 ВКУПНО 106,7 100,1 117,1 114,2 TOTAL
01 Храна и безалкохолни пијалаци 109,2 99,9 125,1 120,9 Food and non-alcoholic beverages
02 Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици 101,9 100,0 108,4 107,5 Alcoholic beverages, tobacco and narcotics
03 Облека и обувки 100,9 98,7 102,7 101,8 Clothing and footwear
04 Домување, вода, електрична енергија, гас и други горива 109,0 101,7 115,8 113,3 Housing, water, electricity, gas and other fuels
05 Мебел, поќукнина и редовно одржување во домаќинствата 109,7 101,6 117,7 108,6 Furnishings, household equipment and routine maintenance of the house
06 Здравствена заштита 101,9 100,0 104,3 104,0 Health
07 Транспорт 99,0 96,7 111,6 119,5 Transport
08 Комуникации 100,6 100,2 101,6 100,4 Communication
09 Рекреација и култура 103,4 101,2 107,6 104,9 Recreation and culture
10 Образование 100,2 100,0 100,3 100,3 Education
11 Ресторани и хотели 109,1 100,6 121,2 115,5 Restaurants and hotels
12 Разновидни стоки и услуги 108,4 101,3 115,9 108,9 Miscellaneous goods and services

Државен завод за статистика

Бројките покажуваат дека вкупниот индекс на трошоците на живот во 2022 пораснале за 14,2 отсто, каде храната поскапела за 20,9 отсто во споредба со 2021. Затоа јавноста бараше владини мерки за сè потешките услови за живот.

Владата, пак, по преземањето на мерките се фалеше дека ги донела најдобрите и дека се спасил стандардот на граѓаните.

Медиумите беа полни со владините самофалби за подобрување на стандардот

Но, без да се објави Лаекенскиот индикатор кој статистички, научно и споредливо ја мери сиромаштијата во земјите членки во Евростат и кој по правило се објавува на крајот од тековната година и се однесува за претходната година (податокот за 2022 требаше да се објави во декември 2023, за 2021 во декември 2022 итн.), тврдењата за ефектите од кризата и од мерките не можат да се потврдат.

Отворени прашања

Затоа, немањето на официјални податоци, во јавноста отвори неколку прашања и потпрашања:

  • Дали намерно не се објавува, поради политички притисок, за да не потврди и Статистика (ДЗС) дека сме посиромашни?
  • Дали е можно Владата и ресорните министерства да носат антикризни мерки, ако немаат валидни податоци?
  • Економистите бараа таргетирани мерки, односно помошта да биде наменета за најранливите и дали беа можни вакви мерки без податоци за сиромаштијата?
  • Дали без објавување на Лаекенскиот индикатор постоеше и постои опасност, поради мерки кои не се засновани на прецизни податоци, од државниот буџет да се одлеат повеќе или помалку пари за антикризни мерки наменети за граѓаните?

Првото прашање, односно дека намерно се кријат податоците. и од Државниот завод за статистика (ДЗС) и од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) го отфрлаат како неосновано.

Од Министерството велат дека Државниот завод за статистика е во финална фаза на обработка и пресметка на Лаекенскиот индикатор за 2021 и 2022 година, по што истите веднаш ќе бидат објавени.

Од Статистика, пак, појаснуваат дека се доцни со објавувањето поради промената на методологијата од страна на Евростат како и поради тоа што пред објавување, сите податоци мора да добијат одобрување од европските статистичари. Исто така, проблем е што ДЗС нема лице кое соединува познавање на две вештини, информатичка технологија и статистика:

„Државниот завод за статистика прави напори да се завршат пресметките околу сиромаштијата имајќи ги предвид проблемите од кои произлезе ова доцнење. Имено, една од причините е тоа што Евростат целосно ги промени процедурите за валидирање на базите на податоци од Анкетата за приходи и услови за живеење која е главен извор за пресметка на Лаекенските индикатори на сиромаштија. Кога на ова ќе се додадат и ангажираноста на вработените во Пописот на население, како и недостигот на ИТ и друг кадар во ДЗС, доцнењето беше неминовно. Процедурата за објавување е таква што без валидирани податоци од Бирото за статистика на Европската Унија (Евростат), не е можно објавување на каков било податок. ДЗС е во постојан контакт со Евростат што е можно побрзо да се отстрани проблемот со цел да се објават официјалните податоци за сиромаштијата“, велат од ДЗС.

