- Во државата нема термини за специјалистички прегледи, за дијагностика, нема пари за терапија, но државата нема ни стратегија за превенција.
- Граѓанските организации бараат повеќе пари за десетте превентивните програми.
- Опфатот со програмата за скрининг на рак на дојка, на пример, е околу 1 процент, а над 300 жени годишно умираат од овој карцином.
- За четири години тројца министри раководеа со Министерство за здравство и сите се лекари, но никој не се избори за повеќе пари.
И годинава на државата не ѝ е приоритет превентивната здравствена заштита. Во Предлог -Буџетот за 2024 година има нешто помалку од 600 милиони денари за рана детекција за малигни заболувања, заштита на население од СИДА, заштита на мајките и децата, имунизација, превентивна здравствена заштита, превенција на кардиоваскуларни болести. Од 2021 година до предлогот за 2024 година за оваа намена се намалени речиси 400 милиони денари, што е поразително, ако се има предвид дека превенцијата и превентивните прегледи се сметаат за клуч за спречување на хроничните, но и смроносните болести.
„Во 2023 година беа издвоени 668 милиони денари за превентивните програми, наспрема тоа во 2021 година беа издвоени 975 милиони денари за овие програми, а констатно се намалува низ годините. Во 2022 година беа издвоени 887 милиони денари, за во 2023 да паднат на 668 милиони, а сега еве најновиот предлог буџет од Влада за 2024 иако уште не е усвоен од Собрание сè уште е предлог буџет на Влада, за превентивните програми министерството за здравство одвојува 607 милиони денари. Ова е показател дека превентивната здравствена заштита не е приоритет на Владата и на Министерството за здравство кога континуирано се намалуваат буџетите за превентивните здравствени програми“, вели Борјан Павловски од граѓанското здружение ЕСЕ, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.
Години | буџет за превентивни програми |
2021 | 975 милиони денари |
2022 | 887 милиони денари |
2023 | 668 милиони денари |
За изминатите три години во Буџетот се скратени 400 милиони денари за превентивни прегледи
Од Платформата за ХИВ алармираат дека бројките покажуваат оти за секој вложен долар во превенција, се штедат најмалку 5 долари во лекување.
Системот на превенција на ХИВ што беше воспоставен со поддршка од меѓународната заедница, пред сѐ, Глобалниот фонд против СИДА, до 2017 година Македонија успеа да одржи релативно ниско ниво на ХИВ-епидемија. Од 2018 година, финансирањето на воспоставените програми за ХИВ превенција и тестирање како обврска го презеде државата.
За да се одржат програмите за ХИВ, неопходни се многу повеќе средства
Но, изминативе години епидемијата бележи тренд на пораст. Ваквата статистика е директен резултат на трендот на намалување на финансирањето на Превентивната програма за ХИВ од страна на Владата.
Така, програмата за превенција и терапија во 2018 година кога имавме 230 пациенти на терапија, беше 95 милиони, а во 2024 година кога се очекуваат најмалку 430 пациенти (или за 85 % повеќе), се предвидуваат 90 милиони денари.
Од Платформата за ХИВ велат дека остануваат на ставот дека за да се одржат програмите за ХИВ, неопходни се многу повеќе средства – односно, да се подигне буџетот до нивото пред 2017 година, кога во просек изнесувал 135 милиони денари - и подеднакво неопходно е Владата секојпат да ги носи одлуките за буџетските средства во согласност со препораките на Светската здравствена организација.
Нема пари за скрининг за малигни заболувања
Скрининг за рак на простата е тргнат од превентивните програми, за канцер на дебело црево низ годините се појавува, па го тргаат, не заживеа како организиран скрининг. Не само што се намалува расположливата сума и инфлацијата придонесува да бидат опфатени помалку граѓани.
„За скрининг за рак на грлото на матка, кај нас се одвојуваат средства за да се покријат едвај 25% од жените. Со една успешна програма треба да се опфати 75% од жените со скрининг за рак на грлото на матка. Развиените европски држави обезбедуваат опфат на жените над 75% со скрининг програмите за рак на грлото на матка и за рак на дојка. Изминатите години како пример, Германија ја намали смртноста од рак на грлото на матка од 75 до 90 проценти. И тенденција е во наредните 10 години да биде сведена на 0. А кај нас за жал, сè уште околу 40 жени годишно умираат од овој карцином кај којшто смртноста може да биде спречена. Кај нас нема ни доволен опфат со ХПВ вакцинација, која е околу 50 проценти. Не се прават едукативни кампањи, туку така се остава. Опфатот со програмата за скрининг на рак на дојка е околу 1 процент, а над 300 жени годишно умираат од рак на дојка кај нас“, вели Павловски од ЕСЕ.
Милица Кузмановска, од Здружението за помош и поддршка на пациентки со гинеколошки заболувања – ФеминаМ, вели дека генералниот проблем е што скрининг програмите коишто постојат не се доволно и квалитетно имплементирани за да жената има редовни гинеколошки прегледи, редовни скрининг и ХПВ тестови.
„Но, не можеме само да ја обвинуваме и стратегијата на државата која не е доволно добра треба да тргнеме и од себе постојат моменти кога матичните гинеколози праќаат пораки, ги известуваат дека е време еднаш годишно да се направи тој ПАП тест, меѓутоа многу мал е одзивот, дали поради работни или лични обврски тој момент е занемарен. Овој проблем е комплексен“, вели Кузмановска.
