fbpx

Зошто Западот ја смета Србија за плодно тло за руска пропаганда?

  • Една од главните цели на руската пропаганда во Србија е да го напушти процесот на евроинтеграциите, но и Москва да прикаже тоа дека има силен сојузник на Балканот, оценуваат аналитичарите.
 

„Руската пропаганда се обидува да се инфилтрира во различни контексти и различни општества, но во цела Европа, ако ја игнорираме Белорусија, најлесно поминува во Србија. Причина? Бидејќи публиката во Србија ја сака Русија“, објаснува Стефан Јањиќ, уредник на порталот за тракери FakeNews и асистент на Катедрата за медиумски студии во Нови Сад.

„Уредникот на најтиражниот таблоид ‘Информер’ пред неколку години рече дека секогаш кога ќе го стави Путин на насловната страница, ако објави постер, магнет или негова слика за велигденско јајце, тоа го зголемува тиражот. Едноставно, тоа е она што луѓето го сакаат и мислам дека Русија беше свесна дека Србија е земја во која не треба да се вложуваат пари бидејќи руската пропаганда сама по себе е профитабилна“, вели тој.

Јањиќ вели дека дури и кога почна агресијата врз Украина, не беше потребно руската страна дополнително да го подготвува српското јавно мислење бидејќи два домашни таблоиди веќе првиот ден од агресијата објавиле дека, всушност, Украина ја нападна Русија!

Ваквата, како што ја нарекува, инверзија на реалноста Јањиќ ја објаснува со очекувањата кои се базирани на пропаганда дека Владимир Путин, откако ќе ја заврши работата во Украина, ќе дојде да го ослободи Косово и да и го врати на Србија.

„Таков вид на илузорни очекувања и претерани надежи се пренесуваат од полето на политиката на полето на општествените прашања, па дури и на науката. Во Србија се издаваат списанија како што се Руска енциклопедија за здравство или руски доктор, затоа што е распространето верувањето дека руската наука работи во служба на човекот, додека западната наука е продадена, корумпирана и работи во служба на повисоки интереси“, констатира нашиот соговорник.

Јањиќ, сепак, забележува дека неодамна има „мало отстапување“ дури и во оние таблоиди кои традиционално ѝ се лојални на Русија и дека одреден наратив се менува бавно, повремено, но пред се неочекувано.

Следната промена што ја забележува Јањиќ е дека Русија конечно почна да инвестира големи пари на српскиот медиумски пазар и отвора своите медиуми (по Спутник неодамна беше лансиран Russia Today Balkan) и вработува новинари кои се сметаат за истакнати и професионални во одредени кругови. Тој истакнува дека тие сметаат на ефектот на прелевање: ако објавите нешто во Србија, тоа сигурно ќе заврши во целиот регион поради сличноста на говорното подрачје.

„Значи, Русија ја користи Србија како регионален центар за дезинформации на Балканот“, оценува Стефан Јањиќ.

Во однос на целите на руската пропаганда, нашиот соговорник не се сомнева дека тоа е Србија да го напушти процесот на евроинтеграциите, но и тоа дека Русија има „силен“ сојузник на Балканот. Велам „силен“ во наводници, нагласува Јањиќ, затоа што Србија е послаба економски и во секоја друга смисла во споредба со соседните членки на НАТО и ЕУ.

Во таква ситуација Русија се води од политиката дај што ќе дадеш’, односно го користат моментот што во Србија имаат некакви услови да ја шират нивната пропаганда и да постигнат воено, политичко, идеолошко и друго влијание, објаснува Јањиќ.

 

Прочитај го целото истражување „Балканска формула за политичка долговечност: Сеат пропаганда, жнеат гласови

Новинар: Денис Колунџија