Индикаторот за сиромаштија е важен во креирањето издржани социјални мерки

А дали се можни издржани социјални мерки ако не се знае колкава е сиромаштијата за последниве две години, од ДЗС и од МТСП велат дека се можни.

„Секако дека податокот за официјалната стапка на сиромаштија е важен индикатор, но со доцнењето на објавувањето воопшто не се ускратува можноста на државните институции да креираат адекватни мерки против сиромаштијата. Имено, стапката на сиромаштија е само еден од мноштвото индикатори кои можат да се користат за преземање на соодветни мерки за нејзино намалување. Тука се индикаторите од другите анкети како Анкетата за работна сила, како и административните податоци од Министерството за труд и социјална политика, Министерството за финансии, како и од Министерството за економија“, велат од Статистика.

И Петрески од Фајнанс Тинк е согласна дека е можно да се донесат мерки и без овој индикатор.

„Делумно секако дека може, затоа што МТСП сепак располага и со други релевантни податоци, како на пример, инциденцата на лица кои имаат годишни примања под одреден праг, што се исцрпува од административни податоци преку Управата за јавни приходи. Или, како се движи уделот од доходот кој оди кај најдоходовните 1% од населението, што исто така може, со одредени задршки, да се обезбеди преку УЈП“, објаснува Петрески.

Но, таа додава и дека ако владините политики имаат цел е да се намали сиромаштијата, тогаш мора да се следи стандардизираниот индикатор за тоа, а тоа е стапката на сиромаштија во рамки на Лаекен-индикаторите, а кои се базираат на Анкети за приходите и условите на живеење (АПУЖ).

Како се добива Лаекенскиот индикатор?

Лаекенскиот индикатор, кој за нас во Македонија има чудно име, е наречен по едно предградие во Брисел. Со овој индикатор, преку Анкети за приходите и условите на живеење се мерат сите приходи во едно домаќинство.

  • Важно е што е анкета и е на доброволна основа. Во Македонија опфаќа 6.200 домаќинства.
  • Се мерат сите приходи во едно домаќинство. Во анкетата, освен што се пријавуваат плати, пензии, хонорари, се пријавуваат и дополнителни приходи кои може да доаѓаат од пратени пари од странство преку некој роднина или пријател, работа на црно, од дополнително работење во земјоделство и слично, односно се мери и сивата економија.
  • Се мерат сите приходи во текот на една година, при што Статистика ги следи домаќинствата во тек на четири години, со што подолго се следат приходите и промените.

Бидејќи се мерат приходи во домаќинство и врз нив се одредува сиромаштијата, проблемот со различниот број на членови во едно домаќинство се решава на тој начин што секој член има одреден коефициент.

На пример, за да може да се споредат приходите на домаќинство со еден (1) возрасен член, домаќинство со еден возрасен и едно дете и четиричлено домаќинство со двајца возрасни и две деца, приходите мора да им се сведат на споредлива величина или по еквивалент возрасен. Бидејќи домаќинствата имаат различен број членови и со различни комбинации на возраст, се применува релативно едноставна математичка операција каде првиот возрасен има коефициент 1, секој следен над 14 години има 0,5, додека секое дете под 14 е со 0,3.

Како се мери сиромаштијата

Но, што навистина се мери и како се утврдува кое домаќинство е под прагот на сиромаштија. Во еден крајно поедноставен пример, ќе се обидеме да го објасниме овој Лаекенски индикатор. Во објаснувањето, со нивната експертиза ни помогнаа од Државниот завод за статистика за добиените податоци да бидат валидни.