Ниту во примарното здравство не се прави доволно
Недостига кампања „жените треба да прават ПАП тест“ да оди во медиумите во ударните термини. Декларативно оваа од Министерство за здравство било најавувано десетина пати, но ништо не е направено вели доктор Душко Филиповски, претседателот на здружението на матичните гинеколози.
Лекарите се борат да фатат слободен термин за најкритичните пациенти
Државата, бидејќи крати на превенција, „жешкиот костен“ го фрли во рацете на матичните лекари и гинеколозите. Пациентки кои секоја година правеле ПАП тест на сметка на државата, а имаат уреден наод, оваа услуга бесплатно ќе можат да ја добиваат точно на три години. Ова е препорака на Светската здравствена организација.
„Оние кај кои тестот ќе биде позитивен, матичниот гинеколог ќе оцени кои анализи ќе треба да се направат. Тогаш и за ХПВ типизација не се плаќа целата сума, туку сама партиципација од околу 500 денари. За ХПВ типизација на сметка на Фондот се зборуваше едно време, но државата за тоа нема пари, за една пациентка чини од 3.500 до 4.000 денари“, вели доктор Филиповски.
Со протокол за упатување требаше да се олесни процедурата за закажување термин за ехо на дојка и мамографија. Замислата на здравствените власти, на терен им прави главоболка на матичните.
Доктор Драган Ѓорѓиевски, претседател на Здружението на лекари по општа медицина, објаснува како оди постапката. Ако видат слободен термин, додека да го пополнат анкетениот прашалник на која страна била промената, колку долго, кога била оперирана, ако е пациентка која имала карцином, колку биле на хемотерапија, редат датуми, терминот некој ќе го земе.
„Сега кога ќе почувствуваме или ќе напипаме пампапилна творба тој пациент, треба веднаш да се прати на истражување, односно на ехо и на мамографија. Меѓутоа, термини нема последните два месеца. Значи, треба да се обезбедат посебни термини за пациенти кои имаат карцином на града и за пациенти кај кои се напипува одредена состојба. Скринингот сам по себе ги издвои пациентките кои сами треба да си закажат, од 45 до 69 години и гледам дека последователно ги повикуваат тие пациенти, но начинот на закажување којшто го оставија кај нас, за пациенти со сомнителни творби (жени со импланти, некоја форма на други заболувања на гради и слично) во моментот не функционира. Ако успееме некој термин да фатиме порано, во претходниот временски период, сега три месеца не сме фатиле ниту еден термин за пациент со сомнителна творба. Тие се принудени да одат на приватно“, вели доктор Ѓорѓиевски.
Иако побаравме, од Министерството за здравство не добивме одговор колку изминативе 10 години биле издвоени пари за превентивните програми и што прави Министерството за здравство за превенција на незаразни заболувања.
Од Здравство кусо одговорија:
„Во предлог буџетот на Министерството за здравство за 2024 година, за здравствени активности планирани во програмите за превентивна здравствена заштита, предвидени се вкупно 597.992.000 денари“.
Во листата која ја добивме од Министерството се наведуваат следниве првентивни програми кои се финанисрани изминатите 10 години:
- Програма за кардиоваскуларни болести,
- Програма за систематски прегледи на ученици и студенти,
- Програма за организирање и унапредување на крводарителство,
- Програма за превентивна здравствена заштита,
- Програма за задолжителна имунизација на населениети,
- Програма за сузбивање на бруцелоза кај населението,
- Програма за спречување на туберкулоза кај населението,
- Програма за заштита на населението од СИДА,
- Програма за заштита на мајките и децата и
- Програма за рана детекција за малигни заболувања.
Но, притоа не се наведуваат сумите кои се потрошени за секоја посебно од нив.
Дека не смее да се крати од превентивните програми укажуваат и поразителните проценки на Светска Банка и СЗО во однос на хроничните болести.
Така, во Македонија има околу 120.000 пациенти со дијабетес, кои земаат терапија, се лекуваат, но се проценува дека 120.000 граѓани живеат со дијабетес без да знаат.
Околу 420.000 пациенти имаат висок крвен притисок, за кој добиваат лекови, но 110.000 не се дијагностицирани, но имаат хипертензија. Најголема опасност се заканува од дијабетесот.
Според податоците од Светската банка и Светската здравствена организација кај нас има голем број недијагностицирани пациенти со хронични заболувања и тоа
- 110.000 недијагностицирани пациенти со хипертензија
- 130.000 недијагностицирани со дијабет
Бројката на дијагностицирани пациенти со хронични заболувања е следна:
- 420.000 се на терапија за висок крвен притисок
- 120.000 - 130.000 се на терапија за дијабет
Препорачаниот праг за колективен имунитет, утврден и со програмата за задолжителна имунизација е 95% на национално ниво. Сите вакцини што се примаат до 12 месеци, достигнаа опфат од околу 84 насто. Пораст има и кај МРП-вакцината, со покриеност од 70 насто. Најнизок опфат има вакцинацијата против ХПВ - 52 проценти.
Иако буџетот на државата се зголемува од година во година, од него околу 3 проценти се издвојува за Министерството за здравство. Изминатите три месеци јавноста секојдневно дознава детали од голготата низ која поминуваат онколошките пациенти, но и натаму нема термини за преглед, нема редовна терапија, а надлежните не извлекоа заклучок како да си ги заштитат граѓаните. За четири години тројца министри раководеа со Министерство за здравство и сите се лекари, но никој не се избори за повеќе пари.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.