Во нашиот случај ќе земеме пет домаќинства. Во две домаќинства, првото и второто има по еден возрасен, третото е со возрасен и дете, а четвртото и петтото се со двајца возрасни и две деца. Потоа се добиваат следните збирови.

За првите две домаќинства збирот е 1 (прв возрасен 1) , за третото 1,3 (Прв возрасен е 1 и дете под 14 е 0,3) а за четвртото и петтото домаќинство 2,1 (Прв возрасен 1, Втор над 14 години, 0,5 и две деца под 14 години 0,3 или вкупно за нив 0,6).

Со овие збирови, поединечно се делат годишните приходите што ги имаат петте семејства и со ова се добива споредлив приход или приход по еквивалент возрасен.

Ако првото домаќинството со еден член има годишни приходи од 420.000 денари, а второто со ист број членови, односно еден, има 180.000 тоа значи дека тоа се нивните годишни приходи. (Приходот се дели со 1)

Ако третото домаќинство со еден возрасен и едно дете има приходи од 364.000 денари, за да може да се спореди со првото домаќинство, сумата се дели со 1,3 и се добива споредлив приход (приход по еквивалент возрасен) кое за ова домаќинство изнесуваат 280.000.

Ако пак четвртото и петтото домаќинство со двајца возрасни и две деца имаат годишни приходи од 330.000 и 560.000 денари поединечно, ова сума се дели со 2,1 или (1 + 0,5 + 0,3 + 0,3), со што годишните приходи на четвртото семејство би биле 157.142 денари, а на петтото 266.666 денари.

Сега овие приходи се споредливи бидејќи се по еквивалент возрасен и може да се види дека најмногу приходи има првото домаќинство со 420.000 денари, а најмали четвртото со двајца возрасни и две деца каде годишниот приход по еквивалент на возрасен е 157.142 денари.

Но, дали овие семејства се сиромашни?

Утврдувањето на овој податок се прави на следниов начин. Откако приходите на сите 6.200 анкетирани домаќинства ќе се поделат со бројот на нивните членови како во нашиот пример со петте домаќинства, така добиените суми по еквивалент возрасен или во нашиот случај на сите 12 лица се подредуваат од највисока до најниска.*

Потоа точно на средината се повлекува линија (медијана) и каде што е таа линија се гледа тој износ на приходите. Тоа во нашиов пример изгледа вака:

Приходи на лица во домаќинствата

420.000

280.000

280.000

266.666

266.666

266.666

266.666 МЕДИЈАНА

180.000

157.142

157.142

157.142

157.142

Во нашиов пример со петте семејства и 12 лица, медијаната е 266.666 денари, но и ова не е границата на сиромаштија. Од овој средишен, медијален приход границата на сиромаштија изнесува 60 отсто или во нашиов случај 160.000 денари.

Сите лица, (не домаќинства!), што се под 160.000 денари се под границата на сиромаштија. Од нашите пет домаќинства се гледа дека тоа е четвртото домаќинство со двајца возрасни и две деца или вкупно четири лица кои имаат годишни приходи од 157.142 по еквивалент возрасен.

Или, изразено во проценти овие четири лица од вкупно 12 во нашиот пример,  односно 33,33 отсто се под прагот на сиромаштијата или народски кажано се сиромашни.

А ако сакаме да утврдиме праг на сиромаштија за повеќе комбинации на домаќинства, тогаш сумата од 160.000 се множи со бројот на лица односно нивните коефициенти за возраст и се добива годишната сума за прагот на сиромаштија по домаќинство.

Утврдување на прагот на сиромаштија и тоа кој е сиромашен

ДОМАЌИНСТВО СТАПКА НА СИРОМАШТИЈА
БРОЈ НА ЧЛЕНОВИ
ВОЗРАСНИ ДЕЦА КОЕФИЦИЕНТ
1 //// 1 160.000
1 +1 //// 1 + 0,5 240.000
1 1 1 + 0,3 208.000
1 1+1 1 + 0,3+0,3 256.000
1+1 1 1 + 0,5+0,3 288.000
1+1 1+1 1 + 0,5 + 0,3+0,3 336.000
1+1 1+1+1 1 + 0,5 + 0,3 + 0,3+ 0,3 384.000
... ... ... ...
 

НАПОМЕНА: Ова е пример, точните бројки за 2020 година може да се видат  на линкот на вебстраницата на Државниот завод за статистика

*Во реалноста, откако приходите на сите 6.200 анкетирани семејства ќе се пондерираат со бројот на целото население од 1,8 милиони лица, тогаш се подредуваат приходите по еквивалент возрасен на целото население во државава, по што се утврдува медијаната и од неа 60 отсто кој е прагот на сиромаштија. Тогаш, се гледаат колку лица имаат примања по еквивалент возрасен кои се под овие 60 отсто и се утврдува бројот на сиромашни и стапката на сиромаштија.

Потребни се нови индикатори

Што се однесува до дилемата дали поради немањето податоци за нивото на сиромаштија може да дојде до неоптимално одлевање на средства од буџетот, Петрески, за разлика Министерството за труд и социјална политика вели дека постои можност за ова.

Индикаторот за апсолутната сиромаштија со одреден доходен праг е бројот на лица кои денот го поминуваат со помалку од 42 денари на ден

„Може, бидејќи нема да може навремено да се направат корекции во политиките. Возможно е секако да се случат и грешки или да се извршуваат политики кои повлекуваат значаен контингент средства од буџетот, а кои не даваат никаков резултат. Според нашите проценки, редизајнот на социјалните политики од јуни 2019 е коректен, меѓутоа секогаш постои простор да се направи „фајн тјунинг“. На пример, нашите неодамнешни истражувања кои ги сработивме во партнерство со УНИЦЕФ, покажаа дека такви прилагодувања се потребни за да побрзо се собори детската сиромаштија, која останува над 30%, при што неопходно е да се делува и преку понатамошни прилагодувања на моменталниот дизајн на детска заштита, и преку дополнувања на тој дизајн со нови елементи“, вели за Само прашај, Благица Петрески од „Фајнанс тинк“.

Но, од Фајнанс тинк истакнуваат дека дури и во ситуација овие податоци да се имаат навремено, уште поважно прашање е нивното проширување со други важни индикатори.

„Едниот е на пример индикаторот за апсолутната сиромаштија со одреден доходен праг, на пример бројот на лица кои денот го поминуваат со помалку од 2.15 долари на ден (од 2017 година, според паритетот на куповна моќ, што е износ од некаде 42 денари, значи не се зема тековниот курс на доларот). Овој индикатор е поважен за социјалните политики, бидејќи ниедна социјална политики не може значајно да ја собори релативната сиромаштија, но може да ја искорени апсолутната сиромаштија. Вториот пример е индикаторот за мултидимензионалната сиромаштија, вкупна и на децата. Тој индикатор оди подалеку од базирање на стапката на сиромаштија само на доходен индикатор, и вклучува аспекти како образование, здравје, домување итн. Тој индикатор може лесно да се пресмета од АПУЖ, за што Фајнанс тинк даде и поддршка во капацитет на ДЗС. Се надеваме дека во перспектива овој индикатор ќе биде додаден на листата индикатори кои произлегуваат од АПУЖ“, вели Благица Петрески.

Апсолутната сиромаштија претставува неможност да се задоволат основните егзистенцијални потреби, додека Релативна е недостаток од ресурси кои ги оневозможуваат поединците и домаќинствата да практикуваат определен режим на исхрана, да учествуваат во определени општествени активности и да живеат во животни услови кои се вообичаени за општествата на кои им припаѓаат.

На крајот, важно е да се напомене дека Лаекенски индикатор, не е важен само за статистиката и за социјалните политиките, туку и за целата економија и општество. Едноставно, бидејќи се Анкети за приходите и условите на живеење, преку тоа се мери и сивата економија, односно сите нестандардни приходи во едно домаќинство.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Горан Теменугов
Фотографии: Дарко Андоновски